Јурти — преносливи домови во Централна Азија
МЕКО, кружно, зиме те топли, а лете те лади — што е тоа? За номадите во некои делови од Централна Азија одговорот е јасен — станува збор за јурта! На времето, овие традиционални живеалишта биле вообичаена глетка — од степите во Монголија и Казахстан до планините и долините во Киргистан.
Јурта е кружна структура слична на шатор украсена со рогозини кои висат на ѕидовите. Надворешниот дел од овие ѕидови е направен од шајак кој се изработува од овча волна. Иако не се тешки и лесно се склопуваат, јуртите се цврсти и удобни, и во жешките лета и во ладните зими. Киргизите ја нарекуваат јуртата „сива куќа“, Казасите „куќа од шајак“, а Монголците гер, што значи „дом“.
Јуртите можат да бидат сивкасто-кафеави или светло бели, во зависност од бојата на волната од која се изработени. Киргиските и казашките јурти честопати се украсени со разнобојни волнени черги на кои се исткаени локални шари со овнешки рогови. Во минатото, убавите ќебиња и подните прекривки од шајак биле знак за тоа колку богато и угледно е едно семејство.
Многу важен дел од јуртата е централниот прстен, т.е. тркалото со кое се поврзани сите покривни летви. Овој цврст и тежок прстен ѝ дава стабилност на целата градба. Капакот од шајак што го покрива прстенот може да се турне нанадвор за да има вентилација, или да се затвори кога времето е лошо. Ако навечер небото е јасно, семејствата можат да го тргнат капакот од шајак за да ги гледаат ѕвездите низ отворот на покривот.
Идеални за номадски живот
Во некои селски подрачја на Казахстан, Киргистан, Монголија и други земји, луѓето сѐ уште живеат како номади. Во една своја книга, писателката Беки Кемери спомнува дека во Монголија сѐ уште се користат камили за пренос на јуртите од едно до друго место: „Рамката се натоварува на една камила при што тежината ѝ се распределува подеднакво од двете страни. Тркалото од покривот се натоварува последно. Тоа идеално легнува врз грпката на камилата. Шајакот се товари на втора камила. Онаму каде што нема камили, сточарите користат јак или коњи кои ги влечат јуртите на запрежни коли или, пак, користат руски камион“ (Yurts—Living in the Round [Јурти — живот во кружна градба]).
Монголските јурти имаат прави греди и порамни покриви отколку другите. Тие помагаат градбата да ги издржи силните ветрови и громовите на отворените рамници. Јуртите во Киргистан и Казахстан се позашилени и позаоблени. Обично, влезот на јуртите е наспроти сонцето за да може во нив да влегува светлина. Внатре, килимите од шајак, украсени со јарки бои, се здиплени и наредени на дрвени сандаци кои се наоѓаат спроти влезот. Обично, некој важен гостин или најстариот маж во семејството седи пред овој шарен куп.
Делот десно од влезот е наменет за жените. Овде се чува сиот прибор за готвење, чистење, шиење и изработка на шајак. Другата страна е резервирана за мажите. Тука стојат самари, јавачки камшици и друга опрема потребна околу грижата за животните или за лов.
Јуртата ги надживува политичките промени
Животот на номадите драматично се смени по Комунистичката револуција во 1917 год. Низ цела Централна Азија, Русите изградија училишта, болници и патишта со што луѓето постепено престанаа да се селат и остануваа да живеат на едно место.
Со текот на времето, многу домородци престанаа да живеат како номади и се населија во села и градови. Сепак, понекогаш, за време на летните месеци, сточарите кои чуваат овци, крави или коњи на големите заеднички фарми сѐ уште користат јурти.
Еден Киргис по име Максат, кој има нешто помалку од 40 години, се присетува: „Како младич, му помагав на татко ми околу стадото што го чуваше. Во јули, кога снегот ќе се стопеше и премините ќе станеа проодни, го теравме добитокот на планинските пасишта.
Таму си ја поставувавме јуртата покрај некој планински поток за да имаме доволно вода за перење и готвење. Останувавме сѐ до почетокот на октомври кога времето ќе заладеше“. Значи, јуртата сѐ уште е присутна во современото општество.
Денешните јурти
Низ места како Киргистан, обично ќе можеш да видиш јурти покрај патот. Тие се користат како продавници или кафеани во кои луѓето навраќаат за да уживаат во локалните специјалитети. Освен тоа, гостите имаат можност да се запознаат со традиционалниот начин на живот на Киргизите доколку ноќта ја поминат во некоја јурта во Киргиските Планини или покрај бистрото езеро Исик Кул.
Јуртите имаат своја улога и во некои традиционални погребни обичаи во Централна Азија. Максат објаснува: „Во Киргистан, покојникот се поставува во јуртата каде што семејството и пријателите можат да дојдат за да го оплакуваат“.
Од неодамна, јуртите се појавија и во западните земји. Некои луѓе ги рекламираат како практични градби кои не ја загрозуваат животната средина. Меѓутоа, повеќето современи јурти се многу поразлични од оние што се правеле порано. Сега се користат современи материјали и честопати се градат за да останат подолго на едно место.
Иако потеклото на јуртите не може со сигурност да се утврди, не постои никакво сомневање во нивната вредност. Тие се творба на номадите од Централна Азија и даваат трајно сведоштво за генијалноста на еден издржлив и приспособлив народ.
[Слика на страница 17]
Јурти поставени покрај познатото езеро Исик Кул во Киргистан