ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 4/09 стр. 19-22
  • Човекот кој нацрта карта на светот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Човекот кој нацрта карта на светот
  • Разбудете се! 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Интерес за географија
  • Новиот картограф е роден
  • Обвинет за ерес
  • Првиот атлас
  • „Најголемиот географ на денешницава“
  • Мапи кои ги задоволуваат вашите потреби
    Разбудете се! 1996
  • Засолниште за печатењето на Библијата
    Разбудете се! 2002
  • Рубрика прашања
    Нашата служба за Царството 2000
  • Аристотел
    Разбудете се! 2016
Повеќе
Разбудете се! 2009
g 4/09 стр. 19-22

Човекот кој нацрта карта на светот

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БЕЛГИЈА

Во почетокот на 1544 год., Герард Меркатор се нашол во една мрачна и студена ќелија, уверен дека го чека сигурна смрт. Од која причина најголемиот картограф од 16 век се нашол во ваква ситуација? За да дознаеме, да го разгледаме најнапред неговиот животен пат и општествените услови во тоа време.

МЕРКАТОР е роден во 1512 год. во Рупелмонд, мало пристаниште близу Антверпен (Белгија). Се школувал на универзитетот во Левен. Откако дипломирал, им се посветил на учењата на Аристотел, но за кратко време почнало да го измачува тоа што не можел да ги усогласи со библиските учења. Меркатор напишал: „Откако сфатив дека Мојсеевото објаснување за настанувањето на светот не е во склад со објаснувањето на Аристотел и на другите филозофи, се посомневав во сите нив и почнав да ги истражувам тајните на природата“.

Бидејќи не сакал да стане филозоф, Меркатор се откажал од натамошно универзитетско школување. Меѓутоа, неговата силна желба да докаже дека библискиот извештај за создавањето е точен продолжила да тлее во него до крајот на животот.

Интерес за географија

Во 1534 год., Меркатор почнал да учи математика, астрономија и географија кај математичарот Жема Фрисиј. Копаничарскиот занает можеби го усовршил кај копаничарот Гаспар ван дер Хајдн кој се занимавал со резбање и со изработка на глобуси. Во почетокот на 16 век, картографите користеле масни готски букви, па затоа, на картите немало место да бидат запишани многу информации. Но, Меркатор за своите глобуси користел еден понов италијански стил на пишување познат како „италик“ (курзив), кој се покажал многу корисен при изработката на глобуси.

Во 1536 год., Меркатор работел како копаничар заедно со Фрисиј и Ван дер Хајдн при изработка на еден глобус на светот. Прекрасните ракописни букви на Меркатор биле една од причините за успехот на овој проект. Николас Крејн, денешен биограф на Меркатор, пишува дека, во споредба со кој и да било друг картограф — кој „можел да напише 50 географски имиња во Америка на ѕидна карта широка колку што просечно е висок еден човек — Меркатор успеал да смести шеесет на сфера со дијаметар од две педи“!

Новиот картограф е роден

До 1537 год., Меркатор го изработил својот прв самостоен проект — карта на Светата земја. Негова цел била да им помогне на читателите „подобро да го разберат и Стариот и Новиот завет“. Во 16 век, картите на Светата земја биле преполни со неточни информации. На некои биле означени помалку од 30 места, а многу од нив биле и погрешно означени. Меѓутоа, на картата на Меркатор биле обележани 400 места! На неа бил означен и патот по кој се движеле Израелците низ пустината откако излегле од Египет. Современиците на Меркатор биле одушевени од точноста на оваа карта.

Охрабрен од успехот, во 1538 год. Меркатор издал карта на светот. Пред тоа, картографите не знаеле многу за Северна Америка и ја нарекувале Непознатата далечна земја. Иако географскиот назив „Америка“ веќе постоел, Меркатор бил првиот кој го применил и на Северна и на Јужна Америка.

Меркатор живеел во време кога често се пловело по океаните и се откривале многу нови земји. Морепловците пренесувале противречни информации, што многу им ја отежнувало работата на картографите, кои честопати морале да нагаѓаат. Меѓутоа, во 1541 год., Меркатор успеал да ја оствари својата цел да изработи ‚подетален глобус од сите дотогашни глобуси‘.

Обвинет за ерес

Во Левен, каде што живеел Меркатор, имало многу лутерани. До 1536 год., и тој станал симпатизер на лутеранството а, по сѐ изгледа, и жена му подоцна станала лутеранка. Во февруари 1544 год., Меркатор, заедно со уште 42 житела на Левен, бил уапсен под обвинение дека пишувал „сомнителни писма“. Но, можно е и издавањето на неговата карта на Светата земја да предизвикала сомневања кај Тапер и Латомус, двајца теолози од универзитетот во Левен. Истите тие го воделе судењето на Вилијам Тиндејл, кој ја преведувал Библијата и бил погубен во Белгија во 1536 год. Можеби Тапер и Латомус биле загрижени што картата на Светата земја од Меркатор, исто како и преводот на Тиндејл, ги поттикнувала луѓето да ја читаат Библијата. Како и да е, Меркатор бил затворен во замокот во Рупелмонд, неговиот роден град.

Една од обвинетите, Антоанета ван Русмалс, сведочела дека Меркатор никогаш не бил присутен кога протестантите ја читале Библијата. Меѓутоа, бидејќи таа била присутна, за казна, жива ја закопале со цел да умре бавно од задушување. Меркатор бил пуштен на слобода седум месеци откако го уапсиле, но сиот негов имот бил запленет. Во 1552 год., Меркатор се преселил во Дуизбург (Германија), каде што луѓето немале толку силни верски предрасуди.

Првиот атлас

Меркатор и понатаму го бранел библискиот извештај за создавањето. Поголемиот дел од својот живот се трудел да направи еден вид синтеза, односно преглед, на целото создание „на небото и на земјата, од почетокот па досега“, како што самиот напишал. Овој труд содржел и историски и географски податоци.

Во 1569 год., го издал првиот дел од таа своја синтеза со наслов Chronologia. Во него Меркатор објавил список на најважни историски настани од создавањето наваму. Целта му била да им помогне на читателите да сфатат кое е нивното место во времето и во историјата. Меѓутоа, бидејќи во својата книга го вклучил и Лутеровиот протест против индулгенциите од 1517 год., оваа публикација се нашла на листата на забранети книги од Католичката црква.

Следните неколку години, Меркатор посветил многу време за да ги нацрта и да ги изгравира печатарските плочи за картите на неговата нова географија. Но, во 1590 год., добил мозочен удар. Од ударот му се парализирала левата страна и не можел повеќе да зборува. Сепак, неговата цврста решеност да не го остави своето животно дело го натерала и покрај големите тешкотии да продолжи со работата сѐ до 1594 год., кога починал на 82-годишна возраст. Синот на Меркатор, Румолд, ги довршил неговите пет незавршени карти. Целата збирка карти на Меркатор била објавена во 1595 год. Тоа е прва збирка на географски карти наречена „атлас“.

Меѓу другото, во Атласот Меркатор го разработува првото поглавје од 1. Мојсеева и дава одбрана од нападот на филозофите во врска со вистинитоста на Божјата реч. Меркатор рекол дека оваа статија е ‚целта на сиот негов труд‘.

„Најголемиот географ на денешницава“

Проширеното издание на Атласот, кое во 1606 год. го објавил Јодок Хондиј, било отпечатено на многу јазици и станало бестселер. Абрахам Ортелиј, картограф од 16 век, рекол дека Меркатор е „најголемиот географ на денешницава“. Неодамна, писателот Николас Крејн го нарекол Меркатор „човекот кој ја нацрта планетата на карта“.

Она што Меркатор го оставил зад себе е корисно до ден-денес. На пример, секогаш кога ќе побараме нешто во атлас или ќе го употребиме системот за глобално позиционирање (GPS), имаме корист од трудот на овој извонреден човек кој сиот свој живот се обидувал да сфати кое е неговото место во времето и во Божјата намера.

[Рамка на страница 21]

МЕРКАТОР ТРУДОЉУБИВО ЈА ПРОУЧУВАЛ БИБЛИЈАТА

Меркатор верувал дека на Земјата ќе завладеат праведност, мир и благосостојба. Тој напишал еден необјавен коментар за Посланието до Римјаните, поглавја 1 — 11 во кој го побил калвинистичкото верување во предодреденост. Интересно е тоа што изразил несогласување и со Мартин Лутер, и рекол дека спасението не зависи само од верата, туку и од делата. Во едно свое писмо, Меркатор напишал дека гревот „не е резултат ниту на [влијанието на] планетите ниту затоа што Бог нѐ создал за да грешиме, туку е резултат на човековата слободна волја“. Во своите писма, тој го отфрлил католичкото учење за транссупстанција, велејќи дека Исусовите зборови „ова е моето тело“ не треба да се сфатат дословно, туку, напротив, симболично.

[Рамка/слика на страница 22]

МЕРКАТОРСКА КАРТА

Дали некогаш си се обидел да израмниш кора од портокал? Се разбира, тоа не можеш да го сториш без да ја искривиш. Овој пример ни помага да сфатиме со каков проблем се соочувале картографите — да нацртаат глобус на рамна карта. Меркатор го решил овој проблем воведувајќи нов систем кој сега е познат како Меркаторска карта. На ваквите карти, меѓу напоредниците од екваторот до половите има подеднакво растојание. Иако на овој начин се искривуваат димензиите (особено кон север и кон југ), ваквата метода претставува големо достигнување во картографијата. Ѕидната карта на светот која Меркатор ја изработил во 1569 год. била вистинско ремек-дело кое го прославило како картограф. Неговиот изум сѐ уште се применува кај картите на океаните и кај современиот систем за глобално позиционирање (GPS).

[Слика]

Меркаторската карта може да се спореди со расечен и размотан цилиндар на кој светот е израмнет

[Слика на страница 20]

На картата на Светата земја што Меркатор ја изработил во 1537 год., биле означени повеќе од 400 места

[Слика на страници 20 и 21]

Меркаторовата карта на светот од 1538 год.

(Забележи дека и двата американски континенти се означени со „AMERI CAE“)

[Извор на слика на страница 19]

Антверпен, Stedelijk Prentenkabinet

[Извор на слика на страница 20]

Двете карти: од American Geographical Society Library, University of Wisconsin-Milwaukee Libraries

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели