Поткрепена од надежта за да ги издржам неволјите
РАСКАЖАЛА МИЧИКО ОГАВА
На 29 април 1969, ми се јавија од полиција. Мојот сопруг, Сеикичи, беше повреден во сообраќајна несреќа и се наоѓаше во болница. Ги оставив моите две синчиња кај една пријателка и побрзав таму. Оттогаш Сеикичи е парализиран и никогаш повторно не се освести. Да Ви раскажам за нашето семејство и за тоа како излегуваме на крај.
РОДЕНА сум во февруари 1940 во Санда, во близината на Кобе (Јапонија). Со Сеикичи се познававме уште од градинка. Се венчавме на 16 февруари 1964. Мојот сопруг не беше многу зборлив човек, но ги сакаше децата. Ни се родија две синчиња, Риусуки и Кохеи.
Сеикичи работеше во една градежна компанија во Токио, па така, откако се венчавме, живеевме во едно негово предградие. Во октомври 1967, ме посети една млада жена која ми кажа дека поучува од Библијата. „Не, благодарам. Јас си имам своја Библија“, ѝ реков.
„Може ли да ја видам?“, праша таа.
Ја зедов Библијата од полицата — му припаѓаше на Сеикичи — и ѝ ја дадов да ја види. Во неа ми го покажа името Јехова. Не знаев дека тоа е Божјето име. Кога ги виде моите две мали деца, жената ми го прочита од Библијата следново: „Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари“ (Изреки 22:6). Всушност, јас веќе се прашував како ќе можам успешно да ги воспитам моите деца. Затоа, веднаш сакав да ја проучувам Библијата.
Ја поканив жената да влезе и започнавме дискусија од брошурата „Гледај! Сѐ ново создавам“. Си мислев: ‚Колку би било убаво кога сите како семејство би можеле да имаме среќен живот!‘ Кога Сеикичи си дојде дома, реков: „Сакам да ја проучувам Библијата“.
„Мила, не ти треба толкаво образование“, рече тој. „Јас ќе ти помогнам во сѐ што сакаш да знаеш.“ Сепак, почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци секоја седмица и наскоро почнав да присуствувам на нивните состаноци.
Почеток на нашите неволји
Кога пристигнав во болницата таа ноќ во април 1969, како што спомнав на почетокот, бев шокирана кога дознав дека кога се случила несреќата, во таксито бил и еден пријател на Сеикичи, сопругот на жената на која што ѝ ги оставив моите синчиња. Пријателот на мојот сопруг умре по една недела.
Таа ноќ, персоналот од болницата ми рече да се јавам на сите за кои мислев дека треба да го видат Сеикичи, бидејќи не се очекуваше дека ќе преживее. Имаше фрактура на основата на черепот и церебрална контузија. Следниот ден, роднините од областа на Кобе побрзаа да дојдат во болницата.
Еден глас даде итно известување преку звучникот во болницата: „Ги молиме сите роднини на Сеикичи Огава веднаш да го посетат“. Побрзавме на одделението за интензивна нега и еден по еден се поздравувавме со него. Меѓутоа, неговата критична состојба потраја цел месец. Конечната дијагноза покажа дека ваквата состојба ќе трае долго време.
Затоа, со амбулантско возило Сеикичи беше префрлен од Токио во Кобе, на оддалеченост од 650 километри. Го испратив и се упатив дома со брз воз молејќи се да преживее. Подоцна истата вечер, се израдував кога го видов жив во болницата во Кобе. Со шепот му реков: ‚Душо, ти не се предаде!‘
Живеам со родителите
Со синчињата се вратив во домот на моите родители во Санда, каде што децата почнаа да одат во градинка. Купив годишен возен билет за Кобе, кој се наоѓаше на оддалеченост од околу 40 километри, и свекрва ми и јас наизменично одевме во болницата секој ден во текот на следната година. Се прашував: ‚Дали денес Сеикичи ќе се освести? Што ќе биде првото нешто што ќе ми го каже? Што ќе му одговорам?‘ Исто така, особено кога ќе видев некое среќно семејство, си помислував: ‚Да беше здрав Сеикичи, и на нашите синови ќе им беше убаво‘. Во очите ми навираа солзи.
Во тие први години, кога ќе прочитав во весник дека некој се освестил откако бил во кома неколку месеци, помислував дека и Сеикичи би можел да се разбуди. Затоа, во една прилика му реков на мојот девер: „Сакам да го одведам во болницата во североисточен Хоншу“. Но, тој ми рече дека нема лек и ме посоветува да ги трошам парите што ги имам за другите членови на семејството.
Еден христијански старешина во едно собрание на Јеховините сведоци во Кобе, живееше во близина на болницата и јас наминував кај него пред да одам да го посетам Сеикичи. Еднаш седмично неговата сопруга водеше библиска студија со мене. И нивните две деца доаѓаа во нашата соба во болницата за да пуштат аудиокасета од нивните собраниски состаноци. Ова семејство многу ме охрабри и утеши.
Поткрепена од надежта
Еден ден, еден патувачки надгледник на Јеховините сведоци нѐ посети во болницата и ни го прочита стихот од Римјаните 8:18—25. Тој делумно гласи: „Мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас . . . Оти знаеме дека сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега . . . А надеж за она, што се гледа, не е надеж, оти, како ќе се надева некој на нешто, што го гледа? Кога се надеваме, пак, на она, што не го гледаме, со трпение го очекуваме“.
Дискусијата за нашата христијанска надеж ме потсети на тоа дека сегашните страдања се мали кога ќе се споредат со радоста што ја ветува Исус — живот на претстојната рајска земја (Лука 23:43). Таа дискусија ми помогна да се соочам со сегашната реалност и да се сосредоточам на идната реалност на благословите во новиот свет (2. Коринтјаните 4:17, 18; Откровение 21:3, 4).
Во јуни 1970, Сеикичи беше префрлен во една болница во Санда, каде што живеев заедно со родителите. Во јануари следната година, кога го добив документот што го пополни нашиот адвокат, а со кој се изјавуваше дека мојот сопруг е неспособен како последица на сообраќајната несреќа, бев многу тажна и не можев да ги задржам солзите. Свекрва ми честопати ми велеше: „Жал ми е, Мичико, зашто ти е многу тешко со син ми“. Исто така, велеше: „Би сакала да можам да се заменам со Сеикичи“. Плачевме заедно.
Татко ми ме тераше да се вработам, но јас бев решена да се грижам за Сеикичи. Иако навидум без свест, тој реагираше на топло и на студено и чувствуваше дека е негуван. Татко ми сакаше да се премажам, но јас сфатив дека тоа не би било исправно бидејќи мојот сопруг сѐ уште беше жив (Римјаните 7:2). Потоа, кога татко ми беше пијан, велеше: „Кога ќе умрам, ќе го земам и Сеикичи“.
На моја голема радост, во 1971 беше формирано собрание во Санда. Потоа, на 28 јули 1973, го симболизирав моето предание на Јехова со крштавање во вода. Тоа беше за време на меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци, што се одржа на Експо Граундз во Осака.
Подоцна, во 1973, син ми Кохеи се разболе од акутен нефритис и пет месеци лежеше в болница. И татко ми беше во болница затоа што беше болен од туберкулоза. Така, на 1 јануари 1974, отидов да ги посетам татко ми, мојот сопруг и син ми во три различни болници. Во неделите кога одев да го посетам Кохеи заедно со мојот постар син, Риусуке, ја проучувавме книгата Listening to the Great Teacher (Да се слуша Големиот Учител). Потоа, Риусуке и јас одевме на состанок во Кобе и се враќавме дома со радост во срцата.
Секогаш сум им благодарна на оние кои помогнаа во грижата за Сеикичи. Бев одлучна да го споделам библиското спознание со нив. Откако една негувателка ја изгуби својата сестра во пожар, таа се одѕва кога ѝ ја покажав величествената надеж за воскресение што е ветена во Библијата (Јов 14:13—15; Јован 5:28, 29). Почнавме библиска студија во болницата и таа се крсти на еден конгрес во 1978.
Моите деца — извор на радост
Воспитувањето на децата без помошта на мојот сопруг беше предизвик, но колку само бев наградена! Ги учев на добри манири и да бидат обѕирни кон чувствата на другите. Кога Риусуке имаше само три години, се извинуваше кога немаше да постапи пристојно, велејќи: „Мамо, извини“. Кохеи беше малку бунтовен и понекогаш се лутеше кога се обидував да го исправам. Во една прилика тој се испружи и плачеше пред една продавница затоа што сакаше да добие нешто. Но, јас разумно разговарав со него покажувајќи наклоност и стрпливост. Со текот на времето, тој стана послушно, добро дете. Тоа ми помогна да се уверам дека Библијата навистина е Божја реч (2. Тимотеј 3:15—17).
Кога Риусуке тргна во гимназија, им објасни на наставниците зошто не може да прифати обука во боречки вештини (Исаија 2:4). Еден ден си дојде од училиште светнат од радост затоа што на еден состанок со неколку наставници можел да одговори на нивните прашања.
Здравото друштво во собранието беше многу корисно за моите синови. Христијанските старешини честопати ги канеа на оброк и ги вклучуваа во нивната семејна библиска студија и во рекреацијата. Имаше прилики и за пријатно дружење, вклучувајќи и учество во различни спортови. Риусуке го симболизираше своето предание на Јехова со потопување во вода во 1979, а Кохеи се крсти следната година.
Нашата полновремена служба
Еднаш, кога имавме посета од патувачкиот надгледник, му реков дека сакам да бидам пионер, како што се нарекуваат полновремените слуги на Јеховините сведоци. Бидејќи во тоа време таквиот чекор не беше мудар со оглед на моите околности, тој љубезно ме потсети дека треба да ги подигам моите синови цврсти во библиската вистина. „Најважно е да имаш пионерски дух“, рече тој. Затоа бев помошен пионер, учествувајќи во оваа активност заедно со моите синови додека беа на училишен распуст. Оваа активност многу ми помогна да ги задржам радоста и душевниот мир додека се грижев за Сеикичи.
Конечно, во септември 1979, можев да се придружам во редовите на општите пионери. Во мај 1984, околу една година по завршувањето на средно училиште, и Риусуке се пријави за пионер. Кохеи му се придружи во пионерската служба во септември 1984. Така, сите тројца уживаме во овој облик на полновремената служба. Кога ќе размислам за 20-те години пионерење, во кои имав предност да им помогнам на извесен број луѓе да му служат на Јехова, мислам дека оваа активност ми помогна да најдам поткрепа низ моите неволји.
Риусуке работеше како доброволец на изградбата на образовниот центар веднаш до Конгресната сала Кансаи. Потоа, седум години се грижеше за Конгресната сала Хјого. Сега, како христијански старешина во едно блиско собрание во Кобе, тој се грижи за мене. Од 1985, Кохеи служи како доброволец во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Ебина.
Поткрепена со многу благослови
Со години одев во болницата неколку пати седмично за да го посетам Сеикичи и да го искапам. Се грижев за него паралелно со грижата што ја имаше од редовна негувателка. Во септември 1996, по 27 години поминати во болниците, Сеикичи се врати да живее во нашиот дом, добивајќи ја помошта на една негувателка. Може да зема течна храна преку една цевка во носот. Иако очите сѐ уште му се затворени, тој покажува некакви реакции кога му велиме нешто. Тешко ми е кога ќе го видам Сеикичи во таква состојба, но поткрепена сум од величествената надеж за иднината.
Кратко пред да се врати Сеикичи, му понудив сместување на еден патувачки надгледник и неговата сопруга, и така една година живеевме пет души во нашата прилично мала куќа. Не ни замислував дека еден ден ќе можам повторно да живеам со Сеикичи, и благодарна сум му на Јехова за ова. Многу години имав силна желба Сеикичи да ги отвори очите, но сега едноставно сакам да се извршува Јеховината волја.
Навистина можам да речам: „Благословот Господов — збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето“ (Изреки 10:22). Иако среќниот живот со здравиот Сеикичи беше краткотраен, јас бев благословена со двајца синови кои ‚си спомнуваат за својот Творец‘. Многу сум благодарна заради тоа! (Проповедник 12:1).
Во меѓувреме, многу би сакала да продолжам да пионерам — и со тоа да им помогнам на другите да го пронајдат „вистинскиот живот“ — и, во исто време, со љубов да се грижам за Сеикичи (1. Тимотеј 6:19, NW). Моето искуство ме научи дека се вистинити зборовите на псалмистот: „Пренеси ја на Господа маката своја, и Он ќе те поткрепи. Не дозволувај праведниот човек да пострада“ (Псалм 54:22).
[Слика на страница 14]
Мојот сопруг и јас со Риусуке
[Слика на страница 14]
Сеикичи со нашите два сина, шест месеци пред сообраќајната несреќа
[Слика на страница 16]
Бевме благословени со два сина, Риусуке и Кохеи (горе), кои ‚си спомнуваат за својот Творец‘