Неочекувана помош од Разбудете се!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БЕНИН
◼ Кога 23-годишниот Ноел решил да прекине со школувањето и да стане полновремен проповедник кај Јеховините сведоци, неговите роднини мислеле дека нема да се снајде финансиски. И точно, му било тешко да најде работа што ќе му овозможи да си ја оствари целта. Затоа, кога во Разбудете се! излегла статијата „Пет важни фактори за да најдете работа“, Ноел внимателно ја прочитал неколку пати.a Дали му помогнала? Да, но не токму така како што очекувал.
Директорот на едно приватно училиште видел како Ноел проповеда од куќа до куќа и го прашал дали е Јеховин сведок. Нему му бил потребен нов наставник и, бидејќи имал забележано дека Јеховините сведоци се добри учители, го прашал Ноел дали знае некого што можеби е заинтересиран. Кога Ноел рекол дека не познава никој што би бил заинтересиран, директорот го прашал: „Дали би можел ти?“
Ноел никогаш порано не работел како наставник, а понекогаш и пелтечел. Ова било пречка бидејќи, по одлука на Министерството за образование во Бенин, секој нов наставник најпрво треба да положи испит кој ќе потврди дека не пелтечи. „Положи го овој испит, и ќе бидеш вработен“, му ветил директорот.
Ноел добро напредувал во Теократската школа за служба, чија цел е да им помага на учесниците да ги подобруваат своите говорнички способности, а се одржува еднаш седмично во собранијата на Јеховините сведоци. Толку многу напредувал што одржал неколку јавни предавања во своето собрание. Но, кога дошол на испит, имал многу трема.
Професорот кај кого требало да полага му дал едно списание и побарал да го прочита пасусот подвлечен со црвено. Ноел не можел да им поверува на очите кога видел дека треба да чита од статијата „Пет важни фактори за да најдете работа“. Го прочитал пасусот без грешка, и го положил испитот!
Подоцна, професорот му кажал дека редовно ги чита списанијата на Јеховините сведоци и додал: „Овие списанија се информативни и толку добро напишани што честопати ги користам за испити“.
Ноел почнал да предава како наставник, а директорот сакал да го задржи на работа и следната година. Но, тој имал други планови. Бил поканет да работи во подружницата на Јеховините сведоци, каде што служи сега.
[Фуснота]