Извлековме корист од конгресите „Божјиот пат на живот“
1 Пред само неколку месеци правевме планови да присуствуваме на обласните и меѓународни конгреси за 1998 „Божјиот пат на живот“. Сега тие веќе се незаборавни настани во теократската историја на организацијата. Целосно уживавме во богатата духовна храна што ја добивме на тие извонредни собири.
2 Меѓународниот аспект на овогодишните конгреси навистина беше восхитувачки. Без оглед на тоа дали онаму каде што присуствувавме имаше или немаше мисионери и други делегати од странски земји, сите слушнавме убави искуства во петокот попладне во делот со наслов „Служба на мисионерското поле“. Секојдневните „Извештаи за напредокот на жетвеното дело“ од целиот свет беа многу охрабрувачки.
3 Прекрасни нови изданија: Последниот говор во петокот одговори на едно прашање што го поставиле безброј луѓе кои не ја знаат вистината: „Постои ли живот после смртта?“ Тоа многу интересно предавање заврши со објавувањето на една нова брошура: Што ни се случува кога ќе умреме? Несомнено, досега сме ја прочитале и можеме да увидиме колку ќе биде скапоцена во помагањето на луѓето да ја сфатат вистината за состојбата на мртвите, како и во утешувањето на ужалените со надежта во воскресение.
4 Програмата од сабота попладне заврши со говорот „Творецот — неговата личност и неговите патишта“. Тој логично нѐ водеше до заклучокот дека мора да постои Творец. За да ни овозможи да им помагаме на другите да го сфатат тој факт, излезе книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? Иако таа ја зајакнува нашата вера во Јехова и нашето ценење за неговата личност и неговите патишта, книгата е наменета посебно за оние кои, иако се високо образовани во световните работи, можеби не веруваат во Бог.
5 Срдечна резолуција: Последниот говор на конгресот ја нагласи потребата сите ние да „Продолжиме да одиме по Јеховиниот пат“. Колку само беше соодветно тоа што ја објавивме оваа резолуција за нашата поединечна одлучност секогаш да се придржуваме, да ја застапуваме и да ја унапредуваме супериорноста на Божјиот пат на живот! (Иса. 30:21). Сега мораме да бидеме одлучни да живееме во склад со овие одлуки. Колку само добра духовна поткрепа добивме со тоа што присуствувавме на конгресот „Божјиот пат на живот“!