8 „Маченички столб“
Грчки: σταυρός (ставро́с); латински: crux (кру́кс)
Изразот ‚столб‘ во Мт 27:40 се користи во врска со погубувањето на Исус на Калварија, односно на Местото на черепите. Нема докази дека грчкиот збор ставро́с, кој е употребен на ова место, означува крст сличен на крстот што го користеле паганите како верски симбол со векови пред Христос.
На класичниот грчки јазик, зборот ставро́с означувал едноставно столб поставен исправено, колец или пилон што се користел во темелот на градбите. Глаголот ставро́о значел „оградува со колци; прави дрвена ограда (палисада)“. Вдахновените писатели на грчките книги од Библијата (таканаречениот Нов завет) пишувале на вообичаениот говорен грчки јазик (таканаречен коине) и го користеле зборот ставро́с со истото значење што го имал во класичниот грчки, односно со значење на обичен столб, или колец, без каква и да е греда што би била поставена напречно под некој агол. Не постои ништо што би го докажало спротивното. Освен тоа, апостолите Петар и Павле го користеле и зборот кси́ло за дрвото на кое бил прикован Исус, што покажува дека тоа било исправен столб без напречна греда, бидејќи кси́ло во оваа посебна смисла го означува токму тоа (Де 5:30; 10:39; 13:29; Га 3:13; 1Пе 2:24). Во Септуагинтата зборот кси́лон се наоѓа во Езр 6:11 (1Ездра 6:11), и таму се користи за да означи греда на која требало да се обеси оној што ќе го прекрши законот, исто како и во Де 5:30; 10:39.
Во врска со значењето на изразот ставро́с, В. Е. Вајн, во своето дело An Expository Dictionary of New Testament Words (Речник со толкување на новозаветните зборови; препечатено издание од 1966, том I, страница 256), вели: „Зборот СТАВРО́С (σταυρός) првенствено се однесува на колец или столб, кој е поставен исправено. На него биле приковувани злосторниците што биле осудени на смрт. И самата именка и глаголот ставро́о, кој значи ‚прицврстува на столб или на колец‘, во изворна смисла треба да се разликува од крстот, предмет со две греди, кој го користат христијанските цркви. Крстот потекнува од древната Халдеја, а се користел во таа и во соседните земји, вклучувајќи го и Египет, како симбол на богот Тамуз (во облик на мистичното Тау, почетната буква од неговото име). До средината на 3 век по Хр., црквите или напуштиле некои учења од христијанската вера или ги извртеле. За да се засили влијанието на отпадничкиот црковен состав, во црквата биле примани пагани и покрај тоа што не доживеале препород на верата, и во голема мера им се дозволувало да ги задржат своите пагански знаци и симболи. На тој начин Тау, или Т, во својот најчест облик, имено со крак поставен напречно и малку пониско, бил усвоен како Христов крст“.
Речникот на латински јазик од Луис и Шорт како основно значење на изразот крукс го наведува следново: „дрво, рамка, или некое друго дрвено средство за погубување на кое биле распнати или обесени злосторници“. Крукс дури подоцна го добил значењето „крст“. Столбот за погубување на злосторниците, на латински се нарекувал крукс симплекс. Цртеж на ваков столб, прикажан на претходната страница, направил Јуст Липсиј (1547-1606) во својата книга De cruce libri tres (Антверпен, 1629 г., страница 19).
Во книгата Das Kreuz und die Kreuzigung (Крстот и распетието; Вроцлав, 1878 г.) од Херман Фулда, на 109. страница стои: „На местата на кои се извршувале јавните погубувања немало секогаш дрвја. Затоа се забивал во земја обичен дрвен столб. На него ги врзувале или ги приковувале злосторниците со рацете кренати нагоре, а честопати им ги врзувале или ги приковувале и нозете“. Изнесувајќи многу докази за ова, на 219. и 220. страница, Фулда заклучува: „Исус е погубен на обичен столб. Во прилог на ова оди: а) фактот дека на Истокот погубувањето на столб во тоа време било вообичаено, б) индиректно, самиот опис на Исусовите маки и в) бројните изјави на раните црковни отци“.
Паул Вилхелм Шмит, кој бил професор на Универзитетот во Базел, во своето дело Die Geschichte Jesu (Историјата на Исус, 2. том, Тибинген и Лајпциг, 1904 г., страници 386-394) направил детална студија за грчкиот збор ставро́с. На 386. страница од своето дело, тој рекол: „σταυρός [ставро́с] е секој исправено поставен колец или греда“. Во врска со извршувањето на казната над Исус, на страници 387-389, П. В. Шмит напишал: „Освен камшикување, според извештаите од Евангелијата, за извршување на казната над Исус доаѓа предвид само наједноставниот облик на римско распнување — бесење на необлечено тело на столб, кој, патем речено, Исус морал да го носи или да го влече до местото за погубување, а сѐ со цел да биде уште повеќе понижен како осуденик... Исклучено е сѐ друго, освен едноставно бесење, поради начинот на кој вообичаено се вршеле таквите погубувања: на таков начин Вар одеднаш погубил 2.000 луѓе (Јосиф Флавиј, Еврејски старини, XVII 10. 10), исто како и Квадрат (Еврејските војни, II 12. 6), прокураторот Феликс (Еврејските војни, II 15. 2 [13. 2]) и Тит (Еврејските војни, VII. 1 [V 11. 1])“.
Значи, нема никаков доказ дека Исус Христос бил распнат на две парчиња дрво поставени под прав агол. Ние не сакаме да ѝ додаваме ништо на Божјата пишана реч, вметнувајќи ја паганската идеја за крст во вдахновениот текст, туку ги преведуваме ставро́с и кси́лон во согласност со нивното основно значење. За да биде појасно, на некои места зборот ставро́с го преведовме со изразот „маченички столб“, на пример, во Мт 16:24, каде што Исус го употребил за да ги предочи страдањата, срамот и маките што ги чекале и неговите следбеници.
[Слика на страница 1695]
Цртеж на кој е прикажан крукс симплекс