Крстилници — неми сведоци за еден заборавен обичај
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФРАНЦИЈА
„КРШТАВАЊЕ со нурнување во вода во катедралата“, гласеше насловот во еден француски весник во 2001 год. Но, на придружната слика во статијата се гледаше еден човек што се крштава како католик застанат во вода до колена во еден голем базен за крштавање, а католички бискуп му истура вода врз главата. Оваа сцена, која може да се види насекаде во светот, покажува дека, по Вториот ватикански концил, во Католичката црква по обичај луѓето се крштаваат со делумно влегување во вода. Ова наметнува некои прашања: Со оглед на тоа што повеќето католици уште како бебиња биле крстени со попрскување, кое крштавање одговара на примерот што го оставиле Јован Крстител и апостолите на Исус? Како треба да се крштаваат христијаните денес? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме ако ја разгледаме историјата на крстилниците.a
Потеклото и значењето на крштавањето
Во почетокот, христијаните се крштавале со целосно нурнување во вода. Библискиот запис за случката кога Филип го крстил етиопскиот дворјанин ни помага да го разбереме ова. Откако дознал кој бил Христос, Етиопјанецот здогледал некоја вода и рекол: „Што ме спречува да бидам нурнат?“ (Дела 8:26-39, The Emphatic Diaglott). Во овој стих, коренот на грчкиот збор преведен со „нурнат“ е бапти́зо. Овој збор означува целосно нурнување. Ова е нагласено и со тоа што крштавањето се споредува со погребување (Римјаните 6:4; Колошаните 2:12). Интересно, во неколку преводи на Библијата на француски (на пример преводите на Шураки и на Перно), Јован Крстител е наречен Јован Нурнувачот.
Во самиот зачеток на христијанството, крштавања со целосно нурнување се вршеле секаде каде што имало доволно вода — во реки, во море или во приватни бањи. Меѓутоа, како што растел бројот на оние што сакале да станат христијани, во многу делови од Римското Царство — од Далмација до Палестина и од Грција до Египет — почнале да се градат крстилници. Една од најстарите крстилници што се пронајдени досега се наоѓа во Сирија, на брегот на реката Еуфрат, и е направена околу 230 год. од н.е.
Кога во четвртиот век од н.е. „христијанската“ вера била прифатена како државна религија во Римското Царство, милиони луѓе почнале да стануваат „христијани“ и требало да се крстат. Од таа причина, насекаде почнале да се градат крстилници. Во шестиот век, само во Рим имало околу 25 крстилници, а една од нив била и крстилницата во базиликата Св. Јован Латерански. Во Галија, изгледа дека секоја бискупија имала своја крстилница. Според една книга, таму имало околу 150 крстилници. Во селата, покрај малите цркви, покрај гробовите или манастирите веројатно имало уште стотици.
Архитектура и водоснабдување
Крстилниците обично биле кружни или многуаголни градби. Биле градени или како посебна зграда или, пак, биле поврзани со црквата. Археолошките ископувања покажуваат дека овие градби биле мали (обично помали од 200 метри квадратни), но убаво украсени со колонади, мермер, мозаици и фрески на кои понекогаш биле прикажани библиски сцени. Некои крстилници, како онаа што се наоѓа во градот Маријана (Корзика), дури имале раскошен балдахин над базенот. Зборот „крстилница“ се користел и за самиот базен, кој можел да биде четириаголен, кружен, шестоаголен, правоаголен, во облик на крст или осумаголен. Судејќи според ширината и длабочината, првите крстилници очигледно биле направени за во нив да се крштаваат возрасни лица. Обично биле доволно големи за да можат во нив да влезат најмалку двајца. На пример, во Лион, во источниот дел на Централна Франција, базенот бил широк над 3 метри. Многу базени имале скалила — обично седум — по кои се слегувало во водата.
Нормално, најголем проблем за градителите на крстилници било водоснабдувањето. Многу крстилници се граделе во близина на некој извор или во урнатините на некоја бања, како крстилницата во Ница, во јужна Франција. Базенот обично се полнел и се празнел преку цевки. Но, имало и случаи кога водата се носела со кофи од некој резервоар во близина.
Крстилницата Св. Јован во Поатје, во западна Франција, која била изградена околу 350 год. од н.е., е типичен пример за тоа како изгледала една „христијанска“ крстилница во 4 век. Во една правоаголна просторија, околу која имало неколку ходници, имало голем осумаголен базен со три скалила. Базенот бил длабок метар и пол, а широк над 2 метри. Бил поврзан со аквадуктот кој го снабдувал градот со вода од блискиот извор.
Нурнување или делумно влегување во вода?
Дали во ваквите крстилници се вршеле крштавања со целосно нурнување? Некои католички историчари велат „не“ и тврдат дека во раната историја на Католичката црква се спомнува дека најверојатно се вршеле крштавања со попрскување (истурање вода врз главата). Исто така велат и дека многу од крстилниците не биле подлабоки од 1 метар, што значи дека не биле доволно длабоки за во нив целосно да биде нурнат еден возрасен човек. Во една католичка енциклопедија се вели дека во Поатје „свештеникот можел да застане на третото скалило и воопшто да не си ги натопи стапалата“.
Но, на слики од подоцнежниот период се гледа дека било обичај да се вршат крштавања со целосно нурнување. На тие слики се гледа како оној што се крштава стои во вода до градите или дури и до вратот. (Види ги сликите погоре.) Дали можел еден возрасен човек со нормална градба да биде крстен со целосно нурнување дури и ако водата му била само до половината? Во една книга се вели дека системот за испуштање на водата можел привремено да се затвори. Тогаш, оној што се крштавал клекнувал или седнувал во базенот и потоа можел да биде целосно нурнат во водата.b Пјер Жунел, професор по католичка литургија во Париз, вели дека оној што се крштавал „стоел во водата која му достигала до половината. Свештеникот или ѓаконот му ја ставал раката на главата и му ја наведнувал сѐ додека не бил целиот под вода“.
Крстилниците се смалуваат
Со текот на времето, едноставните крштавања од периодот на апостолите прераснале во сложени ритуали при кои се носеле посебни одежди и се правеле посебни гестови, се кажувале молитви за истерување духови, се светела вода, се кажувала исповедта на верата и се вршеле помазанија. Крштавањето при кое делумно се влегувало во вода продолжило да се шири. Крстилниците се смалувале — некои дури и за половина од првобитната големина. На пример, во Касер, во јужна Франција, првобитниот базен кој бил длабок повеќе од 1 метар, до шестиот век веќе станал длабок само 50 сантиметри. Подоцна, кон 12 век, во Римокатоличката црква крштавањата при кои делумно се влегувало во вода биле сосема заменети со крштавања со попрскување. Според францускиот академик Пјер Шону, причина за ова било тоа што „сѐ почесто се крштавале деца во земјите со сурова клима, и не било можно целосно да нурнеш едно новороденче во студена вода“.
Сето ова било причина да почнат да се градат сѐ помали и помали крстилници. Во својата студија за историјата на крштавањето, историчарот Фредерик Булер вели: „Археологијата, пишаните документи и уметничките дела покажуваат дека од крштавање со целосно нурнување на возрасни лица во првите векови на христијанството се преминало на крштавање бебиња со попрскување, а во преодниот период имало и крштавање на возрасни кои делумно влегувале во вода и крштавање на деца кои целосно биле нурнувани во вода“.
Денес се чини дека крштавањето возрасни лица кои делумно влегуваат во вода станува сѐ попопуларно, а крстилниците стануваат сѐ поголеми. Во склад со она што Булер го нарекол носталгија по целосното нурнување, денес, повеќе од кога и да е порано, Католичката црква препорачува крштавање со целосно нурнување во вода. Но, интересно е што Библијата отсекогаш кажувала дека исправниот начин на кој треба да се крштаваат христијаните е целосното нурнување.
[Фусноти]
a Зборот „крстилница“ обично се однесува на капела покрај црква или на дел од црква каде што се врши крштавање.
b Многу Јеховини сведоци се крштаваат со целосно нурнување во мали базени, па дури и во кади.
[Слика на страница 13]
Крстилницата Св. Јован во Поатје (Франција)
[Слика на страница 13]
Реконструкција на крстилницата во црквата Маријана (Корзика) од петтиот век
[Извор на слика]
© J.-B. Héron pour “Le Monde de la Bible”/Restitution: J. Guyon and J.-F. Reynaud, според G. Moracchini-Mazel
[Слики на страница 14]
СЛИКИ СО КРШТАВАЊЕТО НА ИСУС
Реката Јордан достигнува до половината на Исус, а ангелите носат крпи за да го избришат — деветти век
[Извор на слика]
Cristal de roche carolingien - Le baptême du Christ © Musée des Antiquités, Rouen, France/Yohann Deslandes
Исус во вода до вратот во реката Јордан. Лево два ангела држат крпа за да го избришат, 12 век
[Извор на слика]
© Musée d’Unterlinden - F 68000 COLMAR/Photo O. Zimmermann