Гледиште на Библијата
Посветете им го потребното внимание на децата
ДАЛИ Божјиот Син имал време за децата? Некои од неговите ученици мислеле дека нема. Во една прилика се обиделе да ги спречат децата да се доближат до Исус. Но, тој им рекол: „Пуштете ги дечињата да доаѓаат кај мене; не обидувајте се да ги запрете“. Потоа со љубов ги зел децата кај себе и зборувал со нив (Марко 10:13-16). На тој начин Исус покажал дека сака да им посвети внимание на децата. Како можат родителите да го следат неговиот пример? Така што грижливо ќе ги воспитуваат своите деца и ќе поминуваат време со нив.
Се разбира, одговорните родители прават сѐ што можат за доброто на своите деца и не постапуваат грубо со нив. Може дури да се каже дека на родителите им е природно да покажуваат посебен обѕир и грижа за децата. Сепак, Библијата предупредува дека во денешно време многу луѓе ќе немаат „природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:1-3). Но, и оние што веќе со љубов се грижат за своите деца, можат секогаш да научат нешто ново за да станат уште поодговорни родители. Затоа, ќе наведеме неколку библиски начела кои можат да им послужат како корисни потсетувања на родителите што им го посакуваат најдоброто на своите деца.
Воспитувајте ги без да ги нервирате
Д-р Роберт Коулс, познат педагог и психијатар што се занимава со истражување на тоа поле, во една прилика рекол: „Во детето постои вродено чувство за добро и лошо. Мислам дека таа желба за морално водство во нас ја всадил Бог“. Но, кој треба да ја задоволи оваа глад и жед за морално водство?
Во Ефешаните 6:4, Светото писмо поттикнува: „Вие, татковци, не раздразнувајте ги своите деца, туку подигајте ги во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“. Забележавте ли дека во овој стих првенствено на таткото му е доверена одговорноста да всади во своите деца љубов кон Бог и длабоко ценење за Божјите мерила? Меѓутоа, во првиот стих од 6. поглавје од Ефешаните, апостол Павле им вели на децата ‚да им бидат послушни на своите родители‘, значи, и на таткото и на мајката.a
Се разбира, ако во семејството нема татко, одговорноста мора да ја преземе мајката. Многу самохрани мајки успешно ги подигаат децата поучувајќи ги за Јехова Бог и помагајќи им да го усвојат Неговиот начин на размислување. Но, ако мајката се омажи, тогаш нејзиниот христијански сопруг треба да преземе водство во воспитувањето и стегата што им се дава на децата, а таа треба спремно да го поддржува.
Како можете да ги воспитувате децата без да ги ‚раздразнувате‘, односно нервирате? Не постои едно единствено правило за ова, бидејќи секое дете е различно. Но, родителите мораат добро да размислат на кој начин ги воспитуваат децата, така што секогаш ќе покажуваат дека ги сакаат и дека ги ценат. Интересно е што истиот овој совет е повторен во Библијата и во Колошаните 3:21. Таму татковците уште еднаш се опоменати: „Не раздразнувајте ги своите деца за да не станат малодушни“.
Некои родители им викаат на своите деца. Нема сомнение дека ваквото однесување ги раздразнува малите. Но, Библијата предупредува: „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета лошотија“ (Ефешаните 4:31). Библијата исто така вели дека „робот Господов не треба да се кара, туку треба да биде благ кон сите“ (2. Тимотеј 2:24).
Одвојувајте време за децата
За да им го посветите потребното внимание на децата, се бара да бидете спремни да се жртвувате, така што ќе ги ставите потребите на децата пред своите лични задоволства и интереси. Библијата вели: „Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“ (Второзаконие 6:6, 7).
Денес, поради високите животни трошоци, мал е бројот на родителите што можат да бидат по цел ден со своите деца. Сепак, во Второзаконие е нагласено дека родителите мораат да најдат време за нив. Ова од нив бара добра организација, но и жртви. Запомнете, на децата им е потребно тоа внимание.
Размислете за резултатите од едно истражување во кое биле вклучени околу 12.000 тинејџери. Истражувачите дошле до следниов заклучок: „Силната емотивна приврзаност со родителот е најдобра гаранција дека тинејџерот ќе биде здрава личност и таа е најголема заштита од високоризично однесување“. Факт е дека децата копнеат по вниманието од родителите. Една мајка еднаш ги прашала своите деца: „Кога би можеле да имате сѐ што ќе посакате, што би сакале најмногу?“ Сите четири одговориле: „Да бидеме повеќе време со мама и тато“.
Значи, еден одговорен родител ќе се труди да им бидат задоволени сите потреби на неговите деца, вклучувајќи ја и потребата од духовна поука и блиско пријателство со родителите. Тоа значи дека ќе им помага на децата да станат способни, учтиви, и чесни возрасни луѓе кои постапуваат љубезно со другите и му носат слава на својот Творец (1. Самоил 2:26). Да, кога родителите ги воспитуваат децата како што сака Бог, покажуваат дека навистина се одговорни личности.
[Фуснота]
a Павле овде го користи грчкиот збор goneusin, форма од зборот goneus, што значи „родител“. Но, во 4. стих го користи грчкиот збор pateres, што значи „татковци“.
[Слика на страница 29]
Викањето може да му нанесе душевна болка на детето
[Слика на страница 29]
Одвојувајте време за своите деца