Посетување на состаноците — сериозна одговорност
1 Колку сериозно го сфаќаш посетувањето на состаноците? Тоа е испитувачко прашање, зар не? Без сомнение, многу од нас сметаат дека ги цениме состаноците. Меѓутоа, извештаите покажуваат дека посетеноста на состаноците во многу собранија во последно време опаднала. Што може да биде причината? Дали некои од нас непотребно дозволуваат световна работа, измореност, домашни обврски, малку послабо здравје или малку полошо време да се вмеша во нашата обврска редовно да присуствуваме на состаноците? (5. Мој. 31:12). Со оглед дека ова е библиско барање, секој од нас треба во молитва да го разгледа прашањето: Колку сериозно го сфаќам јас посетувањето на состаноците?
2 Некои наши браќа со часови пешачат по правливи патишта и минуваат реки полни со крокодили за да присуствуваат на состаноците. Во вашето собрание можеби има верни поединци кои ‚никогаш не изостануваат‘ (НС) и покрај големи здравствени проблеми, телесна неспособност, многу тешка работа на работното место или тешки и обемни домашни задачи за училиште (Лука 2:37). Зошто прават напори да присуствуваат? Затоа што знаат дека само со свои сили не можат да излезат на крај со предизвиците на овој свет полн со притисоци. Мораат да се потпираат на силата што им ја дава Бог (2. Кор. 12:9, 10).
3 Денес го следиме образецот што го оставиле раните христијани кои редовно се состанувале да се молат, да кажуваат искуства и да ја проучуваат Божјата Реч (Дела 4:23-30; 11:4-18; Кол. 4:16). Добиваме поуки за библиски пророштва и доктрини, како и за побожно однесување и христијански морал покрај навремени совети за поправање на нашите животи преку грижливо применување на библиските начела (1. Тим. 4:8). Освен тоа, се потсетуваме на нашата надеж дека еден ден ќе им дојде крајот на проблемите и страдањата. Тоа е неопходно за да се задржи жива оваа надеж (Евр. 6:19).
4 Колку сериозно го сфаќа твоето семејство посетувањето на состаноците? Дали е тоа застапено во вашиот план исто колку што се оброците или световната работа? Во вечерите за состанок, ви се случува ли да се расправате дали да појдете или не, или редовното дружење со вашите браќа во вашето домаќинство е задолжително? Многу објавители го помнат примерот на нивните оддадени родители од времето кога тие растеле. „Една карактеристика на татко ми“, радо се сеќава еден старешина, „беше тоа што секојпат се грижеше семејството да оди на состанок. Ако беше некој болен, еден од нас ќе останеше дома со него, но останатите одеа на состанокот!“
5 Во наредните изданија на Наша служба за Царството, ќе дискутираме за вредноста на секој собраниски состанок со цел да помогнеме да се изгради ценење за овие духовни подготовки. Ако твоето посетување на состаноците може да биде попостојано, сигурни сме дека статиите ќе ти помогнат да сфатиш што пропушташ. Тие ќе содржат корисни потсетници за оние кои ги водат состаноците, како и предлози кои можеме да ги примениме сите ние кога се подготвуваме за нив и учествуваме на нив. Зошто да не седнете како семејство и со молитва да разгледате колку ги посетувате состаноците? Потоа направете ги сите неопходни промени во вашиот план. Редовното посетување на состаноците е битен дел од нашето теократско образование и треба да се сфати навистина многу сериозно.