Донесување на светлината во оддалечените подрачја на Боливија
СЕВЕРНО и источно од високите боливиски планини лежат тропските рамници со бујна вегетација. Испресечени се со разбранувани реки кои се кривулат низ џунглите и пампасите. Како изгледа да се проповеда добрата вест за Царството во таквите оддалечени подрачја?
Замисли се себеси во голем кану во форма на издлабено стебло со мотор на задниот дел. Тоа го доживеале шесторица полновремени проповедници од Тринидад, град кој лежи во боливискиот регион Ел Бени. Тие го испланирале ова патување за да можат да сведочат во населбите долж реката кои никогаш порано не биле во допир со ’добрата вест за Царството‘ (Матеј 24:14, НС). Откако се пробиле низ долгите предели од блескавата вода, нивниот чамец почнал да плови по тесната рекичка кон реката Маморе.
Еден од групата раскажува: ”Скоро бевме стигнати до Маморе кога откривме дека задниот дел од потокот беше пресушен. Излегувајќи од чамецот, пропаднавме во кал сѐ до колковите! Мојата жена остана без чевли обидувајќи се да се извлече. Но, со помош на минувачите, можевме да го извлечеме тешкиот кану од калта на поцврсто тло. После два напорни часа стигнавме до реката Маморе.
Полека се возевме низ реката која имаше високи брегови со обилна тропска вегетација. На звукот на моторот, големи желки се слизнаа од трупците што плутаа, додека одвреме-навреме прекрасни делфини се извиткуваа од водата. Нашето прво запирање настапи поради чад од огнот откај брегот кој требаше да ги отстрани инсектите. Откако застанавме меѓу испреплетените гранки, разговаравме со пријателски настроените луѓе за благословите на идното Царство. Од благодарност нѐ натоварија со овошје и јајца.
Како што минуваше денот, и понатаму застанувавме за да посееме уште од семето на вистината. Беше мрак кога стигнавме во Сан Антонио. Селаните веќе си беа легнале. Сепак, бидејќи се рашири веста дека ќе се прикажува филм, почнаа да се палат светилките. Беше доведена запрега за да нашата опрема се префрли во градот. Многу луѓе беа запознаени со Јеховините сведоци, било преку филм или лично.
Следниот ден продолживме да посетуваме нови места. На високите брегови жените переа алишта, па дури и едно бебе, и тоа во огромни оклопи од желки. Никогаш порано не беа ја чуле нашата библиска вест. На едно место една мала риба скокна високо над водата покрај чамецот, а многу паднаа во чамецот. Така, откако им го прикажавме филмот, јадевме пржена риба пред да одиме на спиење. На крајот од патувањето беше оставено многу литература во тоа оддалечено подрачје, а ние бевме задоволни што им помогнавме на многумина за првпат да ја чујат добрата вест. (Спореди Римјаните 15:20, 21, НС.)
Докази за водството од ангелите
Замисли се сега на задача да пронајдеш некое лице во град од 12 000 жители во кој доаѓаш за првпат. Не знаеш скоро ништо за него освен неговото име. Тоа беше предизвикот со кој се соочија двајца полновремени проповедници кои стигнаа во Гвајарамерин, надевајќи се да го пронајдат лицето кое веќе ја проучувало Библијата и ги посетувало состаноците во друг град, но потоа се преселило во овој град. Откако се сместија, двајцата пионери решија да се прошетаат до пазарот, каде имаше многу луѓе кои беа собрани околу масите за јадење или само разговараа. Скоро веднаш некаков човек им пристапи и започна разговор. Го прашаа дали ја познава жената што ја бараат. ”Не“, рече тој, ”но мојата тешта е Јеховин сведок.“ Бидејќи знаеја дека во градот нема Јеховини сведоци, помислија дека човекот можеби се збунил.
Сепак, наредниот ден ја посетија таа постара жена, која поради скршената нога лежеше в кревет. ”Јас сум Јеховин сведок, но сѐ уште не сум крстена“, рече таа. На прашањето кој ја поучувал за вистината, покажа со прст на сликата од својата внука на ѕидот и рече: ”Таа.“ Не можеа да поверуваат! Тоа беше младата жена што ја бараа! ”Зошто вашиот зет рече дека не ја познава?“ прашаа тие. ”Ох, таа сега е мажена, а тој го знае само нејзиното венчано презиме“, одговори таа. Внуката тогаш беше отсутна, но библиската студија беше продолжена со допишување. И каков беше резултатот? И таа и нејзината баба напредуваа до крштение. Нивната куќа служеше како Царска сала за собранието кое растеше. Како полновремен проповедник, младата жена доведе многумина во Јеховината организација.
Проповедање во срцето на тропите
Понатаму, замисли како твојот авион слетува на тревната писта во Сан Жоакин, длабоко во срцето на боливиските тропи. Те обзема незгодно чувство додека размислуваш за таинствената епидемија која пред две години ги однесе животите на една петина од жителите на тој град.
Пионерската двојка која стигна од Тринидад со авион, веќе се увери во гостопримството на луѓето. Сопругот раскажува: ”Еден библиски разговор што го водевме во текот на летото доведе до поканата бесплатно да останеме во една приватна куќа. Нашите домаќини исто така се погрижија за нашата исхрана со мал надоместок, овозможувајќи ни така сето свое време да го поминеме во служба на проповедање. Набргу по пристигнувањето ни беше речено веднаш да се јавиме во военото заповедништво. Кога службеникот слушна дека не сме револуционери туку Јеховини сведоци, покажа необично интересирање и зеде Библија, библиска литература и се претплати на списанијата Стражарска кула и Пробудите се! Оттогаш, скоро сите во градот внимателно го слушаа библиското ветување за совршено здравје во блиска иднина“ (Откровение 21:4).
Четворица полновремени проповедници сакаа од Сан Жоакин да отидат во Сан Рамон, но единственото превозно средство беше воловска запрега. Тие ги употребија кутиите од литературата како седишта. Кутиите набргу се изобличија поради потскокнувањето и силното тресење на покриената кола со високи дрвени тркала. Дури и пилињата кои беа во колата станаа видливо зашеметени.
По десет часа тешко движење низ жбунови, стигнаа до местото кадешто патот не беше ниту означен и тука ги затекна мрак. Возачот ја растревожи групата, велејќи: ”Мислам дека се изгубивме!“ Почнаа да се прашуваат: ”Како можеме да останеме во овој грмушник кој врви од змии и други диви ѕверки?“, кога возачот додаде: ”Но, не грижете се, животните веќе го имаат поминато овој пат.“ Така и беше. За еден час излегоа од грмушникот право во Сан Рамон!
И овде поминаа многу денови најавувајќи им го доаѓањето на Рајот на оние кои никогаш порано не слушнале за тоа. Овде не живееше никој од Сведоците, но сепак се случи нешто што го измени тоа.
Една католичка мисионерка ги следеше Сведоците додека овие одеа од врата до врата. Некако им се вкрстија патиштата и ја најдоа во следната куќа до која дојдоа. Беа изненадени од нејзината љубезност и ѝ ја оставија книгата Вистина која води до вечен живот. Иако самата не беше вистински заинтересирана, ѝ ја даде книгата на својата снаа која ја прочита во еден здив, продолжи да проучува и подоцна стана крстен Сведок.
Напнатост на тропските реки
Сега замисли се себеси на кормилото на речен брод кој плови по опасни и разбранети води. Скриените карпи, наносите од кал и трупци од стебла, како и ненадејното појавување на огромни вирови, се само некои од опасностите. Пирани, електрични јагули и отровни морски риби врват во тие води. Такви беа предизвиците со кои се соочија браќата во Рибералта кои му сведочеа на населението покрај реката во тоа подрачје.
За да стигнат во тие оддалечени места, изградија еден мал брод по име Луз де ла Риос (Светлина на реките). За време на посетата од обласниот и покраинскиот надгледник, решија бродот да тргне на пробна пловидба. Сѐ одеше добро додека покривот не се закачи за една гранка што висеше. Силната струја го сврте бродот кон едно паднато дрво. Како меч, гранката за која се закачија ја проби страната на бродот — и за малку што не беше прободена и жената на обласниот надгледник! Водата навре така што бродот се преврте, а патниците се најдоа во вировитата вода. Освен тоа, обласниот надгледник и неговата жена не знаеја да пливаат! Со помош на оние кои знаеја, стигнаа безбедно до брегот. Меѓутоа, бродот потполно исчезна. По многу денови беше пронајден на пет километри низводно. Сѐ што имаа, вклучувајќи и 20 пакети книги, беше изгубено.
Боливиската морнарица помогна бродот да се отсуче, и после неколку недели поправање, повторно беше спремен да го заврши своето прво патување. Возбудливото патување почна со лошо време и со проблеми на моторот.
На првото место кадешто застанаа, браќата се соочија со група Евангелисти кои се исмејуваа: ”Вашиот мал брод не е дораснат за оваа река!“ Обидот да прикажеме дијапозитиви беше безуспешен поради дефект на генераторот. Враќајќи се повторно на реката, Сведоците слушнаа дека останатите бродови преку звучници биле предупредени за доаѓањето на ”лажните пророци.“ Јасно дека тоа беше дело на Евангелистите. Сепак, тоа само ја зголеми љубопитноста кај луѓето.
Иако таа посета ја оконча лажната пропаганда од вистинските лажни пророци, браќата чувствуваа напнатост бидејќи пред нив стоеше 21-дневно патување до Форталеза.
По патот му сведочеа на поглавицата на едно оддалечено племе; тој слушаше внимателно. Преку библиското излагање на еден пионер, една група луѓе кои тагуваа на една одвоена чистинка, беа утешени со вистинската надеж за мртвите. Еден постар човек со долга бела брада покажа искрено ценење, и побара да се претплати на нашите списанија на десет години! Во Форталеза, 120 луѓе имаа корист од програмата на Заедницата со дијапозитиви.
Колкаво задоволство чувствуваа овие пионери што ја донесоа светлината на вистината во оддалечни подрачја! Навистина, нема посигурен и позадоволувачки начин некој да го употреби својот живот отколку во службата на самиот Творец на животот, Јехова Бог (Псалми 63:3, 4, НС).
[Карта/слики на страница 26]
(Види во публикацијата)
БОЛИВИЈА
Гвајарамерин
Рибералта
Форталеза
Сан Хоакин
Сан Рамон
Тринидад
Сан Антонио