Европскиот врховен суд го поддржува правото на проповедање во Грција
ЗОШТО еден човек кого соседите го фалат би бил апсен повеќе од шеснаесет пати од 1938? Зошто еден ваков чесен трговец од грчкиот остров Крит би бил доведуван пред грчките судови 18 пати и би лежел в затвор повеќе од шест години? Да, зошто овој вреден семеен човек, Минос Кокинакис, морал да биде одвоен од сопругата и петте деца и да биде испраќан на различни казнени острови?
Законите издадени 1938 и 1939, кои го забрануваат прозелитизмот, се најмногу виновни за тоа. Овие закони ги вовел грчкиот диктатор Јоанис Метаксас кој работел под влијание на грчката православна црква.
Како резултат на оваа легислација, од 1938 до 1992 биле извршени 19.147 апсења на Јеховини сведоци, а судовите наложиле казни во траење од 753 години, од кои 593 биле и издржани. Сето ова поради тоа што Сведоците во Грција, како и на други места, ги следеле налозите на Исус Христос да ‚одат и да ги научат сите народи . . . учејќи ги да пазат сѐ‘ што тој заповеда (Матеј 28:19, 20).
Но, на 25. мај 1993, беше добиена величествена победа во корист на слободата на обожавање! На овој датум, Европскиот суд за човекови права во Страсбур (Франција) го поддржа правото на еден грчки граѓанин да ги поучува другите за своите верувања. Во одлуката, овој Европски врховен суд во голема мерка ја заштити религиозната слобода, што може да има големо влијание врз животите на луѓето насекаде.
Да ги извидиме одблизу настаните, вклучувајќи ги и понижувањата кои ги претрпел само еден грчки граѓанин, а кои довеле до оваа важна судска одлука.
Далеку во минатото
Овој граѓанин, Минос Кокинакис, во 1938 бил првиот Јеховин Сведок обвинет со грчкиот закон дека со прозелитизирањето прави кривичен прекршок. Без да му биде судено, бил испратен во 13-месечно прогонство на егејскиот остров Аморгос. Во 1939 го осудиле на затвор два пати по два и пол месеци.
На островот Милос, Кокинакис го испратиле шест месеци во 1940. Следната година, за време на Втората светска војна, во воениот затвор во Атина бил затворен повеќе од 18 месеци. Во врска со овој период, тој се сеќава:
„Недостигот на храна во затворот одеше од лошо на полошо. Толку ослабевме што дури не можевме да одиме. Ќе умревме ако не добивавме храна од Сведоците од подрачјето на Атина и Пиреј кои ни ја овозможуваа со нивните исцрпени средства.“ Подоцна, во 1947 повторно бил казнет . . . и лежел уште четири и пол месеци в затвор.
Во 1949, Минос Кокинакис бил испратен на островот Макронисос, чие само име создавал во главите на Грците слика на ужас поради затворот кој се наоѓал таму. Од околу 14.000 затвореници кои тогаш биле затворени на Макронисос, околу 40 биле Сведоци. Грчката енциклопедија Papyros Larousse Britannica забележува: „Методите на свирепо мачење, . . . условите за живот, кои се неприфатливи за еден цивилизиран народ, и понижувачкото однесување на стражарите кон затворениците . . . се срам за историјата на Грција“.
Кокинакис, кој во затворот Макронисос поминал една година, ги опишува условите: „Војниците, како инквизиторите, го испрашуваа секој затвореник од утро до вечер. Не може да се опишат тортурите кои ги применуваа. Многу затвореници полудеа; други беа убиени; еден голем број останаа телесно онеспособени. За време на овие ужасни ноќи додека ги слушавме криковите и јачкањата на оние кои ги мачеа, ние, како група, се молевме“.
Откако ги преживеал ужасите на Макронисос, Кокинакис го уапсиле уште шест пати во текот на 1950-ите и одлежал десет месеци в затвор. Во 1960-те бил уапсен уште четири пати и бил осуден на осум месеци затвор. Но, да запомниме, Минос Кокинакис бил само еден од стотиците Јеховини сведоци кои со години по ред биле апсени и затворани затоа што им зборувале на другите за својата вера!
Како се случило ваквата ужасна неправда спрема Јеховините сведоци во Грција, конечно да дојде пред Европскиот суд за човечки права?
Одлучувачкиот случај
Овој случај започнал на 2. март 1986. На овој датум, Минос Кокинакис, пензиониран деловен човек со 77 години, и неговата сопруга дошле дома кај г-ѓа Георгиа Кириакаки во Ситија (Крит). Сопругот на г-ѓа Кириакаки, кој бил кантор во месната православна црква, ја известил полицијата. Полицијата дошла и ги уапсила г-дин и г-ѓа Кокинакис, и ги одвела во месната полициска станица каде биле принудени да ја поминат ноќта.
Какво било обвинението против нив? Истото кое било изнесено против Јеховините сведоци илјадници пати во текот на претходните 50 години, имено, за прозелитизам. Грчкиот устав (1975), член 13, наведува: „Прозелитизмот е забранет“. Понатаму, земи го предвид грчкиот закон, параграф 4, број 1363/1938 и 1672/1939 кој го претвора прозелитизмот во кривичен прекршок. Тој вели:
„Со ‚прозелитизам‘ во основа се мисли на секаков директен или индиректен обид да му се наметнат своите лични религиозни уверувања на лице со поинакво религиозно уверување . . . со цел да се поткопаат тие уверувања преку каков и да е облик на заведување или ветување за истото, преку морална поддршка или материјална помош, или на измамнички начин, односно со искористување на неискусноста на дотичниот, неговата доверба, потреба, ниска интелигенција или наивност.“
Кривичниот суд во Ласити (Крит) слушнал за случајот на 20. март 1986 и ги обвинил г-дин и г-ѓа Кокинакис за прозелитизам. И на двајцата им била изречена казна од четири месеци затвор. Во обвинението за брачната двојка, судот изјавил дека обвинетите им ги наметнувале своите „религиозни верувања на православните христијани . . . така што го искористиле нивното неискуство, ниска интелигенција и наивност“. Понатаму биле обвинети дека ја „поттикнувале [г-ѓа Кириакаки] со помош на својата проникливост, вешти објаснувања . . . да ги сменат нејзините православни христијански верувања“.
За оваа одлука била поднесена жалба до Критскиот апелационен суд. На 17. март 1987, овој Критски суд ја ослободил г-ѓа Кокинакис, но и понатаму го задржал обвинението против нејзиниот сопруг, иако затворската казна му ја намалиле на три месеци. Во пресудата се тврдело дека г-дин Кокинакис „ги искористил неискуството [на г-ѓа Кириакаки], нејзината ниска интелигенција и наивност“. Било речено дека „почнал да чита стихови од Светото Писмо кои тој вешто ги изанализирал на начин на кој христијанката, поради немање на основна поука во науката, не можела да го оспори“.
Еден од судиите за поплаки кој бил со поинакво мислење напишал дека г-дин Кокинакис „треба да биде ослободен затоа што ниту еден доказ не покажува дека Георгија Кириакаки . . . била особено неискусна во православната христијанска наука, бидејќи е мажена за кантор, ниту пак дека била со особено ниска интелигенција или наивност кои обвинетиот можел да ги искористи и . . . на тој начин да ја наведе да стане член на сектата Јеховини сведоци“.
Г-дин Кокинакис го предал случајот на Грчкиот касационен суд, Врховниот суд на Грција. Но, на 22. април 1988, овој суд ја одбил жалбата. Затоа, на 22. август г-дин Кокинакис се жалел пред Европската комисија за човекови права. Неговата жалба конечно била прифатена на 21. февруари 1992 и му била препуштена на Европскиот суд за човекови права.
Аспекти на случајот
Бидејќи Грција е држава членка на Советот на Европа, должна е да ги прифати точките од Европската конвенција за човекови права. Член 9 од конвенцијата гласи: „Секој има право на слобода на мислење, совест и религија; ова право ја вклучува слободата да се смени религијата или уверувањето и слободата, било сам или во заедница со другите, јавно или приватно да ја манифестира својата религија или верување, обожавање, поучување, практикување и обичаи“.
На тој начин грчката влада била обвинета пред Европскиот суд. Била обвинета за директно прекршување на основните човекови права на еден грчки граѓанин да ја практикува својата религија во согласност со заповедта на Исус Христос, имено, ‚да оди и да ги научи сите народи‘ (Матеј 28:19, 20). Понатаму, апостолот Петар рекол: „[Исус] ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме“ (Дела на св. апостоли 10:42).
Специјалното издание за 1992 на списанието Human Rights Without Frontiers (Човекови права без граници) на насловната страница имаше наслов „Грција — свесни кршења на човековите права“. На втората страница списанието објаснува: „Грција е единствената земја на ЕЗ [Европската заедница] и воопшто во Европа која има казнена легислација која допушта да се наложат парични и затворски казни над секој оној кој поттикнува друго лице да ја смени својата религија“.
Поради сето ова, во законските кругови како и надвор од нив, возбудата почнала да расте. Што ќе се одлучи во врска со грчкиот закон кој забранува другите да бидат поучувани според нечии верувања?
Расправа во Страсбур
Конечно, дошол и денот на расправата — 25. ноември 1992. Над Страсбур надвиснале тешки облаци, а мразот стегал, но во судницата адвокатите загреано ги презентирале своите аргументи. За два часа, доказите биле изнесени. Професор Федон Веглерис, бранителот на Кокинакис, дошол до самата суштина на темата со прашањето: „Дали овој ограничен закон, измислен да ги заштити членовите на грчката православна црква од преобратување во други религиозни верувања, треба да постои и да се применува?“
Очевидно возбуден, професор Веглерис прашал: „Се прашувам зошто овој [прозелитскиот] закон го сведува православието на исто рамниште со тапоглавост и незнаење. Отсекогаш се прашував зошто на православието би му требала заштита на тапоглавоста, на некаква духовна некомпетентност . . . Ова е нешто што ме вознемирува и ме изненадува“. Значајно е што владините претставници не можеле да пронајдат ниту еден пример за тоа дека овој закон бил применуван на некој друг освен на Јеховините сведоци.
Вториот бранител на Кокинакис, г-дин Панајотис Бицахис, покажал колку е неразумен прозелитскиот закон. Рекол: „Прифаќање на заемно влијание е услов за дијалог помеѓу возрасни лица. Инаку, ние би биле едно чудно општество од неми животни кои би размислувале но не би се изразувале, кои би зборувале но не би комуницирале, кои би егзистирале но не би коегзистирале“.
Г-дин Бицахис исто аргументирал дека „г-дин Кокинакис бил осуден не ‚за нешто што сторил‘ туку за нешто ‚што всушност е‘“. Затоа, г-дин Бицахис покажал дека не само што биле повредени начелата за религиозна слобода туку всушност биле целосно уништени.
Претставниците на грчката влада се обиделе да претстават слика поинаква од вистинската, тврдејќи дека Грција е „рај за човековите права“.
Одлуката
Долго очекуваниот датум за донесување на одлуката дошол — 25. мај 1993. Со шест против три гласа, судот објавил дека грчката влада ја прекршила религиозната слобода на 84-годишниот Минос Кокинакис. Не само што бил оправдан неговиот животен пат на јавна служба, туку владата му исплатила и отштета од 14.400 долари. Со тоа Судот го отфрлил аргументот на грчката влада дека Кокинакис и Јеховините сведоци употребувале тактика на притисок кога разговарале со другите за своите верувања.
Иако грчкиот устав и архаичниот грчки закон можеби го забранувале прозелитизмот, врховниот суд на Европа утврди дека употребата на овој закон, со кој се прогонувале Јеховините сведоци, е неисправна. Не е во согласност со член 9 од Европската конвенција за човекови права.
Во судската одлука се разјаснува: „Религијата е дел од ‚постојаниот, обновлив проток на човечката мисла‘ и несфатливо е таа да се исклучи од јавна дебата“.
Согласното мислење на еден од деветте судии било: „Прозелитизмот, дефиниран како ‚ревност во ширењето на верата‘ не може да биде казнив како таков; тоа е начин — и самиот совршено во склад со законот — на ‚манифестирање на нечија религија‘“.
„Во овој случај, обвинетиот [г-дин Кокинакис] бил обвинет само затоа што покажал таква ревност, сосем исправна од негова страна.“
Резултатите од одлуката
Јасната одлука на Европскиот суд за човекови права е дека службениците на грчката влада треба да престанат со злоупотребата на законот кој го забранува прозелитизмот. Се надеваме дека Грција ќе остане при одлуката на судот и ќе прекине со прогонството на Јеховините сведоци.
На Јеховините сведоци не им е цел да воведуваат социјални промени или да го реформираат законскиот систем. Нивна основна грижа е да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство како послушност на заповедта на Исус Христос. Меѓутоа, за да го сторат тоа, тие радо ‚ја бранат и законски ја утврдуваат добрата вест‘ како што тоа го правел и апостол Павле во првиот век (Филипјаните 1:7, NW).
Јеховините сведоци се законски слободни граѓани во сите земји во кои живеат. Сепак, пред сѐ се принудени да го слушаат божествениот закон како што е запишан во Светата Библија. Затоа, ако законот на некоја земја им забранува да им зборуваат на другите за нивните верувања темелени на Библијата, тие се принудени да го заземат апостолскиот став: „Повеќе треба да Му се покорувме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела на св. апостоли 5:29).
[Рамка на страница 28]
СВЕШТЕНСТВОТО ПОТТИКНУВА НАТАМОШНИ ПРОГОНСТВА
Обидите на свештенството во Грција да ‚создава неволји под изговор на законот‘ трајат со децении (Псалми 94:20, Ст). На островот Крит неодамна беше решен уште еден случај. Во 1987 еден месен епископ и 13 свештеници обвиниле деветмина Сведоци за прозелитизам. Конечно, на 24. јануари 1992, случајот дошол пред суд.
Судницата била преполна. Околу 35 свештеници се нашле таму да ги поддржат обвиненијата на тужителот. Меѓутоа, повеќето седишта веќе ги зафатиле Сведоците кои дошле да ги храбрат своите христијански браќа. Уште пред да започне вообичаената постапка, бранителот на обвинетите укажал на сериозните законски грешки кои ги направил обвинителот.
На крајот, оние кои биле вклучени во постапката се повлекле за приватен договор. После два и пол часовна консултација, претседателот на судот објавил дека адвокатот на обвинетите имал право. Поради тоа, обвиненијата против деветте Сведоци биле поништени! Пресудил дека треба одново да се направи истрага за да се установи дали обвинетите се виновни за прозелитизам.
Веднаш штом било тоа објавено, во судницата избил пандемониум. Свештениците почнале да се закануваат и да навредуваат. Еден свештеник го нападнал адвокатот на Јеховините сведоци со крстот и се обидел да го натера да го обожава. Морала да интервенира полицијата за Сведоците да можат на крајот мирно да си заминат.
Откако било поништено судењето, јавниот обвинител подготвил ново обвинение против деветмината Сведоци. Судењето било закажано за 30. април 1993, само три недели пред Европскиот суд за човекови права да ја донесе одлуката за случајот Кокинакис. Повторно биле присутни многу свештеници.
Адвокатите на деветмината обвинети поднеле приговор дека тужителите на Сведоците не се присутни на судот. Од брзање да подготви ново обвинение, јавниот обвинител направил сериозна грешка и не им испратил на тужителите позиви за суд. Затоа адвокатите на Сведоците го замолиле судот да го поништи судењето на темел на оваа сериозна грешка.
Поради тоа судиите морале да ја напуштат судницата и да се консултираат скоро еден саат. Откако се вратиле, претседателот на судот со наведната глава објавил дека сите девет Сведоци се невини врз основа на ова обвинение.
Сведоците во Грција се благодарни за исходот на овој случај, како и за одлуката на Европскиот суд за човекови права што беше донесена во случајот Кокинакис на 25. мај годинава. Се молат, како резултат на овие законски победи, да можат да ги поживеат своите животи ‚тихо, мирно и во потполна побожност и чистота‘ (1. Тимотеј 2:1, 2).
[Слика на страница 31]
Минос Кокинакис со својата сопруга