Деца — вие сте наша радост!
1 Млади момчиња и девојчиња, дали сте запознати со Јеховината заповед вие да бидете вклучени во активностите на собранието? (5. Мој. 31:12; Псал. 126:3). Радост е што ве имаме вас покрај нас додека заедно го обожаваме Јехова! Вие ги греете нашите срца кога мирно седите на состаноците и грижливо слушате. Особено сме среќни кога се обидувате да коментирате со свои сопствени зборови. Целото собрание се восхитува кога ги презентирате доделените делови во Теократската школа за служба, кога желно нѐ придружувате во службата на теренот и кога слушаме дека смело им сведочите на вашите соученици и учители (Псал. 148:12, 13).
2 Сакаме да знаете дека ние се гордееме со вас кога ги гледаме вашите добри манири, вашиот уреден изглед, вашето чисто однесување и вашето почитување кон возрасните. Нашата радост особено е голема кога покажувате дека ‚си спомнувате за својот Творец‘ поставувајќи си теократски цели (Проп. 12:1; Псал. 110:3, NW).
3 Кажете ни ги вашите цели: Едно осумгодишно момче, на еден обласен надгледник му рекло: ‚Првин би сакал да се крстам, потоа би сакал да помагам во собранието служејќи на разгласот и управувањето со микрофоните, да бидам редар, да помагам на литература, да читам на студиите на книга и на Студиите на Стражарска кула. Потоа, би сакал да бидам слуга помошник, а после тоа старешина. Исто така, би сакал да бидам пионер и да одам во пионерската школа. Потоа, би сакал да одам во Бетел, да бидам покраински надгледник или обласен надгледник‘. Колку само убаво ценење покажало тоа за предноста да му се служи на Бог!
4 Додека вие напредувате физички и духовно, ние се радуваме да гледаме како ги достигнувате вашите цели. (Спореди Лука 2:52.) Секоја година, илјадници од вас стануваат некрстени објавители и потоа се квалификуваат за крштавање како предадени слуги на Јехова. Нашата радост расте кога, како следно, ве гледаме како посегнувате кон помошната пионерска служба, па дури стапувате и во полновремена служба. Навистина, деца, вие сте нашата радост и прекрасен извор на фалба на нашиот небесен Татко. Нека Јехова богато ве благослови! (Изр. 23:24, 25).