Набљудување на светот
Скапоцениот магдонос
Магдоносот, кој често се користи само како декорација, е богат извор на витамини и минерали, вели австралискиот Sunday Telegraph. „Чаша полна со магдонос содржи повеќе бета каротин (витамин А) отколку некој голем морков, има речиси двапати повеќе витамин Ц отколку портокалот, и содржи повеќе калциум отколку чаша млеко. Исто така, во него има повеќе железо отколку во исто количество црн дроб, и претставува богат извор на витамини Б1 и Б2.“ Кога се користи како лек, „магдоносот е ефикасен диуретик, што значи дека му помага на организмот да се ослободи од вишокот течности“, стои во весникот. Исто така, може да помогне при извесни проблеми со црниот дроб, слезината, желудникот и мочните патишта. Кога се јаде свеж, „тој е еден од најдобрите освежувачи на здивот, а да не зборуваме за тоа дека е и најевтин“. Меѓутоа, во истата статија се предупредува дека „при некои состојби, како што е бременоста . . . може да биде опасен поради неговите естрогени состојки“.
Како смртта на детето влијае врз родителите
„Може навистина да се умре од скршено срце — тоа не е само стилска фигура“, стои во лондонскиот The Times. Истражувачите на данскиот универзитет во Орхус „набљудувале 21.062 родители во Данска што изгубиле дете помало од 18 години поради болест, сообраќајна несреќа, убиство или самоубиство“. Тие ги споредиле овие родители со 300.000 други што не претрпеле загуба на дете. „Во првите три години по смртта на детето, шансите мајката да умре од неприродна смрт — обично несреќа или самоубиство — биле речиси четирипати поголеми, додека ризикот кај таткото се зголемил за 57 проценти“. Истражувачите претпоставуваат дека зголемениот стрес може да биде главна причина за поголемата стапка на смртност.
Пријателски расположените деца уживаат поголема популарност
„Фармерките од познати марки и најмодерните технички апарати не се гаранција за популарност. Кај врсниците многу повеќе вреди пријателскиот став на детето отколку неговиот општествен статус“, стои во германското списание Psychologie Heute. Јудит Шренк и Кристине Гиртлер, психолози на Институтот за развој на човекот Макс Планк (Берлин), анкетирале 234 деца од трето и петто одделение во десет различни основни училишта. Тие откриле дека децата што сакале да имаат подобри односи со другите и што биле пријателски расположени и отворени имале поголемо влијание врз другите. Децата што ги удирале другите или им се смееле имале помало влијание врз своите врсници. „Дури и убавината или големиот џепарлак не им значат толку на соучениците“, стои во истиот извештај.
Лоша година за алпските глечери
Жешкото лето во 2003 година беше „најлошото годишно време што се памети“ за алпските глечери, стоело во италијанскиот весник Corriere della Sera. Како што летата стануваат потопли и просечните температури се зголемуваат, насобраниот снег и лед на планините во северна Италија почнува да се топи „со досега невидена брзина“. Едно од изненадувањата што неодамна излегоа од растопениот лед беше и еден топ од австриско производство тежок 3.300 килограми, кој бил пронајден на надморска височина од 3.178 метри. Тој се користел за да се напаѓаат италијански позиции во текот на Првата светска војна. „Во изминативе 20 години сѐ почесто се пронаоѓаат вакви работи“, стои во статијата. „Потоплите лета ги претворија нашите глечери во фрижидери со отворени врати.“