Мојата мала розова книга
Раскажала Синтија Њуел
КОГА имав седум години, едно девојче со кое се возев во училишниот автобус во Шривпорт (Луизијана, САД) ми понуди книга со наслов Да се слуша Големиот Учител (на англиски). Ми рече дека можам да ја добијам за 50 центи. Дојде кај мене и заедно ги избројавме паричките.
Оваа мала розова книга многу ми се допадна. Кратко време откако ја добив, се разболев и морав да лежам во болница. За да ме утешат, домашните ми читаа од мојата омилена книга. Но, како што растев така сѐ помалку ја читав бидејќи беше наменета за најмладите. Иако таа ми помогна да научам многу важни работи, ми беше потребно подлабоко разбирање. Одлучив секоја седмица да одам во различна црква во потрага по библиски одговор на моите прашања. Меѓутоа, не добивав добри објаснувања.
Пред да тргнам во средно, религијата ми стана споредна работа, иако сѐ уште бев жедна да знам повеќе за Библијата и редовно ја читав. Еден ден забележав дека една сокласничка не учествува во патриотските церемонии. Кога ја прашав зошто го прави тоа, ми рече: „Веќе се заколнав дека ќе му бидам верна на Јехова. Не можам да му дадам заклетва и на Бог и на знамето“. Ова ми звучеше многу логично, но не ми беше јасно кој е тој Јехова.
Таа имаше библиски одговор на секое мое прашање. Се чудев: ‚Од каде знае толку многу. Врснички сме, а види колку ја познава Библијата!‘ Таа ми објасни дека за Библијата учи во Салата на Царството. Веднаш се согласив во недела да отидам на состанок со неа. Иако бев во сите цркви во градот, некако ја пропуштив Салата на Царството на Јеховините сведоци. Истиот ден, бев сигурна дека таму ја најдов библиската вистина.
По состанокот отидов до штандот за литература, и што ќе видам: на најгорната полица стоеше мојата мала розова книга! Бидејќи поминаа десет години откако ја добив од девојчето во автобусот, заборавив кој ми ја даде. Но, во тој момент се сетив: тоа беше Ненси — истото девојче што ме покани на состанок тој ден!
Почнав да ја проучувам Библијата секоја седмица и брзо напредував. Сѐ ми беше многу логично бидејќи малата розова книга веќе ми помогна да научам многу работи. За кратко време му го посветив својот живот на Јехова и, во 1985 год., на возраст од 18 години, се крстив. Во меѓувреме, Ненси се пресели во Флорида и изгубивме контакт.
По неколку години се омажив. Во 1991 год., јас и мојот сопруг Дру почнавме полновремено да проповедаме во едно гратче во источен Тексас. Не знаев што се случува со Ненси сѐ додека една вечер, во Стражарска кула од 1 декември 1992, не видов фотографија од последниот клас на мисионерската школа „Гилеад“. Изненадено извикав: „Ја најдов Ненси! Ја најдов Ненси!“ Таа и нејзиниот сопруг, Ник Сајмонели, беа доделени да служат во Еквадор, Јужна Америка.
Во 2006 год., јас и мојот сопруг се пријавивме како доброволци за меѓународните градежни проекти на Јеховините сведоци. Бевме многу возбудени кога дознавме дека нашата прва задача е проширувањето на подружницата во Еквадор! Уште првиот ден кога дојдовме таму, ја видов Ненси, која случајно дошла да ја посети подружницата. Погледите ни се сретнаа и се прегрнавме. Бевме повторно заедно по 32 години откако ја добив мојата мала розова книга! Неизмерно сум му благодарна на Јехова за таа книга и на девојчето што ми ја понуди!
[Рамка/слики на страница 23]
ПОЗИТИВНО ВЛИЈАЕЛА НА МИЛИОНИ ЛУЃЕ
Во 2003 год., 32 години откако излезе книгата Да се слуша Големиот Учител, беше објавено ревидираното издание на оваа публикација со наслов Учи од Големиот Учител. Досега се отпечатени повеќе од 65 милиони примероци од оваа книга за Исусовите учења на повеќе од 100 јазици. Би можел да ја набавиш преку некој Јеховин сведок во твоето место.
[Слики на страница 23]
Помалите слики: како соученички
Синтија
Ненси
Поголемата слика: со години подоцна, во подружницата во Еквадор