Јеховините сведоци — вистински евангелизатори
1 Одговорноста да евангелизираат Исус Христос им ја дал на сите свои ученици, специфично упатувајќи ги да ја проповедаат добрата вест за Царството (Мат. 24:14; Дела 10:42). Неговите рани ученици поставиле образец за тоа додека зборувале за Царството без попуштање — не само на местата на обожавање туку и секаде каде што среќавале луѓе, во јавноста и одејќи од куќа до куќа (Дела 5:42; 20:20). Како Јеховини сведоци денес, ние сме се докажале дека сме вистински христијански евангелизатори, проповедајќи ја пораката за Царството во 232 земји и крштавајќи преку еден милион нови ученици — и тоа само во последниве три години! Зошто нашето евангелизаторско дело е толку успешно?
2 Добрата вест нѐ возбудува: Евангелизатори се проповедници, или гласници на добрата вест. Како такви, ние ја имаме возбудливата предност да го објавуваме Јеховиното Царство — единствената вистинска добра вест што може да му се понуди на унесреќеното човештво. Одушевени сме од однапред стекнатото спознание за новите небеса кои праведно ќе владеат над новата земја која ќе биде составена од верното човештво во претстојниот Рај (2. Петр. 3:13, 17). Ние сме единствените кои сме ја прегрнале оваа надеж и желни сме да ја споделиме со другите.
3 Вистинската љубов нѐ мотивира: Евангелизирањето е животоспасувачко дело (Рим. 1:16). Поради тоа доживуваме голема радост при ширењето на пораката за Царството. Како вистински евангелизатори ги љубиме луѓето и тоа нѐ покренува да ја споделуваме добрата вест со нив — со нашите семејства, соседи, познаници и со колку што е можно многу други. Вршењето на ова дело со сета душа е еден од најдобрите изрази на нашата вистинска љубов што можеме да го направиме кон другите (1. Сол. 2:8).
4 Божјиот дух нѐ поддржува: Божјата Реч нѐ уверува дека, кога го вршиме нашето дело на садење и залевање на семето на Царството, Јехова е тој кој „прави да израсте“. Тоа е токму она што гледаме дека се случува во нашата организација денес (1. Кор. 3:5—7). Божјиот дух е тој кој нѐ поддржува во нашата активност на евангелизирање и кој ни дава голем успех (Јоил 2:28, 29).
5 Со оглед на охрабрувањето во 2. Тимотеј 4:5 — да ‚направиме дело достојно на евангелист‘ и, поради нашата љубов кон сите луѓе, да бидеме мотивирани да ја споделуваме возбудливата добра вест за Царството во секоја прилика, сигурни дека Јехова ќе продолжи да го благословува нашето дело.