Доверена ни е добрата вест
1 Колкава само привилегија имаме што ни е доверена добрата вест за Бог! (1. Сол. 2:4). Иако некои можеби ќе ја одбијат оваа моќна порака, оние со искрени срца се привлечени кон неа како кон некој прекрасен мирис (2. Кор. 2:14—16). За оние што ја прифаќаат и што се послушни на добрата вест, тоа значи спасение (2. Сол. 1:8). Како треба да се грижиме за оваа вест што ни е доверена?
2 Исус и апостолите: Исус го ставил проповедањето на добрата вест на прво место (Лука 4:18, 43). Дури и кога бил уморен и гладен, неговата љубов кон луѓето и неговото ценење за пораката го поттикнале да ја споделува со другите (Мар. 6:30—34). Со збор и со пример тој ја врежал во умот на своите ученици важноста на делото на проповедање на Царството (Мат. 28:18—20; Мар. 13:10).
3 Имитирајќи го Исус, апостолите ревносно ја објавувале пораката за Царството. Дури и кога биле тепани и кога им било наредено да престанат да проповедаат, тие ‚секој ден продолжиле без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест‘ (Дела 5:40—42). Апостол Павле работел неуморно во ова дело (1. Кор. 15:9, 10; Кол. 1:29). Тој ја споредил привилегијата да ја споделува добрата вест со долг што им го должел на другите и спремно се одрекол од личната удобност за да го исплати (Дела 20:24; Рим. 1:14—16).
4 Наша привилегија денес: Ценењето за светиот налог што ни е доверен ќе нѐ поттикне да бараме начини да го зголемиме нашиот удел во проповедничкото дело (Рим. 15:16). Едвард, кој бил врзан за инвалидска количка, ќе седнел пред влезот на еден хотел и ќе разговарал со гостите за својата вера. Меѓутоа, сакајќи да направи повеќе, дал да му се направи посебна кабина во еден камионет и со помош на ова возило долги години служел како пионер, патувајќи илјадници километри. Како Едвард, мнозина денес ги приспособиле своите околности за да имаат поголем удел во ширењето на добрата вест.
5 Имитирајќи ги Исус и апостолите, и ние денес секогаш да го ставаме проповедничкото дело на прво место во нашиот живот. Правејќи го тоа ќе ја покажеме нашата љубов кон луѓето како и нашата благодарност за добрата вест што ни е доверена.