Чувај се од фалбаџиство
ДЕНЕС многумина гледаат на фалењето како на доблест. Покажувањето на својата моќ, вештини и достигнувања станало модерно. Некои веруваат дека фалењето е неопходно за да се успее. Други мислат дека тоа го зголемува самопочитувањето. Списанието Time забележува: „Идеалот на скромност, иако сѐ уште не е застарен, сепак почна да изгледа скоро необичен“. Писателката Џоди Гејлин коментира: „За жал, бесрамното фалење . . . е последната мода. Разговорот со пријател или познајник има нова придружба — самофалството.“
Славните личности ги поставиле стандардите. Можеби си ги чул зборовите на поранешниот боксерски шампион: „Не е случајно што сум најголемиот човек на светот во ова време од историјата“. Изјавата на еден член од музичката група Битлси е исто така добро позната: „Сега сме попопуларни и од Исус Христос“. Додека некои гледаат на ваквите коментари како на нешто наивно, други ги сметаат оние кои ги изговориле за примери на самоистакнување, вредни да се следат.
Распространетоста на фалењето го наметнува прашањето: Дали е добро човек да се фали со своите квалитети и способности? Секако, природно е да се биде горд на своите достигнувања и дури да се сподели тоа со блиските пријатели и роднини. Но, што е со оние кои живеат според изреката: „Ако имаш — пофали се“? Понатаму, што е со оние кои не се фалат отворено, но на другите итро им даваат до знаење за својата моќ и достигнувања? Дали таквото самоиздигање е здраво, дури и неопходно, како што тврдат некои?
Влијание врз односите
Размисли за ефектот што го има врз тебе туѓото фалење. На пример, како реагираш на следниве изјави?
„Книгите кои не сум ги напишал се подобри од книгите кои другите ги напишале“ — еден многу познат автор.
„Да бев присутен при создавањето, ќе можев да дадам некои корисни предлози за подобро организирање на универзумот“ — средновековен цар.
„Не е можно да постои Бог, бидејќи, ако постоеше, немаше да верувам дека јас не сум Тој“ — филозоф од XIX век.
Дали си привлечен кон овие поединци преку нивните коментари? Мислиш ли дека би уживал во нивното друштво? Веројатно не. Обично, фалењето — искрено или на шала — прави другите да се чувствуваат нервозни, лути, а можеби и завидливи. Таков ефект предизвикало фалењето врз псалмистот Азаф, кој признал: „Зашто им позавидев на фалбаџиите“ (Псалм 73:3, НС). Сигурно, ниту еден од нас не сака да биде причина за непријатни чувства кај нашите пријатели или соработници! Прва Коринтјаните 13:4 изјавува: „Љубовта . . . не се превознесува“. Божествената љубов и обѕирноста кон чувствата на другите ќе нѐ поттикне да се воздржуваме од дрското истакнување на нашите наводни вештини и квалитети.
Кога едно лице се контролира и зборува скромно, тоа прави другите околу него да се чувствуваат пријатно и да мислат добро за себе. Ова е бесценета способност. Веројатно британскиот државник лорд Честерфилд го имал тоа на ум кога го советувал својот син: „Биди попаметен од другите ако можеш; но не кажувај им го тоа“.
Луѓето немаат исти дарби. Она што е релативно лесно за едно лице, не е баш најјаката страна за друго. Љубовта ќе го поттикне некого да биде сочувствителен кон оние што не се толку надарени во области во кои тој е вешт. Другите веројатно имаат дарби на други полиња. Апостол Павле ни рекол: „Зашто, преку благодатта, што ми е мене дадена, на секого од вас му кажувам да не мисли повеќе, отколку што треба да мисли; туку мислете скромно според делот на верата, што Бог на секого му го одмерил“ (Римјаните 12:3).
Фалбаџиството произлегува од слабост
Додека некои можеби се повлекуваат од фалбаџиите чувствувајќи се безвредно во нивно друштво, други реагираат поинаку. Тие заклучуваат дека фалбаџиите се несигурни. Писателот Франк Трипет објаснува зошто оној кој сам се воздигнува може да го намали своето почитување во очите на другите: „Секој длабоко во себе знае дека фалењето обично е знак за некаква патетична скриена слабост“. Бидејќи многумина јасно гледаат низ маската на фалбаџијата, зарем не е помудро човек да се воздржи од празната самофалба?
„Но, вистина е!“
Ова е еден од начините на кои некои се обидуваат да го оправдаат самоиздигнувањето. Тие мислат дека, бидејќи се навистина надарени во одредени подрачја, кога би се преправале би биле лицемерни.
Но, дали нивното фалење е на место? Самопочитта тежнее кон тоа да биде субјективна. Она што кај нас го забележуваме како некаква извонредна моќ, на другите може да им изгледа како нешто сосема обично. Фактот што некој се чувствува присилен да ги истакне своите способности, може да навестува дека тој всушност и не е толку способен — не доволно за да биде забележан без некаква реклама. Библијата ја потврдува човековата тенденција кон самоизмама кога предупредува: „Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне“ (1. Коринтјаните 10:12).
Дури и ако лицето е необично талентирано во некоја посебна област, дали тоа го оправдува фалбаџиството? Не, затоа што фалбаџиството ги возвишува луѓето, додека било кој талент што го имаме доаѓа од Бог. Тој треба да ја прими славата. Зошто ние да примаме слава за нешто со што сме се родиле? (1. Коринтјаните 4:7). Освен тоа, исто како што имаме квалитети, така имаме и свои слабости. Дали искреноста нѐ тера да го свртиме нашето внимание на сопствените пропусти и грешки? Изгледа само малкумина фалбаџии мислат така. Можеби царот Ирод Агрипа I навистина бил талентиран говорник. Сепак, неговиот недостиг на скромност го одвел во една многу непријатна смрт. Таа страшна случка покажува колку одвратна му е на Бог надуеноста, како што им е одвратна и на многу луѓе (Дела 12:21-23).
Обично, за талентите и за добрите страни ќе се чуе и без непригодна самореклама. Кога другите забележуваат и истакнуваат нечии квалитети или достигнувања, тоа многу попријатно се одразува врз оној на кого се однесува. Изреки 27:2 мудро велат: „Нека те фали друг, а не устата твоја, — туѓ, а не јазикот твој“.
Потреба за докажување?
Некои мислат дека самоуверената самореклама е неопходна за успех во денешното натпреварувачко општество. Тие стравуваат дека ако не кажат отворено и не ги рекламираат своите добри страни, ќе поминат незабележани и неценети. Карактеристичен за нивната загриженост е овој коментар од списанието Vogue: „Еднаш бевме поучувани дека скромноста е доблест, сега сознаваме дека воздржаноста може да биде хендикеп“.
За оние што сакаат да напредуваат според овие светски стандарди, загриженоста може да биде оправдана. Но, ситуацијата со христијанинот е поинаква. Тој знае дека Бог се грижи и ги користи способностите на оние кои се понизни, а не арогантни. Затоа, нема потреба христијанинот да прибегнува кон егоистички тактики. Навистина, еден претерано самоуверен поединец може да се здобие со привремен углед со тоа што ќе биде наметлив или ќе манипулира. Сепак, со текот на времето тој ќе биде разоткриен и понизен, дури и понижен. Токму како што изјавил Исус Христос: „Зашто, кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат“ (Матеј 23:12; Изреки 8:13; Лука 9:48).
Предностите на скромноста
Ралф Валдо Емерсон напишал: „Секој човек со кој ќе се запознаам, на некој начин е понадмоќен од мене, затоа што од секого научувам по нешто“. Ова е во склад со Павловиот инспириран совет за тоа дека христијаните не ‚прават ништо од љубов кон препирање или за празна слава [себичност, НС], но од понизност се сметаат еден друг за погорен од себе си‘ (Филипјаните 2:3). Ова скромно гледиште го става поединецот во позиција да учи од другите.
Затоа, внимавај твојата сила да не стане твоја слабост. Не одземај ја важноста на твоите способности и дострели со фалење. Кон твоите добри особини додај ја и скромноста. Таа е особина која вистински зголемува нечиј респект во очите на другите. Помага да се ужива подобар однос со ближните, а со себе го носи и одобрувањето од Јехова Бог (Михеј 6:8; 2. Коринтјаните 10:18).