ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/9 стр. 16-18
  • Посета на островот на стаклото

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Посета на островот на стаклото
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто е толку прочуено?
  • Печки и продажни салони
  • Кога птиците ќе удрат во стакло
    Разбудете се! 2009
  • „Црниот лебед“ на каналите на Венеција
    Разбудете се! 2007
Разбудете се! 2004
g04 8/9 стр. 16-18

Посета на островот на стаклото

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА

ЕДЕН вешт занаетчија ја става стакларската цевка во малиот страничен отвор на разгорената печка. Топката од растопено стакло се жари како изгрејсонце. Една многу тенка нишка блеска со портокалова боја додека стапот се вади од печката, и потоа веднаш исчезнува. Мајсторот го вала ова растопено стакло на една метална маса, и топката станува цилиндар. Кратко дувнува во шупливиот стап и ја дуе грутката, потоа пак ја вала, ја подигна, ја разгледува и повторно ја пика во огнот.

Се наоѓаме на Мурано, едно мало островче во лагуната на Венеција, во Италија. Овој остров е прочуен по своите стакларски производи. Всушност, во овој регион се изработува стакло повеќе од 1.000 години. Остатоците од една фабрика за стакло на Торчело, еден соседен остров во лагуната, датираат од седмиот век н.е. Сепак, првиот доказ што потекнува од самата Венеција е еден документ што датира од 982 н.е., чиј сведок бил некој си „Доменик стакларот“.

Во 1224, венецијанските стаклари основале здружение на занаетчии. Во 1291, со Големиот венецијански собир било наредено да се отстранат сите стакларски печки од градот, можеби од безбедносни причини. Многу од нив биле пренесени овде во Мурано, во лагуната, на оддалеченост од околу 1 километар од градот, каде што и останале.

Зошто е толку прочуено?

Ако се земе предвид дека стаклото се изработува уште од древно време во многу делови од светот, тогаш зошто е толку посебно стаклото од Мурано, односно венецијанското стакло? Се мисли дека локалните занаетчии успеале да ја усовршат својата уметност до многу висок степен и тоа поради честите контакти на Венеција со другите региони што имале долга традиција на дување стакло, како што се Египет, Феникија, Сирија и Коринт од времето на Византија. Всушност, методите и производите на најстарите познати венецијански фабрики изгледа дека многу им должат на своите еквиваленти од Исток. Техниките што се користеле во Мурано ја издигнале стручноста на овој остров до ниво што можеби никогаш не било достигнато во другите европски центри.

Во Европа, во 13⁠-тиот и 14⁠-тиот век, Венеција била „единствениот центар за изработка на стакло што можел да изработи ‚ремек-дела‘ од дувано стакло“, стои во книгата Glass in Murano. Производите на Венеција се извезувале насекаде — од источниот Медитеран па сѐ до Северна Европа. Во 1399, кралот Ричард II од Англија им дозволил на две венецијански галии укотвени во лондонското пристаниште да продаваат стакларија. Во истиот период, венецијанското стакло имало свое место меѓу поседите на француските благородници. Со текот на времето, Мурано станал познат, меѓу другото, по своите огледала, лустери, шарени предмети, златни и емајлирани украси, кристал, имитација на скапоцени камења, пехари со богато украсени дршки и предмети со нежни шари.

Венеција, која љубоморно ги чувала тајните на овој занает, настојувала да ја спречи појавата на висока конкуренција. Уште во 13⁠-тиот век, на стакларите им било забрането да се иселуваат. Заштитните мерки станале толку строги што само на вистинските граѓани им било дозволено да работат како стаклари или чираци. Едно време, стакларите кои ќе побегнеле од тоа место а потоа биле фаќани, морале да плаќаат тешки казни и биле осудувани на пет години веслање на галија со нозете оковани во пранги.

Сепак, некои стаклари илегално имигрирале на разни места низ Италија и Европа и почнувале да му конкурираат на Мурано, произведувајќи ги истите предмети и користејќи ги истите техники. Во многу случаи речиси е невозможно да се направи разлика помеѓу нивните производи — кои станале познати како à la façon de Venise, односно во венецијански стил — и производите изработени во Мурано.

Венецијанската уметност го достигнала својот врв во 15⁠-тиот и 16⁠-тиот век. Креативните форми на убаво изработениот кристал, неговите насликани глазури, неговото непроѕирно латимо (млечно стакло), и неговото ретичело (стакло гравирано како чипка) — се само неколку специјалности од Мурано што доминирале на пазарот и се користеле на трпезите на царевите.

Во тоа време, „љубопитниот патник кој би пристигнал во лагуната во време кога печките работеле, сигурно не би ја пропуштил приликата да ги разгледа“, вели една историчарка од областа на стакларската уметност. И ние не сакаме да ја пропуштиме таа прилика. Затоа, ова утро земаме вапорето, ‚автобус‘ на каналот, и одиме од Големиот Канал до Мурано. Дојдете со нас.

Печки и продажни салони

Веднаш штом стигнуваме со вапоретото на првата станица во Мурано, луѓето нѐ упатуваат кон најблиските фабрики за стакло, каде што можеме бесплатно да гледаме како се извршува стакларската уметност. Гледаме како еден мајстор дува и врти една топка од стопено стакло, која се претвора во издолжен меур на крајот од неговиот стап. Потоа, со искусни движења на клештите и ножиците ја тегне, ја сече и ја стиска безличната маса обликувајќи ја во глава, нозе и опашка на коњ во од.

Откако заминуваме од првата фабрика, чекориме по должината на мирната Rio dei vetrai (Канал на стакларите) каде што, како и во поголемиот дел од Венеција, единствениот сообраќај се одвива по тротоарите и по водата. Овде сфаќаме дека во Мурано има десетици работилници и продажни салони. Во некои од нив се изложени елегантни, квалитетни предмети — сервиси за чај, свеќници и импозантни, масивни скулптури — за чија изработка несомнено била потребна значителна вештина и внимателност. Во други има поевтина стока, од мониста до вази и шарени тегчиња за хартија. Многу од тие производи се прекрасни. Сите се рачно изработени.

Фасцинирани сме кога гледаме како се изработуваат различните предмети. Стаклото на Мурано — кое е составено од 70 проценти песок и 30 проценти натриум карбонат, варовник, нитрат и арсен — станува течно на 1.400 Целзиусови степени а се стврднува на околу 500 Целзиусови степени. На соодветна температура помеѓу овие две точки, стаклото е меко и растегливо. Затоа, за да се дува или обликува некој предмет потребно е постојано да се враќа во огнот за да може пак да биде меко. Мајсторите седат на клупи помеѓу хоризонталните рачки, на кои ги поставуваат и ги тркалаат цевките за дување. Додека ги вртат со едната рака, со другата рака држат алатка или калап од крушково дрво потопен во вода, особено отпорен на топлина, за да го обликуваат стопеното стакло.

Гледаме додека еден мајстор дува еден меур во ребрест калап, едниот крај од меурот го отсекува неговиот помошник, а потоа го врти стакларскиот стап околу неговата оска за да се отвори меурот, како да се отвора пупка од цвет. Со натамошно загревање и обликување и со помош на една алатка се прави раб, а потоа парчето се претвора во чашка за лустер со облик на крин.

За да го обои проѕирното стопено стакло, мајсторот го попрскува со прав во боја што може да се раствори. Ефект на цветови се постигнува со помош на murrine техниката — додавање тркалезни парчиња од подготвени стаклени шарени прачки. Стопеното стакло во облик на цилиндар може да се вала на таков начин што на неговата надворешна површина ќе се налепат стаклени стапчиња или делови од стапчиња наредени паралелно на една метална подлога. Кога ќе се вратат во печката, овие додатоци — разнобојни, во вид на чипка или спирални — се топат и се прилепуваат за стаклената маса, која потоа може да се обликува во вазна, ламба или која и да е друга форма по желба. Предмети со дебели ѕидови со различни слоеви од обоено или проѕирно стакло се изработуваат со потопување на предметот во различни лонци за топење.

Да, изгледа дека секој предмет си има своја приказна и специјална техника. Благодарение на нивните вековно стари традиции, стакларите од овој историски остров на Венеција можат да го користат огнот за да го претворат песокот во прекрасни, блескави производи.

[Слика на страница 16]

Rio dei vetrai, Мурано (Италија)

[Слика на страница 17]

Пехар „Баровије“ од 15⁠-ти век

[Слика на страница 17]

Пехар од 16⁠-ти век изгравиран со дијамантски шилец

[Слики на страница 18]

1. Страничен отвор

2. Еден мајстор обликува грутка стакло

3. Стаклото повторно се загрева за да може пак да биде меко

4. Со помош на клешти и ножици, мајсторот додава нозе на еден коњ во од

5. Готов производ

[Извор на слика]

Фотографии со љубезна дозвола на http://philip.greenspun.com

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели