Глава 17
,Имајте усрдна љубов меѓу себе‘
1, 2. а) Што често им остава впечаток на новодојдените на состаноците на Јеховините сведоци? б) Каков друг доказ за оваа особина забележуваат на нашите конгреси?
КОГА некој за првпат ќе дојде на собраниски состанок на Јеховините сведоци, честопати љубовта што таму се покажува му остава длабок впечаток. Тоа го забележува во пријателското дружење и во срдечното добредојде што му е искажано нему лично.
2 Гостите на нашите конгреси, исто така, забележуваат дека однесувањето на најголемиот дел од посетителите е мошне пристојно. Во врска со еден таков конгрес, еден новинар напишал: ‚Никој не е под влијание на дрога или алкохол. Нема викотници или врескање. Нема турканици. Нема буткање. Никој не пцуе и не колне. Нема валкани шеги и расипан јазик. Нема задимен воздух. Нема крадење. Никој не фрла лименки на земја. Тоа е нешто навистина невообичаено‘. Сето ова е доказ на љубов, љубов од таков вид што ‚не прави што е непристојно и не го бара своето‘ (1. Кор. 13:4-8).
3. а) Со текот на времето, што треба да биде видливо во нашето покажување на љубов? в) Додека го имитираме Христос, каков вид љубов треба да негуваме?
3 Љубовта е особина која го идентификува вистинскиот христијанин (Јован 13:35). Како што духовно растеме, така мораме да ја покажуваме во сѐ поголема мера. Апостолот Павле молел љубовта на неговите браќа „сѐ повеќе и повеќе да изобилува“ (Фил. 1:9; 1. Сол. 3:12). На сличен начин Петар ги поттикнувал сохристијаните да допуштат нивната љубов да го опфаќа „целото братство“ (1. Петр. 2:17, NW). Љубовта која ја имаме треба да нѐ мотивира да направиме повеќе отколку само да посетуваме состаноци со луѓе за кои правиме мали напори лично да ги запознаеме. Тоа мора да влучува повеќе од едно љубезно „Здраво“ кажано одвреме–навреме. Апостол Јован покажал дека љубовта треба да биде самопожртвувана кога напишал: „Љубовта ја познавме по тоа, што Он [Божјиот Син] ја положи за нас душата Своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата“ (1. Јов. 3:16; Јован 15:12, 13). Ние сѐ уште не сме го сториле тоа. Но, дали навистина би го дале својот живот за нашите браќа? Впрочем, во колкава мера даваме сѐ од себе за да им помогнеме сега, дури и кога тоа можеби не е лесно?
4. а) На кои други начини ќе откриеме дека можеме во уште поголема мера да искажуваме љубов? б) Зошто е животоважно да имаме усрдна љубов еден кон друг?
4 Покрај делата кои одразуваат самопожртвуван дух, исто така е важно да имаме искрени, срдечни чувства спрема нашите браќа. Божјата Реч нѐ поттикнува: „Еден спрема друг бидете љубезни [имајте нежна наклоност, NW] со братска љубов“ (Рим. 12:10). Сите ние го чувствуваме тоа кон некои лица. Можеме ли да вклучиме повеќемина во групата кон кои чувствуваме таква наклоност? Додека се приближува крајот на стариот систем, животоважно е за нас да стануваме сѐ поблиски со нашите христијански браќа. Библијата нѐ предупредува за ова кога вели: „Близу е крајот на сѐ. . . . А пред сѐ, имајте постојана [усрдна, NW] љубов меѓу себе; оти љубовта покрива многу гревови“ (1. Петр. 4:7, 8).
5. Зошто би било погрешно да очекуваме да не настануваат проблеми меѓу членовите на собранието?
5 Секако, сѐ додека сме несовршени ќе постојат моменти кога ќе сториме нешто што ќе ги навреди другите. И тие, исто така, на различни начини ќе ни погрешат нам (1. Јов. 1:8). Ако се најдеш во таква ситуација, што треба да сториш?
Што да се стори кога ќе настанат проблеми
6. а) Зошто библискиот совет можеби нема секогаш да се согласува со нашите склоности? б) Но, кој ќе биде резултатот ако го примениме?
6 Писмата ни ги пружаат потребните упатства. Но, она што тие го советуваат може да не се совпаѓа со она што ние, како несовршени луѓе, сме склони да го направиме (Рим. 7:21-23). Без разлика, ако сериозно се трудиме да ги следиме советите од Писмата, тоа ќе пружи доказ дека имаме искрена желба да му угодиме на Јехова, а тоа, исто така, ќе ја продлабочи нашата љубов кон другите.
7. а) Ако некој нѐ повреди, зошто не треба да му враќаме? б) Зошто братот кој нѐ навредил не треба едноставно да го избегнуваме?
7 Понекогаш, кога се повредени, луѓето бараат начини да му вратат на оној што ги навредил. Но, тоа само ја влошува ситуацијата. Ако е потребна отштета, тоа треба да му го оставиме на Бог (Изр. 24:29; Рим. 12:17-21). Некои можеби се обидуваат да го исфрлат од својот живот оној што ги навредил, избегнувајќи да контактираат со него. Но, ние не можеме да им го направиме тоа на соверниците. Дали нашето обожавање ќе биде прифатливо делумно зависи од нашата љубов кон браќата (1. Јов. 4:20). Можеме ли чесно да речеме дека го сакаме некого со кого не зборуваме или чие присуство ни пречи? Треба да се фатиме во костец со проблемот и да го решиме. Како?
8, 9. а) Ако навистина имаме причина да се пожалиме од некој брат, што би било исправно да направиме? б) Но, што ако тој повеќе пати ни греши? в) Зошто треба проблемите да ги решаваме на таков начин, и што ќе ни помогне во тоа?
8 Во врска со ова прашање, апостол Павле напишал: „Трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос [Јехова, NW] ви прости, така и вие направете“ (Кол. 3:13). Можеш ли да го сториш тоа? Што ако лицето повеќепати ти греши на различни начини?
9 Апостол Петар го имал истото прашање, па предложил да се обиде да му прости на братот можеби до седум пати. Исус одговорил: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум“. Но, зошто? Исус објаснил со една илустрација која ја истакнува неизмерноста на нашиот долг спрема Бог во споредба со она што може да ни го должи некој човек (Мат. 18:21-35). Секојдневно, на Бог му грешиме на разни начини — понекогаш преку себични постапки, често преку она што го кажуваме или мислиме, како и со пропустот да го правиме она што е исправно. Во нашето незнаење може дури и да не сфатиме дека нешто од она што го правиме е погрешно, или во брзото темпо на животот не размислуваме доволно сериозно за таа работа. Бог може да го бара нашиот живот како наплата на нашите гревови (Рим. 6:23). Но тој и понатаму е милосрден кон нас (Пс. 102:10-14). Според тоа, воопшто не е неразумно ако од нас бара да постапуваме на сличен начин еден со друг (Мат. 6:14, 15; Еф. 4:1-3). Кога го правиме тоа наместо да држиме лутина, пружаме доказ дека сме се здобиле со видот на љубов која „не ја става во сметка навредата“ (1. Кор. 13:4, 5, NW; 1. Петр. 3:8, 9).
10. Што треба да направиме ако некој брат има нешто против нас?
10 Може да наидат моменти кога уочуваме дека, и покрај тоа што немаме нељубезни чувства кон братот, тој има нешто против нас. Што да сториме тогаш? Без одлагање мораме да поразговараме со него и да настојуваме да ги обновиме мирољубивите односи. Библијата нѐ поттикнува да преземеме иницијатива (Мат. 5:23, 24). Тоа можеби нема да биде лесно; потребни се љубов и понизност. Дали тие особини кај тебе се доволно јаки за да го сториш она што го советува Библијата? Ова е една важна цел кон која треба да се работи.
11. Што би требало да сториме доколку братот прави нешто што нѐ вознемирува?
11 Од друга страна, може да се случи некој да прави нешто што те вознемирува тебе — а можеби и другите. Зарем не би било добро некој да разговара со него? Можеби. Ако ти лично сакаш да му го објасниш проблемот на љубезен начин, тоа може да донесе добри резултати. Но, прво мора да се прашаш: ‚Дали она што го прави е навистина небиблиско? Или претставува проблем најмногу заради тоа што моето минато и воспитување се разликува од неговото?‘ Ако е така, внимавај да не поставуваш свои мерила, а потоа да судиш според нив (Јак. 4:11, 12). Јехова непристрасно прифаќа лица со секакво минато и е стрплив со нив додека тие растат духовно.
12. а) Ако се случи некое големо злодело во собранието, кој презема грижа? б) Под кои околности оној, на кого му е згрешено има одговорност да настапи прв? Со каква цел?
12 Меѓутоа, ако некој од собранието се вовлекол во големо злодело, ќе биде потребно веднаш да се обрне внимание на таа работа. Сепак, кој мора да го стори тоа? Обично старешините. Меѓутоа, ако тоа вклучува некоја деловна зделка меѓу браќа, или пак можеби злоупотреба на јазикот на начин кој сериозно му наштетува на некого, тогаш оној на кого му е згрешено треба прв да настојува да му помогне на престапникот. За некого тоа можеби изгледа тешко. Но така нѐ советувал Исус во Матеј 18:15-17. Љубовта кон братот и сесрдната желба да го задржиме како брат ќе ни помогне тоа да го направиме на начин со кој, ако е можно, ќе го достигнеме срцето на престапникот (Изрек. 16:23).
13. Кога ќе се појави проблем помеѓу нас и друг брат, што ќе ни помогне исправно да гледаме на проблемот?
13 Кога ќе се појави проблем, сеедно дали е голем или мал, од голема помош е ако настојуваме да разбереме како Јехова гледа на него. Тој не одобрува ниеден вид на грев, а сепак ги гледа кај секого од нас. Во негово одредено време непокајничките грешници ќе бидат исчистени од неговата организација. Но, што ќе биде со останатите од нас? Спрема сите нас тој покажува долготрпеливост и милост. Тој ни дава пример што треба да го имитираме. Ако го правиме тоа, ја одразуваме неговата љубов (Еф. 5:1, 2).
Барај можности да се ,рашириш‘
14. а) Зошто Павле ги охрабрил Коринтјаните да ‚се рашират‘? б) Како наведените стихови укажуваат дека сите ние правиме добро ако размислуваме за ова?
14 Апостолот Павле поминал многу месеци изградувајќи го собранието во Коринт (Грција). Напорно работел за да им помогне на тамошните браќа кои ги сакал. Но, на некои од нив им недостасувала срдечност во чувствата што ги имале кон него. Биле мошне критизерски настроени. Тој ги поттикнувал да се ‚рашират‘ во покажувањето на наклоност (2. Кор. 6:11-13; 12:15). Сите ние ќе направиме добро ако еднаш размислиме во која мера покажувме љубов кон другите и ако бараме начини да се ‚рашириме‘ (1. Јов. 3:14; 1. Кор. 13:3).
15. Што ќе ни помогне да растеме во љубовта, особено кон оние кон кои не сме посебно привлечени?
15 Има ли некој во собранието за кого сметаме дека е тешко да му се приближиме? Ако правиме сѐ што е во наша можност да поминеме преку секоја незначителна погрешка, како што би сакале и другите да постапуваат со нас, тоа ќе придинесе нашите меѓусебни односи да станат посрдечни (Изр. 17:9; 19:11). Она што ние го чувствуваме кон нашите браќа и сестри може да стане поблагородно ако ги бараме нивните добри особини. Дали навистина сме обрнале внимание на начинот на кој Јехова ги употребува овие браќа? Тоа сигурно ќе предизвика да порасне нашата љубов кон нив (Лука 6:32, 33, 36).
16. Практично, како можеме да се ‚рашириме‘ во покажување на љубов кон другите од нашето собрание?
16 Се разбира, постојат граници до кои можеме да направиме нешто за другите. Можеби нема да бидеме во состојба да го поздравиме секого на секој состанок, или да го вклучиме секого кога поканувме пријатели на оброк. Секој од нас има свои блиски пријатели со кои поминува повеќе време отколку со другите. Но, дали можеме да се ‚рашириме‘? Можеме ли еднаш неделно да поминеме барем неколку минути со секого за подобро да се запознаеме, со некој од нашето собрание кој не ни е близок пријател? Можеме ли повремено да поканиме некој од нив да појде со нас во служба на проповедање? Ако навистина имаме усрдна љубов еден кон друг, сигурно ќе најдеме начини тоа и да го покажеме.
17. Кога сме со браќа кои не ги познаваме, што ќе покаже дали и кон нив имаме усрдна љубов?
17 Христијанските конгреси пружаат одлични прилики да се ‚рашириме‘ во нашата љубов. Таму се собираат илјадници, и секако, не можеме да ги запознаеме сите нив. Но можеме да се однесуваме на начин кој покажува дека нивното добро го ставаме пред нашата лична удобност, дури и ако не сме ги сретнале никогаш порано. Ќе можеме да покажеме личен интерес на паузите така што ќе преземеме иницијатива да се запознаеме со некои од оние што се околу нас. Еден ден сите кои живеат на Земјата ќе бидат браќа и сестри, обединети во обожавањето на нашиот заеднички Бог и Татко. Каква радост ќе биде да ги запознаеме сите нив, со нивните многубројни и различни особини! Усрдната љубов кон нив ќе нѐ наведе да сакаме да го сториме тоа. Зошто уште сега да не започнеме со тоа?
За повторување
● Како треба да се решаваат проблемите кои се појавуваат меѓу браќата или сестрите? Зошто?
● На кои начини треба да расте и нашата љубов додека растеме духовно?
● Како можеме да покажуваме усрдна љубов и кон другите, а не само кон оние кои се дел од нашиот круг на пријатели?