Прашања од читателите
Прво Јованово 4:18 ни кажува: „Во љубовта страв нема, а совршената љубов го пади стравот“. Но, Петар напишал: „Браќата сакајте ги, од Бога бојте се“ (1. Петрово 2:17). Како можеме да ги ускладиме овие два стиха?
И Петар и Јован биле апостоли кои директно учеле од самиот Исус Христос. Според тоа, можеме да бидеме сигурни дека она што тие го напишале е во меѓусебен склад. Клучот за овие два стиха, цитирани погоре, е дека двајцата апостоли зборувале за различни видови страв.
Да го разгледаме најпрвин советот на Петар. Како што покажува контекстот, Петар им давал на сохристијаните инспириран совет за нивниот став кон оние кои биле на власт. Со други зборови, тој коментирал за исправното гледиште кон покорноста во одредени подрачја. Така, тој ги советувал христијаните да им бидат покорни на луѓето кои биле на авторитетни позиции во човечките влади, како царевите или гувернерите (1. Петрово 2:13, 14). Продолжувајќи, Петар напишал: „Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, од Бога бојте се, царот почитувајте го!“ (1. Петрово 2:17).
Од контекстот е јасно дека кога Петар рекол христијаните ‚да се бојат од Бог‘, тој мислел да имаме длабоко стравопочитување кон Бог, страв да не го налутиме најголемиот авторитет. (Спореди Евреите 11:7.)
Што е со коментарот на апостол Јован? На почетокот на 4-то поглавје од 1. Јованово, апостолот се осврнал на потребата да се испитуваат „инспирираните изјави“ (НС), како што се оние кои доаѓаат од лажните пророци. Таквите изјави сигурно не потекнуваат од Јехова Бог; тие доаѓаат од злобниот свет или го рефлектираат истиот.
За разлика од тоа, помазаните христијани ‚се од Бога‘ (1. Јованово 4:1-6). Од таа причина, Јован поттикнувал: „Возљубени, да се сакаме еден со друг, оти љубовта е од Бога“. Бог ја презел иницијативата во покажувањето љубов — тој ‚Го пратил Синот Свој, за да ги очисти гревовите наши‘ (1. Јованово 4:7-10). Како би требало да одговориме на тоа?
Несомнено, треба да останеме во единство со нашиот Бог кој е полн со љубов. Не треба да бидеме преплашени од него ниту, пак, да се тресеме при помислата да му се приближиме во молитва. На почетокот Јован советувал: „Возљубени, кога нашето срце не нѐ осудува, тогаш ние имаме слобода пред Бога, и, што и да запросиме, добиваме од Него, бидејќи ги пазиме Неговите заповеди“ (1. Јованово 3:21, 22). Да, чистата совест ни дава слобода да му пристапиме на Бог без да се стаписаме или да бидеме спречени од страв. Се чувствуваме слободни да му се обратиме, односно да му пристапиме на Јехова во молитва, од љубов. Во овој поглед, „во љубовта страв нема“.
Да ги споиме сега двете мисли. Еден христијанин мора секогаш да има стравопочитување кон Јехова, кое произлегува од длабокото ценење на Неговата позиција, моќ и правда. Но, ние исто така го сакаме Бог како наш Татко и чувствуваме блискост и слобода да му пристапиме. Наместо да бидеме спречени од некаков ужасен страв од него, ние веруваме дека можеме да му се приближиме, како што едно дете се чувствува слободно да му се приближи на својот родител кој е полн со љубов (Јаков 4:8).