ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g04 8/11 стр. 12-15
  • Светот на музиката на врвот од прстите

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Светот на музиката на врвот од прстите
  • Разбудете се! 2004
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Предците на клавирот
  • Пристигнува клавирот
  • Композиторите почнуваат да се интересираат за клавирот
  • Клавир на секој чекор
  • Би сакале ли да свирите клавир?
  • Класичен пијанист зборува за својата вера
    Разбудете се! 2013
  • Музика која му е угодна на Бог
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
  • Добар начин да уживаме во теократските песни
    Нашата служба за Царството 2011
  • Животот во библиски времиња — музичарите и нивните инструменти
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
Повеќе
Разбудете се! 2004
g04 8/11 стр. 12-15

Светот на музиката на врвот од прстите

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА

„ВЕЛИКАН во светот на музичките инструменти“ — така некои го нарекуваат клавирот. Бидејќи дава многу можности и со него можат да се изразуваат чувства, тој е подеднакво прифатен во светот на класичната музика, во џезот и во популарната музика. Доминира во концертните сали како величествен соло инструмент, а исто така може дискретно да придружува дури и пејач со тивок глас. Може да биде „оркестар за еден човек“, но може и веднаш да се вклопи речиси со секој инструмент. За него се вели дека е „музички еквивалент на сликарската палета“ и бил инспирација за некои од најубавите музички дела што биле напишани. Кој го изумил клавирот, и зошто е сѐ уште популарен денес?a

Предците на клавирот

Харфата и лирата биле меѓу првите жичени инструменти на кои се свирело со допир на жиците со прсти (Битие 4:21). Подоцна бил измислен цимбалот, по чии жици свирачот требало да удира со мали чеканчиња. Во Европа, во текот на Средниот век, биле измислени инструменти на кои жиците се удирале со помош на клавиши. Најпопуларни биле клавикордот и чембалото (клавсенот). Клавикордот имал облик на правоаголна кутија со капак, а жиците се удирале одоздола со мали метални плочки наречени тангенти. Се добивал експресивен звук, но другите инструменти и пејачите лесно го задушувале неговиот тивок глас. Чембалото, кое било поголемо и повеќе личело на денешниот концертен клавир, имало долги жици што се повлекувале со помош на перца или тргалки. Тоа давало силен, резонантен тон, но без никакви промени во јачината на звукот.

Во 1700 година, кога се компонирала нова драматична, експресивна музика, музичарите сакале инструмент со клавијатура кој би давал чувствителни звуци, како клавикордот, а би бил гласен како чембалото.

Пристигнува клавирот

Италијанецот Бартоломео Кристофори, кој се занимавал со производство на музички инструменти, ја комбинирал основната конструкција на чембалото со механизмот со чеканчиња кај клавикордот, користејќи мали дрвени чеканчиња обложени со кожа за да се удира по жиците. Својот изум го нарекол гравичембало кол пијано е форте (чембало со тивок и гласен звук), накратко пијанофорте, односно пијано, или клавир. Тоа бил инструмент со клавијатура што давал помелодичен и побогат тон, а можело да се свири потивко или погласно.

За жал, Кристофори не доживеал да го види успехот на својот нов инструмент. Бидејќи за него покажале интерес само малку луѓе, тој повторно почнал да прави чембала. Речиси 30 години по првиот клавир на Кристофори, Германецот Готфрид Зилберман, кој правел оргули, повторно го разгледал неговиот дизајн и почнал самиот да прави клавири. Мајсторите во Германија и Австрија продолжиле да експериментираат, концентрирајќи се на тоа да направат еден помал, полесен модел наречен четириаголен клавир.

Во Англија имало уште една група мајстори што правеле клавири. Тие имигрирале од Германија кон крајот на 1750⁠-тите. Едниот од нив, Јоханес Цумпе, направил еден модел на четириаголен клавир што добро се продавал. Себастијан Ерар од Франција и други мајстори од Европа и Америка додале уште детали што го подобриле овој инструмент. Остроумниот шкотски столар Џон Бродвуд сфатил дека клавирот би бил идеален за младите дами од штотуку збогатените семејства од средната класа. Наскоро неговата компанија била зафатена со тоа да произведе голем број четириаголни и концертни клавири.

Следниот предизвик бил да се направи мал клавир што ќе дава подобар звук од големиот концертен клавир. Затоа, се правеле вертикални клавири (пијанина), а не хоризонтални, и станувале сѐ поголеми. Вертикалните жици на еден модел што го направил Бродвуд се издигале 2,7 метри над клавијатурата; но бидејќи горниот дел очигледно бил многу тежок, било премногу опасно да се свири! Друг вертикален модел наречен „жирафа модел“ бил всушност еден концертен клавир со едниот крај свиткан нагоре. Англичанецот Џон Ајзик Хоукинс го направил првото успешно пијанино во 1800 поставувајќи го долниот крај на жиците веднаш над подот. Поради него, четириаголниот клавир со текот на времето паднал во заборав.

Композиторите почнуваат да се интересираат за клавирот

Во меѓувреме, композиторите почнале да се интересираат за клавирот. Во 1777, кога младиот Волфганг Амадеус Моцарт бил во работилницата на Јохан Штајн во Баварија за да го испроба овој нов инструмент, бил импресиониран од него. Наскоро почнал да пишува музика за него. За само четири години компонирал цели 15 концерти за клавир! Меѓутоа, Лудвиг ван Бетовен бил тој што по неколку години многу направил за да ги покаже вистинските квалитети на овој нов инструмент. Тој му дал живот на клавирот, кој речиси пеел. Тој бил инструментот за кој сонувале музичките кругови. Одеднаш на сцената се појавил еден нов бран на романтична, страствена музика. Фредерик Франсоа Шопен, кој бил „поет на клавирот“, сметал дека тоа е совршено средство за да се изразат мислите и чувствата. Франц Лист напишал возбудлива оригинална музика во која клавирот звучел како оркестар. Исто така, тој ја воодушевил публиката и со својата виртуозност.

За жал, дрвената рамка и тенките жици на клавирот не биле во состојба да ја издржат гласната, стравствена музика на еден енергичен концерт. Затоа, мајсторите што правеле клавири почнале да додаваат метални елементи сѐ додека не ја усовршиле металната рамка од еден дел. Така можеле да се стават подебели жици и да се користат потешки чеканчиња за да добие погласен звук. Добиениот прилично остар звук се коригирал со помош на чеканчиња обложени со филц. Со подолгите жици што се протегале дијагонално над пократките уште повеќе се подобрил тонот и се заштедил простор. Така настанал современиот клавир, а со него се појавиле и десетици големи пијанисти што ги полнеле концертните сали со воодушевена публика желна да го чуе нивниот сѐ поголем репертоар на музика за клавир. Во меѓувреме, производителите на клавири во Европа и Америка брзо го зголемиле производството за да ја задоволат огромната побарувачка.

Клавир на секој чекор

Во почетокот на 20. век, секој дом морал да го има овој нов статусен симбол, сеедно дали некој во домаќинството знаел да свири на него или не. Се барале пијанисти за да ги забавуваат муштериите и патниците, да свират за новите неми филмови и да им држат часови на сѐ поголем број амбициозни аматери. Семејствата се собирале на седенки околу клавирот. Аматерите изведувале свои сопствени музички изведби. Почнала редовно да се појавува нова музика за клавир. Се појавиле и сосема различни стилови на свирење — привлечниот, синкопиран регтајм, бавниот ритам на блузот, упорниот такт на буги-вуги.

Популарноста на клавирот се намалила по Првата светска војна. Иако во 1910 во целиот свет биле произведени 600.000 клавири, најголем број дотогаш, продажбата на клавири постепено опаднала. Фонографот, радиото, грамафонот, а со текот на времето и телевизорот, станале главна семејна разонода. Но, тоа не било крај за клавирот. Со новите технички напредоци по II светска војна тој доживеал препород. Во 1980, производството повторно се зголемило на преку 800.000 инструменти. Денешните полесни клавири се направени од пластика и легура, а нивните бели клавиши се обложени со синтетички материјал наместо од слонова коска. Јапонија стана еден од најголемите производители во светот, а Кина го прифатила како „крал на инструментите“.

Би сакале ли да свирите клавир?

За да добиете макар и еден звук од некои инструменти ќе треба многу да вежбате, но ако притиснете неколку клавиши од клавирот по исправен редослед, веќе ќе имате музика! Некои луѓе имаат дарба да свират по слух. Меѓутоа, со помош на едноставни прирачници, повеќето луѓе брзо научуваат да отсвират некоја мелодија со десната рака, а со левата рака да свират во придружба. Замислете си само колку ќе се радувате кога ќе успеете сами да ја отсвирите омилената мелодија со помош на ноти! Дали ќе одберете возбудлив марш, нежен валцер или можеби некоја омилена балада? Можеби ќе ги свирите ритмите на некоја латиноамериканска мелодија или можеби џез. Колку само е забавно да се свири во дует со некој пријател! Исто така, помислете само колку ќе уживаат другите кога ќе свирите во придружба на група пријатели додека тие пеат или свират на други музички инструменти. Дали добивте инспирација и Вие да влезете во овој свет на музиката?

[Фуснота]

a Видете го српското издание на Разбудете се! од 8 ноември 2002, страници 19—21.

[Рамка/слика на страница 13]

Пијанола

За луѓето што немале големо искуство со клавијатури, решението лежело во пијанолата (механички клавир). Тој претставувал комбинација на музичка кутија и клавир, а неговите клавиши сами се движеле горе-долу благодарение на една издупчена ролна хартија што се движела. Во првите модели во 1890⁠-тите, со еден механизам што се наоѓал во предниот дел на клавирот се притискале клавишите со дрвени рачки додека свирачот ги притискал педалите. Кај подоцнежните модели таа направа била вградена во клавирот. Понапредниот „клавир што свири сам“ ги повторувал изведбите на големите пијанисти, а нивните снимени ролни со ноти повторно се произведувале за продажба, нешто како денешните компакт-дискови или касети. Во 1925, во Соединетите Држави се правеле повеќе пијаноли отколку класични клавири. Меѓутоа, заради појавата на радиото и грамафонот, во 1930⁠-тите пијанолата речиси исчезнала.

[Рамка/графикон на страници 14 и 15]

Како работи концертниот клавир

Преку 200 паралелни добро затегнати челични жици даваат 88 тонови. Кратките, тенки жици што брзо вибрираат даваат високи тонови, додека долгите, дебели жици, кои честопати се обложени со бакар, даваат ниски, бас тонови. Сите освен најниските бас тонови се добиваат со помош на две или три жици што се наштимувани да даваат ист тон.

Кога свирачот ќе притисне еден клавиш (1), лостовите поттурнуваат едно тапацирано чеканче, кое ќе удри една или повеќе жици што одговараат на тонот што го произведува тој клавиш и веднаш се враќа назад. Ако клавишот се држи со прстот подолго време, жицата продолжува да вибрира и звукот полека се задушува. Кога свирачот ќе го тргне прстот од клавишот (2), еден придушувач ја притиска жицата и звукот замира. Кога со ногата ќе се притисне десниот педал, се тргаат сите придушувачи и тогаш нотите што следуваат се надоврзуваат и даваат побогат звук.

Жиците минуваат над дрвените ленти наречени кобилици (3), кои се прицврстени за дрвената резонантна плоча (4), која вибрира и ја засилува јачината и резонанцијата на жиците. Дрвената кутија околу него дејствува како звучна кутија што ја засилува јачината на звукот.

Жиците се поврзани со една железна рамка со челични игли (5). Кај концертниот клавир рамката треба да биде доволно цврста за да го издржи притисокот со тежина од околу 30 тони кога ќе се оптегнат сите жици истовремено.

[Графикон]

(Види во публикацијата)

Придушувач

Жица

Чеканче

Притиснат клавиш

Клавиш во нормална положба

[Слика]

Најстариот зачуван клавир на Кристофори, од 1720

[Извор на слика]

The Metropolitan Museum of Art, The Crosby Brown Collection of Musical Instruments, 1889. (89.4.1219) Photograph ©1983 The Metropolitan Museum of Art

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели