Обласен конгрес за 1996: „Гласници на божествен мир“
1 Програмата на обласниот конгрес оваа година сигурно ќе ни помогне да го одржиме нашиот божествен мир и ќе ја објасни нашата улога во помагањето на другите да пронајдат ваков мир. Како што беше известено во Наша служба за Царството, од јануари 1996, темата е „Гласници на божествен мир“. Дали си направил планови за да не отсуствуваш на ниту еден дел од програмата?
2 Тридневна програма: Знаеме дека потполно ќе уживаш во овогодишниот конгрес и дека ќе се вратиш дома со обновена сила (2. Лет. 7:10). Оваа година повторно ќе имаме тридневна програма. Дали веќе си направил подготовки да земеш слободни денови од световната работа за да можеш да присуствуваш целото тоа време? Некои од пораните конгреси ќе се одржат пред училишниот летен распуст. Ако имате деца на школска возраст, дали учтиво сте ги информирале нивните учители дека тие ќе бидат отсутни во петок за овој важен дел од нивната религиозна обука?
3 Стражарска кула од 15 февруари 1996, ги наведува датумите и локациите за конгресите кои ќе бидат одржани во вашата земја, како и оние кои ќе бидат лоцирани во соседните земји. Јазикот на секој од овие конгреси ќе биде првенствено оној кој се зборува во земјата во која се одржува конгресот.
4 Сите три дена програмата ќе започне во 9.30, а ќе заврши во недела околу 16.00 часот. Вратите ќе бидат отворени во 8.00 часот. Единствените на кои ќе им биде дозволено да влезат пред тоа се оние со работни задолженија, а ним нема да им биде дозволено да зафаќаат места сѐ додека објектот не биде отворен за секого. Дали ќе им покажеме љубезност на нашите постари и немоќни браќа со тоа што ќе ги оставиме слободни местата на деловите кои се попогодни и покомотни? Запомни дека „љубовта . . . не бара свое“ (1. Кор. 13:4, 5; Фил. 2:4).
5 Дали ќе бидеш изострен? По цитирањето на Изреки 27:17, ‚Железо со железо се остри‘, Стражарска кула од 15 август 1993, забележа: „Ние сме како орудија на кои им е потребно редовно острење. За да ја изразуваме нашата љубов кон Јехова и донесуваме одлуки кои се темелат на нашата вера, треба да бидеме поинакви од светот и мораме постојано да постапуваме поинаку од мнозинството“. Како можеме да го примениме тој совет?
6 Ние сме и мора да останеме поинакви од светот. Треба да се одржува постојан напор за да го постигнеме ова, ако сакаме да бидеме ревни за добрите дела (Тит 2:14). Тоа е причината зошто статијата од Стражарска кула, наведена погоре, понатаму продолжува: „Кога сме со другите кои го љубат Јехова, ние се остриме еден со друг — се поттикнуваме кон љубов и добри дела“. Обласниот конгрес е една од подготовките од Јехова која ни помага да останеме духовно остри. Не можеме да си дозволиме да пропуштиме кој и да било дел од програмата.
7 Мудар човек ќе слуша: Слушањето е уметност која треба да се развие. Речено е дека просечниот човек запомнува само половина од она што чул — без разлика колку мисли дека внимателно слушал. Бидејќи живееме во еден период на расеаност, понекогаш може да почувствуваме тешкотија да се сконцентрираме за долги периоди. Можеме ли да се обидеме да го зголемиме нашето време на концентрација, особено кога седиме во голем аудиториум слушајќи како некој зборува? Ако по враќањето дома од конгресот би бил замолен да дадеш краток преглед за програмата од секој ден, дали би можел да го сториш тоа? Како може секој од нас да ја подобри својата способност да слуша и да посвети присно внимание на секој дел што се изнесува на конгресната програма?
8 Неопходен е длабок интерес, бидејќи памтењето како божествен подарок не може да функционира ефикасно без него. На пример, колку повеќе интерес покажува едно лице за некоја тема толку полесно е да ги запомни главните точки на некој говор или дел од програмата. Сепак, многу зависи од нашето посветување внимание, повеќе од обичното, на работите кои сме привилегирани да ги чуеме на обласните конгреси. Нашиот длабок интерес и внимателност на секој дел од конгресната програма има влијание врз нашата моментална духовна состојба, како и врз нашите идни изгледи. На конгресите сме поучени за Јеховините патишта и дадени ни се упатства за извршување на животоспасувачко дело (1. Тим. 4:16). Замисли си дека си брод на море, разбранувано од бура. Ветувањата на Јехова се цврстата котва на надежта. Ако човек е невнимателен на христијанските програми и им дозволува на своите мисли да талкаат, тој може да пропушти витални точки на совет и упатства кои можат да го заштитат од претрпување духовен бродолом (Евр. 2:1; 6:19).
9 Во многу делови од светот, нашите браќа вложуваат големи физички напори да присуствуваат на состаноците. Прекрасно е да се види нивното неподелено внимание на конгресите. Меѓутоа, на некои места, поединци им го одвраќале вниманието на другите со тоа што кружеле наоколу по конгресните терени за време на програмата. Други каснат. На некои минати конгреси било тешко да се чујат првите неколку минути од програмата поради многуте кои шетале по ходниците и зад местата за седење. Овие обично не се браќа на работни задолженија или мајки кои се грижат за потребите на своите мали деца. Голем дел од вознемирувањето е од луѓе кои само дрдорат. Оваа година Одделот за редарска служба ќе му посвети поголемо внимание на проблемот и се надеваме дека сите ќе бидат седнати кога претседавачот ќе нѐ повика да го сториме тоа. Твојата соработка во овој поглед ќе биде многу ценета.
10 Кои практични предлози ќе ни помогнат да бидеме повнимателни на конгресната програма и повеќе да запомниме од она што е изнесено? Она што било речено во изминатите години, вреди да се повтори: а) Сосредоточи се на главната причина зошто одиш во конгресниот град. Тоа не е за да се забавуваш, туку да слушаш и да учиш (5. Мој. 31:12). Обиди се да имаш доволно одмор секоја ноќ. Ако доаѓаш на конгресот многу уморен, ќе ти биде тешко да се сконцентрираш. б) Одвој си повеќе време да можеш да го паркираш својот автомобил и да седнеш пред да започне програмата. Брзањето до местата за седење во последната минута обично ќе резултира со тоа што ќе пропуштиш нешто од воведниот дел. в) Води кратки забелешки за клучните точки. Опширното правење забелешки може да биде пречка за добро слушање. Кога пишуваш, внимавај да не испуштиш други точки поради тоа што се концентрираш на твоите забелешки. г) Кога е воведен еден конгресен дел, гледај на тоа со желно исчекување. Запрашај се: ‚Што можам да научам од овој дел што ќе го зголеми моето ценење и љубов кон Јехова? Како може информацијата да ми помогне попотполно да ја одразувам новата личност? Како ќе ми помогне ова да се подобрам во мојата служба?‘
11 Однесување кое ја украсува нашата служба: Павле го охрабрил Тит да се покаже како „образец за добри дела“. Покажувајќи чесност во своето учење, Тит би им помогнал на другите да ‚ја украсуваат науката на нашиот Спасител Бога во сѐ‘ (Тит 2:7, 10). Секоја година добиваме љубезни потсетници во врска со тоа зошто побожното однесување е толку важно додека патуваме до и од конгресот, како и кога сме во хотелите, рестораните и на самиот конгрес. Минатата година повторно слушнавме некои коментари кои го радуваат срцето, а кои би сакале да ги споделиме со вас.
12 Управникот на еден хотел навел: „Секогаш е задоволство да им се даде сместување на Сведоците, бидејќи тие се стрпливи, спремни на соработка и строго внимаваат на своите деца“. Еден хотелски рецепционер рече дека неговата работа е „толку многу поедноставна кога Сведоците се пријавуваат во хотелот и се одјавуваат од истиот, бидејќи и покрај тоа што треба да чекаат во ред, тие секогаш се учтиви, стрпливи и разбрани“. Една жена од Њу Ингленд била толку импресионирана од однесувањето на Сведоците младинци, кои престојувале во истиот мотел, што таа побарала литература во врска со нашата организација.
13 Од друга страна, во одредени подрачја, има простор за подобрување. Ние би сакале да споделиме со вас некои забелешки кои биле испратени до Заедницата. Еден патувачки надгледник известил дека во хотелите, на децата на Јеховините сведоци им треба повеќе надгледување. Некои биле забележани како трчаат по ходниците, возејќи се нагоре-надолу со лифтовите, правеле голема врева околу базенот и останувале во истиот уште долго по истакнатото време за затворање, вознемирувајќи ги на тој начин другите гости кои спијат. Потребно е да ги поучуваме нашите деца да сфатат дека христијанското однесување не е по некој временски план. Тоа не завршува кога ќе заминеме од конгресниот објект. Тоа мора да трае 24 часа дневно. Нашето однесување во хотелот, рестораните и на улиците треба да биде исто толку достоинствено како и кога седиме за време на програмата со нашите браќа, поучувани од Јехова (Иса. 54:13; 1. Петр. 2:12).
14 Би сакале исто така да споделиме еден љубезен потсетник за давањето бакшиши. Келнерките, келнерите, хотелските собарици, носачите и други со слични занимања, зависат од давањето бакшиш за да заработуваат за живот. (Види Разбудете се! од 22 јуни 1986, страници 24—27, англ.)
15 Иако на нашите конгреси прекина службата за прехрана, сепак постои значителен трошок кој вклучува изнајмување на објектот, обезбедување паркинг и водење грижа за разновидни работи. Нашите доброволни прилози ги покриваат овие трошоци. Една сестра со деца на тинејџерска возраст дошла на конгресот со ограничени средства. Меѓутоа, таа и децата сепак помогнале со мал прилог. Што ќе одлучи секој поединец во овој поглед е лична работа, но знаеме дека цениш вакви потсетници (Дела 20:35; 2. Кор. 9:7).
16 Препознаени по начинот на облекување: Начинот на кој се облекуваме открива многу за нас и за нашите чувства кон другите. Повеќето тинејџери и многу возрасни се опкружени со помоден, немарен начин на облекување, во училиште или на нивните работни места. Секоја година начинот на облекување станува поекстремен, дури и шокантен. Ако не сме внимателни, лесно може да паднеме под влијание на световните врсници да се облекуваме како нив. Многу стилови се неприкладни да се носат на состаноците за обожавање. Во едно писменце добиено после еден од минатогодишните конгреси се изразува ценење за програмата, но се додава: „Се прашував зошто имаше толку многу млади девојки со толку кратки фустани, длабоки деколтеа и големи шлицеви“. Секако, сите ние сакаме да бидеме облечени на начин кој доликува на христијански слуги, како на конгресот така и за време на дружењето после програмата. Секогаш е добро да размислуваме за советот на апостол Павле за христијаните, да бидеме украсени со „добро уредена облека, со скромност и здрав разум“ (1. Тим. 2:9, НС).
17 Кој треба да одлучи што е скромна, „добро уредена“ облека? Да се биде скромен значи да не се биде „ниту упадлив ниту наметлив“. Речникот ја дефинира скромноста и како „непретенциозност“. Ниту Заедницата ниту старешините не треба да поставуваат правила за облекување или дотерување. Па сепак, зарем на еден христијанин не би требало да му биде јасно кои стилови на облекување се едноставно нескромни или непристојни? (Спореди Филипјаните 1:10.) Нашето дотерување и облекување не треба да привлекува претерано внимание. Мора да бидеме пријатни во изгледот, не световни или одбивни. Како слуги на добрата вест, нашето прикладно облекување и дотерување, за времето кога сме во градот на обласниот конгрес, му донесува чест на Јехова и добро се одразува на организацијата. Така, родителите ќе го постават примерот и потоа ќе се уверат дека нивните деца се облекуваат соодветно на приликата. Старешините ќе сакаат да постават добар пример и да бидат спремни да понудат љубезен совет, ако биде неопходно.
18 Хотели: Претходно цитиравме хотелски персонал кој рекол дека тие биле импресионирани бидејќи браќата биле стрпливи, учтиви и спремни на соработка. Сакаме да продолжиме да ги покажуваме овие христијански особини ако треба да чекаме во ред за да се пријавиме. Ги цениме хотелите кои соработувале со Заедницата во обезбедувањето соби по една пристапна цена. Иако можеби сме уморни од патување, треба да запомниме дека со вработените во хотелот треба да се однесуваме љубезно. Ако постапуваме така, тоа може да биде причина некои посериозно да ја испитаат вистината. За повеќе информации во врска со хотелските сместувања, молиме разгледај го додатокот од Наша служба за Царството од јануари 1996. Понатаму, не смее да се готви во хотелските соби освен ако имаат кујна за таа намена.
19 Фотоапарати, видеокамери и касетофони: Дозволено е да се користат фотоапарати и друга опрема за снимање, само под услов да покажуваме обѕир кон другите присутни. Ако одиме наоколу фотографирајќи за време на програмата, не само што ќе им пречиме на другите кои се обидуваат да слушаат туку и самите ние ќе пропуштиме нешто од програмата. Обично, повеќе корист од конгресот извлекуваме кога посветуваме присно внимание на говорниците и правиме умерени забелешки. Може да снимаме за брат или сестра кои се инвалиди; меѓутоа, кога е за наша лична употреба, може да забележиме дека откако ќе се вратиме дома, после многу часови снимање од програмата, немаме време да повториме многу од она што сме го снимиле. На електричниот или звучниот систем не смеат да се приклучуваат никакви уреди за снимање ниту, пак, опремата смее да ги блокира патеките меѓу седиштата, премините или видикот на другите.
20 Седење: И понатаму забележуваме подобрување по прашањето за чување места. Минатата година, повеќето од вас ги следеа упатствата: СЕДИШТА МОЖЕ ДА СЕ ЧУВААТ САМО ЗА ЧЛЕНОВИ НА ТВОЕТО ПОТЕСНО СЕМЕЈСТВО И ЗА ОНИЕ КОИ МОЖЕБИ ПАТУВААТ СО ТЕБЕ ВО ТВОЈОТ АВТОМОБИЛ. Веројатно забележа дека е помалку напнато бидејќи многумина ги следеа овие јасни упатства. А што е уште поважно, твоето покорување му било допадливо на Јехова и на ‚верниот роб‘ кој ја дава духовната храна (Мат. 24:45, НС).
21 Се зголемува бројот на нашите браќа кои имаат посебни здравствени потреби. Некои доаѓаат на конгресот во инвалидски колички и за нив треба да водат грижа членовите на семејството. Други се на разни лекови за хронични болести како што се срцеви проблеми или напади. Навистина, нашето срце е трогнато кога ќе ги видиме овие драги браќа и сестри на конгресот, решени да не пропуштат ништо од духовната храна. Меѓутоа, понекогаш претставувало проблем тоа што некои лица се разболувале за време на конгресот, кога немало членови на семејството или собранието да помогнат. Во одредени случаи конгресната управа требало да повика брза помош за да го превезат братот или сестрата до болница. Одговорноста за грижата околу хронично болните треба првенствено да падне врз членовите на семејството и блиските роднини. Конгресниот одбор за Прва помош не е во позиција да обезбедува грижа за хронично болните. Ако некој член на твоето семејство има потреба од посебна грижа, молиме погрижи се да не биде оставен сам во случај на опасност. Освен тоа, на конгресите нема да има никакви подготовки за посебни соби за таму да бидат сместени оние кои имаат алергии што ги спречуваат да седат во просторијата каде што седат сите. Старешините ќе сакаат да бидат спремни да помогнат на секого во нивното собрание, кој има посебни здравствени потреби и да се погрижат за тоа да бидат направени навремени подготовки за нивно згрижување.
22 Потреби за храна на конгрес: Беа дадени многу позитивни коментари во врска со користите од тоа што донесовме наша храна. Еден брат напишал: „Јасно може да видам една голема духовна корист од ова. Сето тоа време и енергија сега може да се сврти на духовните работи. Не сум слушнал ниту еден негативен коментар“. Една сестра напишала: „Со пример, вие драги браќа нѐ охрабрувате како поединечни христијани да се преиспитаме себеси и да бараме начин како да ги поедноставиме нашите животи и да ја зголемиме нашата теократска активност“. Во врска со поранешните подготовки за прехрана, еден патувачки надгледник напишал: „Старата подготовка беше причина еден приличен број браќа да ја испуштат комплетната конгресна програма“. Во врска со храната што си ја донеле браќата, еден старешина напишал: „Го имаа токму она што го сакаа, и не требаше да чекаат во ред за тоа“. На крајот, една друга сестра напишала: „После програмата беше мирно и тивко и имаше една атмосфера на добро расположение“. Да, секој можеше да си донесе доволно за да може да издржи во текот на попладневниот дел. Многумина коментирале за фактот дека имаат повеќе време да се дружат со пријателите.
23 И оваа година нема да има служба за прехрана. Би можел да си одвоиш неколку минути да го разгледаш додатокот од Наша служба за Царството од мај 1995, 26. пасус, за предлози околу практични хранливи прехранбени продукти кои можат да се понесат на конгрес. Молиме, запомни, никакви стаклени амбалажи или алкохолни пијалоци не смеат да се внесуваат во конгресниот објект. Ако се неопходни мали фрижидери, нив мора да ги собере под твоето седиште. Имај на ум дека во текот на попладневната пауза има доволно време да јадеш и пиеш од она што си го донел. Како и во нашите Сали на Царството, за време на состаноците ние секогаш се воздржуваме од јадење за време на конгресната програма. Така покажуваме почитување кон подготовките за обожавање и за духовната храна која е обезбедена.
24 Наскоро ќе започне првиот Обласен конгрес „Гласници на божествен мир“. Дали си ги завршил своите подготовки да присуствуваш и дали сега си спремен да уживаш во трите дена на радосно дружење и духовно добри работи? Искрено се молиме Јехова да ги благослови твоите напори да присуствуваш на конгресот ова лето.
[Рамка на страница 6]
Потсетници за обласен конгрес
Крштавање: Кандидатите за крштавање треба да бидат седнати во означениот сектор, пред да започне програмата во сабота наутро. Забележано е дека некои носат облека која не е достоинствена и која го одвлекува вниманието од самата пригода. Секој кој планира да се крсти, треба да си понесе пристоен костим за капење и крпа. Собраниските старешини кои со кандидатите за крштавање ги разгледуваат прашањата во книгата Наша служба, ќе сакаат да се уверат дека секој поединец ги сфаќа овие точки. После говорот за крштавање и молитвата на говорникот, претседавачот на тој дел од програмата ќе им даде кратки упатства на кандидатите, а потоа ќе ја најави песната. После последната строфа, редарите ќе ги упатат кандидатите до местото за крштавање. Бидејќи крштавањето, во симбол на нечие предание, е интимна и лична работа помеѓу поединецот и Јехова, нема подготовка за т.н. заедничко крштавање во кое двајца или повеќе кандидати за крштавање се прегрнуваат или се држат за раце додека се крштаваат.
Значки: Ве молиме, носете ја значката за 1996 додека сте на конгресот и додека патувате до и од конгресното место. Ова честопати ни овозможува да дадеме добро сведоштво додека патуваме. Значките и пластичните фолии за нив треба да си ги набавиш преку своето собрание, бидејќи нема да бидат на располагање на конгресот. Не чекај до неколку дена пред конгресот па да побараш значки за себе и за своето семејство. Не заборави да ја носиш и својата важечка картичка Медицинско упатство/Ослободување од одговорност.
Сместување: Ги молиме сите да соработуваат со тоа што ќе го користат САМО списокот за сместување, обезбеден од страна на конгресот. Ако ги заобиколуваме подготовките на Заедницата и сами резервираме хотел кој не е на одобрениот список или платиме повеќе од договорената цена за некој од наведените хотели, во голема мера ја потценуваме напорната работа на нашите браќа кои преговараат со хотелите за поповолни цени. АКО ДОЖИВЕЕШ НЕКОЈ ПРОБЛЕМ СО ХОТЕЛОТ, те молиме, не колебај се да му кажеш на надгледникот на Одделот за сместување на конгресот за тој да може веднаш да ти помогне во разрешувањето на проблемот. Собраниските секретари треба да се погрижат формуларите за сместување со посебни потреби да бидат благовремено испратени на соодветната конгресна адреса. Ако мораш да откажеш сместување обезбедено преку уредувањето за посебни потреби, треба веднаш да ги известиш газдата или хотелот и конгресниот оддел за сместување за да може собата да се отстапи на друг.
Детски колички и платнени столици: На повеќето локации, детските колички не можат да се користат на места за јавни собири. Противпожарните прописи забрануваат да се оставаат во ходници, на патеки помеѓу седиштата или помеѓу редовите. Бидејќи големите толпи можат да создадат застои, детските колички се потенцијална опасност не само за бебето туку и за секој кој можеби би се сопнал од нив. Затоа, ве молиме, не носете ги на местото на конгресот. Меѓутоа, дозволени се детски седишта за во автомобил бидејќи можат да се прицврстат за седиштата веднаш до родителите. Исто така, ве молиме, не донесувајте платнени столици. И тие се опасни и не се дозволени во големи јавни објекти. Твојата соработка по ова прашање е ценета.
Доброволна служба: Бидејќи нема повеќе служба за прехрана, многумина кои порано работеле на овој оддел сега можеби сметаат дека можат да работат како волонтери на друго место. Можеш ли да одвоиш малку време на конгресот за да помагаш на некој оддел? Служењето на нашите браќа, па макар и само за неколку часа, може многу да користи и да причини големо задоволство. Ако можеш да помогнеш, те молиме, пријави се во Одделот за доброволна служба на конгресот. Децата под 16 години, исто така, можат да дадат добар придонес со тоа што ќе работат под надзор на еден од своите родители или некое друго одговорно возрасно лице.
Зборови на предупредување: Биди буден за потенцијалните проблеми за да избегнеш непотребна тешкотија. Крадци и други бескрупулозни поединци честопати ги демнат луѓето кои се далеку од својата домашна средина. Биди сигурен дека твоето возило секогаш е заклучено и никогаш не оставај нешто видливо што би искушало некого да провали. Крадците и џепчиите го сосредоточуваат своето внимание на големите собири. Не би било мудро да оставиш нешто вредно на своето седиште. Не можеш да бидеш сигурен дека секој околу тебе е христијанин. Зошто да создаваш некакво искушение? Добиени се извештаи за тоа како некои однадвор се обиделе да намамат и да одвлечкаат деца. ДРЖЕТЕ ГИ ДЕЦАТА НА ОКО ВО СЕКОЕ ВРЕМЕ.
Телевизиски и видеоуслуги, достапни во многу хотели, честопати прикажуваат развратни, порнографски филмови. Бидете свесни за оваа замка и не дозволувајте им на децата без надзор да имаат пристап кон телевизорот во собата.
Ве молиме, не телефонирајте или не пишувајте во управата на конгресниот аудиториум, барајќи информации околу какви и да било конгресни работи. Ако информацијата не е достапна од старешините, можете да пишете до адресата на одреден конгрес, која се наоѓа на задната страна од формуларите за сместување со посебни потреби, од кои еден е истакнат на конгресната табла за информации.