Бидете со здрави мисли додека крајот се приближува
1 Божјата реч постојано го опишува Јеховиниот ден дека доаѓа „како крадец“ — односно ненадејно, одеднаш, потајно (1. Сол. 5:2; Мат. 24:43; 2. Петр. 3:10; Откр. 3:3, 16:15). „Затоа“, рекол Исус, „покажете се подготвени, зашто Синот човечки доаѓа во час кога не ни мислите“ (Мат. 24:44). Како можеме да ја задржиме нашата духовна будност додека крајот се приближува? Клучот се наоѓа во инспирираниот совет: „Бидете со здрави мисли“ (1. Петр. 4:7).
2 Здравите мисли вклучуваат да се гледа на работите од Јеховина гледна точка (Ефеш. 5:17). Тие ни помагаат да гледаме на себеси како на „странци и привремени жители“ во сегашниов систем на работи (1. Петр. 2:11). Нѐ оспособуваат да увидиме што е навистина важно, да поставуваме приоритети и да донесуваме добри одлуки (Фил. 1:10).
3 Постави духовни цели: Поставувањето и постигнувањето духовни цели ни помага да бидеме со здрави мисли. Имаш ли духовни цели кон кои се стремиш во моментов? Настојуваш ли да ја читаш Библијата секој ден, да присуствуваш на сите христијански состаноци, да го прочиташ секое издание на Стражарска кула и Разбудете се! или можеби да го зголемиш својот удел во службата? Ако си поставиш цели што одговараат за тебе, ако истраеш во тоа да ги постигнеш и ако го молиш Јехова да ги благослови твоите напори, можеби ќе бидеш изненаден од резултатите.
4 Еден старешина прашал еден млад брачен пар за нивните духовни цели. Прашањето ги натерало да сфатат дека ако го поедностават животот и ако го отстранат тешкиот долг, ќе можат да пионерат. Одлучиле ова да го направат своја цел. Марливо го исплатиле долгот и изнашле начини да ги скратат непотребните активности што им ги исцрпувале времето и енергијата. По точно една година, ја постигнале својата цел. Со каков резултат? Сопругот вели: „Без цели немаше да бидеме таму каде што сме сега. Посреќни сме. Нашиот живот е помирен и подобар. Има вистинска смисла и цел“.
5 Додека го чекаме Јеховиниот ден, да ја задржиме нашата духовна будност така што ќе живееме со здрави мисли, сосредоточувајќи се на вршењето на Божјата волја (Тит 2:11—13).