Остани радосен и кога си во неволји
„Ќе се радуваат сите на кои ти [Јехова] си им засолниште, ќе викаат радосно за навек“ (Пс. 5:11)
1, 2. а) Наведи некои работи што предизвикуваат големо страдање денес. б) Освен неволјите со кои се соочуваат сите луѓе, што друго мора да трпат вистинските христијани?
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ не се имуни на неволјите што ги погодуваат сите луѓе. Многу Божји слуги биле жртви на криминал, војни и други неправди. Природните катастрофи, сиромаштијата, болестите и смртта исто така предизвикуваат големо страдање. Апостол Павле со право напишал: „Знаеме дека целото создание заедно воздивнува и дека е во болка сѐ досега“ (Рим. 8:22). Освен тоа, страдаме и поради сопствената несовршеност. Исто како цар Давид од старо време, можеби велиме: „Моите престапи ми се прелија преку глава, како тежок товар, претешки се за мене“ (Пс. 38:4).
2 Освен што ги трпат неволјите со кои се соочуваат сите луѓе, вистинските христијани носат и еден симболичен маченички столб (Лука 14:27). Исто како Исус, неговите ученици се предмет на омраза и прогонство (Мат. 10:22, 23; Јован 15:20; 16:2). Значи, за да го следиме Христос, мора силно да се напрегаме и да истраеме додека ги чекаме благословите што ќе ни ги донесе новиот свет (Мат. 7:13, 14; Лука 13:24).
3. Од каде знаеме дека христијаните не мора да бидат страдалници за да му угодат на Бог?
3 Дали ова значи дека вистинските христијани не се радуваат и не се среќни во животот? Треба ли животот да ни биде исполнет само со тага и болка додека не дојде крајот? Јасно е дека Јехова сака да бидеме среќни додека чекаме да се исполнат неговите ветувања. Секогаш одново, Библијата вели дека слугите на вистинскиот Бог се среќен народ. (Прочитај Исаија 65:13, 14.) А во Псалм 5:11 пишува: „Ќе се радуваат сите на кои ти [Јехова] си им засолниште, ќе викаат радосно за навек“. Да, можно е сепак да чувствуваме радост, душевен мир и задоволство и покрај сите неволји кои ни се испречуваат на патот. Да разгледаме како Библијата ни помага да се соочиме со нашите испити, а сепак да останеме радосни.
Јехова — „среќниот Бог“
4. Како се чувствува Бог кога не се врши неговата волја?
4 На пример, размисли за Јехова. Како Семоќен Бог, тој владее со целата вселена. Не му недостига ништо и не му е потребен никој. Сепак, и покрај тоа што има неспоредлива моќ, Јехова сигурно бил донекаде разочаран кога еден негов духовен син се побунил и станал Сатана. Сигурно не му било сеедно ни кога подоцна други ангели се придружиле во таа побуна. Помисли и на болката што Бог ја чувствувал кога му свртеле грб Адам и Ева, кои биле круна на неговите материјални созданија. А оттогаш наваму, и милијарди нивни потомци го отфрлаат како владетел (Рим. 3:23).
5. Кои работи многу го погодуваат Јехова?
5 Побуната што ја започнал Сатана сѐ уште трае. Веќе 6.000 години, Јехова гледа идолопоклонство, насилство, убиства и морална изопаченост (1. Мој. 6:5, 6, 11, 12). Освен тоа, морал да слуша неописливи лаги и хули. Дури и неговите слуги понекогаш му нанесувале болка. Библијата опишува една таква ситуација со следниве зборови: „Колку пати се бунеа против него во пустиот крај, го жалостеа во пустината. И секогаш одново го искушуваа Бог и му нанесуваа болка на Израеловиот Светец“ (Пс. 78:40, 41). Јехова сигурно чувствува огромна болка кога неговиот народ го отфрла (Ерем. 3:1-10). Значи, кога се случуваат лоши работи, Јехова е длабоко погоден. (Прочитај Исаија 63:9, 10.)
6. Како Бог се соочува со болните ситуации?
6 Сепак, тој не дозволува болката и разочарувањето да го спречат да преземе нешто. Кога работите се усложниле, Јехова веднаш презел чекори за да има што е можно помалку лоши последици од она што се случило. Исто така, тој презел долгорочни мерки за, на крајот, да се исполни неговата намера. Додека ги прави овие позитивни чекори, Јехова со радост го очекува времето кога ќе биде оправдано неговото неприкосновено право да владее и кога ќе излее благослови врз своите верни слуги (Пс. 104:31). Сепак, и покрај големиот срам што му бил нанесен, Јехова и понатаму е „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11; Пс. 16:11).
7, 8. Кога нешто не оди како што треба, како можеме да го следиме примерот на Јехова?
7 Се разбира, ние не можеме да се споредуваме со Јехова кога станува збор за нашата способност да ги решаваме проблемите. Сепак, можеме да го следиме примерот на Јехова кога се справуваме со сопствените неволји. Иако е сосема нормално да бидеме потиштени кога нешто не оди како што треба, не мора и да останеме такви. Бидејќи сме создадени според Јеховиниот лик, способни сме да размислуваме и мудро да постапуваме, а тоа ни помага да ги анализираме нашите проблеми и да преземеме позитивни чекори кога е можно.
8 Важен фактор што ќе ни помогне да се справиме со проблемите во животот е да сфатиме дека над некои работи едноставно немаме никаква контрола. Ако тегобно се грижиме за нив, само повеќе ќе се разочараме и ќе се лишиме од радоста што ни ја носи служењето на Бог. Според тоа, откако сме презеле разумни чекори за да решиме некој проблем, најдобро е да не мислиме толку на него и да правиме други работи што нѐ исполнуваат. Следниве извештаи од Библијата многу добро ни го покажуваат тоа.
Важно е да бидеме разумни
9. Како Ана покажала разумност?
9 Размисли за Ана, која му станала мајка на пророкот Самоил. Таа била разочарана затоа што немала деца, а и другите ја исмевале поради тоа. Понекогаш била толку потиштена што само плачела и не јадела (1. Сам. 1:2-7). Кога еднаш била во посета на Јеховиниот свет шатор, Ана ‚била огорчена во душата и почнала да му се моли на Јехова, плачејќи горко‘ (1. Сам. 1:10). Откако му го излеала своето срце на Јехова, првосвештеникот Илиј ѝ пристапил и ѝ рекол: „Оди си во мир! И Богот на Израел нека ти ја услиши молитвата што си му ја упатила“ (1. Сам. 1:17). Во тој момент, Ана сигурно знаела дека сторила сѐ што можела. Таа немала контрола над својата неплодност. Покажала разумност, и ‚си отишла по својот пат, па јадела и лицето повеќе не ѝ било тажно‘ (1. Сам. 1:18).
10. Каков реалистичен став покажал Павле кога се соочил со проблем што не можел да го реши?
10 Апостол Павле покажал сличен став кога се соочил со тешкотии. Тој имал проблем што многу го погодувал. Го нарекол „трн во телото“ (2. Кор. 12:7). Сеедно за што станувало збор, Павле го молел Јехова за олеснување и сторил сѐ што можел за да му биде отстранет тој „трн“. Колку пати го молел Јехова во врска со ова? Трипати. Но, по третиот пат, Бог му рекол дека неговиот „трн во телото“ нема да биде отстранет со чудо. Павле го прифатил тој факт и се концентрирал на тоа целосно да му служи на Јехова. (Прочитај 2. Коринќаните 12:8-10.)
11. Како можат да ни помогнат молитвите кога се соочуваме со неволји?
11 Целта на овие примери не е да ни покажат дека треба да престанеме да го молиме Јехова за некои работи што нѐ тиштат (Пс. 86:7). Напротив, Божјата реч нѐ повикува: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“. Како ќе одговори Јехова на таквите молитви и молби? Библијата додава: „И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Фил. 4:6, 7). Значи, дури и да не ни го отстрани проблемот, Јехова може да ни одговори на молитвите така што ќе го чува нашиот ум. Откако ќе се молиме за некоја работа, може да сфатиме дека е опасно премногу да се секираме.
Врши ја Божјата волја со радост
12. Зошто обесхрабрувањето што трае подолго време може да биде штетно?
12 Во Изреки 24:10 се вели: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“. Една друга изрека вели: „Болката во срцето го крши духот“ (Изр. 15:13). Некои христијани толку се обесхрабруваат што престануваат да ја читаат Библијата и да размислуваат за неа. Нивните молитви стануваат површни, и постепено би можеле да се оддалечат од соверниците. Значи, долготрајната потиштеност може да биде штетна (Изр. 18:1, 14).
13. Наведи некои активности што ќе ни помогнат да го надминеме обесхрабрувањето и да бидеме радосни.
13 Од друга страна, позитивниот став може да ни помогне да мислиме на оние работи во животот кои ни причинуваат задоволство и радост. Давид напишал: „Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој“ (Пс. 40:8). Кога нешто ќе ни тргне наопаку во животот, последно нешто на кое треба да помислиме е да ги запоставиме духовните активности. Всушност, лек за тагата е да се посветиме на активности што нѐ прават среќни. Јехова ни вели дека ќе бидеме радосни и среќни ако редовно ја читаме неговата Реч и ако се задлабочиме во неа (Пс. 1:1, 2; Јак. 1:25). И од Светото писмо и на христијанските состаноци примаме ‚љубезни зборови‘ што можат да нѐ охрабрат и да ни го радуваат срцето (Изр. 12:25; 16:24).
14. Кое уверување од Јехова нѐ радува денес?
14 Бог ни дава многу причини за да бидеме радосни. Неговото ветување дека ќе нѐ спаси е навистина еден голем извор на радост (Пс. 13:5). Знаеме дека, што и да ни се случи сега, на крајот Бог ќе ги награди оние што искрено го бараат. (Прочитај Проповедник 8:12.) Пророкот Авакум многу убаво ја изразил таквата увереност кога напишал: „Макар и смоквата да не процвета и да нема род на лозата, макар и маслинката да не даде род и нивите да не даваат храна, макар и да ги снема овците од трлото и да нема говеда во оборите, јас сепак ќе му се радувам на Јехова, ќе се веселам поради Богот на моето спасение“ (Авак. 3:17, 18).
„Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“
15, 16. Наброј некои дарови од Бог на кои можеме да им се радуваме додека ги очекуваме идните благослови.
15 Додека ја очекуваме прекрасната иднина што ни ја ветил Јехова, негова волја е да уживаме во убавите работи што ни ги дава. Библијата вели: „Сознав дека за [луѓето] нема ништо подобро отколку да се веселат и да прават добро во животот, и секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проп. 3:12, 13). ‚Да правиме добро‘ значи да правиме добри дела што ќе им користат на другите. Исус рекол дека повеќе среќа има во давањето отколку во примањето. Кога им правиме добро на нашиот брачен другар, на децата, на родителите и на другите роднини, чувствуваме големо задоволство (Изр. 3:27). Кога сме пријатни, гостољубиви и спремни да им простиме на нашите духовни браќа и сестри, исто така сме многу радосни, а го радуваме и Јехова (Гал. 6:10; Кол. 3:12-14; 1. Пет. 4:8, 9). Освен тоа, кога самопожртвувано ја вршиме службата, навистина се чувствуваме убаво.
16 Во зборовите од Проповедник што беа наведени погоре се спомнати едноставни работи во животот, како што се јадењето и пиењето. Значи, дури и додека трпиме неволји, можеме да им се радуваме на материјалните дарови што ги добиваме од Јехова. Освен тоа, за едно зајдисонце што ни го одзема здивот, за еден прекрасен пејзаж или, пак, за лудориите на малечките животни, а и за многу други чуда во природата не плаќаме ништо, а сепак можат да нѐ исполнат со страхопочит и да ни донесат радост. Додека размислуваме за нив, нашата љубов кон Јехова расте, бидејќи тој е Дарителот на сите добри работи.
17. Што ќе ни донесе целосно ослободување од неволјите, и што нѐ теши во меѓувреме?
17 На крајот, на темел на нашата љубов кон Бог, на послушноста на неговите заповеди и на верата во откупната жртва, ќе бидеме целосно ослободени од неволјите што ни ги носи несовршениот живот и ќе бидеме среќни засекогаш (1. Јов. 5:3). Во меѓувреме, нѐ теши сознанието дека Јехова е свесен за сѐ што нѐ измачува. Давид напишал: „Ќе се веселам и ќе се радувам поради твојата милост, поради тоа што погледна на мојата неволја. Ти ги знаеш маките на мојата душа“ (Пс. 31:7). Бидејќи многу нѐ сака, Јехова ќе нѐ избави од неволјите (Пс. 34:19).
18. Зошто кај Божјиот народ треба да преовладува радоста?
18 Додека чекаме да ги исполни своите ветувања, да го следиме примерот на Јехова, среќниот Бог. Да не им дозволиме на негативните чувства духовно да нѐ парализираат. Кога ќе се појават проблеми, нека нѐ водат разумноста и мудроста. Јехова ќе ни помогне да ги совладаме своите чувства и да ги преземеме сите потребни чекори за да се намалат лошите последици од неволјите. Да им се радуваме на добрите работи што доаѓаат од Него, сеедно дали се материјални или духовни. Ако останеме блиски со Бог, ќе можеме да се радуваме, бидејќи „среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ (Пс. 144:15).
Што научи?
• Кога се соочуваме со неволји, како може да го следиме примерот на Јехова?
• Како разумноста може да ни помогне да се справиме со неволјите?
• Кога минуваме низ тешки моменти, како може со радост да ја вршиме Божјата волја?
[Слики на страница 16]
Јехова многу го погодуваат лошите работи што се случуваат
[Извор на слика]
© G.M.B. Akash/Panos Pictures
[Слики на страница 18]
Јехова ни помага да останеме радосни