Поглед во светот
◼ Шпанската влада одлучила 0,5 отсто од даноците да им се исплаќаат или на некоја добротворна или на католичка организација, според тоа како ќе одлучи секој од даночните обврзници. Иако 80 отсто од Шпанците се католици, само 20 отсто ја избрале втората можност. (EL PAÍS, ШПАНИЈА)
◼ Според табелите на Заводот за здравствена статистика, ако пушат на триесетгодишна возраст, мажите ризикуваат да си го скратат животот за 5 и пол години, а жените за повеќе од 6 и пол“. Но, ако на истата возраст престанат да пушат, многу се намалува ризикот да умрат од болест поврзана со пушењето. (THE TIMES, АНГЛИЈА)
◼ Во 2004 година, потрошувачката на нафта во светски рамки скокна за 3,4 отсто, искачувајќи се на 82,4 милиони барели дневно. Речиси половина од порастот се должи на зголемената потрошувачка во Соединетите Држави и Кина. САД дневно трошат 20,5, а Кина 6,6 милиони барели нафта (VITAL SIGNS 2005, WORLDWATCH INSTITUTE)
„Ценете си ја мајката“
Аналитичарите на трудот процениле дека, кога би ѝ бил платен целиот труд на една канадска мајка што сама си ги чува децата, нејзината годишна плата, со платена прекувремена работа, би изнесувала околу 110.000 евра. Оваа бројка е пресметана според моменталното просечно вреднување на трудот за „една 100-часовна работна седмица, која се состои од шест дена со 15-часовна работа и еден ден со 10-часовна работа,“ вели весникот Vancouver Sun. Во обврските на оваа мајка спаѓа работата што би ја вршела една воспитувачка во градинка, учителка, возач, чистачка, готвачка, медицинска сестра и една работничка на одржување. Весникот го дава следниот совет: „Ценете си ја мајката: таа најверојатно не е доволно платена“.
Измешани морални вредности кај младите
Младите Финци сѐ повеќе „си создаваат свои лични морални вредности“, наведува еден билтен на универзитетот Јивескиле во Финска. Денес е вообичаено „луѓето да си земат по нешто од секоја религија, како да се на пазар“ вели билтенот. Резултататите од ова понекогаш се контрадикторни. На пример, на младите им е важно да има економска благосостојба подеднакво за сите; но, истовремено, „почнуваат да го сметаат за важно и дрското и грубо соперништво“.
Трансфузијата и ризикот од прион
Во една своја неодамнешна изјава за печат, Француската организација за здравје и заштита на медицински производи наведе дека ризикот да се пренесе прион преку трансфузија не е само можен туку и веројатен. Се смета дека прионите, кои се протеински молекули, се одговорни за развојот на разни видови сунѓереста енцефалопатија кај луѓето. Оваа смртоносна невродегенеративна болест, за која не постои лек, е една варијанта на говедска енцефалопатија кај луѓето, попозната како кравјо лудило. Изјавата дека ризикот е поголем отколку што се мислело се должи на откривањето два нови случаја во Британија, кои веројатно ја добиле болеста преку трансфузија. Не постои сигурен начин да се испита дали некој ја има оваа болест пред да се појават клиничките симптоми.
Желба за витко тело
Едно истражување покажало дека „уште на петгодишна возраст, некои девојчиња се незадоволни од своето тело и би сакале да се послаби“ известува The Sydney Morning Herald. Извештајот ги наведува резултатите од истражувањето спроведено меѓу девојчиња од Австралија на возраст од пет до осум години. Речиси половина од девојчињата сакале да се послаби, а исто толкав број рекле дека „ќе држат диета ако се здебелат“. Еден од истражувачите навел дека нездравата претстава што си ја имаат создадено децата „подоцна во животот може да доведе до ниска самопочит, депресија и нарушувања во исхраната“.