Пустинските Ибиси — преселници во „затвор“
ЕДНО петчлено семејство е спремно да тргне на долго патување, а нивните пријатели се тука да ги испратат. Семејството копнежливо го погледнува местото кое долго време беше нивни дом, а потоа поаѓа на пат. Додека набљудувачите ги гледаат, петтемина полека им се губат од видикот.
Се наоѓаме во центарот за размножување на ибиси во Биреџик (Турција), град во близина на реката Еуфрат. „Семејството“ кое штотуку си замина е група од пустински ибиси, кои се на работ на истребување. На ногата од секоја птица има направа за следење преку сателит. Нивните пријатели — вработените во центарот и посетителите — загрижено гледаат како птиците одлетуваат кон непознатото, со страв дека никогаш повеќе нема да се вратат дома.
Какви птици се пустинските ибиси? Каде минуваат додека се селат? И зошто постои толкав интерес за нивната преселба?
Запознај се со нашите пердувести пријатели
Кога ќе се испилат, пустинските ибиси имаат пердуви на главата, но, како што растат, тие им паѓаат. Останатиот дел од телото им е прекриен со црни пердуви кои на сонце се прелеваат во бронзено-зелени и виолетови нијанси. Главата и клунот им се црвени, со исклучок на темето, а на тилот имаат долги пердуви.
Пустинските ибиси достигнуваат зрелост за три до четири години. Нивниот животен век е обично од 25 до 30 години. Се хранат со инсекти, гуштери, па дури и со мали цицачи. Женките несат по едно до три јајца годишно, а ги лежат околу четири седмици. Овие птици имаат и една необична карактеристика — цел живот остануваат само со еден партнер. Кога едниот од нив ќе умре, другиот жали по него. Честопати, птицата што ќе остане жива се изгладнува до смрт, па дури и си го одзема животот фрлајќи се од висока карпа.
Жителите на Биреџик ќе ви кажат дека, сѐ до почетокот на 20 век, враќањето на пустинските ибиси од југ било повод за прослава бидејќи ги сметале за весници на пролетта. За време на овие прослави, некаде во средината на февруари, со песни и тапани ги извлекувале на суво чамците од реката Еуфрат.
Во тоа време пустинските ибиси биле толку бројни што нивните јата наликувале на огромен црн облак. Меѓутоа, минатиот век, а особено последниве 50 години, нивниот број драстично се намали. Колонијата во Биреџик некогаш ја сочинуваа 500 до 600 парови, но многу од нив изумреа откако во 1950-тите години во земјоделието беа воведени пестициди. Денес низ целиот свет преостанаа многу малку пустински ибиси.
Напори за нивна заштита во Турција
Центарот за пустински ибиси во Биреџик беше основан во 1977 год. Птиците се селеа секоја година до 1990 год., кога се врати само една. Оттогаш беа спречувани да се селат. Во јули/август, кога обично започнува нивната преселба, вработените ги сместуваа во птичарници. Таму ги држеа до февруари или март наредната година, кога требаше да се вратат.
Во 1997 год. беше одлучено 25 птици да бидат пуштени на пробна миграција. За жал, ниедна од нив не се врати назад. Од 1998 год., сите птици и натаму се чуваат во птичарници за да не се преселат. Но, тоа не влијае негативно врз колонијата бидејќи таа постојано расте. Моментално, во центарот има речиси сто птици.
Иднината на пустинските ибиси
За жал, само две птици од петчленото семејство што го спомнавме на почетокот од оваа статија се вратија назад. Потоа, во 2008 год., беше пуштена да мигрира уште една група. Трагично е што и тие не се вратија. Властите сметаат дека успеале да прелетаат до државата Јордан, каде што умреле од труење. Ова значи дека, и покрај зголемувањето на бројот на пустински ибиси во овој центар, како и настојувањата на научниците и на владата, нивната иднина и понатаму е неизвесна.
Иако слободата им е ограничена за нивно добро, пустинските ибиси не ги забораваат своите преселнички инстинкти, како што покажаа и овие неодамнешни обиди. Тоа ја потврдува библиската изјава од Еремија 8:7: „Дури и штркот на небото го знае своето време, грлицата, пиштарката и дроздот се држат за времето кога треба да се вратат“.
[Извори на слики на страница 10]
Лево: Richard Bartz; десно: © PREAU Louis-Marie/age fotostock