Пронаоѓање на клучот за братска наклоност
„Принесете кон . . . побожноста братољубивост“ (2. ПЕТРОВО 1:5-7).
1. Која е една од главните причини зошто собирите на Јеховиниот народ претставуваат такви радосни прилики?
ЕДНАШ еден лекар кој не бил Јеховин сведок, присуствувал на промоцијата на неговата ќерка на Библиската школа Гилеад на Watch Tower, каде што добила мисионерска обука. Бил толку импресиониран од радосното мноштво што помислил дека тие луѓе сигурно многу ретко се болни. Што го правело толку среќно ова мноштво? Всушност, што ги прави радосни сите собири на Јеховиниот народ, во собранијата, на покраинските и на обласните состаноци? Зарем тоа не е братската наклоност што тие ја покажуваат еден кон друг? Без сомнение, братската наклоност е една од причините зошто е речено дека ниедна друга религиозна група нема толку многу уживање, среќа и задоволство од религијата како Јеховините сведоци.
2, 3. Кои два грчки збора зборуваат за тоа што треба да чувствуваме едни спрема други и кои се нивните карактеристични обележја?
2 Би требало да очекуваме да видиме таква братска наклоност со оглед на зборовите на апостолот Петар во 1. Петрово 1:22: „Откако ги очистивте душите ваши со послушност на вистината преку Духот, за нелицемерно братољубие, сакајте се еден со друг постојано со чисто срце“. Еден од основните елементи на грчкиот збор што овде се преведува со „братска наклоност“, е фили́а (наклоност). Неговото значење е тесно поврзано со значењето на ага́пе, збор што обично се преведува со „љубов“ (1. Јованово 4:8). Иако братската наклоност и љубовта честопати се користат наизменично, тие имаат специфични карактеристики. Не би требало да го бркаме едното со другото, како што прават многу библиски преведувачи. (Во оваа и во следната статија ќе го разгледаме секој од овие зборови посебно.)
3 Во поглед на разликата помеѓу овие два грчки збора, еден изучувач забележал дека фили́а „дефинитивно претставува збор на срдечност, блискост и наклоност“. Од друга страна, ага́пе повеќе се однесува на умот. Така, иако ни е речено да ги сакаме (ага́пе) нашите непријатели, ние немаме наклоност кон нив. Зошто не? Затоа што „лоши друштва ги расипуваат корисните навики“ (1. Коринтјаните 15:33, НС). Понатаму, дека постои разлика покажуваат зборовите на апостолот Петар: „Принесете . . . кон братољубивоста љубов“ (2. Петрово 1:5-7; спореди Јован 21:15-17).a
Примери на навистина посебна братска наклоност
4. Зошто Исус и Јован имале посебна наклоност еден кон друг?
4 Божјата Реч ни дава голем број извонредни примери на навистина посебна братска наклоност. Оваа посебна наклоност не е резултат на некој каприц, туку се темели на ценењето на истакнати особини. Несомнено најпознат пример е примерот за наклоноста на Исус Христос спрема апостолот Јован. Сигурно дека Исус имал братска наклоност спрема сите негови верни апостоли, и тоа од добри причини (Лука 22:28). Еден начин на кој го покажал тоа било кога им ги измил нозете, и со тоа им дал поука за понизност (Јован 13:3-16). Но Исус имал посебна наклоност кон Јован, што Јован секогаш одново го споменува (Јован 13:23; 19:26; 20:2). Иако Исус имал причина да покажува наклоност кон своите ученици и апостоли, најверојатно Јован му дал на Исус причина да има посебна наклоност кон него поради тоа што подлабоко го ценел Исус. Ова можеме да го видиме од Јовановите списи, како од неговото Евангелие, така и од неговите инспирирани писма. Колку често тој ја споменува љубовта во овие списи! Јовановото поголемо ценење за Исусовите духовни особини се гледа од она што го напишал во Јован, поглавје 1 и 13 до 17, како и од честите осврнувања што ги прави во врска со Исусовото претчовечко постоење (Јован 1:1-3; 3:13; 6:38, 42, 58; 17:5; 18:37).
5. Што може да се рече за посебната наклоност што ја имале еден кон друг Павле и Тимотеј?
5 На сличен начин, не сакаме да ја пренебрегнеме и навистина посебната братска наклоност што ја имале еден кон друг апостолот Павле и неговиот христијански придружник Тимотеј, која, секако, се темелела на меѓусебното ценење на особините. Павловите списи содржат извонредни коментари за Тимотеј, како: „Немам никого еднаков со моите мисли, кој толку искрено би се грижел за вас . . . а неговата исправност ви е позната: тој, како син кон татко, слугуваше заедно со мене при благовествувањето“ (Филипјаните 2:20-22). Во своите писма тој често се осврнува на Тимотеј, што ја открива неговата срдечна наклоност кон Тимотеј. На пример, забележи 1. Тимотеј 6:20: „О Тимотеје, пази го она што ти е предадено“. (Види и 1. Тимотеј 4:12-16; 5:23; 2. Тимотеј 1:5; 3:14, 15.) Споредувањето на Павловите писма до Тимотеј со неговите писма до Тит особено ја подвлекуваат Павловата посебна наклоност кон овој младич. Тимотеј сигурно го чувствувал истото за нивното пријателство, како што може да се забележи од Павловите зборови во 2. Тимотеј 1:3, 4: „Постојано те спомнувам во молитвите свои . . . сеќавајќи се за твоите солзи, копнеам да те видам, за да се исполнам со радост“.
6, 7. Какво взаемно чувство имале Давид и Јонатан, и зошто?
6 И Хебрејските списи пружаат извонредни примери, како оној на Давид и Јонатан. Читаме дека откако Давид го убил Голијат, „душата на Јонатан се приврза до душата негова, и Јонатан го засака како душата своја“ (1. Царства 18:1). Ценењето за Давидовиот пример на ревност кон Јеховиното име и бестрашност кога истапил за да се соочи со џинот Голијат, несомнено го натерале Јонатан да има посебна наклоност кон Давид.
7 Јонатан имал толкава наклоност кон Давид што го ризикувал својот живот бранејќи го Давид од царот Саул. Тој никогаш не порекнал дека Давид бил избран од Јехова да биде следниот цар на Израел (1. Царства 23:17). Давид имал подеднакво длабока наклоност кон Јонатан, што е очигледно од она што го рекол кога ја оплакувал неговата смрт: „Жалам за тебе, брате Јонатане; ти ми беше многу мил; твојата љубов за мене беше поголема од женската љубов“. Навистина, нивниот однос го обележувало длабоко ценење (2. Царства 1:26).
8. Кои две жени покажувале посебна наклоност една кон друга, и зошто?
8 Исто така, во Хебрејските списи имаме извонреден пример за посебна наклоност помеѓу две жени, Ноемина и нејзината овдовена снаа Рут. Сети се на зборовите на Рут до Ноемина: „Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; но каде ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог“ (Рут 1:16). Зарем не треба да заклучиме дека Ноемина со своето однесување и говорење за Јехова ѝ помогнала на Рут да се оѕвие на ваков благодарен начин? (Спореди Лука 6:40.)
Примерот на апостол Павле
9. Што покажува дека Павле бил примерен што се однесува до братската наклоност?
9 Како што видовме, апостолот Павле имал навистина посебна братска наклоност кон Тимотеј. Но тој исто така оставил прекрасен пример во покажувањето на срдечна братска наклоност и кон своите браќа воопшто. На старешините од Ефес им рекол дека ‚цели три години дење и ноќе не престанал со солзи да го поучува секого од нив‘. Срдечна братска наклоност? Во тоа нема сомнение! А тие го чувствувале истото кон Павле. Кога чуле дека повеќе нема да го видат, ‚сите плачеле многу и, гушкајќи го Павла, околу вратот, го целивале‘ (Дела на св. апостоли 20:31, 37). Братска наклоност темелена на ценење? Да! Неговата братска наклоност се гледа и од неговите зборови во 2. Коринтјаните 6:11-13: „Устата наша е отворена за вас, Коринтјани, и срцето наше се раширува. Вам не ви е тесно во нас, но тесно ви е во срцата ваши. За еднаква отплата ви зборувам како на чеда: бидете и вие широки“.
10. Каков недостаток на братска наклоност го натерал Павле да раскаже за своите искушенија во 2. Коринтјаните, поглавје 11?
10 Очигледно, на мнозина коринтјани им недостигала благодарна братска наклоност кон апостолот Павле. Затоа, некои од нив се жалеле: „Во посланијата свои . . . тој е строг и силен, но при личното присуство меѓу нас слаб; проповедта негова ништо не вреди“ (2. Коринтјаните 10:10). Затоа Павле се осврнал на нивните „превозвишени апостоли“ (НС) и бил натеран да зборува за искушенијата што ги издржал, како што е запишано во 2. Коринтјаните 11:5, 22-32.
11. Какво сведоштво постои за Павловата наклоност кон христијаните во Солун?
11 Павловата срдечна наклоност спрема оние на кои им служел особено е видлива од неговите зборови во 1. Солунјаните 2:8: „Така ве бевме засакале, што бевме готови да ви го предадеме не само Благовестието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги“. Всушност, тој имал толкава наклоност кон овие нови браќа што, кога повеќе не можел да чека — толку бил желен да дознае како тие го поднесуваат прогонството — го испратил Тимотеј кој дал убав извештај што многу го освежил Павле (1. Солунјаните 3:1, 2, 6, 7). Добро забележува книгата Insight on the Scriptures: „Помеѓу Павле и оние на коишто им служел постоела блиска врска на братска наклоност“.
Ценењето—клуч за братската наклоност
12. Од кои причини треба да покажуваме срдечна наклоност кон нашите браќа?
12 Без сомнение, клучот за братската наклоност е ценењето. Зарем немаат сите предадени слуги особини кои ги цениме, кои ја привлекуваат нашата наклоност и кои нѐ тераат да ги сакаме? Сите ние најнапред го бараме Божјето Царство и неговата праведност. Сите ние водиме храбра борба против нашите три заеднички непријатела: Сатана и неговите демони, злобниот свет под контрола на Сатана и наследените себични склоности на паднатото тело. Зарем не би требало секогаш да го имаме ставот дека нашите браќа го прават најдоброто што го можат во нивните околности? Секој во светот стои или на страната на Јехова или на страната на Сатана. Нашите предадени браќа и сестри се на Јеховината страна, да, на нашата страна, и затоа ја заслужуваат нашата братска наклоност.
13. Зошто би требало да имаме срдечна наклоност кон старешините?
13 Како е со ценењето на нашите старешини? Зарем не би требало да имаме топло место за нив во нашите срца со оглед на начинот на кој напорно работат за интересите на собранието? Како секој од нас, и тие мораат да се грижат за себе и за своите фамилии. И тие ги имаат истите обврски како сите останати — лично да проучуваат, да присуствуваат на собраниските состаноци и да учествуваат во службата на проповедање. Освен тоа, ја имаат обврската да подготвуваат програмски точки за состаноците, да држат јавни предавања и да се грижат за проблемите што настануваат во собранието, кои понекогаш вклучуваат цели часови на правни сослушувања. Навистина, ние сакаме да ги ‚почитуваме таквите‘ (Филипјаните 2:29).
Покажување на братска наклоност
14. Кои стихови ни заповедаат да покажуваме братска наклоност?
14 За да му угодиме на Јехова, мораме да покажуваме срдечно чувство на братска наклоност кон нашите соверници, исто како што правеле Исус Христос и Павле. Читаме: „Еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов“ (Римјаните 12:10). „За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, оти вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг“ (1. Солунјаните 4:9). „Братољубие нека пребива меѓу вас!“ (Евреите 13:1). Сигурно дека на нашиот небесен Татко му е мило кога покажуваме братска наклоност кон неговите земски деца!
15. Кои се некои начини за покажување братска наклоност?
15 Во апостолски времиња, христијаните обичавале да се поздравуваат со „свет целив“ или „целив на љубов“ (Римјаните 16:16; 1. Петрово 5:14). Навистина израз на братска наклоност! Денес во повеќето делови од Земјата поприкладен израз би била искрена пријателска насмевка и цврсто ракување. Во латинските земји, како Мексико, постои поздравување во вид на прегратка, навистина израз на наклоност. Ваквата срдечна наклоност од страна на овие браќа би можела да биде дел од причината за огромните порасти што се случуваат во нивните земји.
16. Кои прилики за покажување на братска наклоност ги имаме во нашите Царски сали?
16 Кога влегуваме во Царската сала, дали правиме посебен напор да изразиме братска наклоност? Тоа ќе нѐ натера да им кажеме охрабрувачки зборови, особено на оние кои изгледаат потиштени. Речено ни е да ‚ги утешуваме малодушните‘ (1. Солунјаните 5:14). Тоа секако е еден начин на кој можеме да ја соопштиме срдечноста на братската наклоност. Друг извонреден начин е да изразиме ценење за некое извонредно јавно предавање, за програмска точка што била добро обработена, за добриот напор што го вложил некој ученик–говорник во Теократска школа на проповедање, итн.
17. Како еден старешина ја придобил наклоноста на собранието?
17 Како е со поканувањето на различни поединци во нашиот дом на оброк или можеби на закуска после некој состанок, ако не е доцна? Зарем не би требало да нѐ води Исусовиот совет во Лука 14:12-14? Еднаш, еден поранешен мисионер бил наименуван за претседавачки надгледник во едно собрание каде што сите други биле од поинаква раса. Тој почувствувал недостиг на братска наклоност, па затоа решил да ја поправи ситуацијата. Како? Од недела в недела, поканувал различно семејство на оброк. До крајот на годината, сите покажувале искрена братска наклоност кон него.
18. Како можеме да покажеме братска наклоност кон нашите болни браќа и сестри?
18 Кога некој брат или сестра лежи болна, било дома или в болница, братската наклоност ќе нѐ натера да му покажеме на таквиот дека сме заинтересирани за него. Или како е со оние кои живеат во старечки домови? Зошто да не направиш лична посета, да телефонираш или испратиш картичка со изрази на срдечни чувства?
19, 20. Како можеме да покажеме дека нашата братска наклоност се раширила?
19 Кога изразуваме таква братска наклоност, можеме да се запрашаме: ‚Дали мојата братска наклоност е пристрасна? Дали таквите фактори, како што е бојата на кожата, образованието или материјалниот имот, влијаат на моето покажување на братска наклоност? Дали е потребно да се раширам во мојата братска наклоност, како што Павле ги поттикнувал христијаните во Коринт да направат?‘ Братската наклоност ќе нѐ натера на нашите браќа да гледаме позитивно и да ги цениме заради нивните добри страни. Братската наклоност исто така ќе ни помогне да се радуваме кога нашиот брат духовно напредува, наместо да му завидуваме.
20 Братската наклоност би требало исто така да нѐ држи спремни да им помагаме на нашите браќа во службата. Би требало да биде онака како што се изразува една од нашите песни (број 92):
„Слабите поддржувај ги љубезно,
Па и тие ќе говорат храбро.
Малечките никогаш не занемари ги,
Храбри ги и од стравот ослободи ги“.
21. Каква реакција можеме да очекуваме кога покажуваме братска наклоност?
21 Затоа, да не заборавиме дека во изразувањето на братска наклоност важи начелото што го изнел Исус во својата Проповед на гората: „Давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполнета ќе ви дадат в раце; оти со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“ (Лука 6:38). И самите имаме корист кога покажуваме братска наклоност кон оние кои се слуги на Јехова како нас. Навистина се среќни оние кои уживаат да покажуваат братска наклоност!
[Фуснота]
a Види ја следната статија: „Љубов (агапе) — што е таа, а што не е“.
Како би одговорил?
◻ Кои грчки зборови зборуваат за нашите емоции, и по што се карактеризираат тие?
◻ Кој е клучот за братска наклоност?
◻ Кои библиски примери ги имаме за посебен вид на братска наклоност?
◻ Зошто треба да имаме срдечна наклоност кон нашите браќа и кон старешините?
[Слика на страница 15]
Апостолот Петар ги поттикнал браќата на својата вера да ѝ придадат братска наклоност и други христијански особини