ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w05 1/4 стр. 25-28
  • Јехова нека биде твој Бог

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јехова нека биде твој Бог
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Авраам положил „вера во Јехова“
  • Вера како Авраамовата денес
  • Човек според Јеховиното срце
  • Кога ние грешиме
  • „Човек со чувства како нашите“
  • Кога ние се бориме со чувствата
  • Јехова нека биде и твој Бог
  • Добил утеха од својот Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Бил утешен од својот Бог
    Угледајте се на нивната вера
  • Ќе бидеш ли верен како Илија?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1997
  • Дали понекогаш си осамен и уплашен?
    Поучете ги своите деца
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2005
w05 1/4 стр. 25-28

Јехова нека биде твој Бог

ВО БИБЛИСКИ времиња, некои луѓе биле толку блиски со Јехова, што за него се вели дека бил нивни Бог. На пример, во Светото писмо Јехова е опишан како „Авраамовиот Бог“, како „Бог на . . . Давид“ и како „Илиевиот Бог“ (Битие 31:42; 2. Цареви 2:14; 20:5).

Како станале овие луѓе толку блиски со Бог? Што можеме да научиме од нив за и ние да изградиме и да задржиме добар личен однос со Творецот?

Авраам положил „вера во Јехова“

Авраам е првиот човек за кого Библијата вели дека положил вера во Јехова. Верата била главната особина поради која Авраам имал добар однос со Бог. Всушност, Творецот Јехова имал толкава наклоност кон Авраам што подоцна му се претставил на Мојсеј како „Бог Авраамов“ и како Бог на Авраамовиот син Исак и на неговиот внук Јаков (Битие 15:6; Излез 3:6).

Како изградил Авраам таква вера во Бог? Пред сѐ, тој ја градел својата вера на цврст темел. Веројатно бил поучен за Јеховините патишта од Сим, синот на Ное, кој од прва рака видел како Бог спасува. Сим бил жив доказ дека Јехова ‚го сочувал Ное, проповедникот на праведноста, со седуммина други кога донел потоп на свет од безбожни луѓе‘ (2. Петрово 2:5). Можеби Авраам дознал од Сим дека штом еднаш Јехова ќе вети нешто, сигурно ќе го исполни. Како и да е, кога и самиот добил ветување од Бог, Авраам се радувал и го градел својот живот врз цврстото уверување дека Јехова и ќе си го исполни даденото ветување.

Откако ја поставил својата вера на цврст темел, тој ја зајакнал со дела. Апостол Павле напишал: „Со вера Авраам, кога беше повикан, послуша заминувајќи на едно место кое беше одредено да го добие како наследство; и отиде, иако не знаеше каде оди“ (Евреите 11:8). Значи, верата на Авраам била зајакната уште повеќе со тоа што послушно го направил она што Бог го барал од него. Во врска со ова, ученикот Јаков напишал: „Гледаш дека неговата вера дејствуваше заедно со неговите дела и преку неговите дела верата му се усоврши“ (Јаков 2:22).

Освен тоа, Јехова дозволил верата на Авраам да биде испитана за да стане уште поцврста. Павле понатаму вели: „Со вера Авраам, кога беше испитан, така да се каже, го принесе Исак“. Испитите ја прочистуваат и зајакнуваат верата, така што на крајот таа станува „многу повредна од злато“ (Евреите 11:17; 1. Петрово 1:7).

Иако Авраам не доживеал да го види исполнувањето на она што му го ветил Бог, се радувал што видел како и други го следат неговиот пример. Библијата содржи пофални зборови за извонредната вера на неговата жена, Сара, како и на тројца други членови од неговото семејство — Исак, Јаков и Јосиф (Евреите 11:11, 20⁠-22).

Вера како Авраамовата денес

Секој што сака Јехова да биде негов Бог мора да има вера. „Без вера е невозможно да му се угоди [на Бог]“, напишал Павле (Евреите 11:6). Како може еден Божји слуга денес да изгради цврста вера каква што имал Авраам?

Исто како и во случајот на Авраам, и нашата вера мора да биде поставена на цврст темел. Ова најдобро можеме да го направиме така што редовно ќе ја проучуваме Библијата и библиските публикации. Ако ја читаме Библијата и ако длабоко размислуваме за она што го читаме, ќе се увериме дека Божјите ветувања навистина ќе се исполнат. Ова загарантирано очекување ќе нѐ поттикне да правиме промени во нашиот живот. Нашата вера ќе стане уште посилна ако покажуваме послушност и со дела, а во нив спаѓа проповедањето и одењето на христијанските состаноци (Матеј 24:14; 28:19, 20; Евреите 10:24, 25).

Нашата вера сигурно ќе биде испитана, можеби преку противење, тешка болест, смрт на некој близок, или нешто друго. Тоа што ќе му останеме верни на Јехова под испити, ќе го подобри квалитетот на нашата вера и ќе ја направи повредна од злато. Сеедно дали ќе го доживееме исполнувањето на сите Божји ветувања или не, нашата вера ќе нѐ зближи уште повеќе со Јехова. Освен тоа, нашиот пример ќе ги охрабри и другите да имаат вера како нашата (Евреите 13:7). Ова било случај со Ралф, кој ја видел верата на своите родители и се трудел и самиот да изгради таква вера. Тој објаснува:

„Додека живеев дома, татко ми и мајка ми нѐ поттикнуваа сите нас во семејството да стануваме рано наутро за да можеме заедно да ја читаме Библијата. Така ја читавме целата Библија“. Ралф сѐ уште ја чита Библијата секое утро, почнувајќи го денот на еден убав начин. Како дете одел да проповеда со татко му секоја седмица. „Така научив како да правам повторни посети и како да водам домашни библиски студии.“ Ралф сега служи како доброволец во една од подружниците на Јеховините сведоци во Европа. Навистина, верата на неговите родители била наградена!

Човек според Јеховиното срце

Давид, кој се родил 900 години по Авраам, се издвојува како исклучителна личност меѓу Јеховините слуги спомнати во Библијата. Кога Јехова го избрал Давид за иден цар, пророкот Самоил рекол: „Господ си побара [Јехова си најде, NW ] човек според Своето срце“. Јехова и Давид биле толку блиски што подоцна, во еден разговор со царот Езекија, пророкот Исаија го нарекол Јехова ‚Бог на [неговиот] татко Давид‘ (1. Самоил 13:14; 2. Цареви 20:5; Исаија 38:5).

Иако Давид бил човек според Јеховиното срце, имало ситуации кога дозволил да биде совладан од своите желби. Трипати направил сериозни грешки: Дозволил ковчегот на сојузот да биде пренесен на неисправен начин до Ерусалим; извршил прељуба со Витсавеа и го испланирал убиството на нејзиниот маж, Урија; и извршил попис на народот на Израел и Јуда иако Јехова не му заповедал такво нешто. Во сите овие ситуации, Давид го прекршил Божјиот закон (2. Самоил 6:2⁠-10; 11:2⁠-27; 24:1⁠-9).

Сепак, кога бил повикан на одговорност за своите гревови, Давид признал дека згрешил и не ја префрлал вината на други. Признал дека не се погрижил Ковчегот да се пренесе на исправен начин, и додал дека ‚не го барале [Јехова] онака како што треба‘. Кога пророкот Натан ја разоткрил неговата прељуба, Давид рекол: „Згрешив пред Господа!“ А кога сфатил колку било глупаво што го преброил народот, признал: „Многу згрешив дека го направив тоа!“ Давид се покајал за своите гревови и останал близок со Јехова (1. Летописи 15:13; 2. Самоил 12:13; 24:10).

Кога ние грешиме

Ние што се трудиме да го имаме Јехова за свој Бог можеме да бидеме охрабрени од примерот на Давид. Ако еден човек како него, кој толку многу бил во склад со Јеховиното срце, можел да направи такви тешки гревови, тогаш не треба ни ние да паднеме во очај доколку, и покрај тоа што даваме сѐ од себе, некогаш ќе згрешиме, па дури ќе направиме и голем грев (Проповедник 7:20). Можеме да се охрабриме од фактот што кога Давид се покајал, гревовите му биле простени. Вакво нешто му се случило и на Увеa пред неколку години.

Уве служел како старешина во едно собрание на Јеховините сведоци. Но, во една прилика им подлегнал на погрешните желби и на неморалот. Во почетокот, исто како Давид, Уве се обидел да го задржи ова во тајност, надевајќи се дека Јехова ќе замиже пред овој престап. Но, совеста толку многу го измачувала што на крајот му признал што направил на еден друг старешина, и потоа биле преземени чекори за да му се помогне да закрепне од тешката духовна состојба во која се наоѓал.

Уве се покајал за своите гревови и не се оддалечил од Јехова и од собранието. Толку многу ја ценел помошта која ја добил што, по неколку седмици, им напишал писмо на старешините во кое ја изразил својата искрена и длабока благодарност за дадената помош. „Ми помогнавте да го тргнам срамот што му го нанесов на Јеховиното име“, напишал тој. Уве го задржал својот однос со Јехова, и со текот на времето, пак бил наименуван како слуга во истото собрание.

„Човек со чувства како нашите“

Илија, кој живеел еден век по Давид, бил еден од најистакнатите пророци во Израел. Тој бил поборник за вистинското обожавање во време кога насекаде преовладувале расипаност и неморал, и секогаш му останал оддаден на Јехова. Не е ни чудо што неговиот наследник, Елисеј, во една прилика го нарекол Јехова „Илиевиот Бог“! (2. Цареви 2:14).

Сепак, Илија бил само обичен човек. Јаков напишал: „Илија беше човек со чувства како нашите“ (Јаков 5:17). На пример, откако им нанел тежок пораз на обожавателите на Ваал, царицата Језавела му се заканила дека ќе го убие. Како реагирал Илија? Се исплашил и побегнал во пустината. Таму седнал под една смрека и се жалел: „Веќе ми е доста од сѐ, Господи! Земи ја мојата душа, зашто не сум подобар од своите татковци“. Илија не сакал повеќе да биде пророк — наместо тоа, сакал да умре (1. Цареви 19:4).

Но, Јехова покажал разбирање за чувствата на Илија. Го зајакнал и го уверил дека не е сам, бидејќи имало и други што останале лојални на вистинското обожавање. Освен тоа, Јехова сѐ уште имал доверба во Илија и имал уште работа за него (1. Цареви 19:5⁠-18).

Емоционалниот немир на Илија не бил знак дека Јехова веќе не го сака. По околу 1.000 години, кога Исус Христос се преобразил пред Петар, Јаков и Јован, кого го избрал Јехова да се појави во визијата заедно со Исус? Избрал да се појават Мојсеј и Илија (Матеј 17:1⁠-9). Јасно е, во Јеховини очи Илија бил извонреден пример на пророк. Иако Илија бил само „човек со чувства како нашите“, Бог ја ценел неговата напорна работа во обновата на вистинското обожавање и во посветувањето на Неговото име.

Кога ние се бориме со чувствата

Можно е и денес Јеховините слуги одвреме навреме да се чувствуваат обесхрабрени или исплашени. Колку е утешно што знаеме дека и Илија имал исти такви чувства! И колку нѐ охрабрува тоа што знаеме дека Јехова разбира како ни е кога се бориме со чувствата, исто како што разбирал како му било на Илија (Псалм 103:14).

Од една страна, го сакаме Бог и ближниот и копнееме да го вршиме Јеховиното дело така што ќе ја објавуваме добрата вест за Царството. Но, од друга страна, можеби сме разочарани затоа што луѓето не реагираат поволно на нашето проповедање или дури сме исплашени од заканите на оние што му се противат на вистинското обожавање. Сепак, исто како што го опремил Илија да продолжи со делото, Јехова ги опремува и своите слуги денес. Земи го, на пример, случајот на Херберт и Гертруд.

Херберт и Гертруд се крстиле како Јеховини сведоци во 1952 година во Лајпциг, поранешна Демократска Република Германија. Во тоа време, животот на Божјите слуги не бил лесен зашто нивната јавна служба била забранета. Како се чувствувал Херберт кога проповедал од куќа до куќа?

„Понекогаш многу се плашевме. Кога одевме од куќа до куќа, не знаевме во кој момент може да се појави полиција и да нѐ уапси.“ Што му помогнало на Херберт и на другите да го совладаат стравот? „Многу ја проучувавме Библијата, и Јехова ни даде сила да продолжиме да проповедаме.“ Додека ја вршел својата јавна служба, Херберт имал многу искуства што го зајакнале, а некои од нив биле и по малку смешни.

Херберт запознал една средовечна жена која се заинтересирала за Библијата. Кога повторно ја посетил по неколку дена, кај неа имало еден младич што го слушал разговорот. По некоја минута Херберт видел нешто од кое се стаписал. На едно столче во ќошето од собата стоела полицајска капа. Капата била на младичот, кој очигледно бил полицаец. Овој човек бил решен да го уапси Херберт.

„Ти си Јеховин сведок!“ — извикнал тој. „Дај ми ја личната карта.“ Херберт му ја дал. Тогаш се случило нешто неочекувано. Жената се свртела кон полицаецот и со предупредувачки глас му рекла: „Ако му се случи нешто на овој Божји човек, веќе не сакам да те видам во мојата куќа“.

Младичот застанал за момент, му ја вратил личната карта на Херберт и го пуштил да си оди. Подоцна Херберт дознал дека полицаецот ѝ бил дечко на ќерката на таа жена. Очигледно заклучил дека за него е подобро да продолжи да се гледа со девојката отколку да го пријави Херберт.

Јехова нека биде и твој Бог

Што учиме од овие настани? Исто како Авраам, мораме да имаме силна вера во Јеховините ветувања. Како и Давид, секогаш кога ќе згрешиме, треба искрено да се каеме и да го бараме Јехова. И како Илија, во тешки времиња треба да се потпираме на Јехова за сила. Ако правиме така, Јехова може да биде наш Бог сега и за сета вечност, затоа што тој е „жив Бог кој е Спасител на сите видови луѓе, особено на верните“ (1. Тимотеј 4:10).

[Фуснота]

a Името е променето.

[Слики на страница 25]

Послушноста покажана со дела ја зајакнала верата на Авраам

[Слика на страница 26]

Исто како Давид, треба да се каеме кога ќе згрешиме

[Слика на страница 28]

Јехова разбира како се чувствуваме, исто како што разбирал како се чувствува Илија

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели