Барски птици — белосветски скитници
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
ЗАМИСЛИ си да поминеш два месеца од северното лето во арктичката тундра, каде што сонцето речиси никогаш не заоѓа. Но, како што се приближува зимата, тргнуваш кон Јужна Америка, Австралија или јужна Африка. Во останатиот дел од годината постојано си на пат и ги пребаруваш бреговите на секој континент во потрага по твоите омилени јадења. Вака изгледа животот на повеќето барски птици во светот.
Барските птици — како што покажува и името — се птици што сакаат да се хранат во плитки води.a Во постудените месеци на северната хемисфера, овие птици се собираат во голем број на калливите речни устија, на плажите, на блатата или на карпестите крајбрежја, каде што речиси и не стапнува човек. Во текот на потоплите месеци, кога туристите нагрнуваат на плажите, повеќето барски птици се селат во арктичките и субарктичките региони, каде што краткото лето им нуди спокој и изобилство храна која им е потребна за да ги подигаат своите млади.
Барските птици немаат некои особено живописни бои, но нивниот импресивен лет и нивните впечатливи обележја на крилјата го пленат восхитот на многу набљудувачи. „[Крајбрежните птици] можат да летаат благо допирајќи ја водата со врвовите на своите крилја или на висина од шест или повеќе километри. Тие мајсторски ги користат воздухот и ветрот“ се вели во книгата Барски птици — прекрасни крајбрежни скитници (Shorebirds—Beautiful Beachcombers).
Бројот служи како заштита
Барските птици честопати се собираат во големи јата на места каде што има доволно храна. Изгледа дека се собираат во голем број заради заштита. Грабливите птици, како што е сивиот сокол, повеќе сакаат да ги напаѓаат птиците самотници, а како што се чини, збиените јата не им се баш привлечни за напад. И нормално, илјадници внимателни очи побрзо ќе забележат опасност. За да имаат полза од оваа дополнителна заштита, многу барски птици формираат мешани јата од неколку видови.
Кога едно јато барски птици ќе се вивне во воздухот, тоа е вистинска глетка. Стотици, па дури и илјадници, тесно збиени птици се преметнуваат и се вртат, се издигнуваат и се спуштаат, небаре ги контролира некоја невидлива рака. „Тоа што илјадници птици, кои летаат заедно со голема брзина, можат да изведуваат нагли потези со прецизна ускладеност е вистинско чудо“, се вели во книгата Прирачник за птиците во светот (Handbook of the Birds of the World). Проучувајќи филмови со јата на црномешести пескари, орнитолозите увиделе дека една единствена птица може да започне некој потег што брзо се пренесува низ целото јато.
Светот под нозе
Некои барски птици се вистински белосветски патници. На пример, црвеникавиот пескар и белиот пескар се размножуваат посеверно од која и да било друга птица. Барските птици може да се најдат по бреговите на речиси секој дел од Земјината топка и на своите годишни селидби можат да поминат околу 32.000 километри.
Иако при некои преселни патувања барските птици мораат да прелетаат океани, тие не знаат да пливаат и никогаш не се одмораат на водата. Затоа мораат да имаат големи резерви гориво, или енергија — пропорционално гледано, повеќе отколку што му треба гориво на еден џамбо-џет, кај кој, при полетување, на гориво отпаѓаат 40 отсто од неговата вкупна тежина. Од каде барските птици добиваат толку енергија?
„Тие собираат [енергија] во облик на масти, а на бреговите толку лакомо јадат што во лето, за неколку седмици, речиси двојно ја зголемуваат тежината“, објаснува Дејвид Атенбороу во книгата Животот на птиците (The Life of Birds). „Овие резерви се уште поголеми од она што го заклучуваме според статистичките податоци, зашто многу од нивните внатрешни органи, меѓу кои и мозокот и цревата, се смалуваат за да има место за оваа додатна енергија и за да не им се зголеми премногу тежината.“
Еден впечатлив патник е пацифичката златеста свиралка, која се сели од Алјаска на Хавајските Острови. Освен истрајноста која ѝ е потребна за непрекинат лет од 4.500 километри, вистинско чудо е и како успева да ги најде Хаваите на сред океан. Една златеста свиралка чиј лет беше набљудуван, го помина тој пат за помалку од четири дена. А една постара птица го има поминато патот меѓу Алјаска и Хаваите преку 20 пати!
Кога конечно ќе почнат да пристигнуваат на Арктикот, каде што се парат и снесуваат јајца, животот на овие храбри патници е вистинска бркотница. За две седмици мораат да најдат партнер, да обезбедат територија и да направат гнездо. Потоа имаат околу три седмици да ги лежат јајцата и уште три седмици да ги подигнат пиленцата. Кон крајот на јули, повторно тргнуваат на југ.
Опасностите на селењето
На долгите патувања на кои тргнуваат, барските птици наидуваат на многу опасности. Една голема опасност доаѓа од луѓето. Во 19 век, природонаучникот Џон Џејмс Одебон известил дека една група ловџии, за само еден ден убиле 48.000 американски златести свиралки. Денес вкупниот број на овој вид птици во светот е малку подобрен, но веројатно сѐ уште е помал од бројот на птици што биле убиени тој ден.
Уште поголема опасност за барските птици е исчезнувањето на мочуриштата. Барските птици не можат лесно да се приспособат на ваквите промени. „Навиките на парење, селење и презимување на исто место секоја година барските птици ги стекнале во текот на илјадници години, а човекот многу лесно може да ги смени или да ги уништи“, објаснува книгата Барски птици — водич за препознавање на барските птици од целиот свет (Shorebirds—An Identification Guide to the Waders of the World). Опстанокот на милиони барски птици зависи од заштитата на неколку клучни места каде што тие застануваат во текот на селидбата.
Најголем пример за тоа е Заливот Делавер, долж брегот на југозападен Њу Џерзи, Соединетите Држави. Таму, околу сто илјади црвеникави пескари се собираат напролет за да се изнајадат со јајцата на ракот потковичар. Птиците се прегладнети зашто само што завршиле со „еден од најдолгите непрекинати летови во светот на птиците“. За две седмици, од југозападен Бразил до ова место имаат прелетано 8.000 километри‚ и во текот на тоа патување имаат изгубено половина од својата телесна тежина.
Напорите на поборниците за зачувување на природните богатства можат да помогнат да не бидат оштетени ваквите омилени попатни постојки на барските птици. Можеби и во твојата околина има некоја таква област. Откако ќе видиш едно јато барски птици како се преметнуваат и се вртат над брановите или ќе ги чуеш нивните впечатливи звуци, тешко дека ќе ги заборавиш.
Како што вели природонаучникот Артур Морис, „оние што сакаат да ги набљудуваат барските птици имаат нешто заедничко: сите ние безброј пати сме стоеле на пустите плажи или блата и сме гледале јато пескари како блескаат со своите темни и светли перја, како се преметнуваат и се вртат во еден синхронизиран лет. И секојпат кога се случува тоа, исполнети сме со чувство на страхопочит и восхит“.
[Фуснота]
a Барските, или крајбрежните птици спаѓаат во редот Charadrii, и ги има над 200 видови.
[Рамка/слики на страница 18]
Вешти светски патници
Црвеникавите пескари најверојатно ја заслужуваат наградата за најдалечно патување. Оние што се парат на најдалечниот север во Канада обично зимата ја минуваат или во западна Европа или на јужниот брег на Јужна Америка (над 10.000 километри оддалеченост)
[Извор на слика]
KK Hui
Јата со речиси милион црномешести пескари се забележани во Холандија и Мавританија
Северните блатки од своите места за парење во Сибир, се распрснуваат низ Британските Острови, јужна Африка, Блискиот Исток, Австралија или Нов Зеланд
Белите пескари може да се видат по плажите низ речиси целиот свет. Некои од нив може да се парат и на 950 километри од Северниот пол
[Слики на страници 16 и 17]
За да можат да ги преминат пространите океани, барските птици мораат да насоберат големи резерви масти, зашто не можат да се одмораат на водата
[Слика на страници 16 и 17]
Големиот број им служи како заштита на белите пескари
[Слика на страница 17]
Евроазиски остригар
[Слика на страница 17]
Црвенонога блатка бара храна по мочуриштата
[Извор на слика на страница 16]
Горна и долна панорамска фотографија: © Richard Crossley/VIREO