Прашања од читателите
Зошто, за христијанската жена, Павле напишал: „Ќе биде сочувана преку раѓање деца“? (1. Тимотеј 2:15).
Како контекстот на овој стих ни покажува што сакал да каже Павле со овие зборови? Под водство на светиот дух, тој дал совет за улогата на жената во христијанското собрание. Напишал: „Сакам жените да се украсуваат со уредна облека, со скромност и здрави мисли, а не со посебно плетење на косата и со злато или бисери или со многу скапа облека, туку онака како што им прилега на жени кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог, имено со добри дела“ (1. Тимотеј 2:9, 10). Павле ги поттикнал своите христијански сестри да бидат скромни, урамнотежени во изборот на накит и „да се украсуваат“ со добри дела.
Потоа, Павле објаснил што значи да се почитува поглаварството во собранието, велејќи: „На жената не ѝ дозволувам да поучува или, пак, да спроведува авторитет над мажот, туку нека молчи“ (1. Тимотеј 2:12; 1. Коринќаните 11:3). Тој објаснува дека темелот за ова уредување лежи во фактот дека не бил Адам тој што бил измамен од Сатана, туку Ева ‚била потполно измамена и паднала во престап‘. Како би можела една христијанка да се заштити да не ја направи истата грешка како Ева? Павле одговара: „Но, ќе биде сочувана преку раѓање деца, доколку останат во верата и љубовта и посветувањето, со здрави мисли“ (1. Тимотеј 2:14, 15). Што сакал да каже Павле со овие зборови?
Некои преведувачи како да сугерираат дека, за да се спаси, жената треба да има деца. На пример, Today‘s English Version вели: „Жената ќе се спаси ако има деца“. Меѓутоа, ова толкување на зборовите на Павле не е точно. Многу стихови покажуваат дека за да биде некој спасен, мора да го запознае Јехова, да верува во Исус и да даде доказ за својата вера со дела (Јован 17:3; Дела 16:30, 31; Римјаните 10:10; Јаков 2:26). Освен тоа, Павле не сакал да каже дека на една жена што е верник ѝ е загарантирано дека ќе се породи без никакви проблеми. Без оглед дали биле верници или не, некои жени успевале успешно да се породат. Од друга страна, за жал, некои умреле додека се породувале, без оглед на тоа дали биле верници или не (Битие 35:16-18).
Еден друг совет што Павле го дал во истото писмо, а се однесува на жените, ни помага да разбереме што мислел. Тој предупредил дека некои млади вдовици кои биле ‚без работа, скитале по куќите; не само што биле без работа туку и озборувале и се мешале во туѓи работи, зборувајќи што не би требало‘. Кој совет го дал? Во продолжението тој вели: „Затоа би сакал помладите вдовици да се мажат, да раѓаат деца, да водат домаќинство, да не му даваат на противникот повод за навредување“ (1. Тимотеј 5:13, 14).
Павле ја истакнува позитивната улога на жената во семејството. Ако вниманието на една жена е насочено на ,раѓање деца и водење на домаќинство‘ и ако остане „во верата и љубовта и посветувањето, со здрави мисли“, нема да ја привлекува однесување што не изградува. Ќе ја зачува или ‚сочува‘ својата духовност (1. Тимотеј 2:15). На тој начин, многу млади жени ќе ги избегнат замките на Сатана.
Зборовите на Павле до Тимотеј нѐ потсетуваат сите нас, и мажите и жените, да го користиме времето за корисни работи. Божјата реч ги советува сите христијани: „Строго пазете да не одите како немудри, туку како мудри“ (Ефешаните 5:15).