„Води ја добрата борба на верата“
МОЖЕШ ли да си замислиш некој војник на кого не би му било мило во време на војна да му дадат наредба: „Треба да се вратиш дома и да поминеш некое време со сопругата и со семејството“?
Еден војник во времето на израелскиот цар Давид добил таква наредба. Лично царот го повикал Уриј Хетеецот и го поттикнал да се врати дома. Но, Уриј одбил да си оди. Кога бил запрашан зошто се однесува така чудно, Уриј одговорил дека ковчегот на заветот, кој го претставувал присуството на Бог, и израелската војска се на бојното поле. „А јас“, прашал тој, „да влезам во својата куќа, да јадам и да пијам и да спијам со својата жена?“ За Уриј, тоа било незамисливо во такво критично време (2. Самоил 11:8—11).
Однесувањето на Уриј покренува некои важни прашања зашто и ние живееме во време на војна. Во моментов беснее една војна која не наликува на ниедна друга војна што ја воделе нациите во светот. Кога ќе се споредат со неа, двете светски војни се чинат безначајни, а во оваа војна си вклучен и ти. Ризикот е голем, непријателот страшен. Во оваа војна не се пука со куршуми, не се фрлаат бомби, но сепак е потребна добра воена стратегија.
Пред да земеш оружје, мораш да знаеш дали е тоа исправно од морална гледна точка и за што се бориш. Дали вреди да се води таа војна? Целта на оваа уникатна борба ја разјаснил апостол Павле во своето писмо до Тимотеј: „Води ја добрата борба на верата“. Да, во оваа војна мораш да браниш не некоја тврдина туку „верата“ — целокупната христијанска вистина што е откриена во Библијата. Се разбира, за да се бориш и за да победиш, мораш безрезервно да бидеш уверен во вистинитоста на „верата“ (1. Тимотеј 6:12).
Еден мудар воин се труди да го препознае својот непријател. Во оваа борба, непријателот има долги години искуство во воената стратегија, и има на располагање огромни средства и воен арсенал. Исто така, тој е натчовечко суштество. Тој е злобен, насилен и бескрупулозен; тој е Сатана (1. Петрово 5:8). Физичкото оружје и човечкото лукавство и измама се бескорисни против овој непријател (2. Коринќаните 10:4). Што можеш да користиш за да ја водиш оваа војна?
Главното оружје е „мечот на духот, односно Божјата реч“ (Ефешаните 6:17). Апостол Павле покажува колку е делотворно тоа оружје: „Речта Божја е жива и врши силно влијание и е поостра од кој и да било меч со две сечила и продира дури до разделување на душа и дух, на зглобови и нивната срцевина, и може да ги распознае мислите и намерите на срцето“ (Евреите 4:11, 12). Сигурно дека едно толку остро, толку прецизно оружје што може да продре до скришните мисли и мотиви на еден човек мора да се користи вешто и внимателно.
Веројатно знаеш дека иако една војска може да го има најсовременото оружје, тоа оружје е бескорисно ако нејзините војници не знаат да го користат. На сличен начин, и тебе ти треба упатство за делотворно да го користиш својот меч. За среќа, на располагање ти е обука од најискусни борци. Исус ги нарекол овие искусни борци што ги обучуваат другите ,верен и разборит роб‘, на кои им е доверена одговорноста да обезбедуваат навремена духовна храна, или упатство, за неговите следбеници (Матеј 24:45). Овој роб, кој го сочинуваат повеќе луѓе, можеш да го препознаеш така што ќе ги испиташ неговите учења што марливо ги дава и навремените предупредувања за тактиките на непријателот. Доказите укажуваат на членовите на христијанското собрание на Јеховините сведоци што се помазани со дух (Откровение 14:1).
Овој роб, кој е составен од повеќе луѓе, не дава само водство. Тој го покажува духот на апостол Павле, кој на собранието во Солун му напишал: „Меѓу вас бевме нежни, како кога една мајка доилка ги негува своите деца. Така, имајќи нежна наклоност кон вас, ни беше многу угодно да ви ја дадеме не само Божјата добра вест туку и нашите души, бидејќи ни станавте мили“ (1. Солуњаните 2:7, 8). Должност на секој христијански војник е да ја искористи љубезната обука што е обезбедена.
Потполната воена опрема
За да се заштитиш, на располагање ти е потполна фигуративна воена опрема. Список со оваа воена опрема можеш да најдеш во Ефешаните 6:13—18. Еден претпазлив војник нема да излезе ако некој дел од неговата духовна воена опрема фали или не е во исправна состојба.
На христијанинот му е потребна целата негова заштитна воена опрема, но големиот штит на верата е од особена вредност. Затоа Павле напишал: „Пред сѐ, земете го големиот штит на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите огнени стрели на злобниот“ (Ефешаните 6:16).
Големиот штит, кој може да го покрие целото тело, ја претставува верата. Мораш да имаш силна вера во Јеховините упатства и без да се сомневаш да прифатиш дека сите негови ветувања ќе се исполнат. Треба да размислуваш како тие ветувања веќе да се исполниле. Ни за момент немој да се посомневаш дека целокупниот светски систем на Сатана наскоро ќе биде уништен, дека земјата ќе биде претворена во рај и дека луѓето што му се лојални на Бог ќе бидат доведени до совршенство (Исаија 33:24; 35:1, 2; Откровение 19:17—21).
Меѓутоа, во сегашнава несекојдневна борба, ти треба нешто повеќе — пријател. Во време на војна, се формираат тесни врски на пријателство додека соборците се храбрат и се заштитуваат еден со друг, понекогаш дури и спасувајќи се еден со друг од смртта. Иако пријателите се нешто вредно, за да ја преживееш оваа борба, ти треба пријателството на Јехова. Затоа Павле го завршува својот список на она од што е составена воената опрема со овие зборови: „Додека се молите со секаков облик на молитва и преколнување во духот во секоја прилика“ (Ефешаните 6:18).
Уживаме кога сме заедно со некој близок пријател. Правиме сѐ за да бидеме со него. Со тоа што редовно ќе разговараме со Јехова во молитва, тој ќе ни стане реален, доверлив пријател. Ученикот Јаков нѐ охрабрува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8).
Тактиките на непријателот
Борбата со овој свет понекогаш може да биде како да одиш по минско поле. Ударот може да дојде од каде и да било, а непријателот се обидува да те фати на препад. Меѓутоа, биди уверен дека Јехова те опремил со сѐ што ти е потребно за да се заштитиш (1. Коринќаните 10:13).
Непријателот може да упати удар со тоа што ќе ги нападне библиските вистини што се основни за твојата вера. Отпадниците можат да користат слатки зборови, ласкање или извртени аргументи во обидот да те поразат. Но, отпадникот не ти мисли добро. Пословици 11:9 вели: „Лицемерниот [Отпадникот, NW] го убива со устата својот ближен, а праведниците се избавуваат со знаење“.
Би било погрешно да мислиш дека треба да ги слушаш отпадниците или да го читаш она што го пишуваат за да можеш да ги побиеш нивните аргументи. Нивното извртено, отровно резонирање може да ти нанесе духовна штета и може да ја загади твојата вера како гангрена што брзо се шири (2. Тимотеј 2:16, 17). Наместо тоа, имитирај го начинот на кој Бог им одговара на отпадниците. За Јехова, Јов рекол: „Лицемер [Отпадник, NW] не може да стапи пред Него“ (Јов 13:16).
Непријателот може да се обиде со поинаква тактика, тактика што имала извесна мера успех. Ако една армија што се движи во воена формација може да биде намамена да ја растури формацијата во потрага по распуштено, неморално однесување, тоа може да доведе до неред.
Световната забава, како што се неморалните филмови и телевизиски емисии и дивата музика, е ефикасна мамка. Некои тврдат дека можат да гледаат неморални сцени или да читаат неморална литература без тоа да влијае врз нив. Но, еден човек што редовно гледал сексуално експлицитни сцени искрено признал: „Никогаш не ги забораваш тие сцени, колку повеќе мислиш на нив толку повеќе сакаш да го направиш она што си го видел . . . Филмот те тера да мислиш дека навистина пропушташ нешто“. Вреди ли да ризикуваш да бидеш повреден во ваков лукав напад?
Друг проектил во арсеналот на непријателот е мамката на материјализмот. Може да биде тешко да се препознае опасноста зашто сите имаме материјални потреби. Ни треба дом, храна и облека, а и не е погрешно да имаме убави работи. Опасноста лежи во ставот. Парите можат да станат поважни од духовните работи. Можеме да станеме љубители на пари. Добро е да се потсетуваме дека и богатството си има граници. Тоа е минливо, додека духовното богатство трае засекогаш (Матеј 6:19, 20).
Ако моралот на војската е низок, се намалуваат шансите за победа. „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе имаш малку сила“ (Пословици 24:10, NW). Обесхрабрувањето е оружје што Сатана делотворно го користи. Тоа што ќе ја носиш „како шлем — надежта за спасение“, ќе ти помогне да се бориш со обесхрабрувањето (1. Солуњаните 5:8). Потруди се да ја одржуваш својата надеж цврста како надежта на Авраам. Кога било побарано да го принесе својот единствен син, Исак, како жртва, Авраам не се колебал. Тој верувал дека Бог ќе го исполни своето ветување да ги благослови сите народи преку неговото потомство и дека, ако е потребно, Бог може да го подигне Исак од мртвите за да го исполни тоа ветување (Евреите 11:17—19).
Не се предавај
Некои што долго време се бореле храбро можеби стануваат сѐ поуморни и повеќе не се борат со истата будност. Примерот на Уриј што беше спомнат во почетокот на оваа статија може да им помогне на сите што се вклучени во борбата да задржат исправен став. Многу наши сохристијански војници мораат да трпат немаштија, изложени се на опасност или страдаат од студ и глад. Како Уриј, не сакаме да мислиме на сите удобности што можеме да ги имаме сега или да се препуштиме на желбата да водиме лесен живот. Сакаме да останеме во Јеховината глобална војска од лојални борци и да продолжиме да се бориме сѐ до времето кога ќе можеме да уживаме во прекрасните благослови што нѐ очекуваат (Евреите 10:32—34).
Би било опасно да ја намалиме будноста, можеби мислејќи дека последниот напад е сѐ уште далеку во иднина. Примерот на цар Давид ја нагласува опасноста. Од некоја причина, тој не бил со своите трупи во битка. Како резултат на тоа, Давид извршил сериозен грев што му причинувал мака и страдање до крајот на животот (2. Самоил 12:10—14).
Дали вреди да се вклучиш во оваа борба, да се соочиш со тешкотиите на битката, да трпиш потсмев и да се откажеш од сомнителните световни задоволства? Оние што успешно ја водат оваа борба се согласуваат дека она што светот има да го понуди можеби изгледа привлечно, како светликава хартија, но ако се испита подобро има мала вредност (Филипјаните 3:8). Освен тоа, тие задоволства честопати на крајот донесуваат болка и разочарување.
Христијанинот во оваа духовна борба ужива во блиско пријателство со вистински пријатели, има чиста совест и прекрасна надеж. Христијаните што се помазани со дух го очекуваат бесмртниот небесен живот со Христос Исус (1. Коринќаните 15:54). Поголемиот дел христијански борци се надеваат на совршен човечки живот во земен рај. Сигурно дека овие награди се вредни за која и да било жртва. И за разлика од светските војни, сѐ додека сме верни, исходот од оваа битка за нас е осигуран (Евреите 11:1). Меѓутоа, исходот за овој систем што е под контрола на Сатана е потполно уништување (2. Петрово 3:10).
Додека продолжуваш со оваа борба, запамти ги зборовите на Исус: „Бидете храбри! Јас го победив светот“ (Јован 16:33). Тој победил затоа што останал буден и задржал интегритет под испит. И ние можеме да го направиме истото.
[Истакната мисла на страница 27]
Не се пука со куршуми, не се фрлаат бомби, но сепак е потребна добра воена стратегија
[Истакната мисла на страница 30]
Сѐ додека сме верни, исходот од оваа битка за нас е осигуран
[Слика на страница 26]
Шлемот на спасението ќе ни помогне да се бориме со обесхрабрувањето
Користи го големиот штит на верата за да ги одбиеш ,огнените стрели‘ на Сатана
[Слика на страница 28]
„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“
[Слика на страница 29]
Треба да имаме вера во исполнувањето на Божјите ветувања