Во неволја научивме да се потпираме на Бог
РАСКАЖАЛА РОЗИ МАЈЕР
Бев во петтиот месец од бременоста со моето прво дете кога свекрва ми забележа дека нозете ми се необично отечени. Тој мартовски ден во 1992, мојот сопруг Џои и јас не ни помислувавме дека она што ни претстоеше ќе ја стави на испит нашата доверба во Јехова.
ПО ЕДНА седмица, гинекологот откри дека имам премногу висок крвен притисок. Нормално, се загрижив кога препорача да останам во болница за да се извршат испитувања и набљудувања. Испитувањата покажаа дека сум добила прееклампсија, потенцијално фатална компликација во бременоста.a
Докторката во болницата строго препорача веднаш да се провоцира породување за да ме заштити мене и бебето. Мојот сопруг и јас бевме зашеметени. „Но, бебето нема ни 24 седмици!“, извикав возбудено. „Како е можно бебето да преживее надвор од матката?“ „Тогаш, ќе се обидам да добијам на време“, љубезно одговори докторката. „Меѓутоа, ако Ви се влоши состојбата, ќе мора да Ве породам“. Поминаа 13 дена, а мојата состојба нагло се влоши. Докторката го повика мојот сопруг и ја донесовме тешката одлука да се породам.
Породувањето
Ноќта пред да се породам, д-р Мек Најл, педијатар, разговараше со нас за да ни објасни со што би можеле да се соочиме кога ќе го имаме предвреме роденото бебе — беше можно оштетување на мозокот, бели дробови кои можеа да бидат недоволно развиени за да функционираат исправно и многу други потенцијални компликации. Се молев за „мирот Божји, што надвишува секој ум“ и за сила да прифатам и да се справам со сѐ што ќе се случи (Филипјаните 4:7). Следното утро нашето бебе се роди со царски рез. Тежеше само 700 грама. Ѝ го дадовме името Џоен Шели.
По пет дена си заминав дома со празни раце. Мојата ќеркичка остана во болницата, во специјалното одделение за нега на доенчиња, борејќи се за живот. По две недели Џоен доби пневмонија. Бевме благодарни кога се стабилизира, но само по неколку дена доби инфекција на дебелото црево и мораше да се префрли на одделението за интензивна нега. Следните шест дена, Џоен малку закрепна, па почна дури и да добива на тежина. Бевме восхитени! Но, нашата радост беше краткотрајна. Д-р Мек Најл ни рече дека Џоен е анемична. Предложи да се обидеме да го набавиме синтетичкиот хормон еритропоетин (ЕПО) за да се стимулира создавањето на црвени крвни клетки кај нејзе. Канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци овде на Бахамите стапи во контакт со претставници на Службата за болнички информации во Бруклин (Њујорк). Брзо му испратија на д-р Мек Најл најнови податоци за достапноста и употребата на ЕПО и тој започна лекување со него.
Претстојат проблеми
Минаа неколку тегобни седмици. Џоен се бореше со инфекција на дебелото црево, напади кои повремено предизвикуваа апнеја (периоди кога не дишеше), низок хемоглобин и бронхијална пневмонија. Се плашевме дека секој од овие проблеми би можел да биде последната капка во чашата. Но, Џоен полека напредна. Кога имаше три месеци, сѐ уште беше во болница и тежеше само 1,4 килограми. Но, за прв пат во својот живот, таа дишеше сама, без дополнителен кислород. Хемоглобинот се качуваше на нормално ниво. Докторот рече дека, ако добие уште половина килограм, ќе можеме да ја земеме дома.
По три недели Џоен имаше тежок напад на апнеја. Испитувањата не ја покажаа причината. Нападите на апнеја беа многу упорни и секогаш настапуваа додека ја храневме. Конечно, се откри дека Џоен има рефлуксен гастроезофагитис. Хранопроводникот не се затвораше после јадење и затоа она што го имаше во желудникот се враќаше во грлото. Кога ќе се случеше тоа, се задавуваше и престануваше да диши.
На почетокот на октомври, Џоен доби вирус додека лежеше на одделението за бебиња. Многу предвремено родени бебиња умираа од него. Во таква ослабната состојба, ни се чини дека Џоен го доби најдолгиот напад на апнеја што некогаш го имала. Сите обиди да се врати во живот беа безуспешни. Педијатарот веќе рече дека е мртва, кога необјасниво таа почна да дише — но веднаш потоа почнаа нападите. Повторно ја ставија на респиратор и бевме сигурни дека тоа е крај за Џоен. Но, таа се извлече и ние му бевме благодарни на Јехова.
Учиме да имаме поголема доверба во Јехова
Проблемите со кои се соочувавме пред да се роди Џоен можат да се споредат со паѓање од брод во близина на пристаништето, каде што едноставно може да се доплива до брегот. Сега изгледа како да сме паднале од брод среде океан, каде што нема копно на видик. Кога ќе се сетиме на минатото, сфаќаме дека пред да се роди таа, ние понекогаш премногу се потпираме на себеси. Но, од она што го доживеавме со Џоен, научивме да имаме доверба во Јехова во ситуациите за кои не постои човечко решение. Научивме да правиме онака како што советувал Исус — да се справуваме со работите ден за ден (Матеј 6:34). Научивме да се ослонуваме на Јехова, иако понекогаш не знаевме за што точно да се молиме. Сега му благодариме на Јехова за мудроста од Библијата и за „силата која ја надминува нормалната“, која ни овозможува да се справиме со тие големи тешкотии (2. Коринтјаните 4:7, NW).
Кога ќе паднам во криза, честопати ми е тешко да задржам емоционална рамнотежа. Не можам да мислам на ништо друго освен на Џоен. Мојот сопруг, Џои, ми е од непроценлива вредност во обезбедувањето духовна рамнотежа. Многу сум му благодарна за тоа.
Џоен си доаѓа дома
Здравјето на Џоен постепено се подобри. Еден ден таа дословно ја извлече од устата цевката на респираторот. Д-р Мек Најл тогаш сметаше дека Џоен може да си дојде дома. Бевме восхитени! Во подготовките за нејзиното доаѓање дома, научивме како да ја храниме од цевка. Снабдивме и кислород, најмивме монитор на кој можевме да го следиме срцето и дишењето и бевме на курс за прва помош за враќање во живот. Конечно, на 30 октомври 1992, Џоен беше отпуштена од болницата. Таа помина 212 дена во одделението за специјална нега на доенчиња, а исто така и ние.
Уште од почетокот, членовите на семејството и локалното собрание на Јеховините сведоци се покажаа како вистински дар од Јехова. Доаѓаа и ги чистеа куќата и дворот, готвеа, ни помагаа да одиме во болница и ја чуваа Џоен за да можам да спијам. Во тој период ги видовме прекрасните фасети на нивните карактери кои не ги познававме. На пример, некои ни пренесуваа духовни мисли кои им помогнале да ги преживеат тешкотиите.
Нашиот живот денес
Напорно се трудевме да посветиме колку што е можно подобра медицинска грижа за многуте проблеми на Џоен. Кога наполни 19 месеци, дознавме дека Џоен има и церебрална парализа — последица од оштетување на мозокот. Потоа, во септември 1994, се подложи на тешка операција заради рефлуксниот гастроезофагитис. Во 1997, Џоен почна да добива напади кои беа опасни за нејзиниот живот. За среќа, со измени во исхраната, нападите престанаа. Здравствените проблеми на Џоен го забавија нејзиниот физички развој. Но, сега посетува специјално училиште и добро напредува. Не може да оди и говорот ѝ е многу ограничен, но ја земаме со нас на сите христијански состаноци и во службата од куќа до куќа. Изгледа среќна.
Јехова ни пружи огромна утеха во тие мачни моменти. Одлучни сме и понатаму да се потпираме на него и ‚да се радуваме‘ во него и покрај неочекуваните тешкотии (Авакум 3:17, 18; Проповедник 9:11). Желно ја очекуваме Божјата ветена рајска земја, во која што нашата драга Џоен ќе ужива во совршено здравје (Исаија 33:24).
[Фуснота]
a Прееклампсија значи стеснување на крвните садови кај трудницата, од што произлегува слаб проток на крвта до органите, како и до плацентата и фетусот во развој. Иако не е позната причината за оваа болест, некои докази покажуваат дека е наследна.
[Слика на страница 28]
Нашата ќерка Џоен
[Слика на страница 30]
И покрај ограничувањата, Џоен е среќно дете