„Земете го мојот јарем на себе“
1 Во овој свет полн со проблеми и грижи, почувствувавме вистинско олеснување кога ја прифативме срдечната покана на Исус да најдеме поткрепа под неговиот јарем (Мат. 11:29, 30). Станавме негови ученици и извршуваме едно дело што бара да вложиме труд, но духовно нѐ зајакнува. Ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство и им помагаме и на другите да најдат духовна поткрепа под пријатниот јарем на Исус (Мат. 24:14; 28:19, 20).
2 Како нѐ зајакнува службата: Исус не барал од своите следбеници да стават уште еден товар врз оној што веќе го носеле. Тој им рекол да го симнат својот тежок товар и да го земат неговиот товар, кој е лесен. Затоа, повеќе не сме оптоварени со безнадежноста и грижите од овој свет ниту, пак, се мачиме да стекнеме несигурно богатство (Лука 21:34; 1. Тим. 6:17). Иако сме зафатени и мора да работиме за нашите основни потреби, сепак, на прво место во животот ни е службата за Бог (Мат. 6:33). Ако имаме исправно гледиште за тоа што е најважно, тогаш службата нема да ни биде тешка, туку секогаш ќе нѐ зајакнува духовно (Фил. 1:10).
3 Обично со задоволство зборуваме за она што го сакаме од срце (Лука 6:45). Наша омилена тема за разговор ни се Јехова и благословите што ветил дека ќе ни ги даде преку своето Царство. Додека сме во служба, ние објавуваме „добра вест за она што е добро“ и не мислиме на секојдневните грижи. Тоа навистина духовно нѐ освежува! (Рим. 10:15). Се разбира, колку почесто правиме нешто толку повешти стануваме и повеќе уживаме во тоа. Затоа, ако сме во можност да одвоиме повеќе време за проповедање, ќе бидеме уште позајакнати. А кога ќе најдеме некој што е заинтересиран, навистина сме многу охрабрени! (Дела 15:3). Дури и кога некои се рамнодушни или ни се противат, службата ќе нѐ закрепне и духовно ќе нѐ зајакне ако мислиме на тоа дека нашиот труд го радува Јехова и дека секој добар резултат што го постигнуваме се должи на неговиот благослов (Дела 5:41; 1. Кор. 3:9).
4 Откако сме ја прифатиле поканата на Исус, имаме чест заедно со него да служиме како Сведоци на Јехова (Иса. 43:10; Отк. 1:5). Има ли нешто поубаво од тоа?