Сожители во една обновена „земја“
„А вие ќе се нарекувате свештеници на Господа, — служители на нашиот Бог ќе ве нарекуваат“ (ИСАИЈА 61:6).
1, 2. а) Каква била ситуацијата со прозелитите во Израел? б) Каков дух покажале членовите на ‚големото мноштво‘ во поново време?
ВО СТАРО време, кога бил верен, Израел служел на светската сцена како сведок за Јеховината слава (Исаија 41:8, 9; 43:10). Многу туѓинци се оѕвале и почнале да го обожаваат Јехова заедно со Неговиот избран народ. Всушност, тие му го рекле на Израел она што Рут ѝ го рекла на Ноемина: „Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог“ (Рут 1:16). Се подложиле на условите од сојузот на Законот на тој начин што мажите се обрежувале (2. Мојсеева 12:43-48). Некои жени се омажиле со Израелци. Раав од Јерихон и Моавката Рут станале претци на Исус Христос (Матеј 1:5). Таквите прозелити биле дел од собранието на Израел (5. Мојсеева 23:7, 8).
2 Слично на прозелитите во Израел, денешното „големо мноштво“ му рекло на помазаниот остаток: „Ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас“ (Откровение 7:9; Захарија 8:23). Тие признаваат дека овие помазани христијани се Јеховиниот ‚верен и разумен роб‘ и соработуваат толку блиску со нив што помазаниците и ‚другите овци‘ претставуваат „едно стадо и еден пастир“ (Матеј 24:45-47, НС; Јован 10:16). Што ќе се случи со големото мноштво кога сите нивни помазани браќа ќе ја добијат својата небесна награда? Тоа не треба да се плаши. Во текот на овие ‚последни денови‘, Јехова прави подготовка за тоа време (2. Тимотеј 3:1).
Духовна „земја“
3. Што претставува ‚новото небо‘ кое го прорекол Петар, и кога било воспоставено?
3 Подготовката за небесна влада, од која 144-те илјади помазани христијани ќе бидат дел, била проречена од апостол Петар. Тој рекол: „Според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13). Ова „ново небо“ било воспоставено во 1914 година, кога Христос бил востоличен како Цар на небесното Царство. Но, што е со ‚новата земја‘?
4. а) Каков неочекуван настан се случил во 1919 година? б) Кој бил ‚народот што се родил наеднаш‘, и што претставувала ‚земјата што се родила во еден ден‘?
4 Во 1919 година, Јехова го извел помазаниот остаток од заробеништвото на Големиот Вавилон (Откровение 18:4). За водачите на христијанскиот свет, овој драматичен настан бил потполно неочекуван. Во врска со тоа, Библијата вели: „Кој слушал такво нешто? Кој видел слично на тоа? Никне ли од земјата [Се раѓа ли земја, НС] во еден ден? Се раѓа ли народ наеднаш?“ (Исаија 66:8). Кога помазаното собрание одненадеж се појавило пред народите како ослободен народ, тоа навистина бил народ што ‚се родил наеднаш‘. Но, што била ‚земјата‘? Во извесна смисла, тоа бил духовен еквивалент на земјата на древниот Израел. Тоа било подрачје на делување што му било доделено на новородениот „народ“, место каде што Рајските пророштва од книгата на Исаија имаат современо, духовно исполнување (Исаија 32:16-20; 35:1-7; спореди Евреите 12:12-14). Без разлика каде се наоѓа физички еден христијанин, тој е во таа „земја“.
5. Какво јадро било формирано во 1919 година? Објасни.
5 Каква врска има ова со ‚новата земја‘ што ја прорекол Петар? Па, тој нов „народ“ кој се родил во 1919 година во обновена „земја“, требало да се развие во организација, раширена по целиот свет, која е составена од помазани и непомазани фалители на Јехова. Оваа организација ќе преживее од Армагедон во Божјиот нов свет. На овој начин, тој народ би можел да се смета за јадро на праведното човечко општество, односно новата земја, што ќе постои по уништувањето на Сатановиот свет.a До средината на 1930-тите, помазаниците, како група, биле собрани во обновената земја. Оттогаш, нагласокот бил ставен врз собирањето на големото мноштво од други овци, кое денес брои скоро пет милиони (Откровение 14:15, 16). Дали ‚земјата‘ е пренаселена? Не, нејзините граници можат да бидат проширени толку колку што е потребно (Исаија 26:15). Навистина, возбудливо е да се види како нејзиното население расте додека помазаниот остаток ја исполнува ‚земјата‘ со „плодови“ — здрава, закрепнувачка духовна храна (Исаија 27:6). Но, каква е положбата на овие други овци во обновената „земја“ на Божјиот народ?
Туѓинци кои се активни во ‚земјата‘
6. На кој начин туѓинците биле активни во ‚земјата‘ на Божјиот народ?
6 Исто како што прозелитите во земјата Израел се потчиниле на Мојсеевиот Закон, така и денешното големо мноштво во обновената „земја“ ги слуша Јеховините заповеди. Поучени од своите помазани браќа, тие се воздржуваат од лажното обожавање во сите негови облици и ја почитуваат светоста на крвта (Дела 15:19, 20; Галатјаните 5:19, 20; Колосјаните 3:5). Го љубат Јехова со сето свое срце, ум, душа и сила и го љубат својот ближен како самите себе (Матеј 22:37; Јаков 2:8). Во древниот Израел, прозелитите помагале при градењето на Соломоновиот храм и го поддржале обновувањето на вистинското обожавање (1. Летописи 22:2; 2. Летописи 15:8-14; 30:25). Денес, големото мноштво исто така учествува во изградбата. На пример, тие помагаат во изградбата на собранија и покраини, а да не го спомнуваме преземањето на градежни проекти, како што се Сали на Царството, Конгресни сали и објекти на подружниците.
7. Што се случило во Ерусалим после изгнанството кога немало доволно левити за вршење на храмските служби?
7 Во 537 година пр. н. е., кога Израелците се вратиле од изгнанството во Вавилон, започнале да организираат служба на храмското градилиште. Меѓутоа, левитите кои се вратиле, не биле многу на број. Затоа, на Нетинејците — обрежани странски доселеници кои порано им биле помошници на левитите — им биле дадени поголеми предности во храмската служба. Сепак, тие не биле еднакви со помазаните аронски свештенициb (1. Ездра 7:24; 8:15-20; Неемија 3:22-26).
8, 9. На кој начин другите овци зеле зголемен удел во делото на извршување света служба во текот на последните денови?
8 Денешните помазани христијани го следат овој пример. Како што „последното време“ истекувало, преостанатите помазаници станувале сѐ помалобројни во ‚земјата‘ на Божјиот народ (Даниил 12:9; Откровение 12:17). Со оглед на овој факт, големото мноштво сега го извршува поголемиот дел од делото на принесување „света служба“ (Откровение 7:15, НС). Следејќи го водството на нивните помазани браќа, тие ‚Му принесуваат на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово‘. ‚Не го забораваат доброчинството и милосрдноста [делењето со другите, НС]‘, зашто знаат дека „такви жртви Му се благоугодни на Бога“ (Евреите 13:15, 16).
9 Освен тоа, бидејќи големото мноштво секоја година расте за стотици илјади нови, постои сѐ поголема потреба од надгледување. Едно време тоа го вршеа само помазани христијани. Сега, надгледувањето на повеќето собранија, како и покраини, области и подружници, по потреба им е доверено на другите овци. Во 1992 година, на неколкумина од нив им беше дадена предноста да присуствуваат на состаноците на одборите на Водечкото тело и да служат како помошници, не учествувајќи притоа во донесувањето на конечните одлуки. Па сепак, другите овци им остануваат лојални на нивните помазани сохристијани и се чувствуваат привилегирани што можат да ги поддржуваат нив како Јеховин верен и разумен роб (Матеј 25:34-40).
„Како илјаданачалници“
10, 11. Следејќи го примерот на некои Филистејци, како се промениле во срцето извесни поранешни непријатели на Божјиот народ? Каков бил резултатот?
10 Начинот на којшто верниот и разумен роб ги користи другите овци на одговорни положаи, бил проречен во Захарија 9:6, 7. Таму читаме: „Јас ќе ја уништам гордоста на Филистејците. Ќе ја извлечам крвта од устата нивна, нечистотијата од забите нивни и тие ќе паднат пред нашиот Бог и ќе бидат како илјаданачалници во Јудеја [шеик во Јуда, НС], а Екрон ќе биде како Јевусеј“.c Филистејците биле заколнати непријатели на Јеховиниот народ, како што е и Сатановиот свет денес (1. Јованово 5:19, НС). Исто како што Филистејците на крајот биле истребени како народ, така и овој свет со своите религиозни, политички и комерцијални елементи, наскоро ќе го доживее Јеховиниот уништувачки гнев (Откровение 18:21; 19:19-21).
11 Меѓутоа, според зборовите на Захарија, некои Филистејци се промениле во срцето, што всушност предочувало дека некои денешни световни лица нема да останат во непријателство со Јехова. Тие ќе прекинат со гнасните обичаи и одвратните жртви на религиозното идолопоклонство и ќе се исчистат во Јеховини очи. Во наше време, такви преобразени „Филистејци“ се наоѓаат меѓу големото мноштво.
12. Како во денешно време „Екрон“ станал „како Јевусеј“?
12 Според пророштвото, главниот филистејски град Екрон требало да стане „како Јевусеј“. И Јевусејците некогаш биле непријатели на Израел. Ерусалим се наоѓал во нивни раце сѐ додека Давид не го освоил. Меѓутоа, некои од оние кои ги преживеале војните со Израел, очигледно станале прозелити. Служеле во израелската земја како робови, па дури ја имале и предноста да работат на изградбата на храмот (2. Царства 5:4-9; 2. Летописи 8:1-18). Денес, „Екронците“ кои се свртуваат кон Јеховиното обожавање, исто така имаат предносни служби во ‚земјата‘ што е под надгледувањето на верниот и разумен роб.
13. Кои биле шеиците во старо време?
13 Захарија вели дека Филистеецот ќе биде како шеик во Јуда. Хебрејскиот збор а́луф, преведен со „шеик“, значи „водач на илјада“ (или „хилијарх“). Тоа е многу висок положај. Првобитниот народ Едом очигледно имал само 13 шеици (1. Мојсеева 36:15-19). Зборот „шеик“ не се користи толку често кога се зборува за Израел, но изразот „илјаданачалник (или поглавар)“ се појавува честопати. Кога ги собирал претставниците на израелскиот народ, Мојсеј ги повикувал ‚началниците на Израилевите илјадници‘.d Имало 12-мина од нив кои очигледно му биле подредени само на Мојсеј (4. Мојсеева 1:4-16). Слично на тоа, во војската поглаварите на илјадниците биле веднаш по војсководецот или царот (2. Царства 18:1, 2; 2. Летописи 25:5).
14. На кој начин „Филистеецот“ денес станал како шеик?
14 Захарија не прорекол дека покајничкиот Филистеец навистина ќе биде шеик во Израел. Тоа не би било исправно, затоа што тој не бил роден како природен Израелец. Но, требало да биде како некој шеик кој зазема авторитетен положај што може да се спореди со шеик. А така и било. Додека остатокот од помазани христијани бројно опаѓа, а многумина од преостанатите се ограничени поради старост, добро оспособени други овци, така да се рече, доаѓаат на помош. Тие не сакаат да ги истиснат своите помазани браќа. Но, верниот и разумен роб им го дава потребниот авторитет во ‚земјата‘ за да може Божјата организација да продолжи да напредува на еден организиран начин. Таквиот напреден процес се гледа и од едно друго пророштво.
Свештеници и земјоделци
15. а) Во исполнување на Исаија 61:5, 6, кои се ‚свештениците на Господ‘, и кога тие во потполна смисла ќе служат во ова својство? б) Кои се ‚туѓинците‘ што ја вршат земјоделската работа во Израел, и што опфаќа оваа работа во духовна смисла?
15 Исаија 61:5, 6 гласи: „Ќе дојдат туѓинци, и ќе ги пасат стадата ваши; синовите на туѓинците ќе бидат ваши земјоделци и ваши лозари. А вие ќе се нарекувате свештеници на Господа, — служители на нашиот Бог ќе ве нарекуваат; ќе се користите со имотот на народите и ќе се прославувате со нивната слава“. Денес, ‚свештениците на Господа‘ се помазаните христијани. Во конечна и потполна смисла, тие ќе служат како „свештеници на Господа, — служители на нашиот Бог“ во небесното Царство (Откровение 4:9-11). Кои се „туѓинците“ што се одговорни за земјоделската работа? Тоа се другите овци кои живеат во ‚земјата‘ на Божјиот Израел. Што претставуваат овчарството, земјоделството и лозарството кои им се доверени? Во духовна смисла, овие задачи се однесуваат на помагањето, хранењето и жнеењето на луѓето (Исаија 5:7; Матеј 9:37, 38; 1. Коринтјаните 3:9; 1. Петрово 5:2).
16. На крајот, кој ќе ја извршува сета работа во ‚земјата‘ на Божјиот народ?
16 Моментално, на Земјата се наоѓа еден мал број духовни Израелци кои учествуваат во духовното овчарство, земјоделство и лозарство. На крајот, кога помазаното собрание во целост ќе се обедини со Христос, сето ова дело ќе им биде оставено на другите овци. Дури и човечкото надгледување на ‚земјата‘ тогаш ќе биде во рацете на оспособени други овци, кои во книгата на Језекиил се означени како класа на поглавари (Језекиил, поглавја 45 и 46).e
‚Земјата‘ опстанува
17. Какви подготовки прави Јехова во текот на овие последни денови?
17 Да, големото мноштво не треба да се плаши! Јехова направил обилни подготовки за нив. Најважниот настан на Земјата во текот на овие последни денови е собирањето и запечатувањето на помазаниците (Откровение 7:3). Меѓутоа, додека гледаме како се извршува тоа, Јехова ги довел другите овци во заедница со нив во една обновена духовна земја. Таму се духовно хранети и поучувани за христијанско живеење. Освен тоа, добро се поучени за светата служба, вклучувајќи го и надгледувањето. За тоа му се длабоко благодарни на Јехова и на своите помазани браќа.
18. Низ кои настани другите овци лојално ќе останат во ‚земјата‘ на духовниот Израел?
18 Кога Гог од Магог ќе го преземе својот последен напад врз Божјиот народ, другите овци ќе стојат цврсто со помазаниот остаток во ‚неоградената земја‘. Другите овци сѐ уште ќе бидат во таа „земја“ кога ќе го преживеат уништувањето на народите и ќе влезат во Божјиот нов свет (Језекиил 38:11; 39:12, 13; Даниил 12:1; Откровение 7:9, 14). Ако останат верни, никогаш не ќе мораат да го напуштат тоа прекрасно место (Исаија 11:9).
19, 20. а) На какво величествено надгледување ќе се радуваат жителите на ‚земјата‘ во новиот свет? б) Што очекуваме желно?
19 Со древниот Израел владееле човечки цареви и имало левитски свештеници. Во новиот свет, христијаните ќе имаат далеку повеличествено надгледување. Под Јехова Бог ќе му бидат подложни на големиот Првосвештеник и Цар, Исус Христос, и на 144-те илјади придружни свештеници и цареви — од кои некои порано ги познавале како свои христијански браќа и сестри на Земјата (Откровение 21:1). Верните жители на духовната земја ќе живеат на Земја која ќе биде обновена во дословен рај и ќе се радуваат на оздравувачките благослови што ќе дотечуваат преку Новиот Ерусалим (Исаија 32:1; Откровение 21:2; 22:1, 2).
20 Додека Јеховината грандиозна небесна кола незапирливо се движи кон исполнувањето на своите намери, сите ние горливо очекуваме да го изврши својот доделен дел (Језекиил 1:1-28). Кога тие намери конечно ќе бидат остварени, помисли со каква само радост ќе се слави Јеховиното триумфално посветување! Тогаш сета творба ќе ја пее моќната химна запишана во Откровение 5:13: „На Оној, Кој седи на престолот, и на Агнецот — благослов и чест, слава и владеење во сите векови!“ Сеедно дали нашето место ќе биде на небото или на Земјата, зарем не копнееме да бидеме таму и да ги придружиме нашите гласови во тој величествен хор на фалба?
[Фусноти]
a Види ја книгата “New Heavens and a New Earth” (Ново небо и нова Земја), издадена во 1953 година од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк., страници 322-323.
b За детална дискусија, види ја статијата „Јеховината подготовка, ‚Дадените‘“, во изданието на Стражарска кула од 15 април 1992.
c Види ја книгата Paradise Restored to Mankind—By Theocracy! (Обновен рај за човештвото — преку теократија!), издадена во 1972 година од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк., страници 264-269.
d На хебрејски е ра́шех а́лфех Јисра́ел, а во Септуагинтата е преведено како хили́архои Исрае́л („хилиарси на Израел“).
e Види ја книгата “The Nations Shall Know That I Am Jehovah”—How? (Народите ќе мораат да спознаат дека јас сум Јехова — Како?), издадена во 1971 година од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк., страници 401-407.
Како би одговорил?
◻ Која „земја“ била обновена во 1919 година, и како била наполнета со жители?
◻ На кој начин им биле дадени зголемени одговорности на другите овци во ‚земјата‘ на Божјиот обновен народ?
◻ На кој начин членовите на големото мноштво се „како Јевусеј“? На кој начин се ‚како шеик во Јуда‘?
◻ Колку долго верните други овци ќе останат во ‚земјата‘?
[Слика на страница 23]
Современиот Филистеец ќе биде ‚како шеик во Јуда‘
[Слики на страница 24]
Помазаниците и другите овци служат заедно во духовната земја