ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 8/10 стр. 12-15
  • Хепатит Б — подмолен убиец

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Хепатит Б — подмолен убиец
  • Разбудете се! 2010
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „Како сум добил хепатит Б?“
  • Зошто е потребно разбирање
  • Потребен е одмор
  • Да се живее со хепатит
  • Трансфузија на крв — колку е безбедна?
    Како може крвта да ти го спаси животот?
  • Сида — како да се води борба против неа
    Разбудете се! 1999
  • Вирусот — убиец го напаѓа Заир
    Разбудете се! 1996
  • Да се спаси животот со крв — како?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
Повеќе
Разбудете се! 2010
g 8/10 стр. 12-15

Хепатит Б — подмолен убиец

„Имав 27 години и од скоро бев во брак. Изгледав и се чувствував здрав. Имав стресна работа, како и многу одговорности во локалното собрание на Јеховините сведоци. Не бев свесен дека хепатитот Б почнал да ми го уништува црниот дроб“ (Дук Јун)

ЦРНИОТ дроб ја прочистува крвта од отрови и има уште најмалку 500 други функции. Од таа причина, хепатитот, кој всушност претставува воспаление на црниот дроб, може да го уништи здравјето. Оваа болест може да настане како резултат на прекумерно пиење алкохол или изложеност на отрови. Меѓутоа, најчест причинител се вирусите. Научниците имаат откриено пет такви вируси, а сметаат дека постојат најмалку уште три. (Види ја рамката подолу.)

Само еден од овие пет вируси — вирусот на хепатит Б — убива најмалку по 600.000 лица годишно, што е приближно еднакво на бројот на жртвите од маларија. Повеќе од две милијарди луѓе, што е речиси третина од светското население, биле заразени со хепатит Б, но најголем дел од нив закрепнале за неколку месеци. Меѓутоа, околу 350 милиони лица станале хронични носители на вирусот. Сѐ додека се живи, постои можност да заразат некого, сеедно дали имаат симптоми или не.a

Кај лицата со хроничен хепатит Б може да се спречи сериозно оштетување на црниот дроб доколку доволно рано се преземат соодветни медицински мерки. Но, повеќето од нив не се свесни дека се заразени бидејќи единствен начин да се открие болеста е преку посебно испитување на крвта. Хепатитот може да остане неоткриен дури и при рутински преглед на црниот дроб. Од таа причина, за вирусот на хепатит Б може да се каже дека е подмолен убиец — напаѓа без никакво предупредување. Симптомите може да се јават дури и по неколку децении од заразата. Дотогаш може да настане цироза или рак на црниот дроб. Овие болести го убиваат секој четврти човек заразен со хепатит Б.

„Како сум добил хепатит Б?“

„Првите симптоми се јавија кога имав 30 години“, вели Дук Јун. „Бидејќи имав дијареја, отидов на лекар, но тој ги лекуваше само симптомите. Кога отидов кај еден традиционален азиски лекар, тој ми даде лек за цревата и желудникот. Никој од нив не провери дали имам хепатит. Бидејќи дијарејата не престана, се вратив кај првиот лекар.b Тој нежно ме потчукна по десната страна на стомакот и почувствував болка. Крвната слика ги потврди неговите сомневања — имав хепатит Б. Тоа ме шокира бидејќи никогаш немав примено трансфузија и немав сексуални односи надвор од бракот.“

Откако Дук Јун дознал дека има хепатит Б, жена му и неговите родители, браќа и сестри извршиле испитување на крвта кое покажало дека сите имаат антитела на овој вирус. Меѓутоа, нивниот имунолошки систем го елиминирал вирусот од телото. Дали Дук Јун го добил од некој од нив? Дали сите биле изложени на истиот извор? Не се знае. Всушност, кај околу 35 отсто случаи, причината никогаш не се открива. Но, она што се знае е дека оваа болест не е наследна и речиси никогаш не се пренесува преку секојдневните контакти или преку јадење од иста чинија или со ист прибор. Хепатитот Б најчесто се пренесува кога телесните течности, како што се спермата, вагиналните секрети или плунката на заразеното лице, ќе навлезат во крвотокот на друго лице преку рана или преку слузницата.

Многумина и понатаму се заразуваат преку трансфузија на крв, посебно во земјите каде што крвта се проверува до ограничена мера или воопшто не се проверува. Вирусот на хепатит Б е 100 пати позаразлив од ХИВ-вирусот кој предизвикува СИДА. Дури и мала количина крв, на пример на брич, може да предизвика зараза, а исушената крв може да ја пренесе болеста дури и по една седмица или повеќе.c

Зошто е потребно разбирање

„Кога дознаа дека имам хепатит Б, моите претпоставени ме ставија во мала канцеларија, понастрана од другите колеги“, раскажува Дук Јун. Ваквиот однос кон заразените од оваа болест не е ништо невообичаено, а причината е неинформираноста за начинот на пренесување на вирусот. Дури и добро информираните можат да го помешаат хепатитот Б со хепатит А, кој е многу заразлив, но ретко доведува до смрт. Освен тоа, бидејќи хепатитот Б може да се пренесе и преку сексуален контакт, дури и болните кои се морално чисти се сметаат за распуштени.

Неинформираноста и сомнежот можат да создадат сериозни проблеми. На пример, на многу места луѓето непотребно ги избегнуваат заболените од хепатит Б, сеедно дали се тие млади или стари. Соседите не им дозволуваат на своите деца да си играат со нив, училиштата не ги примаат, а работодавците не ги вработуваат. Од друга страна, пак, стравот од дискриминација спречува многу луѓе да проверат дали имаат хепатит Б или да им кажат на другите дека се заразени. Некои се поспремни да го стават на коцка сопственото здравје и здравјето на другите од семејството отколку да ја откријат вистината. Поради тоа, оваа смртоносна болест може со децении да продолжи да се пренесува од човек на човек.

Потребен е одмор

„Иако лекарот ми кажа да не работам ништо, по два месеци се вратив на работа“, раскажува Дук Јун. „Бидејќи со испитувањето на крвта и снимките од компјутерската томографија не беа откриени никакви знаци на цироза, си помислив дека сум потполно здрав.“ По три години, фирмата го префрлила Дук Јун во голем град, каде што бил изложен на уште поголем стрес. Продолжил со работата бидејќи имал трошоци и морал да се грижи за семејството.

За неколку месеци, вирусот се намножил во неговата крв толку многу што почнал да чувствува малаксаност. „Морав да ја оставам работата“, вели тој, „и сега ми е жал што работев толку напорно. Можеби, ако забавев со темпото порано, немаше толку да се разболам и црниот дроб немаше да ми се оштети толку многу.“ Дук Јун научил една многу важна лекција. Решил да работи помалку и да ги намали трошоците. Освен тоа, добил поддршка од целото семејство, а неговата сопруга дури и нашла работа со скратено работно време за да можат да врзат крај со крај.

Да се живее со хепатит

Здравјето на Дук Јун се стабилизирало, но неговиот оштетен црн дроб спречува крвта нормално да циркулира низ него, а тоа му го покачува крвниот притисок. По 11 години, му пукнала вена во хранопроводот и од грлото почнала да му блика крв, па морал цела седмица да остане во болница. Четири години подоцна, доживеал збрка во главата. Бидејќи црниот дроб не можел целосно да му ја прочистува крвта, во мозокот му се наталожил амонијак. Ова било санирано за неколку дена со соодветен медицински третман.

Денес, Дук Јун има 54 години. Ако здравјето му се влоши, не му преостануваат уште многу можности. Антивирусните терапии не можат сосема да му го отстранат вирусот и може да имаат многу несакани дејства. Последна можност му е трансплантација на црн дроб, но листата на пациенти е подолга од листата на донатори. „Сега сум како темпирана бомба“, вели Дук Јун. „Но, нема да имам никаква корист ако премногу се секирам. Сѐ уште сум жив, имам каде да спијам и имам прекрасно семејство. Болеста, всушност, ми помогна, и тоа на многу начини. Имам повеќе време за семејството и за проучување на Библијата. Ова ми го ублажува стравот од предвремена смрт и ми помага со надеж да го чекам времето кога ќе се живее без болести.“d

Семејството на Дук Јун е среќно, а тој, неговата сопруга и нивните три деца се во полновремена христијанска служба, делумно благодарение на неговиот позитивен став.

[Фусноти]

a Болеста се смета за хронична ако имунолошкиот систем не се избори со вирусот за шест месеци.

b Разбудете се! не се залага за ниеден посебен начин на лекување.

c Крвта од заразено лице треба да се исчисти веднаш, и тоа темелно, со помош на заштитни ракавици и свежо приготвен раствор од 1 дел варикина за домашна употреба и 10 дела вода.

d Нешто повеќе за библиската надеж дека еден ден ќе нема болести можеш да прочиташ во Откровение 21:3, 4 и во книгата Што навистина учи Библијата?

[Истакната мисла на страница 13]

Раното откривање спречува да дојде до понатамошно оштетување

[Истакната мисла на страница 14]

Стравот од дискриминација спречува многу луѓе да проверат дали имаат хепатит Б или да им кажат на другите дека се заразени

[Рамка на страници 12 и 13]

КОЈ ХЕПАТИТ?

Досега се знае дека има пет вируси кои предизвикуваат хепатит. Најпознатите три се хепатит А, Б и Ц. Има вируси за кои сѐ уште не е утврдено дали се исто така причинители. Симптомите на сите облици на хепатит се слични како и кај грипот, а може (и не мора) да дојде и до појава на жолтица. Многу луѓе, а особено децата, немаат никакви симптоми. Црниот дроб кај заболените од хепатит Б и Ц може да биде веќе сериозно оштетен кога ќе се јават симптомите.

ВИРУСОТ НА ХЕПАТИТ А

Вирусот на хепатит А се наоѓа во изметот на болниот и може да преживее во солена или во слатка вода и во коцки мраз. Едно лице може да дојде во контакт со овој вирус...

● ако јаде неготвена морска храна од вода загадена со човечки измет или ако пие загадена вода

● ако има близок физички контакт со заразено лице или ако јаде од иста чинија, пие од иста чаша или користи ист прибор со него

● ако не си ги мие добро рацете по тоалет, откако ќе смени пелени на бебе или пред да приготвува храна

Вирусот на хепатит А најчесто предизвикува акутна, не хронична болест. Во речиси сите случаи, телото се чисти од вирусот за неколку седмици или месеци. Не постои друга стандардна терапија освен одмор и соодветна исхрана. Треба да се избегнуваат алкохол и лекови што го оптоваруваат црниот дроб, како што е парацетамолот, додека лекарот не утврди дека пациентот е потполно излечен. Лицето што прележало хепатит А најверојатно нема повторно да се зарази со истиот вирус, но може да добие друг облик на хепатит. Вакцинирањето може да ја спречи појавата на хепатит А.

ВИРУСОТ НА ХЕПАТИТ Б

Вирусот на хепатит Б се наоѓа во крвта, спермата и вагиналните секрети на заразеното лице. Вирусот се шири кога овие течности ќе навлезат во телото на некој што не е имун на него. Тој може да се пренесе...

● при раѓање (од заразена мајка на нејзиното дете)

● преку медицински и стоматолошки инструменти и инструменти за тетовирање или пирсинг кои не биле соодветно стерилизирани

● преку користење на иста поткожна игла, брич, грицкалка или турпија за нокти, четка за заби или сѐ друго што би можело да пренесе и најмала количина крв дури и на мала раничка на кожата

● преку интимни односи

Според здравствените стручњаци, вирусот на хепатит Б не се шири преку инсекти, или преку кашлање, држење за раце, прегрнување, бакнување во образ, доење или користење иста чинија, чаша, стапчиња за јадење или друг прибор за јадење. Повеќето возрасни закрепнуваат од акутниот хепатит Б и стануваат имуни на него. Кај малите деца, постои голем ризик да добијат хронична инфекција. Доколку не се лекува, хроничниот хепатит Б може да доведе до откажување на црниот дроб и до смрт. Вакцинирањето може да спречи да дојде до појава на хепатит Б.

ВИРУСОТ НА ХЕПАТИТ Ц

Вирусот на хепатит Ц се пренесува слично како и вирусот на хепатит Б, но најчесто преку земање дрога со заразени шприцови. Не постои вакцина против хепатит Ц.e

[Фуснота]

e Светската здравствена организација дава дополнителни информации за хепатитот на неколку јазици на www.who.int.

[Рамка на страница 14]

ДА СЕ ПРЕКИНЕ ЦИКЛУСОТ

Иако вирусот на хепатит Б ги напаѓа луѓето низ целиот свет, околу 78 отсто од преносителите живеат во Азија и на пацифичките острови. Во поголемиот дел од овој регион, заболено е секое 10-то лице. Повеќето од нив биле заразени од своите мајки при породувањето или во раното детство преку контакт со заразена крв од други деца. Ваквиот циклус може да се прекине со една делотворна вакцина за новороденчиња и за други лица што се во опасност да се заразат.f Онаму каде што се врши вакцинација, забележано е намалување на бројот на заболени лица.

[Фуснота]

f Некои вакцини против хепатит се добиени од фракции на крв. Повеќе информации може да се најдат во рубриката „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 јуни 2000 и 1 октомври 1994, како и на 215. страница од книгата Зачувај ја Божјата љубов, издадени од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 15]

Дук Јун со својата сопруга и со трите деца

[Извор на слика на страница 12]

© Sebastian Kaulitzki/Alamy

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели