Омилената пица
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ИТАЛИЈА
СЕ ВЕЛИ дека кралот Фердинанд I (1751-1825) се преправил во обичен човек и, без да знае никој, посетил една сиромашна населба во Неапол. Која била причината? Според едно предание, сакал да се насладува со едно јадење кое кралицата забранила да го служат на кралскиот двор. Станувало збор за пицата.
Да беше Фердинанд жив денес, немаше да му биде тешко да си го задоволи апетитот. Моментално, во Италија има околу 30.000 пицерии кои годишно прават во просек по 45 пици на жител!
Скромен почеток
Првата пица веројатно била направена во Неапол, околу 1720 год. Во тоа време, пици обично јаделе сиромашните. Тоа било „брза храна“, која можела да се јаде и надвор. Низ улиците шетале продавачи кои на сет глас ги фалеле овие вкусни деликатеси. За да не се оладат, пиците се чувале во скудо — бакарен сад кој продавачите го носеле на главата.
Со текот на времето, кралот Фердинанд I му ја открил на кралскиот двор својата страст кон ова јадење. За кратко време, овој деликатес од улиците станал толку популарен што богатите, па дури и членовите на дворот, почнале да одат во пицерии. За да им удоволи на своите аристократски гости, внукот на Фердинанд, кралот Фердинанд II, отишол дотаму што во 1832 год. изградил фурна во градините на Каподимонската Палата.
Хранлива вредност
Денес пицата е многу популарна меѓу младите. Но, за биде хранлива, треба да содржи здрави состојки, односно да има избалансиран состав од јаглехидрати, протеини и масти, и да изобилува со витамини, минерали и аминокиселини. Се препорачува да се користи маслиново масло, кое го потпомага создавањето на липопротеини со голема густина, наречени „корисен холестерол што ги прочистува артериите“.
Освен тоа, ако е добро испечена, пицата ретко предизвикува тегоби при варењето. Ова делумно се должи на тоа што јаглехидратите во брашното апсорбираат обилна количина вода во текот на месењето и на потквасувањето на тестото. Исто така, сложените јаглехидрати создаваат чувство на ситост, така што дури и најголемиот мераклија на пици обично не би се прејал.
Следниот пат кога ќе го задоволуваш својот апетит за пица, сети се на нејзиниот скромен почеток и биди среќен што кралот Фердинанд I на крајот открил дека пицата му е слабост.
[Рамка/слика на страница 27]
◼ Пицата има најдобар вкус кога се пече во фурна. Чадот што се ослободува при печењето ѝ дава пријатна арома, а тенкиот слој од пепел на долниот дел од пицата ја прави неодоливо вкусна.
◼ Најголемата кружна пица во светот била направена во 1990 год., а имала пречник од над 37 метри и тежела повеќе од 12 тони!
◼ Вековниот обичај на вртење на тестото од пицата во воздух има и практична страна. Центрифугалната сила го сплескува тестото во средината, а го здебелува на краевите, што е совршена форма за основата на пицата.
[Слика на целата страница 26]