Погрижи се да ги ставаш важните работи на прво место!
Оваа вечер има состанок, но ти имаш работа. Што ќе ставиш на прво место?
ТИ СИ сопруг и татко. Додека долгиот, напорен ден на работа привршува, мислите ти се свртени кон собранискиот состанок предвиден за вечерта. Ако веднаш си заминеш од работа, ќе имаш само толку време колку да се истушираш, да се преоблечеш и набрзина да јадеш пред да заминете на состанок. Одеднаш, ти приоѓа работодавецот и те замолува да работиш прекувремено. Ветува дека добро ќе ти плати. Парите ти се потребни.
Или, ти си сопруга и мајка. Додека ја подготвуваш вечерата, погледот ти паѓа на еден куп неиспеглани алишта од кои некои ќе ви требаат за утре. Се прашуваш: ‚Ако вечерва отидам на состанок, кога ќе имам време да ги испеглам?‘ Откако неодамна прифати полновремена работа, сознаваш колку е тешко да се грижиш за обврските околу домаќинството додека заработуваш за живеачка.
Или, пак, ти си ученик. Во твојата соба работната маса ти е натрупана со домашна работа. Поголемиот дел од неа ти е даден од пред извесно време, но си одолговлекувал. Сега наеднаш ти се задолжителни неколку задачи. Во искушение си да ги замолиш родителите да ти дозволат да изостанеш од состанокот за да ја довршиш домашната работа.
Што ќе ставиш ти на прво место: додатната световна работа, пеглањето, домашната работа или собранискиот состанок? Што значи, во духовна смисла, да се стават важните работи на прво место? Какво е Јеховиното гледиште?
Што треба да дојде на прво место?
Кратко откако Израелците ги добиле Десетте заповеди, било откриено дека еден човек собира дрва на Сабат. Тоа било строго забрането со Законот (4. Мојсеева 15:32—34; 5. Мојсеева 5:12—15). Како ти би го просудил случајот? Дали би го оправдал човекот, аргументирајќи дека, на крајот на краиштата, тој не работел за да задржи некој луксузен начин на живот, туку за да ги обезбеди неопходните работи за семејството? Дали би резонирал дека низ годината ќе има многу прилики да се држи Сабатот и дека една пропуштена прилика, можеби поради пропустот на човекот да планира однапред, лесно би можела да се прости?
Јехова посериозно гледал на тој случај. Библијата наведува: „Му рече Господ на Мојсеја: ‚Тој човек [безусловно, NW] треба да умре‘“ (4. Мојсеева 15:35). Зошто Јехова толку сериозно гледал на она што го сторил човекот?
Луѓето имале шест дена за да собираат дрва и за да ги обезбедат своите потреби во врска со храната, облеката и кров над главата. Седмиот ден требало да го посветат на своите духовни потреби. Не било погрешно да се собираат дрва, но погрешно било за таа работа да се користи времето што требало да се одвои за да се обожава Јехова. Иако христијаните не се под Мозаитскиот закон, зарем од овој случај не учиме една лекција за исправното поставување на приоритетите денес? (Филипјаните 1:10, NW).
Откако поминале 40 години во пустината, Израелците се спремале да влезат во Ветената земја. Некои се умориле од јадење на божествено дадената мана во пустината и, без сомнение, со нетрпение очекувале промена во исхраната. За да им помогне да задржат исправно гледиште додека влегувале во земјата „каде што тече мед и млеко“, Јехова ги потсетил: „Човекот не живее само од леб, но човекот живее и од секој збор што излегува од устата на Господа“ (2. Мојсеева 3:8; 5. Мојсеева 8:3).
Израелците морале напорно да работат за ‚медот и млекото‘. Требало да поразат војски, да изградат куќи, да засадат полиња. Сепак, Јехова му заповедал на народот секој ден да одвојува време за да медитира за духовните работи. Исто така, тој морал да одвојува време за да ги поучува своите деца за Божјите патишта. Јехова рекол: „И учете ги синовите свои на нив [за моите заповеди], кажувајте им за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 11:19).
На секој Израелец и прозелит во земјата му било заповедано да се јавува пред Јехова трипати годишно. Увидувајќи дека целото семејство ќе извлече духовна корист од таквите прилики, многу семејни поглавари уредувале да бидат придружувани од сопругата и од децата. Но, кој ќе ги штител нивните домови и полиња од непријателски напад додека семејството било отсутно? Јехова ветил: „Никој нема да ја пожела земјата твоја, ако се јавуваш пред лицето на Господа, твојот Бог, трипати во годината“ (2. Мојсеева 34:24). На Израелците им била потребна вера за да имаат доверба дека, доколку ги ставаат духовните интереси на прво место, нема да изгубат материјално. Дали Јехова се покажал верен на својата реч? Сигурно!
Барајте го најнапред Царството
Исус ги поучил своите следбеници да ги стават духовните вредности пред сѐ друго. Во Проповедта на гората тој ги советувал своите слушатели: „Не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова [неопходните материјални работи] ќе ви се придаде“ (Матеј 6:31, 33). Набрзо после Исусовата смрт новокрстените христијани го следеле тој совет. Многумина од нив биле Евреи или еврејски прозелити кои патувале во Ерусалим заради прослава на празникот Педесетница во 33 н. е. Додека биле таму, се случило нешто неочекувано. Тие ја чуле и ја прифатиле добрата вест за Исус Христос. Желни да научат повеќе за својата новопронајдена вера, тие останале во Ерусалим. Резервите од храна почнале да им се намалуваат, но материјалните удобности имале второстепена важност. Тие го нашле Месијата! Нивните христијански браќа ги споделувале материјалните работи кои ги имале за да можат сите и понатаму да бидат „постојани во учењето апостолско . . . и во молитвите“ (Дела 2:42).
Со текот на времето, некои христијани ја изгубиле од вид потребата од редовно дружење на состаноците (Евреите 10:23—25). Можеби станале материјалистички настроени, занемарувајќи ги духовните работи додека се обидувале да си обезбедат финансиска сигурност за себеси и за своето семејство. Откако ги поттикнал своите браќа да не ги напуштаат состаноците, апостол Павле напишал: „Немојте да бидете среброљупци и задоволувајте се со она, што го имате. Зашто Сам Он рекол: ‚Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам‘“ (Евреите 13:5).
Павловиот совет се покажал многу навремен. Отприлика пет години откако Павле го напишал своето писмо до Евреите, римската војска на Цестиј Гал го опколила Ерусалим. Верните христијани се сетиле на Исусовото предупредување: „Кога ќе видите . . . кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја; и кој е на нива, да не се враќа за да го земе облеклото свое!“ (Марко 13:14—16). Тие знаеле дека преживувањето им зависи не од стабилноста на нивното вработување ниту, пак, од вредноста на материјалните имоти, туку од послушноста на Исусовите упатства. На оние кои се оѕвале на Павловиот совет и ги ставиле духовните интереси на прво место, несомнено, им било полесно да ги остават зад себе домот, работата, облеката и личните работи кои им биле особено драги и да бегаат во планините, отколку на оние кои не се ослободиле од љубовта кон парите.
Како денес некои ги ставаат важните работи на прво место
Верните христијани денес длабоко го ценат редовното дружење со своите браќа и многумина прават жртви за да присуствуваат на состаноците. На некои места, единственото вработување кое е на располагање вклучува работа во смени. Еден брат им нуди замена на своите колеги за сабота навечер — која повеќето луѓе во неговата средина претпочитаат да ја користат за рекреација — доколку тие за возврат ја работат неговата смена во вечерите кога се состаноците. Други браќа кои работат во смени присуствуваат на состаноците во некое блиско собрание ако нивната работа ги спречува да присуствуваат во своето. На тој начин, речиси никогаш не пропуштаат состанок. Една новозаинтересирана жена од Канада брзо ја сфатила важноста на Теократската школа за служба и на Состанокот за служба, но нејзиниот распоред на работа ја спречувал да присуствува. Затоа, таа му плаќала на некој колега да ја работи нејзината смена за да може да биде слободна со цел да присуствува на овие важни состаноци.
Многумина кои страдаат од хронична болест ретко пропуштаат состанок. Кога не можат да бидат присутни во Салата на Царството, тие ја слушаат програмата дома приклучени на телефон или, пак, на касетофон. Тие покажуваат пофално ценење за Јеховините духовни подготовки преку неговиот „верен и разборит роб“! (Матеј 24:45, NW). Христијаните кои преземаат грижа за своите остарени родители навистина ценат кога некој брат или сестра ќе се понуди да остане со родителот за да можат тие да присуствуваат на некој собраниски состанок.
Планирај однапред!
Родителите кои се свесни за сопствените духовни потреби им помагаат на своите деца да ги ценат состаноците. По правило, тие очекуваат од децата да ја завршат домашната работа тогаш кога е зададена наместо да дозволуваат задачите да се натрупаат. Во вечерите кога има состаноци, децата ја завршуваат домашната работа веднаш штом ќе се вратат од училиште. Не се дозволува хобито и другите активности да ги попречат собраниските состаноци.
Како сопруг и татко, дали даваш приоритет на присуството на состаноците? Како сопруга и мајка, дали се обидуваш да ги планираш своите одговорности за да оставиш простор за состаноците? Како тинејџер, дали ја планираш домашната работа според состаноците или, пак, ги планираш состаноците според домашната работа?
Собранискиот состанок е подготовка од Јехова полна со љубов. Треба да се вложат сите напори за да се учествува во тоа уредување. Јехова богато ќе те благослови ако ги ставаш важните работи на прво место!