Удирачите на платно во Бамако
ВО БАМАКО, главниот град на западноафриканската држава Мали, во текот на целиот ден може да се слуша еден рамномерен ритмичен такт. Меѓутоа, тој не доаѓа од музичарите. Наместо тоа, ударите што потсетуваат на тапан одекнуваат од малите колипки на удирачите на платно. Но, зошто некој би удирал платно?
Удирањето платно е последниот чекор во еден необичен процес на обработката на ткаенината. Сѐ започнува со едно парче бело платно или некое парче облека. Тоа обично се бои во најразлични бои и шари. Потоа се потопува во густ раствор на корен од маниока иситнет во прав или, пак, во сок од најразлични каучукови дрвја. Откако ќе се исуши на сонце, материјалот станува тврд како даска. Во тој момент е подготвен за последниот чекор — удирање на платното.
Главна работа на удирачите на платно е да го удираат сега крутиот материјал сѐ додека не ги снема сите нерамнини. Во малите колипки обично ќе најдете двајца млади мажи седнати еден спроти друг; помеѓу нив има трупец направен од едно африканско дрво. Мажите го премачкуваат материјалот со тенок слој восок и го оптегнуваат преку трупецот. Потоа, користејќи големи дрвени чекани направени од истото дрво, го удираат материјалот. Наизменично ударајќи со вешта ускладеност, секој удира онаму каде што пропушта другиот.
Зошто едноставно не користат пегла? Една причина е тоа што, поради топлината на пеглата, ткаенината побрзо ќе избледне. Исто така, пеглата нема да создаде толку живи бои како што ќе создадат удирачите на платно. Ова е така затоа што секој удар на дрвениот чекан остава зад себе светол сјај што го зголемува интензитетот на бојата. По темелното удирање, материјалот може да биде толку сјаен што ќе помислите дека е штотуку обоен.
Затоа, ако одите низ улиците на овој град и чуете нешто што личи на рамномерно удирање на тапани, погледнете ги одблизу колибите околу Вас. Можеби звукот воопшто не доаѓа од тапани; можеби тоа е звукот што доаѓа од удирачите на платно во Бамако.