ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/2 стр. 12-14
  • Да се живее со цистична фиброза

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Да се живее со цистична фиброза
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што е ЦФ?
  • Справување со болеста
  • Ја споделувам мојата вера
  • Мојата состојба се менува
  • Што ме одржува сега
  • Го прифатив Божјето гледиште за крвта
    Разбудете се! 2004
  • Како верата ми помогна во трагедиите
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
  • Благодарна за Јеховината верна поддршка
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1993
  • Наоѓам сила и кога сум најслаба
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2014
Повеќе
Разбудете се! 2000
g00 8/2 стр. 12-14

Да се живее со цистична фиброза

РАСКАЖАЛ ЏИМИ ГАРАЅИОТИС

На 25 јули 1998 итно бев префрлен во болница со страшни болки во градниот кош. Срцето беше во ред, но белите дробови беа толку инфицирани што едвај дишев. Имав само 25 години, а животот ми висеше на конец.

ДВА дена по моето раѓање, лекарите им кажале на моите родители дека имам тешка жолтица. Рекле дека, ако не примам трансфузија на крв, или ќе умрам или ќе добијам оштетување на мозокот. Преживеав без трансфузија на крв — и без оштетување на мозокот.

Првите две години од мојот живот биле одбележани со многу збунувачки здравствени проблеми и напади на пневмонија. Еден лекар конечно постави дијагноза дека боледувам од цистична фиброза (ЦФ). Во тоа време, луѓето со оваа болест доживуваа просечна старост од седум години. Но, заради напредокот на медицината, сѐ повеќе деца со ЦФ достигнуваат возрасно доба.

Што е ЦФ?

ЦФ е неизлечлива наследна болест. Таа предизвикува сѐ посериозни проблеми со дишењето и честопати пациентите со ЦФ имаат големи тешкотии со варењето на храната.

Приближно секој 25-ти човек е носител на дефектен ген кој предизвикува ЦФ. Во повеќето случаи, носителите не се ни свесни дека го носат овој ген, бидејќи кај нив не се појавуваат никакви симптоми на болеста. Доколку се носители и таткото и мајката, тогаш шансите да имаат дете со ЦФ се 25 проценти.

Мојот случај е еден од ретките во кои е дијагностицирана ЦФ затоа што имав полипи во носот. Заради нив, лекарите дојдоа на идеја да ја проверат содржината на сол во потта, а тоа е највообичаен тест за дијагностицирање ЦФ. Честопати, присуството на сол на кожата најнапред го забележуваат родителите или бабата и дедото кои чувствуваат солен вкус на усните кога ќе го бакнат детето.

Растот на полипите во носот ми го отежнуваше дишењето и затоа речиси секоја година ми правеа операција на синусите за да ми ги отстранат полипите. Таквите операции се непријатни, а закрепнувањето е болно. Тие се опасни и заради крвавењето. Но, мене ми направија многу операции и сите беа изведени без употреба на крв. Колку само сум благодарен што не морам да живеам со компликациите кои можат да настанат заради трансфузија на крв и што не морам да се грижам за тоа!

Справување со болеста

Иако заради болеста сум ограничен во она што можам да го направам, се трудам да останам колку што е можно поактивен. Посебен ден во мојот живот беше 1 август 1987, кога се крстив симболизирајќи го моето предание на Јехова Бог.

Кога станувам наутро, правам инхалации со раствор од вентолин, а потоа со солен раствор. Тоа помага да омекнат секретите во белите дробови и ги отвора дишните патишта за да можам полесно да дишам. Овој третман трае 15-тина минути. Потоа применувам физикална терапија која трае од 40 минути до еден час за да се отпуштат и исцедат секретите од белите дробови. Потоа правам уште еден третман со инхалација, овој пат со антибиотик за да се спречи инфекција. Целата постапка се повторува попладне и повторно навечер.

За овие три третмана се потребни околу четири часа секој ден. Обично јадам потоа, бидејќи третманот полесно се извршува на празен желудник. И покрај тоа што ваквиот секојдневен режим ми одзема многу време, имам навика редовно да присуствувам на состаноците на Јеховините сведоци во собранието на грчки јазик во Лондон (Онтарио, Канада). Кога има состанок навечер, ја одложувам терапијата до 22 часот. Благословите што ги добивам од присуството на состаноците далеку ги надминуваат жртвите што се вклучени. Важно ми е и редовното учество во службата.

Ја споделувам мојата вера

Престојот во болница ми отвори посебни прилики да ја споделувам мојата христијанска вера. Еднаш имав прилика да разговарам со еден грчки православен свештеник, кој беше пациент во другата соба. Тој забележал дека јас сум пристоен млад човек и рече дека мисли дека сум добар пример за младите луѓе во грчката заедница. Тој не ни знаеше дека ми е добро познато дека тој предводеше во противењето на службата на Јеховините сведоци меѓу населението од грчкото говорно подрачје.

Кога кај свештеникот доаѓаа посетители, тој ги испраќаше и кај мене. Тие ги препознаа членовите на моето семејство и пријателите кои ми доаѓаа во посета бидејќи биле и на нивните врати додека ја извршувале службата на проповедање. Некои од посетителите на свештеникот останаа, но другите изненадени се вратија за да го прашаат зошто ги испратил кај Јеховините сведоци. Дури и откако дозна дека сум Сведок, нашите библиски дискусии продолжија. Дискутиравме за теми како што е името Јехова, тројството и политичката неутралност на Јеховините сведоци во Грција. Додека разговаравме, можев да почувствувам дека се рушат ѕидовите на неговото противење.

Свештеникот призна дека ја знае вистината за некои библиски теми за кои дискутиравме и дека не ги учи луѓето за вистината за овие работи од страв да не ја изгуби работата. Подоцна, мојата помлада сестра Естир и јас го посетивме во неговиот дом и тој зеде библиска литература. Противењето на проповедањето на нашето подрачје се намали. Всушност, многумина од оние кои чуја за поволната реакција на свештеникот, почнаа да слушаат. Но, кратко потоа свештеникот беше преместен на друго место.

Се случи нешто значајно како резултат на тоа што при еден мој престој во болница ја споделував мојата вера. Разговарав со еден младич по име Џеф, кој дојде да го посети својот дедо. Натамошните разговори водеа до библиска студија со него. По некое време, Џеф сакаше да присуствува на собраниските состаноци. Иако јас обично одев во едно собрание во Лондон, извесно време патував во блискиот Стратфорд за да го носам на состаноците таму. Целта беше тој да добие помош од некој што живее близу до него.

За жал, Џеф попушти на притисокот на своето семејство и не напредуваше духовно. Меѓутоа, додека одев на состаноците во Стратфорд, повторно се сретнав со Дајен Стјуарт. Се запознавме кога работевме заедно на изградбата на една Сала на Царството. Започнавме врска и се венчавме на 1 јуни 1996.

Мојата состојба се менува

За жал, три седмици откако се венчавме, јас тешко се разболев. Со тоа започна серија престои во болница која доведе до итниот случај што го опишав на почетокот. Оттогаш почнав да примам кислород 24 часа на ден. Ме тресат грозници, ноќе се потам, добивам плеврит, не спијам заради кашлањето и имам болки во зглобовите, нозете и градниот кош. Понекогаш искашлувам крв, а тоа е страшно затоа што, ако не престане, може да доведе до ненадејна смрт.

Сега, заедно со мојата сакана сопруга која ми е придружник и помошник, им сведочам на лекарите, физиотерапевтите, пациентите и другите здравствени работници во болниците, како и дома кога ќе ми дојдат во посета. Колку и да се тешки моите здравствени проблеми, секоја таква можност ја сметаме за прилика да го фалиме Јеховиното име.

Што ме одржува сега

Заради тоа што моите околности се променија, со Дајен имаме посебна телефонска линија која ни овозможува да ги слушаме собраниските состаноци и да учествуваме во нив. Оваа љубезна подготовка многу нѐ охрабрува и ни дава чувство дека сѐ уште сме активен дел од собранието, иако најчесто не можеме да бидеме физички присутни.

Освен тоа, во склоп на нашата служба сега им се јавуваме на луѓето по телефон и им ја пренесуваме нашата надеж која се темели на Библијата. Започнавме библиски студии кои ги водиме по телефон. Тоа што им зборуваме на непознати луѓе за Јехова и за неговите прекрасни подготовки за верното човештво во новиот свет на праведност ни носи голема радост.

Поддршката што ми ја даваат татко ми и мајка ми претставува зајакнувачко охрабрување и утеха за мене. Особено сум му благодарен на Јехова за тоа што ме благослови со Дајен, која ме прифати со мојата болест и сега ми е главен помошник во борбата да истраам.

Како што навлегувам во последните фази на болеста, длабокото размислување за надежта за иднината ме одржува да издржам. Секојдневното читање на Библијата заедно со Дајен е утеха и за мене и за неа. Знам дека во блиска иднина ќе бидам здрав и нема да ми треба секојдневна терапија за да можам да дишам. Во ветениот рај, кога ќе добијам здрави бели дробови, се замислувам себеси како трчам на отворено поле. Тоа е сѐ што сакам — да потрчам на отворено поле за да ги испробам моите бели дробови.

Тоа што си ги замислувам благословите на Божјиот ветен нов свет ми помага да се борам од ден на ден. Изреки 24:10 вели: „Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата“. Наместо да мислам дека мојата сила е скудна, чувствувам дека Јехова ми дава сила над она што е нормално (2. Коринтјаните 4:7). Тоа ми помага да давам сведоштво за неговото име и намери, како и да се соочам со сѐ што ќе допушти тој — било да го преживеам крајот на овој систем на ствари во Армагедон или, пак, да умрам сега и подоцна да бидам воскреснат во неговиот нов свет (1. Јованово 2:17; Откровение 16:14—16; 21:3, 4).

[Слики на страница 13]

Со мојата сопруга, Дајен, која ми е голема поддршка

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели