Сиромашни, а сепак богати — како е можно тоа?
Пред многу векови, еден мудар човек се молел да не осиромаши. Зошто таква молба? Затоа што се плашел дека сиромаштвото би можело да предизвика ставови и постапки кои би го загрозиле неговиот однос со Бог. Тоа е очигледно од неговите зборови: „Храни ме со насушниот леб . . . откако ќе [за да не, НС] осиромашам, за да не почнам да крадам и да го употребувам името на мојот Бог напразно“ (ИЗРЕКИ 30:8, 9).
ДАЛИ ова значи дека е невозможно едно сиромашно лице да му служи верно на Бог? Секако дека не! Низ историјата, безброј слуги на Јехова Бог го задржале својот интегритет спрема него и покрај тешкотиите што ги донесува сиромаштијата. За возврат, Јехова ги љуби оние кои имаат доверба во него и се грижи за нив.
Верници од старо време
Апостол Павле лично доживеал времиња на нужда (2. Коринтјаните 6:3, 4). Исто така, тој опишал „толку многу“ верни претхристијански сведоци, од кои некои ‚скитале во овчи и козји кожи, во сиромаштија . . . скитале по пустињи, по ридови, по пештери и земни бездни‘ (Евреите 11:37, 38; 12:1).
Еден од овие верни бил пророкот Илија. За време на една три и пол годишна суша, Јехова редовно му обезбедувал храна. Како прво, Бог направил гаврани да му донесуваат леб и месо на пророкот (3. Царства 17:2—6). Подоцна, Јехова на чудесен начин ја одржувал залихата со брашно и масло, од која една вдовица се грижела за Илија (3. Царства 17:8—16). Храната била многу едноставна, но ги одржала во живот пророкот, жената и нејзиниот син.
На сличен начин, Јехова го одржал верниот пророк Јеремија во текот на тешки економски времиња. Јеремија ја преживеал вавилонската опсада на Ерусалим кога луѓето морале да „јадат леб со мерка и во жалост“ (Језекиил 4:16). Конечно, гладот во градот станал толку голем што некои жени го јаделе месото од своите сопствени деца (Плач Јеремиин 2:20). Иако Јеремија бил во притвор поради своето бестрашно проповедање, Јехова се погрижил секојдневно да му биде давано „парче леб“, ‚сѐ додека не се завршил сиот леб во градот‘ (Јеремија 37:21).
Така, и Јеремија, како Илија, имал малку за јадење. Писмото не ни кажува што или колку често Јеремија јадел откако на Ерусалим му снемало леб. Сепак, ние знаеме дека Јехова го одржал и дека тој го преживеал тоа ужасно време на глад.
Денес, сиромаштијата ја има во секој дел од светот. Според Обединетите нации, најголемата концентрација на сиромаштија се наоѓа во Африка. Еден извештај за печат на ОН во 1996 навел: „Најмалку половината од сите Африканци се осиромашени“. И покрај сѐ посуровите економски околности, еден растечки број Африканци ги применуваат библиските начела во животот и верно му служат на Бог, уверени дека тој ќе ги одржува. Разгледај некои примери од еден дел на нашиов свет оптоварен со проблеми.
Задржување чесност
Мајклa‚ кој живее во Нигерија, е земјоделец кој има шест деца за издржување. „Тешко е да бидеш чесен кога немаш пари за да се грижиш за своето семејство“ — вели тој. „Меѓутоа, кога сум искушуван да бидам нечесен, се присеќавам на Ефесјаните 4:28, каде се вели: ‚Кој крадел, да не краде веќе; а подобро е да се труди, правејќи добро со рацете свои‘. Така, ако се најдам пред искушение, се прашувам себеси: ‚Дали сум работел за овие пари?‘ “
„На пример“ — додава Мајкл — „еден ден, одејќи видов како од задниот дел на еден мотоцикл паѓа една ташна. Не можев да го запрам мотоциклистот, па затоа ја зедов ташната и утврдив дека е полна со пари! Со помош на идентификациите во ташната, го пронајдов сопственикот и му ја вратив ташната.“
Борење со депресијата
Еден човек од Северна Африка забележал: „Сиромаштијата е [исто како] да си заглавен во некоја длабока дупка, можеш да ја видиш светлината и луѓето како слободно одат наоколу, но немаш глас да викаш за помош или за скала за да се искачиш“. Не е ни чудо што сиромаштијата честопати донесува чувства на депресија и фрустрација! Дури и Божјите слуги може да го гледаат богатството на другите и да почнат да си мислат дека животот на интегритет не се исплаќа. (Спореди Псалм 72:2—13.) Како би можеле таквите чувства да се надминат?
Питер, еден Западноафриканец, бил пензиониран после 19 години владина служба. Сега преживува главно од една мала пензија. „Кога имам периоди на обесхрабреност“ — наведува Питер — „си спомнувам за она што сум го читал во Библијата и во публикациите на Watch Tower Society. Овој стар систем само што не поминал, а ние очекуваме еден подобар систем.
Исто така, мислам на 1. Петрово 5:9, каде се вели: ‚Спротивете му се [на Сатана] со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот‘. Значи, јас не сум единствениот кој трпи тешкотии. Овие потсетници ми помагаат да ги отфрлам мислите кои се обесхрабрувачки и депримирачки.
Освен тоа — додава Питер — Исус извршил многу чуда кога бил на Земјата, па сепак никого не збогатил во материјален поглед. Зошто да очекувам мене да ме направи богат?“
Моќта на молитвата
Приближувањето на Јехова Бог во молитва е уште еден начин да се бориме против негативното размислување. Кога Мери станала Јеховин сведок во 1960, нејзиното семејство се откажало од неа. Немажена и сега во своите 50-ти, таа е кревка и има многу малку во материјален поглед. Меѓутоа, таа е ревносна во христијанската служба.
Мери вели: „Кога се чувствувам обесхрабрена, одам кај Јехова во молитва. Знам дека никој не може да ми помогне повеќе од него. Научив дека, кога имаш доверба во Јехова, тој ти помага. Секогаш си припомнувам на следниве зборови од цар Давид, што се наоѓаат во Псалм 36:25: ‚Бев млад, веќе остарев, и невидов оставен праведник, ниту потомците негови леб да просат‘.
Исто така, црпам охрабрување и од искуствата на постарите духовни браќа и сестри, што се раскажани во Стражарска кула. Јехова Бог им помогнал ним, и затоа знам дека ќе продолжи да ми помага и мене. Тој ја благословува мојата мала работа од продавање фуфу [јадење од маниока], и успевам да ги задоволам моите дневни потреби. Понекогаш, кога едвај имам пари и се прашувам што да правам, Јехова испраќа некој кој ми дава подарок и вели: ‚Сестро, те молам земи го ова‘. Јехова никогаш не ме разочарал“.
Вредноста од проучувањето на Библијата
Јеховините сведоци го ценат проучувањето на Божјата Реч, Библијата, и сиромашните меѓу нив не се исклучок. Шеесетгодишниот Џон служи како пионер (полновремен проповедник на Царството) и слуга помошник во собранието. Живее во една трошна двокатна зграда што ја делат 13 семејства. Неговата соба е еден дел од ходникот на првиот кат, поделен со шперплоча. Во неа има две стари столици и една маса натрупана со помагала за проучување на Библијата. Тој спие на рогозина.
Џон заработувал по околу еден долар на ден продавајќи леб, но кога увозот на жито бил забранет, ги изгубил овие средства за живеачка. Тој вели: „Понекогаш работите се многу тешки, но продолжувам да пионерам. Јехова е тој кој ме одржува. Ја вршам секоја работа што можам да ја најдам и не се ослонувам на ниеден човек за да ме издржува или храни, иако браќата во собранието се многу услужливи. Тие ми помагаат во барањето работа и понекогаш ми даваат парични подароци.
Одвојувам време за да ја читам Библијата, како и публикациите на Watch Tower Society. Проучувам во раните утрински часови кога куќата е тивка и читам до доцна во ноќта секогаш кога имаме струја. Знам дека морам да држам чекор со мојата лична студија“.
Обучување на децата за живот
Даниел е вдовец кој има шест деца. Во 1985 ја загубил работата што ја имал 25 години, но нашол работа како дуќанџија. „Во економски поглед, животот за семејството е тежок“ — вели тој. „Сега можеме да јадеме само еднаш на ден. Еднаш, поминавме без јадење три дена. Се најдовме во состојба да пиеме само вода за да преживееме.“
Даниел служи како старешина во собранието. „Никогаш не ги пропуштам христијанските состаноци и се одржувам зафатен со теократски задачи“ — вели тој. „Секогаш кога треба да се заврши некоја работа околу Салата на Царството, се трудам да бидам присутен. А кога работите се тешки, се присеќавам на Петровите зборови до Исус, запишани во Јован 6:68: ‚Господи, при кого ќе отидеме?‘ Ако престанам да му служам на Јехова, каде ќе одам? Павловите зборови што ги наоѓаме во Римјаните 8:35—39 исто така ме исполнуваат со одлучност, бидејќи покажуваат дека ништо нема да нѐ оддели од Божјата и Христовата љубов. Тоа е ставот што го всадувам во моите деца. Постојано им кажувам дека не смееме никогаш да го напуштиме Јехова.“ Даниеловата ревност, заедно со редовната семејна библиска студија, имала позитивно влијание врз неговите деца.
Дух на давање
Некој може да си помисли дека оние кои живеат во крајна сиромаштија тешко дека ќе бидат во положба да придонесат финансиски за унапредување на интересите на Царството. Но, не е така. (Спореди Лука 21:1—4.) Некои Сведоци од Гана, чие главно занимање е земјоделство заради егзистенција, одбираат дел од својата земја за да се користи за унапредување на интересите на Божјето Царство. Кога родот од тоа парче земја ќе се продаде, парите се користат исклучително за таа цел, што вклучува давање прилози во локалната Сала на Царството на Јеховините сведоци.
Џоан, која живее во Централна Африка, е пионерка. За да се грижи за парализираниот сопруг и за четири други зависни лица, таа продава леб. Кога на собранието што го посетува таа му требале клупи за Салата на Царството, семејството на Џоан одлучило да ги донира сите средства што ги имале во куќата. Така останале без ништо. Меѓутоа, следниот ден некој неочекувано им вратил еден долгогодишен долг, давајќи им ги парите за кои тие изгубиле секаква надеж дека некогаш ќе ги добијат!
Џоан е весела и не се грижи претерано околу парите. „Му ја објаснувам мојата ситуација на Јехова во молитва, а потоа излегувам во служба на теренот. Знаеме дека има малку надеж за подобри времиња во овој систем на ствари. Сепак, сфаќаме дека Јехова ќе се погрижи за нашите потреби.“
Да се покажува марливост
Јеховините сведоци се идентификуваат по својата меѓусебна љубов (Јован 13:35). Оние кои имаат пари, им помагаат на своите сохристијани кои се во нужда. Честопати, тоа е во вид на подарок, а понекогаш и како помош за вработување.
Марк, кој живее во Конго, страда од лепра. Таа му ги има деформирано прстите и на рацете и на нозете. Затоа, за да оди, се потпира на патерици. Кога Марк решил да му служи на Јехова, почнал да прави големи промени во својот живот. Наместо да проси за храна како што правел порано, почнал самиот да ја одгледува. Исто така, правел ќерпич што го продавал.
И покрај својата телесна неспособност, Марк продолжил да работи марливо. Најпосле, купил едно парче земја и на него изградил една скромна куќа. Денес, Марк служи како собраниски старешина, и е високо почитуван во градот каде што живее. Сега тој им помага на другите сиромашни.
Се разбира, на многу места практично е невозможно да се најде работа. Еден христијански старешина кој служи во една од канцелариите на подружниците на Watch Tower Society во Централна Африка, пишува: „Многу браќа овде немаат работа. Некои се трудат да си создадат своја работа, но тоа е тешко. Мнозина резонираа дека, со оглед на тоа што ќе страдаат без разлика што работат, тие ќе прават материјални жртви како министри-пионери. Правејќи го тоа, мнозина утврдуваат дека се благословени поизобилно отколку да имаа работа со мала или никаква плата“.
Јехова го одржува својот народ
Исус Христос за себе рекол: „Лисиците имаат легла и птиците небески — гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да засолни“ (Лука 9:58). На сличен начин, апостол Павле напишал: „До овој час ние и гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, се мачиме и се потураме по светов [и сме бездомни, НС]“ (1. Коринтјаните 4:11).
И Исус и Павле избрале да водат живот со ограничени економски средства за да можат попотполно да ја следат својата служба. Многу денешни христијани се сиромашни бидејќи немаат друг избор. Па сепак, тие ги применуваат библиските начела во животот и ревносно бараат да му служат на Бога. Тие знаат дека се нежно љубени од Јехова додека ја доживуваат вистинитоста на Исусовата гаранција: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова [материјалните работи] ќе ви се придаде“ (Матеј 6:25—33). Освен тоа, овие сиромашни Божји слуги имаат доказ дека „благословот Господов — збогатува“ (Изреки 10:22).
[Фуснота]
a Имињата во статијава се изменети.
[Рамка на страница 6]
Кои се „извршители на словото“?
СПОРЕД една Галупова анкета од 1994, 96 отсто од Американците „веруваат во Бог или во некој универзален дух“. Во Соединетите Држави постојат и „повеќе цркви по жител“ отколку кај која и да е друга нација на Земјава, навел U.S.News & World Report. И покрај таквите побожни појави, анкетарот-ветеран Џорџ Галуп Јуниор вели: „Непобитен факт е дека повеќето Американци не знаат во што или зошто веруваат“.
Статистиките исто така покажуваат дека помеѓу верските убедувања на многу луѓе и нивните постапки постои голем јаз. На пример, „социолозите забележуваат дека некои од подрачјата со најголем криминал во земјата се и места каде што верското убедување и пракса се најсилни“ — вели писателот Џефри Шелер.
Ова не треба да биде изненадувачко. Зошто? Затоа што уште во првиот век, апостол Павле ги предупредил сохристијаните да се чуваат од оние кои „зборуваат дека Го познаваат Бога, а со делата свои Го одречуваат“ (Тит 1:16). Освен тоа, Павле му кажал на младичот Тимотеј дека „последните денови“ ќе бидат обележани со луѓе „на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле“ (2. Тимотеј 3:1, 5).
Меѓутоа, вистинските христијани даваат сѐ од себе за да ја следат заповедта на Исус Христос да ‚одат и да ги научат сите народи‘ (Матеј 28:19). На овој начин, тие стануваат „извршители на словото, а не само слушатели“ (Јаков 1:22).
[Слика на страница 7]
Проучувањето на Библијата е ценето од луѓето ширум светот