Шеќери на животот
ШЕЌЕР— веројатно го користите за да засладите сѐ, почнувајќи од колачите па сѐ до кафето. Но, дали сте знаеле дека шеќерот може да покрене револуција во биологијата што би можела да биде еднаква на онаа што ја покрена откривањето на ДНК?
Во поново време, научниците изучуваат како клетките ги користат простите шеќери, како што е гликозата, за да изградат џиновски молекули „што според својата големина и сложеност можат да им конкурираат на ДНК и протеините“, стои во списанието New Scientist. „Шеќерите се вклучени во речиси секој аспект од биологијата — помагаат да се препознаат патогените микроорганизми, да се згрутчи крвта и спермата да навлезе во јајце-клетката.“ Во исто време, дефектите при нивната синтеза се одговорни за сѐ поголем број болести, како што се мускулната дистрофија и ревматоидниот артритис. „Биолозите само што почнале да ги сфаќаат најразличните функции на овие шеќери“, стои во извештајот, „но притоа утврдуваат дека мораат да ги преиспитаат своите долго застапувани идеи во врска со тоа како функционира животот.“
Научниците го измислиле зборот „гликом“ за да ги означат сите шеќери што ги создава една клетка или организам, исто како што зборот „геном“ го означува целосниот комплет гени. Меѓутоа, гликомот на клетката „веројатно е илјадници пати посложен од геномот“, вели Аџид Варки, директор на Гликобиолошкиот центар за истражување и обука при универзитетот Калифорнија (Сан Диего, САД). Зошто гликомот е толку сложен?
Во клетките, простите шеќери — моносахаридите — се поврзуваат и формираат полисахариди. Тие, пак, се спојуваат во џиновски молекули што можат да содржат и повеќе од 200 молекули на попрости шеќери. Поради тродимензионалната структура на овие шеќери, која е клучен фактор за нивното функционирање, „шеќерот што се состои само од шест прости молекули може да има зашеметувачки 12 милијарди комбинации“, стои во New Scientist.
Опишувајќи ги застрашувачките предизвици со кои се соочуваат истражувачите на ова ново поле наречено гликобиологија, Варки рекол: „Тоа е како штотуку да сме ја откриле Северна Америка. Сега треба да испратиме извидници за да утврдат колку е голема“.
Јасно, сложените механизми на живата клетка укажуваат на интелигенција од највисок степен. Кај многу луѓе овој факт предизвикува побожна страхопочит. Дали тоа е случај и со Вас? (Откровение 4:11).