Јехова оспособува пастири за своето стадо
„Господ дава мудрост, од Неговата уста доаѓа знаењето и разумот“ (ПОСЛОВИЦИ 2:6).
1, 2. Зошто крстените браќа работат на тоа да имаат поголеми одговорности во собранието?
„МНОГУ бев радосен кога ме именуваа за старешина“, вели Ник, кој служи како старешина веќе седум години. „На тоа гледав како на можност повеќе да му служам на Јехова. Чувствував дека му должам благодарност за сѐ што има направено за мене. Исто така, сакав да им помогнам на членовите на собранието колку што е можно повеќе, да им помогнам исто како што другите старешини ми помогнаа мене.“ Меѓутоа Ник не бил само радосен туку и малку загрижен. „Бидејќи немав ни 30 години кога бев именуван“, продолжува Ник, „бев загрижен затоа што мислев дека ги немав потребните способности — проникливоста и мудроста — за да го пасам добро собранието.“
2 Оние што Јехова ги поставува да се грижат за неговото стадо имаат многу причини да бидат среќни. Апостол Павле ги потсетил старешините во Ефес на една од тие причини кога, цитирајќи го Исус, рекол: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). Кога служи како слуга помошник или старешина, еден крстен брат може да се дава за Јехова и за собранието на повеќе полиња. На пример, слугите помошници им помагаат на старешините. Тие исто така се грижат за многу други важни задачи за кои треба време. Она што ги мотивира овие браќа да извршуваат ваква скапоцена служба е љубовта кон Бог и кон ближниот (Марко 12:30, 31).
3. Зошто некои можеби се колебаат да работат на тоа да имаат поголеми одговорности во собранието?
3 Што ако некој христијанин смета дека е некадарен и затоа се колеба да работи на тоа да стане слуга помошник, а со текот на времето и старешина? Исто како Ник, можеби си мисли дека не е доволно способен да биде добар пастир. Дали и ти, како крстен брат, мислиш така? Таквата загриженост не е неоснована. Именуваните пастири се одговорни пред Јехова за начинот на кој постапуваат со стадото. Исус рекол: „Секој кому многу му е дадено, многу и ќе се бара од него; а кому многу му довериле, од него ќе бараат повеќе од обично“ (Лука 12:48).
4. Како им помага Јехова на оние што ги поставува да се грижат за неговите овци?
4 Дали Јехова очекува од оние што ги поставува за слуги помошници и старешини сами да го носат поголемиот товар? Не, напротив, тој им помага не само да го носат тој товар туку и успешно да го прават тоа. Како што видовме во претходната статија, Јехова им го дава својот свет дух, чии плодови им помагаат нежно да се грижат за овците (Дела 20:28; Галатите 5:22, 23). Освен тоа, Јехова им дава мудрост, знаење и проникливост (Пословици 2:6). Како го прави ова? Да разгледаме три начини на кои Јехова ги обучува оние што ги поставува да се грижат за неговите овци.
Обучен од искусни пастири
5. Зошто Петар и Јован биле добри пастири?
5 Кога апостолите Петар и Јован биле пред Синедрионот, судиите на тој суд, кои биле мудри во очите на светот, ги сметале луѓето што биле изведени пред нив за „неуки и обични“. Иако тие знаеле да читаат и да пишуваат, немале никакво рабинско школување за Светото писмо. Сепак, Петар и Јован, заедно со другите ученици, биле добри учители, и ги поттикнале да станат верници многу од оние што ги слушале. Како овие обични луѓе станале толку добри учители? Откако ги сослушал Петар и Јован, судот ‚ги препознал како оние кои биле со Исус‘ (Дела 4:1-4, 13). Точно, тие го примиле светиот дух (Дела 1:8). Освен тоа, било толку јасно — дури и за духовно слепите судии — дека Исус ги оспособил тие луѓе. Додека бил со своите апостоли на Земјата, Исус ги поучил не само како да ги соберат оние што се слични на овци туку и како да ги пасат откако ќе станат дел од трлото (Матеј 11:29; 20:24-28; 1. Петрово 5:4).
6. Каков пример дале Исус и Павле во врска со обучувањето на другите?
6 Откако воскреснал, Исус продолжил да ги оспособува оние што биле поставени за пастири (Откровение 1:1; 2:1—3:22). На пример, тој лично го избрал Павле и се погрижил да добие обука (Дела 22:6-10). Павле ја ценел обуката што ја добил и она што го научил им го пренел и на другите старешини (Дела 20:17-35). На пример, посветил многу време и енергија да го обучи Тимотеј да биде „работник“ во Божјата служба „кој нема од што да се срами“ (2. Тимотеј 2:15). Меѓу нив двајца се развило едно многу блиско пријателство. Претходно, Павле напишал за Тимотеј: „Како дете со татко робуваше со мене за унапредување на добрата вест“ (Филипјаните 2:22). Павле не се обидел да направи од Тимотеј, или од кого и да е друг, свој ученик. Напротив, тој ги охрабрувал соверниците да се угледаат на него, како тој на Христос (1. Коринќаните 11:1).
7, 8. а) Кое искуство покажува какви добри резултати се постигнуваат кога старешините се угледуваат на Исус и на Павле? б) Кога треба старешините да почнат да ги обучуваат идните слуги помошници и старешини?
7 Угледувајќи се на Исус и на Павле, искусните пастири преземаат иницијатива да ги обучат крстените браќа, и тоа дало слични добри резултати. Размисли за искуството на Чад. Тој пораснал во религиозно разделен дом, но неодамна бил именуван за старешина. Тој вели: „Низ годините, неколку искусни старешини ми помогнаа духовно да напредувам. Бидејќи татко ми не беше соверник, тие старешини покажаа особен интерес за мене и ми станаа како духовни татковци. Одвојуваа време да ме обучат за службата, а подоцна еден старешина ме обучи да ги извршувам собраниските задачи што ги добивав“.
8 Како што покажува искуството на Чад, проникливите пастири почнуваат да ги обучуваат идните слуги помошници и старешини долго време пред тие да напреднат доволно за да ги исполнат условите за такви одговорности во собранието. Зошто? Затоа што Библијата им заповеда и на слугите помошници и на старешините да достигнат високи морални и духовни мерила пред да бидат поставени да служат. Тие мораат да бидат „проверени дали се подобни“ (1. Тимотеј 3:1-10).
9. Каква одговорност имаат зрелите пастири, и зошто?
9 За да бидат проверени крстените браќа, мора прво да бидат обучени. Да посочиме еден пример: Ако наставникот побара од еден ученик да реши некој тежок тест за кој наставникот не го подготвил, дали ученикот ќе го реши тестот? Најверојатно нема. Значи, потребна е подготовка, или обука. Меѓутоа, совесните наставници ги обучуваат учениците не само да решат некој тест туку и да го користат понатаму во животот знаењето што ќе го стекнат. Слично, марливите старешини им помагаат на крстените браќа да ги стекнат особините што треба да ги има еден именуван брат со тоа што им даваат посебна обука. Тоа не го прават само за да им помогнат на тие браќа да бидат именувани да служат туку и за да им помогнат да се грижат за стадото како што треба (2. Тимотеј 2:2). Се разбира, крстените браќа мора да го дадат својот дел и да се потрудат да ги исполнат условите што се бараат од еден слуга помошник или старешина (Тит 1:5-9). Сепак, со тоа што спремно ќе ги обучат оние што даваат сѐ од себе за да служат, искусните пастири можат да им помогнат побрзо да напредуваат.
10, 11. Како можат пастирите да ги обучуваат другите за натамошни задачи?
10 Како можат искусните пастири да ги обучат другите да се грижат за собраниските задачи? Како прво, со тоа што ќе се интересираат за браќата во собранието — редовно одејќи со нив во службата на проповедање и помагајќи им да ја подобрат способноста ‚исправно да ракуваат со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:15). Зрелите пастири разговараат со тие браќа за тоа колкава радост е да им се служи на другите и колкаво задоволството чувствуваат тие кога си поставуваат духовни цели и ги постигнуваат. Исто така, љубезно им даваат конкретни предлози за тоа како може еден брат да стане подобар ‚пример за стадото‘ (1. Петрово 5:3, 5).
11 Откако еден брат ќе биде именуван за слуга помошник, мудрите пастири продолжуваат да го обучуваат. Брус, кој со децении служи како старешина, вели: „Многу сакам да седнам со новиот слуга помошник и да ги разгледам со него упатствата што ги објавил верниот и разборит роб во публикациите. Исто така, читаме упатства во врска со неговите конкретни задачи, а потоа сакам да работам со него сѐ додека не се запознае добро со своите должности“. Додека еден слуга помошник стекнува искуство, може да биде обучуван и за делото на пастирење. „Кога на некоја пастирска посета ќе појдам со некој слуга помошник “, вели Брус, „му помагам да избере извесни библиски стихови што ќе го охрабрат и ќе го мотивираат лицето или семејството што го посетуваме. За да биде успешен пастир, многу е важно еден слуга да научи да го допре срцето со помош на Библијата“ (Евреите 4:12; 5:14).
12. Како можат искусните пастири да ги обучат новите старешини?
12 И на новите старешини многу им користи додатното обучување. Ник, кој го спомнавме во почетокот, вели: „Многу ми помогна обуката што ја добив од двајца постари надгледници. Тие браќа обично знаеја како треба да се постапи во извесни работи. Секогаш стрпливо ме слушаа и сериозно го разгледуваа моето гледиште — дури и ако не се согласуваа со него. Многу научив гледајќи како понизно и со почит постапуваа со браќата и сестрите во собранието. Овие старешини ми нагласија колку е важно вешто да ја користам Библијата кога решавам проблеми или кога охрабрувам некого“.
Обучени од Божјата реч
13. а) Што му е потребно на еден брат за да биде добар пастир? б) Зошто Исус рекол: „Она што го научувам не е мое“?
13 Божјата реч, Библијата, содржи закони, начела и примери што му се потребни на еден пастир за да стане „потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17). Еден брат може да има добро световно образование, но да биде добар пастир ќе му помогне неговото познавање на Светото писмо и начинот на кој го применува тоа знаење. Да размислиме за примерот што ни го оставил Исус. Тој имал најголемо знаење и бил најпроникливиот и најмудриот духовен пастир што постоел на Земјава. Сепак, дури ни тој не се потпирал на својата мудрост кога ги поучувал Јеховините овци. Исус рекол: „Она што го научувам не е мое, туку му припаѓа на оној кој ме испрати“. Зошто Исус му ја припишал заслугата на својот небесен Татко? Тој објаснил: „Кој зборува сам од себе, ја бара својата слава“ (Јован 7:16, 18).
14. Како пастирите покажуваат дека не бараат слава за себе?
14 Лојалните пастири не бараат слава за себе. Не даваат совет и охрабрување врз основа на својата мудрост туку врз основа на Божјата реч. Тие сфаќаат дека пастирот има задача да им помага на овците да го стекнат „умот на Христос“, а не умот на старешините (1. Коринќаните 2:14-16). На пример, што ако еден старешина што им помагал на некои маж и жена со брачни проблеми им дал совет на темел на своето лично искуство, наместо на библиските начела и информациите што ги објавил „верниот и разборит роб“? (Матеј 24:45). Врз неговиот совет можеби премногу влијаеле локалните обичаи, а и не е баш најдобар затоа што тој не знае сѐ. Точно, некои обичаи не се погрешни, и старешината можеби има искуство во животот. Но, за овците е најдобро кога пастирите ги охрабруваат да го слушаат Исусовиот глас и она што го вели Јехова, а не што мислат луѓето или што налагаат локалните обичаи (Псалм 12:6; Пословици 3:5, 6).
Обучени преку „верниот и разборит роб“
15. Која задача му ја дал Исус на „верниот и разборит роб“, и која е една причина што оваа група има успех?
15 Пастирите како што биле апостолите Петар, Јован и Павле биле членови на групата што Исус ја нарекол „верниот и разборит роб“. Оваа група е составена од Исусовите браќа на Земјата што се помазани со свет дух, кои имаат надеж да владеат со Христос на небото (Откровение 5:9, 10). Во овие последни денови од овој поредок, бројот на Христовите браќа што останале на Земјата се намалил, што е за очекување. Меѓутоа, делото што Исус им заповедал да го извршуваат — да ја проповедаат добрата вест за Царството пред да дојде крајот — сега се извршува повеќе од кога и да е порано. Сепак, верниот и разборит роб има извонреден успех! Зошто? Делумно затоа што ги обучувале припадниците на ‚другите овци‘ да им помагаат во делото на проповедање и поучување (Јован 10:16; Матеј 24:14; 25:40). Денес, поголемиот дел од ова дело го извршуваат овие лојални проповедници.
16. Како класата на робот ги обучува именуваните мажи?
16 Како дава обука верниот и разборит роб? Во првиот век, претставници на класата на робот биле овластени да обучуваат и да поставуваат надгледници во собранијата, а тие надгледници ги обучувале овците (1. Коринќаните 4:17). Истото важи и денес. Водечкото тело — малата група помазани старешини што го претставуваат верниот и разборит роб — овластува свои претставници да обучуваат и да поставуваат слуги помошници и старешини во десетиците илјади собранија во целиот свет. Освен тоа, Водечкото тело организира школи за обука на членовите на Одборите на подружниците, патувачките надгледници, старешините и слугите помошници, кадешто учат како најдобро да се грижат за овците. Натамошно водство се дава преку писма, преку статиите што се објавени во Стражарска кула, и преку други публикации, како што е книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја.a
17. а) Како Исус покажал доверба во класата на робот? б) Како можат духовните пастири да покажат дека имаат доверба во класата на робот?
17 Исус имал толкава доверба во класата на робот, што го поставил „над целиот свој имот“ — односно над сите свои духовни поседи на Земјата (Матеј 24:47). Именуваните пастири докажуваат дека и тие имаат доверба во класата на робот со тоа што ги прифаќаат упатствата што ги добиваат од Водечкото тело. Да, кога пастирите ги обучуваат другите, кога дозволуваат и самите да бидат обучени преку Божјата реч и кога ја применуваат обуката што им ја дава класата на робот, придонесуваат за единство на стадото. Многу сме благодарни што Јехова обучил мажи што искрено се грижат за секој член на христијанското собрание!
[Фуснота]
a Објавена од Јеховините сведоци.
Како би одговорил?
• Како зрелите духовни пастири ги обучуваат другите?
• Зошто пастирите не поучуваат на темел на своите лични размислувања?
• Како и зошто пастирите покажуваат доверба во класата на робот?
[Слики на страници 24 и 25]
Христијанските старешини ги обучуваат помладите мажи во собранието
[Слики на страница 26]
„Верниот и разборит роб“ им дава добра обука на старешините