ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g03 8/1 стр. 16-19
  • Заробени во златна солза

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Заробени во златна солза
  • Разбудете се! 2003
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Злато на северот
  • Што е килибар?
  • Да се пронајде изгубеното богатство
  • Од карпа со корупка до исполиран скапоцен камен
  • Визија на една древна шума
  • Реконструирање на минатото?
  • Што му дава вистинска смисла на животот?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
  • Како можам да станам Божји пријател?
    Разбудете се! 1997
  • Како можам да го направам успешен мојот престој во странство?
    Разбудете се! 2000
  • Мравките-медарки — пустински деликатес
    Разбудете се! 2011
Повеќе
Разбудете се! 2003
g03 8/1 стр. 16-19

Заробени во златна солза

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ДОМИНИКАНСКА РЕПУБЛИКА

ЕДНА мравка брза по стеблото на едно дрво, несвесна за опасноста што ѝ претстои. Одеднаш, едната нога ѝ се залепува, а потоа и другата, и на крајот таа се фаќа во стапицата на медената смола што ја испушта дрвото. Капнува уште една златна капка, и мравката е проголтана. Невозможно е да избега. Конечно, лепливата маса во која се наоѓа мравката паѓа на земја. Дождот ја носи заробената мравка во некоја река, каде што се закопува во тињата. По неколку милениуми мравката е пронајдена, совршено зачувана во некоја златна солза. Смолата се стврднала и се претворила во килибар — едно од најскапоцените богатства на човекот.

Колку знаеме за килибарот? Можат ли килибарот и инсектите што се закопани во него да ни кажат нешто за далечното минато? Дали во нив лежи клучот за повторно создавање на облици на живот што се истребени веќе долго време?

Злато на северот

Илјадници години, човекот го интересирало мистериозното потекло на килибарот и неговата топла, златна убавина. Освен тоа, изгледало дека килибарот имал чудесна моќ! Околу 600 година пр.н.е., грчкиот научник Талес забележал дека, кога килибарот ќе се истрие со ткаенина, добива способност да привлекува пердуви или мали парченца слама. Таа „чудесна моќ“ е статичкиот електрицитет. Всушност, на некои јазици зборот за „електрицитет“ е изведен од грчкиот збор за килибар — електрон. Повеќе од две илјади години подоцна англискиот лекар Вилијам Гилберт открил дека и други супстанции освен килибарот можат да создадат статички електрицитет.

Некаде помеѓу 54 и 60 н.е., римскиот император Нерон испратил еден воен офицер да го побара изворот на оваа скапоцена супстанција. Патувајќи на север, тој го пронашол — балтичкиот брег — и се вратил со стотици килограми килибар. Во Рим килибарот се ценел поради неговата убавина и неговата наводна способност да го заштити од лошо оној што го носи. Исто така, тој бил една од состојките на лековите и медицинските масти. Римскиот историчар Плиниј известил дека килибарот бил толку популарен што една резбана фигурка од килибар вредела повеќе од еден здрав роб!

Најраните цивилизации на северна Европа користеле килибар, кој понекогаш се нарекувал злато на северот, за да го трампаат за железо, бакар и други производи од југот. Во текот на средниот век, трговијата со килибар во Европа и неговото производство строго ги контролирале Тевтонските витези, кои неодамна се вратиле од крстоносните војни. Неовластеното собирање килибар се казнувало со смрт.

Во меѓувреме, на карипскиот остров Кискеја, сега Доминиканска Република и Хаити, и Таино Индијанците пронашле килибар. Кога Колумбо првпат пристигнал на Кискеја во 1492, на еден млад поглавар на островот му подарил нишка од блескави мониста од килибар. Се вели дека Колумбо бил изненаден кога за возврат добил пар чевли украсени со мониста од килибар!

Што е килибар?

Килибарот од Доминиканска Република е стврдната смола од еден истребен вид широколисно тропско дрво. Некои негови сродници, локално познати како алгароба, сѐ уште растат на Карибите, како и во Централна и Јужна Америка. Меѓутоа, најблиските видови до древното доминиканско „килибарно дрво“ ги има само во Источна Африка. Килибарот од балтичкиот регион се добива од едно зимзелено дрво.

Како настанува килибарот? Прво, кората од дрвото некако се отвора — се крши некое гранче, напукнува стеблото или, пак, дрвото го напаѓаат шумски бубачки. Потоа на површината истекува една леплива смола за да ја затвори раната. Некои несреќни инсекти или други мали суштества се фаќаат во смолата и на крајот сосема потонуваат во неа. За разлика од сокот на дрвото, кој се состои од вода и хранливи материи, смолата содржи терпентини, алкохоли и естри. Изгледа дека овие хемикалии дејствуваат како средства за сушење и како антибиотици. Тие балсамираат секакви херметички затворени инсекти и растенија. Под соодветни надворешни услови, смолата полека се стврднува и се претвора во килибар, при што со милениуми го чува неоштетено она што се наоѓа во неа. Значи, килибарот е фосилизирана смола од прастарите дрвја.

Да се пронајде изгубеното богатство

Иако килибарот го има низ целата Земјина топка, само 20-тина подрачја содржат доволно килибар за да се исплати неговото ископување. Засега, најголемо количество килибар се вади во балтичкиот регион на Источна Европа, во Доминиканска Република и во некои делови на Мексико.

Копањето килибар е грижлива и напорна работа. Многу научници веруваат дека, за смолата да се претвори во килибар, мора да биде закопана под земја, обично во влажна глина или во песочни наслаги. Многу рудници во Доминиканска Република се наоѓаат на висок, нерамен терен покриен со бујна, суптропска шума. До нив може да се дојде само пеш или на магаре низ стрмните планински патеки.

Некои рудници се широки, длабоки јами. Но, други се тесни тунели долги и до 200 метри. Поради тоа што машините и експлозивите можат да го распукнат килибарот, рударите мораат со напор рачно да го искршат тврдиот песочник и тешката глина, користејќи длета, мотики и лопати. Честопати, единствен извор на светлина за рударот е некоја свеќа.

Од карпа со корупка до исполиран скапоцен камен

Откако ќе се извади килибарот од околната карпа, рударот го изнесува на светлото сонце, го мие и ја крши тврдата корупка на едниот крај. Потоа ја мачка откриената површина со масло за да може да погледне во килибарот. Бара инклузии — фосилизирани ’рбетници, инсекти или друг органски материјал што можеби го има во килибарот. Инсект може да се види во секое 100-то парче од доминиканскиот килибар. За разлика од тоа, само во секое 1.000-то парче од балтичкиот килибар се појавуваат инсекти. Ова делумно се должи на тоа што балтичкиот килибар обично е непроѕирен, додека повеќе од 90 проценти од доминиканскиот килибар е проѕирен.

Килибарот внимателно се сортира според димензиите, обликот, бојата и содржината. Повеќето од илјадниците парчиња килибар што се ископуваат секоја седмица се мали. Но, не сите. Едно парче доминикански килибар тежи околу 8 килограми! Малите парчиња без инклузии се користат за накит, додека најскапоцените парчиња се чуваат за приватните колекционери или за музеите.

Килибарот најчесто се јавува во топлите нијанси на жолта и златна боја. Неколку парчиња син килибар се ископуваат секој месец во Доминиканска Република. Зелен килибар се наоѓа уште поретко. Се смета дека оваа разнообразност на бои се должи на разликите во хемискиот состав на смолата и на минералите во околната почва.

Визија на една древна шума

Поради необичните карактеристики што ги има, килибарот и неговите „затвореници“ го надживеале бујниот тропски екосистем од којшто дошле. Органскиот материјал во повеќето фосили се скаменил — неговата првобитна структура е заменета со минерали. Од друга страна, пак, самиот килибар е од органска природа, како што се животните или растенијата што можеби ги содржи. Ако е проѕирен, неговите древни богатства можат да се изучуваат и да се фотографираат во три димензии без да бидат оштетени. Затоа, килибарот е наречен златен прозорец кон минатото бидејќи содржи запис не само за инсектите и за малите ’рбетници туку и за растенијата и климата на екосистемите што се исчезнати долго време.

Кои се највредните инклузии? Многу зависи од тоа како гледа колекционерот. Некои од најскапоцените инклузии се оние што меѓу љубителите на килибарот се познати како три богатства — скорпии, гуштери и жаби. Бидејќи се поголеми и посилни од многу инсекти, повеќето од нив можеле лесно да се ослободат од стапицата што им ја поставила смолата. Тие што се фатиле во стапицата обично биле многу мали или можеби биле ослабени од некоја болест или, пак, биле повредени од грабливци. Колку се ретки таквите пронајдоци? Многу се ретки! Еден колекционер проценува дека се откриени само 30 до 40 скорпии, 10 до 20 гуштери и 8 или 9 жаби. Оние што се пронајдени навистина се скапоцени. Едно парче доминикански килибар што содржи мала жаба било откриено во 1997 и неговата вредност била проценета на преку 50.000 долари.

Некои научници сметаат дека уште пофасцинантни се едни поинакви инклузии. Поради тоа што инсектите честопати биле фатени во стапицата брзо, многу парчиња килибар содржат „снимки“ од древната историја. Можат да се видат показатели за однесувањето на животните, како што е однесувањето на грабливецот и неговиот плен. Некои примероци што содржат јајца, ларви што се во фаза на изведување, кукли од пајаци со ембриони или новоизведени пајаци им овозможуваат на научниците да ги проучат стадиумите на развојот на инсектите. Едно парче килибар, што се чува во еден музеј во Штутгарт (Германија), содржи древна колонија од 2.000 мравки.

Слично на тоа, од инклузиите можат да се добијат информации за флората на древните шуми. Цветови, печурки, мов, листови и семиња зачувани во килибар овозможиле да се идентификуваат многу древни растенија и дрвја. Освен тоа, научниците се прилично сигурни дека имало и смокви, иако не е пронајден ниеден лист ниту гранчиња. Зошто? Затоа што во килибарот се откриени неколку видови оси — видови за кои се знае дека живеат само во смоквите. Значи, разумно е да се претпостави дека во шумата растеле и смокви.

Реконструирање на минатото?

Пред неколку години, еден популарен филм се темелел врз претпоставката дека може да се репродуцира диносаурус со помош на ДНК од неговата крв што била пронајдена во комарците заробени во килибар. Многу научници се сомневаат дека тоа навистина е можно. Сите живи суштества имаат своја ДНК, која ги содржи шифрираните упатства што ги одредуваат нивните наследни карактеристики. Меѓутоа, иако научните експерименти дошле до мали фрагменти на ДНК од некои инсекти и растенија што биле пронајдени во килибарот, овие експерименти воопшто не успеваат да ги репродуцираат истребените суштества.

Не само што добиената ДНК е оштетена туку таа е и некомплетна. Според една проценка, фрагментите што можат да се добијат можеби се помалку од еден милионити дел од вкупните информации што се содржани во генетичката шифра на организмот. Потфатот целосно да се реконструира таа шифра е спореден со реконструирање на книга од илјадници страници само од една измешана, нецелосна реченица.a

Во секој случај, идејата за клонирање диносаурус предизвика обновен интерес за килибарот и сега во музеите во целиот свет има изложби на килибар. Во Светскиот музеј на килибарот во Санто Доминго (Доминиканска Република) посетителите можат да уживаат интерактивни изложби и да го изучуваат килибарот под силни микроскопи. Во работилницата на музејот, вешти занаетчии го претвораат необработениот килибар во прекрасен накит и во скапоцени камења во кои се гледаат фосили.

Килибарот го фасцинира човештвото со векови. Денес тој се цени заради неговата топла, мистериозна убавина. Исто така, тој ни дава скапоцен увид во минатото.

[Фуснота]

a За повеќе информации во врска со генетиката, видете Разбудете се! од 8 јули 1995, страници 3—10.

[Слики на страница 17]

Различни инсекти, како и жаби, се пронајдени заробени во килибар

[Слики на страница 18]

Мали парченца килибар се претвораат во исполирани скапоцени камења

[Извори на слики на страница 17]

Инсектите во килибар на страници 16 и 17 и накитот на страница 18: Cortesía Museo Mundo de Ambar, Santo Domingo RD - Foto Gianfranco Lanzetti; жаба на 17 страница: Cortesía Museo Mundo de Ambar, Santo Domingo RD e Nelson Fulgencio - Foto Gianfranco Lanzetti

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели