ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • mwbr18 Јули стр. 1-7
  • Превод на референци кои ги нема на македонски, јули 2018

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Превод на референци кои ги нема на македонски, јули 2018
  • Нашиот живот и служба – работни листови — Превод на референци кои ги нема на македонски (2018)
  • Поднаслови
  • 2-8 ЈУЛИ
  • 9-15 ЈУЛИ
  • 16-22 ЈУЛИ
  • 23-29 ЈУЛИ
  • 30 ЈУЛИ — 5 АВГУСТ
Нашиот живот и служба – работни листови — Превод на референци кои ги нема на македонски (2018)
mwbr18 Јули стр. 1-7

Нашиот живот и служба — работни листови

Превод на референци кои ги нема на македонски

2-8 ЈУЛИ

ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЛУКА 6-7

„Давајте великодушно“

nwtsty белешка за Лк 6:37

Простувајте, и ќе ви биде простено: Или „Ослободувајте, и ќе бидете ослободени“. Грчкиот збор преведен со „простува“ буквално значи „ослободува; пушта да си оди; пушта на слобода (на пример, затвореник)“. Кога се спомнува заедно со „суд“ и „осуда“, како што е случај во Лк 6:37, овој збор укажува на ослободување од обвинение и на помилување, дури и кога се чини дека има основа за казна или одмазда.

nwtsty белешка за Лк 6:38

Давајте: Формата на грчкиот глагол што се користи овде укажува на трајно дејство.

nwtsty белешка за Лк 6:38

скутот: Грчкиот збор буквално значи „пазуви (гради)“. Изразот „сипува во скутот“ можеби се однесува на еден обичај на некои продавачи да го наполнат скутот од наметката на муштеријата со она што го купил.

Најди духовни бисери

nwtsty белешка за Лк 7:35

нејзини деца: Овде мудроста е опишана како личност која има деца. А во паралелниот извештај од Мт 11:19 се спомнати „нејзините дела“. Децата или делата на мудроста — односно она што го правеле Јован Крстител и Исус — покажале дека обвиненијата против нив немале никаква основа. Со други зборови, Исус како да рекол: „Гледајте ги праведните дела и постапки, и ќе ви биде јасно дека обвинението што го изнесуваат е лажно“.

9-15 ЈУЛИ

ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЛУКА 8-9

„Што е потребно за да го следиш Исус?“

it-2 494

Гнездо

Кога еден книжник му рекол на Исус: „Учителе, ќе одам по тебе каде и да појдеш“, Исус му одговорил: „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“ (Мт 8:19, 20; Лк 9:57, 58). Со тоа Исус истакнал дека, ако сакал да стане негов следбеник, човекот морал да се откаже од удобностите во кои уживале другите луѓе и дека морал да има потполна доверба во Јехова. Ова начело се гледа и во молитвата Оченаш која им ја кажал на своите ученици: „Лебот наш за овој ден дај ни го денес“, како и во неговата изјава: „Така, значи, кој од вас нема да остави сѐ што има, не може да биде мој ученик“ (Мт 6:11; Лк 14:33).

nwtsty белешки за Лк 9:59, 60

да го погребам татко ми: Со овие зборови човекот најверојатно не сакал да каже дека татко му штотуку умрел и дека мора да се погрижи за погребот. Ако било така, веројатно немало ни да биде таму да зборува со Исус. Во минатото, на Блискиот Исток, кога некој ќе умрел, семејството брзо го погребувало, обично уште истиот ден. Според тоа, таткото на овој човек можеби бил болен или стар, но не бил мртов. Исус сигурно не би го советувал да го остави својот родител ако бил болен или имал потреба од помош. Очигледно, имало други во семејството што можеле да се погрижат за него (Мр 7:9-13). Всушност, човекот како да рекол: „Ќе појдам по тебе, ама не додека е жив татко ми. Чекај прво да умре и да го погребам“. Но, Исус сметал дека така човекот ја пропушта можноста да го стави Божјето Царство на прво место во својот живот (Лк 9:60, 62).

Мртвите нека ги погребуваат своите мртви: Како што се гледа од белешката за Лк 9:59, таткото на човекот кој разговарал со Исус бил болен или стар, но не бил мртов. Според тоа, Исус очигледно сакал да каже: „Остави ги оние што се духовно мртви да ги погребуваат своите мртви“. Со други зборови, човекот требало веднаш да реши да го следи Исус, бидејќи другите членови во неговото семејство можеле да се грижат за татко му сѐ додека е жив. Со тоа што ќе го следел Исус, човекот ќе имал можност да живее вечно и немало да биде меѓу оние што Бог ги сметал за духовно мртви. Така Исус покажал дека, за да останеме живи во духовен поглед, мора да го ставиме Божјето Царство на прво место во животот и да го објавуваме насекаде.

nwtsty слика

Орање

Луѓето најчесто орале наесен, кога дождовите ја омекнувале земјата која била стврдната од жешкото сонце за време на летните месеци. (Види во брошурката Да ја истражуваме Божјата Реч, дел 19.) Некои плугови се состоеле од обично парче дрво, кое било зашилено и понекогаш имало метален врв. Тоа било прицврстено за греда што ја влечеле едно или повеќе животни. Откако луѓето ќе ја изорале земјата, го сееле семето. Орањето се спомнува во многу споредби во Хебрејските списи (Су 14:18; Иса 2:4; Ере 4:3; Мх 4:3). Освен тоа, Исус честопати се служел со споредби од земјоделскиот живот за да пренесе важни поуки. На пример, се осврнал на орањето за да покаже колку е важно неговите ученици да му служат на Бог со сета душа (Лк 9:62). Ако орачот дозволел вниманието да му го одвлече нешто друго, немало да повлекува прави бразди. На сличен начин, ако некој ученик на Христос дозволи да му биде одвлечено вниманието во друг правец или ако престане да ги врши своите одговорности, нема да може да влезе во Божјето Царство.

Најди духовни бисери

nwtsty белешка за Лк 8:3

им служеа: Или „ги поддржуваа“. Грчкиот збор дијаконео може да укажува на трудот што некој го вложува за да се грижи за физичките потреби на другите, така што набавува, готви и послужува храна, или на некој друг начин. Овој збор има слично значење и во Лк 10:40 („зафатена со послужувањето“), Лк 12:37 („послужува“), Лк 17:8 („послужувај“) и во Де 6:2 („делиме храна“), но може да укажува и на други такви лични услуги. Во овој стих се однесува на жените спомнати во стихови 2 и 3, кои им служеле на Исус и на неговите ученици, помагајќи им да ја извршат задачата што им ја доверил Бог. Овие жени му оддавале чест на Бог со тоа што го правеле. А тој покажал колку многу ги цени така што го зачувал записот за нивната милосрдност и великодушност во Библијата за да можат да го читаат сите идни поколенија (Из 19:17; Ев 6:10). Истиот грчки збор се однесува на жени и во Мт 27:55 и во Мр 15:41.

16-22 ЈУЛИ

ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЛУКА 10-11

„Споредбата за милосрдниот Самарјанин“

nwtsty видеоклип

Патот од Ерусалим до Ерихон

Патот (1) што се гледа на овој краток видеоклип има слична траса како патот кој во библиски времиња ги поврзувал Ерусалим и Ерихон. Тој стрмен и кривулест пат бил долг преку 20 километри. Бидејќи во тој пуст и осамен крај многу често имало грабежи, Римјаните морале да постават гарнизон војници за да ги заштитат оние што патувале. Римскиот дел од градот Ерихон (2) се наоѓал на работ на Јудејската Пустина. Постариот дел од Ерихон (3) бил на растојание од околу два километра од римскиот дел на градот.

nwtsty белешки за Лк 10:33, 34

еден Самарјанин: Општо земено, Евреите ги омаловажувале Самарјаните и не сакале да имаат ништо со нив (Јвн 4:9). Некои Евреи дури го користеле зборот „Самарјанин“ како навреда (Јвн 8:48). Во Мишната се наведени следниве зборови на еден рабин: „Оној што јаде самарјански леб исто како да јаде свинско месо“ (Шебит 8:10). Многу Евреи немале доверба во сведоштво што го давале Самарјани и не прифаќале услуги од нив. Исус бил свесен за презирот со кој повеќето Евреи гледале на Самарјаните, и затоа дал силна поука со оваа споредба која е позната како споредбата за милосрдниот, односно добриот Самарјанин.

му ги преврза раните, поливајќи ги со масло и со вино: Лекарот Лука го запишал во детали она што Исус го кажал во споредбата. Тој дал опис кој одговара на начинот на кој обично се лекувале раните во тоа време. Тогаш луѓето користеле масло и вино за да лекуваат рани. Маслото понекогаш се ставало врз раните за да омекнат (спореди со Иса 1:6), а виното има одредени антисептични и благи дезинфекциски својства. Лука исто така навел дека раните се преврзувале за да не се влоши состојбата.

конак: Грчкиот збор буквално значи „место каде што секој може да престојува“. Во таквите места патниците можеле да најдат сместување за себе и за своите животни. Сопственикот на конакот можел да им понуди некои основни намирници и, за одредена сума, можел да му ја пружи потребната нега на некој што бил доверен во негова грижа.

Најди духовни бисери

nwtsty белешка за Лк 10:18

Го гледав Сатана како падна од небото како молња: Очигледно, ова се пророчки зборови на Исус. Тој како да видел дека Сатана веќе бил исфрлен од небото. Во От 12:7-9 е опишана битката на небото, а поразот на Сатана е поврзан со раѓањето на месијанското Царство. Исус овде нагласил дека Сатана и неговите демони сигурно ќе бидат поразени во таа идна битка, бидејќи Бог веќе им дал моќ и власт на 70-те ученици да истеруваат демони, иако биле само обични, несовршени луѓе (Лк 10:17).

nwtsty белешки за Лк 11:5-9

Пријателе, дај ми назаем три леба: Луѓето на Блискиот Исток ја сметаат гостољубивоста за должност и многу им е важно да ја покажуваат. Тоа се гледа и од оваа споредба на Исус. Иако гостинот стигнал неочекувано на полноќ — детаљ кој покажува дека оние што патувале не можеле лесно да предвидат кога точно ќе стигнат на својата цел — домаќинот се чувствувал обврзан да го угости. Дури бил спремен да оди кај својот сосед толку доцна и да го разбуди за да позајми храна од него.

Не досадувај ми: Соседот од оваа споредба не бил спремен да помогне, не затоа што имал нешто против човекот, туку затоа што веќе си легнал. Куќите во тоа време, посебно на сиромашните, обично имале само една голема соба. Ако домаќинот морал да стане, ќе го разбудел целото семејство, вклучувајќи ги и децата.

упорност: Грчкиот збор што се користи овде буквално може да се преведе со „нескромност“ или „безобразност“. Но, во овој контекст, укажува на некој што е упорен и што не се откажува. Човекот од споредбата на Исус не се срамел упорно да го бара она што му било потребно. Исус им рекол на своите ученици дека и тие треба на сличен начин упорно да го молат Јехова кога имаат потреба (Лк 11:9, 10).

23-29 ЈУЛИ

ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЛУКА 12-13

„Вие сте повредни од многу врапчиња“

nwtsty белешка за Лк 12:6

врапчиња: Грчкиот збор струтион е во деминутивен облик и значи „птичка“, но честопати се однесувал на врапчиња, кои биле најевтини од сите птици што се продавале за храна.

nwtsty белешка за Лк 12:7

и сите влакна на главата ви се изброени: Се смета дека човекот во просек има по нешто повеќе од 100.000 влакна на главата. Тоа што Јехова знае такви ситни детали за луѓето е јасен показател колку е заинтересиран за секој ученик на Христос.

Најди духовни бисери

nwtsty белешка за Лк 13:24

Силно напрегајте се: Или „борете се“. Со овој совет Исус нагласува колку е важно со сета душа да се трудиме да влеземе низ тесната врата. Во разни библиски прирачници, овој израз е преведен со „дајте сѐ од себе; вложете секаков напор“. Грчкиот глагол агонизоме е сроден со грчката именка агон, која честопати се користела кога станувало збор за атлетски натпревари. Во Ев 12:1, оваа именка се користи симболично и укажува на „трката“ за живот во која учествуваат христијаните. Во поопшта смисла, може да укажува на „борење“ или „борба“ (Фп 1:30; Кол 2:1; 1Ти 6:12; 2Ти 4:7). Некои форми на грчкиот глагол употребен во Лк 13:24 се преведени со „натпреварувач“ (1Ко 9:25), „бори“ (Кол 1:29; 4:12; 1Ти 4:10) и „борба“ (1Ти 6:12). Бидејќи овој израз се користи во поврзаност со атлетски натпревари, некои сметаат дека Исус ги поттикнал своите ученици да се напрегаат како што еден атлетичар се труди со сите сили, односно се напрега од петни жили да ја освои наградата.

nwtsty белешка за Лк 13:33

не прилега: Или „незамисливо е“. Иако ниту едно пророштво во Библијата не кажува конкретно дека Месијата требало да умре во Ерусалим, до овој заклучок може да дојдеме на темел на Да 9:24-26. Освен тоа, ако Евреите сакале да убијат некој пророк, особено Месијата, било логично дека ќе го сторат тоа во тој град. Бидејќи Судскиот совет кој се состоел од 71 член заседавал во Ерусалим, таму требало да им се суди на оние што биле обвинети дека се лажни пророци. Исус можеби го имал на ум и тоа дека во Ерусалим редовно му се принесувале жртви на Бог и дека таму се колело пасхалното јагне. На крајот, неговите зборови се исполниле. Тој бил изведен пред Судскиот совет во Ерусалим и бил осуден. И, токму во Ерусалим, недалеку од градските ѕидини, тој умрел како „пасхална жртва“ (1Ко 5:7).

30 ЈУЛИ — 5 АВГУСТ

ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЛУКА 14-16

„Споредбата за загубениот син“

nwtsty белешки за Лк 15:11-16

Еден човек имаше два сина: Споредбата за загубениот син (која е позната и како „споредбата за расипничкиот син“) има некои посебни обележја. Таа е една од најдолгите споредби што ги дал Исус. Едно од нејзините истакнати обележја е описот на односите во семејството. Во други споредби, Исус честопати зборувал за неживи нешта, како што се различни видови семиња или земја, а зборувал и за службениот однос меѓу еден господар и неговите робови (Мт 13:18-30; 25:14-30; Лк 19:12-27). Но, во оваа споредба Исус го нагласил блискиот однос што еден татко го имал со своите синови. Мнозина што го читаат овој извештај можеби немале таков добар и сочувствителен татко. Од оваа споредба се гледа длабокото сочувство, како и љубовта што нашиот небесен Татко ја чувствува кон своите деца на Земјата — и кон оние што остануваат со него и кон оние што му се враќаат откако тргнале по лош пат.

Помладиот: Според Мојсеевиот закон, на првородениот син му следувал двоен дел од наследството (5Мо 21:17). Бидејќи постариот син во оваа споредба бил првороден, помладиот добил двојно помало наследство од него.

истроши: Грчкиот збор што се користи овде буквално значи „распрсне; расфрла (во сите правци)“ (Лк 1:51; Де 5:37). Во Мт 25:24, 26 е преведен со „вее“. Во оваа споредба укажува на немудро трошење.

живеејќи распуштено: Или „водејќи расипнички живот“. Еден сроден грчки збор се користи со слично значење во Еф 5:18; Тит 1:6 и 1Пе 4:4.

чува свињи: Бидејќи овие животни биле нечисти според Законот, Евреите ја сметале таа работа за крајно понижувачка (3Мо 11:7, 8).

рогачките: Рогачките имаат сјајна кожеста лушпа со виолетово-кафеава боја и имаат облик на извиткан рог, што е во склад со нивното име на грчки јазик — кератион, што буквално значи „рокче“. Тие се користат до ден-денес како храна за коњи, говеда и свињи. Колку ниско паднал младичот од споредбата се гледа од тоа што бил спремен да јаде храна за свињи (види ја белешката за Лк 15:15).

nwtsty белешки за Лк 15:17-24

наемници: Кога се вратил дома, помладиот син сакал да го замоли татко му да го прими како наемник, а не како син. Наемникот не бил дел од домаќинството, како што биле робовите, туку господарот го најмувал да му работи, честопати само за еден ден (Мт 20:1, 2, 8).

го избакна: Грчкиот израз што се користи овде може да се преведе и со „нежно го бакна“ или „срдечно го избакна“. Со тоа што го пречекал толку срдечно, таткото од споредбата покажал дека е спремен да го прими својот син кој се каел.

да се нарекувам твој син: Во Лука 15:21, во некои ракописи ја има и следнава реченица: „Прими ме како еден од своите наемници!“ Сепак, според разни постари и веродостојни ракописи, има основа овој дел да се испушти во главниот текст. Некои изучувачи сметаат дека оваа реченица била додадена за да може стихот да биде во склад со Лк 15:19. Токму затоа таа е испуштена во ревидираното англиско издание на Преводот Нов свет од 2013.

облека... прстен... сандали: Овде не станува збор за каква било облека. Тоа била најубавата облека — веројатно богато извезена наметка која обично му се подарувала на некој почесен гостин. Од тоа што ставил прстен на раката на својот син кој се покајал, се гледа дека таткото му покажал љубов и милост, и дека повторно го удостоил со чест и со висока положба. Робовите обично не носеле прстени и сандали. Според тоа, таткото јасно покажал дека го прима својот син како полноправен член на семејството.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели