„Мудроста на природата“
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈАПОНИЈА
ОВА беше мотото на саемот за технологија Експо 2005, кој се одржа во Аичи (Јапонија) и на кој учествуваше 121 земја. Посетителите беа поттикнати да учат од природата и „да се трудат да изнајдат патишта кон напредок без да ја уништуваат нејзината рамнотежа“. Саемот се одржа во близина на Нагоја, во централна Јапонија, а во склоп на изложбениот простор, меѓу другото, можеа да се видат шуми, езерца и цвеќиња. Најголема атракција беше една издигната патека, наречена Глобална јамка, долга 2,6 километри, а широка околу 21 метар. Одејќи по овој премин, посетителите можеа да го разгледаат целиот предел без да ја нарушуваат убавината на природата под своите нозе.
Како едно со природата
Слична на огромен кожурец, една бамбусова обвивка сплетена од 23.000 бамбусови стебла го покриваше јапонскиот павилјон, штитејќи го од сончевата топлина. Стеблата беа долги во просек по 7 метри, а павилјонот беше висок 19 метри, широк 90 метри и долг 70 метри. Ова беше една од најголемите бамбусови градби во светот! Во него беше поставен и систем за видеопрезентации во форма на сфера. Кога ќе влезеа во сферата — која имаше пречник од 12,8 метри — посетителите наеднаш ќе се најдеа опкружени од сите страни со подвижни слики и можеа да почувствуваат, така да се каже, како да се едно со Земјата и со нејзиниот богат животински и растителен свет.
На мултимедијалните екрани во малезискиот павилјон се прикажуваа дождовните шуми и коралните гребени на Малезија. Во тајландскиот павилјон, трогателните сцени од цунамито што ја погоди оваа земја на 26 декември 2004 год. ги потсети гостите дека „човекот не е господар над природата“. Посочувајќи на опасноста од истребување на животинските видови, во делот на Јужноафриканската Република беше изложен еден експонат, кој претставуваше репродукција на ждребе на степска зебра, цицач сличен на денешната зебра, кој талкал по рамниците на јужна Африка сѐ додека ловците потполно не го истребиле во 19 век.
Во една изложба на смрзнати експонати, сместена веднаш до главниот павилјон на саемот, беа изложени остатоци од мамут ископан од вечниот лед на Сибир (Русија) во 2002 год. Овој мамут, кој го доби името Јукагир според местото каде што беше откриен, е примерок на изумрен вид слонови. Има два огромни, полукружни заба, а очите му се делумно отворени. Главата сѐ уште му е покриена со кожа, а на места и со крзно. Овој извонреден примерок претставуваше уште едно болно потсетување за опасноста од истребување.
Подобра иднина?
Како можат луѓето да се справат со работите што ја загрозуваат иднината на нашава планета, како што се загадувањето и глобалното загревање? Еден огромен „зелен“ ѕид — наречен ‚биолошки бели дробови‘ — кој беше опишан и како „симбол на Експо 2005“, се протегаше во должина од 150 метри, а неговата височина изнесуваше 15 метри. Беше направен од 200.000 растенија од 200 видови, меѓу кои имаше и цвеќиња. Се изнесе предлог да бидат поставени повеќе вакви „бели дробови“ — кои можат да се менуваат според годишното време — за да послужат како „орган за дишење“ и како филтер на градовите. Тие би го ‚вдишувале‘ јаглеродниот диоксид, а би испуштале кислород.
На Експо беа прикажани и превозни средства, меѓу кои и хибридни автобуси на електрична енергија. Додека овие автобуси ги разнесуваа луѓето, од нивниот ауспух излегуваше само вода. Воодушевување кај љубителите на технологијата предизвика и јапонскиот прв комерцијално произведен линеарен воз од типот „маглев“, наречен Линимо. Со помош на многу силни магнети, Линимо се движеше тивко и лесно — осум милиметри над шините! Беа изложени и трамваи на батерии, такси-велосипеди, како и возила слични на автобуси што можат да функционираат со или без возач. Овие „возила на иднината“ можат да се движат во конвој од по две или три, при што користат природен гас, кој го загадува воздухот многу помалку од стандардните горива.
Замисли си да може органскиот отпад, како што се отпадоците од храна, да биде претворен во струја или во ѓубриво. Токму ова беше намената на една електрична централа подигната на дел од изложбениот простор. Процесот со кој се постигнува ова претворање е наречен ферментација на метан. Наместо да гори, во оваа фабриката отпадот се остава да ферментира и да се претвори во метан, од кој се вади водородот. Ќелиите за согорување, во кои преку хемиски реакции се создава електрична енергија, го врзуваат водородот со кислород за да се добие струја. Отпадни продукти од овие реакции се водата и ѓубривото. Всушност, оваа фабрика го преработи сиот органски отпад што се собра во текот на саемот, а добиената струја се користеше за осветлување на неколку павилјони.
Се вршат многу истражувања и на полето на роботиката со цел да се произведат роботи што ќе можат да им служат како лични помошници на луѓето. Еден показател за напредокот во роботската технологија беа седум роботи, кои појдоа до подиумот во средината на еден павилјон и ги забавуваа посетителите со својата музика. Некои свиреа на дувачки инструменти, притискајќи ги копчињата со своите „прсти“, а други удираа на тапани. „Толку лесни и вешти беа нивните движења што некој би помислил дека се луѓе“, изјавил еден посетител.
Два други високотехнолошки изуми беа пластиката што се распаѓа по биолошки пат, направена од пченкарно брашно, и слични производи, како и наномеурчињата — минијатурни меури од гас кои имаат пречник помал од 200 нанометри. Човечкото влакно е со пречник од околу 50.000 нанометри. Ваквите ситни меурчиња обично се многу нестабилни и брзо исчезнуваат. Меѓутоа, истражувачите во Јапонија развиле технологија за производство на стабилни наномеурчиња од кислород, кои ја зголемуваат „способноста на рибите и на оклопните животни да се приспособат на промените во средината“. Всушност, во еден аквариум полн со наномеурчиња од кислород пливаа по неколку вида и слатководни и морски риби! Истражувачите се надеваат дека оваа нова технологија ќе може да се примени во рибниците, во земјоделството и на други полиња.
Дали светот слуша?
Иако на овој саем беше нагласено дека треба да се слуша „мудроста на природата“, општо земено светот не сака да чуе. Гласовите на неукоста, лакомоста и корупцијата се посилни. Како резултат на тоа, Земјата станала „ранета планета“, како што пишуваше на еден изложбен штанд. Сепак, дури и оние што имаат најдобри намери немаат сигурни решенија за маките на човештвото и за еколошките проблеми на Земјата. Според Библијата, овие решенија се надвор од доменот на човечкото знаење и мудрост (Еремија 10:23). Сепак, ситуацијата воопшто не е безнадежна. Од каде знаеме?
Библијата ни кажува дека најголемиот Извор на мудрост — нашиот Творец — ќе се вмеша во работите на Земјата пред луѓето да го уништат она што тој го создал (Откровение 4:11; 11:18). „Уште малку, и злиот ќе го снема... А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“, стои во Псалм 37:10, 11. Точно, мудро е да ја слушаме природата, но уште помудро е да го слушаме Творецот со тоа што ќе ја читаме и ќе ја применуваме неговата Реч, Светото писмо (2. Тимотеј 3:16). Сите што го прават тоа ќе дочекаат нашата ранета планета сосема да биде излекувана и да се претвори во рај (Лука 23:43).
[Слика на страница 24]
Изложба на наномеурчиња
[Слика на страница 24]
Автобуси без возач
[Слика на страници 24 и 25]
Систем за видеопрезентации во форма на сфера
[Слика на страница 25]
Биолошки бели дробови направени од 200.000 растенија од 200 вида
[Слика на страница 25]
Роботите ги забавуваа посетителите со музика