Нежно да се пасат Јеховините скапоцени овци
СТАРЕШИНИТЕ со напнатост слушале. Патувале околу 50 километри од Ефес до Милет за да добијат инструкции од апостолот Павле. Многу биле жалосни кога дознале дека за последен пат се гледаат со него. Затоа, биле свесни дека тоа што ќе биде речено ќе биде од најголема важност: „Пазете, пак, на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави за епископи, за да ја пасете црквата на Господа и Бога, која ја придоби Он [со крвта на својот сопствен Син, NW]“ (Дела на св. апостоли 20:25, 28, 38).
Павловиот краток осврт на пастирите, без сомнение, на овие ефески старешини им посредувал богатство од информации. Чувањето на овци им било познато од околните села. Познати им биле и многуте извештаи за пастири во Хебрејските списи. А исто така знаеле дека Јехова себе си се споредува со Пастир на својот народ (Исаија 40:10, 11).
Павле за нив зборувал како за „епископи [надгледници NW]“ меѓу „стадо“ и „пастири“ на „црквата [собранието, NW]“. Додека изразот „епископи“ укажува кое е нивното задолжение, зборот „пастир“ образложува на кој начин би требало да го вршат тоа надгледување. Да, надгледниците требало да се грижат за секој член на собранието на истиот љубезен начин како што еден пастир се грижи за своето стадо овци.
Денес, малкумина старешини имале лично искуство во чување на дословни овци. Но, Библијата толку пати укажува на овци и пастири, особено во симболична смисла, што Павловите зборови имаат траен впечаток. И многу може да се научи од записите за пастирите на кои Бог им дал таква предност во древните времиња. Нивните примери, на кои вреди да им се посвети внимание, можат да им помогнат на денешните старешини да увидат кои особини е потребно да ги развијат со цел да го пасат Божјето собрание.
Бестрашниот пастир Давид
Кога размислуваме за пастирите од библиските времиња, најверојатно ќе се сетиме на Давид кој почнал како чувар на овци. Една од првите лекции кои ги учиме од Давидовиот живот е дека положбата на пастир не е истакната. Всушност, кога пророкот Самуел се појавил за да помаже еден од Јесеевите синови за иден цар на Израел, младиот Давид сосема бил превиден. Дури откако Јехова не избрал ниту еден од неговите седуммина постари браќа, го спомнале и Давид кој бил на полето и ги ‚пасел овците‘ (1. Царства 16:10, 11). Меѓутоа, годините кои Давид ги поминал како пастир го подготвиле за тешката задача на пастирење на Израелската нација. „[Јехова] го избра Давида својот слуга, го зеде од овчите стада, . . . за да го пасе народот Негов, Јакова“, вели Псалм 77:70, 71. Во склад со тоа, Давид го напишал прекрасниот и многу познат Псалм 22, кој почнува со зборовите: „Господ [Јехова, NW] е Пастир мој“.
Како Давид така и старешините во христијанското собрание треба да служат како понизни потпастири и да не бараат неприкладна проминенција. Како што апостолот Павле му пишал на Тимотеј, оној кој посегнува по ваквата одговорност на пастирење ‚сака добра работа‘, а не проминенција (1. Тимотеј 3:1).
Иако Давидовата работа како дословен овчар била припроста, понекогаш изискувала голема храброст. На пример, кога еднаш лав, а во друга прилика мечка, грабнале овци од стадото на неговиот татко, Давид смело се соочил со нив и ги убил грабливците (1. Царства 17:34-36). Ова било забележително покажување на храброст ако земеме предвид дека еден лав може да убие далеку поголеми животни од себе, а сириската кафеава мечка, која живеела во Палестина и тежела околу 140 килограми, можела да убие елен само со еден удар на снажната шепа.
Давидовата храбра грижливост за татковите овци е прекрасен пример за пастирите во христијанското собрание. Апостолот Павле ги предупредил ефеските старешини на „лути волци, кои нема да го штедат стадото“ (Дела на св. апостоли 20:29). Во денешно време исто така можат да се појават околности кога пастирите мораат да покажат храброст со цел да го зачуваат духовното добро на Јеховините овци.
По примерот на љубезниот пастир Давид и Прекрасниот Пастир Исус Христос, овците мораат не само храбро да бидат заштитувани, туку и да се постапува со нив со најголема нежност (Јован 10:11). Старешините не би смееле никогаш насилно да постапуваат со стадото, „господарејќи над оние кои се Божје наследство“, бидејќи знаат дека стадото му припаѓа на Јехова (1. Петрово 5:2, 3, NW; Матеј 11:28-30; 20:25-27).
Полагање на сметка
Патријархот Јаков бил уште еден добро познат пастир. Тој се сметал себе си за лично одговорен за секоја поединечна овца која му била доверена на грижа. Тој толку верно се грижел за стадото на неговиот тест Лаван што, после дваесет години служба, Јаков можел да рече: „Овците твои и козите твои не се јаловеа; а овни од твоето стадо не јадев. Што ќе заколеа ѕверовите, не ти го носев, сам го надоместував; од мене го бараше она, што ќе беше загубено дење или ноќе“ (1. Мојсеева 31:38, 39).
Христијанските надгледници покажуваат уште поголема грижа за овците коишто Пастирот на нашите души, Јехова Бог ‚ги придобил со крвта на својот сопствен Син‘ (Дела на св. апостоли 20:28, NW; 1. Петрово 2:25; 5:4). Павле ја нагласил оваа голема одговорност кога ги потсетил еврејските христијани дека мажите кои преземаат водство во собранието „бдеат над вашите души како оние кои ќе положат сметка“ (Евреите 13:17, NW).
Примерот на Јаков исто така покажува дека работата како пастир не е временски ограничена. Тоа е деноноќна работа и честопати е потребна самопожртвуваност. Тој му рекол на Лаван: „Дење ме изнуруваше горештината, а ноќе мрзнев; и сонот ми бегаше од очите“ (1. Мојсеева 31:40).
Ова сигурно е случај и со многу денешни љубезни христијански старешини, како што покажува и следново искуство. Еден брат бил примен на интензивна нега во болница откако се појавиле компликации после биопсија на мозочен тумор. Неговото семејство се погрижило да биде близу него во болницата дење и ноќе. За да ја пружи потребната морална поддршка и охрабрување, еден од месните старешини го прилагодил својот пополнет план за да може секој ден да го посетува болниот човек и неговото семејство. Меѓутоа, поради интензивната болничка рутина при негата, не било секогаш можно да го посетува преку денот. Тоа значело дека старешината често морал да дојде во болницата многу доцна во ноќта. Но, тој радо одел таму секоја ноќ, една по друга. „Сфатив дека морав да го посетувам во време кога за пациентот беше најпогодно, а не во време кога мене ми одговараше“, рекол старешината. Кога братот доволно закрепнал за да биде преместен на друг оддел во болницата, старешината продолжил со неговите секојдневни охрабрувачки посети.
Што научил Мојсеј како пастир
Библијата го опишува Мојсеј како „најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата“ (4. Мојсеева 12:3). Меѓутоа, записот покажува дека тоа не било секогаш случај. Како младич, тој убил Египќанин бидејќи овој удрил еден негов сонародник, Израелец (2. Мојсеева 2:11, 12). Тоа тешко да било постапка на една блага личност! Сепак, Бог подоцна го употребил Мојсеј да води милионска нација низ пустината до Ветената земја. Тогаш, јасно дека на Мојсеј му била потребна понатамошна обука.
Иако Мојсеј добил световна обука во „целата мудрост египетска“, нему му било потребно уште многу за да може да го пасе Јеховиното стадо (Дела на св. апостоли 7:22). Каква била таа понатамошна обука? Па, Бог допуштил Мојсеј 40 години да служи како понизен пастир во Мадијамската земја. Додека се грижел за стадото на својот тест Јотор, Мојсеј развил такви прекрасни особини како што се стрпливост, кроткост, понизност, долготрпеливост, благост на карактерот и самосовладување. Исто така научил да чека на Јехова. Да, грижата за дословни овци го оспособила Мојсеј да биде способен пастир на нацијата Израел (2. Мојсеева 2:15-3:1; Дела на св. апостоли 7:29, 30).
Впрочем, зарем тоа не се особини кои еден старешина треба да ги има за да се грижи за денешниот Божји народ? Да, зашто Павле го потсетил Тимотеј дека „слугата Господов . . . [треба] да биде кроток кон сите, поучлив и незлобив. И со кротост [да ги поучува] оние што се противат“ (2. Тимотеј 2:24, 25).
Можеби ќе се случи некој старешина понекогаш да се разочара од самиот себе бидејќи има потешкотии во потполност да ги развие овие особини. Сепак, не смее да се предаде. Како и со Мојсеј, можеби ќе помине подолго време за целосно да ги развие особините кои се потребни за некој да биде добар пастир. Меѓутоа, со време, таквите искрени напори ќе бидат наградени. (Спореди 1. Петрово 5:10.)
Како старешина, можеби не си употребен толку колку другите. Дали тоа значи, како со Мојсеј, дека Јехова ти допушта уште поцелосно да развиеш одредени важни особини? Никогаш немој да заборавиш дека Јехова ‚се грижи за тебе‘. Но, исто така не смееме да ја заборавиме потребата ‚да се здобиваме со понизност, бидејќи Бог им се противи на горделивите, а на смирените [кротките, NW] им дава благодат‘ (1. Петрово 5:5-7). Ако се понудиш самиот и ја прифатиш обуката која ти ја дава Јехова, можеш уште повеќе да бидеш искористен од него, токму како што бил и Мојсеј.
Сите Јеховини овци се скапоцени
Доверливите, љубезни пастири во библиски времиња имале чувство на одговорност кон секоја поединечна овца. Истото важи и за духовните пастири. Тоа е очигледно од Павловите зборови: „Пазете . . . на целото стадо“ (Дела на св. апостоли 20:28). Кој сѐ спаѓа во „целото стадо“?
Исус дал една споредба за човек кој имал сто овци, но пошол да ја бара загубената за да ја врати назад во стадото (Матеј 18:12-14; Лука 15:3-7). На истиот начин еден надгледник треба да се грижи за секој член на собранието. Неактивност во службата или во посетувањето на христијанските состаноци не значи дека овцата повеќе не е дел од стадото. Таа и понатаму е дел „од целото стадо“ за кое старешините „ќе положат сметка“ (NW) на Јехова.
Едно старешинство било многу загрижено што некои кои биле поврзани со собранието отпловиле во неактивност. Направиле список на таквите поединци и презеле посебни напори за да ги посетат и да им помогнат да се вратат во Јеховиното трло. Колку овие старешини му биле благодарни на Бог кога во период од преку две и пол години можеле да им помогнат на повеќе од 30 лица да станат повторно активни во Јеховината служба. Еден од оние на кои им било помогнато на овој начин бил неактивен скоро 17 години!
Понатаму, тежината на ваквата одговорност им била истакната на надгледниците со податокот дека овците ‚се придобиени со крвта на [Божјиот] сопствен Син‘ (Дела апостолски 20:28, NW). Ниту една повисока цена не би можела некогаш да биде платена за овие скапоцени овци. И размисли само за времето и напорите кои се потрошени во службата за да се пронајде и да му се помогне на секое лице слично на овца! Зарем не би требало да се вложи ист напор за секоја од нив да се задржи во Божјето трло? Сигурно, секоја овца во собранието е драгоцена.
Дури и кога некој член на стадото ќе се вовлече во сериозен престап, одговорноста на старешините не се менува. Тие и понатаму се пастири кои се грижат, кои, доколку е можно, нежно и благо настојуваат да го спасат прекршителот (Галатјаните 6:1, 2). За жал, во некои случаи станува очигледно дека на некој член од собранието му недостасува богобојазливо жалење заради сериозните гревови кои ги направил. Љубезните пастири тогаш имаат библиска одговорност да ги заштитат останатите од стадото од загадувачкото влијание (1. Коринтјаните 5:3-7, 11-13).
Сепак, Јехова Бог ни дава совршен пример како да се прошири милосрдноста над заскитаните овци. Нашиот сочувствителен Пастир вели: „Изгубена ќе најдам и истерана ќе вратам, ранета ќе превијам и болна ќе излекувам“ (Језекиил 34:15, 16; Јеремија 31:10). По примерот на ваквиот ненадминлив пример, направена е љубезна подготовка денешните духовни пастири да ги посетуваат исклучените лица, кои можеби сега ќе одговорат на нивната помош. Овие напори на милосрдност за да оздрави таквата изгубена овца донеле прекрасни резултати. Една сестра која се вратила, рекла: „Кога старешините ми се јавија, тоа беше охрабрувањето кое ми беше потребно за да се вратам назад“.
Без сомнение Павловите зборови до ефеските старешини во Милет биле полни со значење — како за нив, така и за денешните надгледници. Неговиот осврт за пастирите бил потсетник за привлечните особини кои треба да бидат видливи кај надгледниците — особини како што се понизност и храброст, по примерот на пастирот-цар Давид; чувството за лична одговорност и заштитничка нега, евидентна во Јакововата деноноќна служба; и спремност истрајно да се прифати понатамошна обука, како што беше покажано со Мојсеј. Навистина, овие библиски примери ќе им помогнат на собраниските старешини да развиваат и покажуваат потребни особини за да можат нежно ‚да го пасат собранието на Бог, кое тој го придобил со крвта на својот сопствен Син‘ (NW).