Нашиот живот и служба — работни листови
Превод на референци кои ги нема на македонски
3-9 ЈУНИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ГАЛАТИТЕ 4-6
„Извештај со ’преносно значење‘“
it-1-E стр. 1018, пас. 2
Агара
Апостол Павле запишал дека извештајот поврзан со Агара и Сара има преносно значење. Агара го претставувала дословниот Израел, кој бил во сојуз со Јехова преку Мојсеевиот закон. Овој сојуз бил склучен на планината Синај, и преку него Евреите станале „деца за ропство“. Поради гревот и несовршеноста, Евреите не можеле да ги држат одредбите на тој сојуз. Така, Законот не им донел слобода, туку ги осудил како грешници кои заслужуваат смрт. Во таа смисла тие биле робови (Јвн 8:34; Ри 8:1-3). Како главен град, Ерусалим во времето на Павле го претставувал дословниот Израел, и наликувал на Агара во таа смисла што тој и неговите „деца“ биле во ропство. Од друга страна, пак, христијаните помазани со дух се деца на „горниот Ерусалим“, односно Божјата симболична жена. Исто како Сара, слободната жена, овој Ерусалим никогаш не бил во ропство. Но, како што Исак бил прогонуван од Исмаел така и децата на „горниот Ерусалим“, кои добиле слобода преку Синот, биле прогонувани од страна на децата на поробениот Ерусалим. Сепак, Агара и нејзиниот син биле истерани, и ова го претставува отфрлањето на Евреите од страна на Јехова за повеќе да не бидат негов народ (Га 4:21-31; види и Јвн 8:31-40).
17-23 ЈУНИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ЕФЕШАНИТЕ 4-6
Најди духовни бисери
it-1-E стр. 1128, пас. 3
Светост
Свет дух. Тоа е Јеховината сила, која е под негова контрола и со која секогаш ги исполнува своите намери. Божјиот дух е чист, неизвалкан и свет, и Бог секогаш го користи за да ја изврши својата волја. Затоа е наречен „свет дух“ и „духот на светоста“ (Пс 51:11; Лк 11:13; Ри 1:4; Еф 1:13). Со својата сила Бог може да му помогне некому да биде свет, односно чист. Ако некој прави нешто нечисто или погрешно, му се спротивставува на тој дух, односно го жалости (Еф 4:30). Во која смисла можеме да го жалостиме светиот дух со оглед на тоа дека не е личност? Јехова секогаш го користи својот дух во склад со својата волја и својата личност. Доколку се спротивставуваме на влијанието на светиот дух тоа би било исто како да се спротивставуваме на Јеховината волја. Така би го жалостиле светиот дух, односно неговиот извор, самиот Јехова. Доколку некој прави нешто неисправно, се доведува во опасност да го изгасне тој дух во себе (1Со 5:19). А ако не сака да престане со неисправното постапување со кое го жалости Божјиот свет дух, може да се доведе во ситуација Бог да му стане непријател (Иса 63:10). Некој би можел да го жалости светиот дух до тој степен што ќе хули против него. Тоа е грев за кој Исус Христос рекол дека нема простување — ниту во овој поредок ниту во оној што треба да дојде (Мт 12:31, 32; Мр 3:28-30).
it-1-E стр. 1006, пас. 2
Лакомост
Се гледа од постапките. Ако некој е лаком, тоа ќе се види од неговите постапки — тие ќе ги откријат неговите погрешни и неконтролирани желби. Библискиот писател Јаков напишал дека, кога ќе зачне, погрешната желба раѓа грев (Јк 1:14, 15). Според тоа, некој што е лаком се открива преку она што го прави. Апостол Павле запишал дека лакомецот е идолопоклоник (Еф 5:5). Кога некој лакомо посакува нешто, тоа му станува како бог во таа смисла што му станува поважно отколку да му служи на Творецот (Ри 1:24, 25).
24-30 ЈУНИ
ОД РИЗНИЦАТА НА БОЖЈАТА РЕЧ | ФИЛИПЈАНИТЕ 1-4
Најди духовни бисери
it-2-E стр. 528, пас. 5
Жртви
Жртви налевници. Жртвите налевници се принесувале заедно со повеќето од другите жртви, особено откако Израелците се населиле во Ветената земја (4Мо 15:2, 5, 8-10). Ваквите жртви биле вино (опоен пијалак) кое се излевало врз жртвеникот (4Мо 28:7, 14; спореди со 2Мо 30:9; 4Мо 15:10). Апостол Павле им напишал на христијаните во Филипи: „И да се излевам како жртва налевница врз вашата жртва и врз службата што ја вршите поттикнати од верата, се веселам и се радувам со сите вас“. Тој го употребил изразот „жртва налевница“ во симболична смисла, укажувајќи на својата спремност да се жртвува за браќата и сестрите (Фп 2:17). Кратко пред да умре, Павле му пишал на Тимотеј: „Јас веќе се излевам како жртва налевница и се приближи времето на моето ослободување“ (2Ти 4:6).