Дарби што нѐ прават уникатни
ЕДЕН 50-годишен градежен работник чекал воз на една станица од метрото во Њујорк. Во негова близина, еден млад човек се лизнал од перонот и паднал помеѓу шините токму кога наближувал возот. Градежниот работник веднаш скокнал врз младиот човек и го држел легнат меѓу шините додека возот не поминал над нив без да ги повреди.
Во времето на нацистите, Јеховините сведоци во Европа одбивале да кажат: „Хајл Хитлер!“ затоа што германскиот збор хајл значи „спасение“. Тие цврсто верувале дека Исус Христос е нивниот Спасител и дека „во никој друг нема спасение“ (Дела 4:12). Бидејќи одбиле да го идолизираат Хитлер, многу од нив биле насила одведени од своите домови и пратени во концентрациони логори, каде што и понатаму се држеле за своите христијански начела.
Овие примери покажуваат дека луѓето се способни да го стават доброто на другите — па дури и доброто на сосема непознат човек — пред сопственото добро, и почитта кон начелата пред личната слобода. Дали ова оди во прилог на идејата дека луѓето се само животни на повисок степен од еволутивниот развој? Или, пак, покажува дека сме високо интелигентни созданија? Размисли за тоа додека ги разгледуваш следниве прашања:
● Зошто имаме совест, односно внатрешно чувство за исправно и погрешно?
● Зошто чувствуваме восхит кога размислуваме за чудата на создавањето?
● Зошто уживаме во музика, сликарство, поезија и други уметности? На крајот на краиштата, тие не се неопходни за нашиот опстанок.
● Зошто луѓето од речиси секоја култура покажуваат желба да комуницираат со некаква виша сила?
● Зошто се прашуваме: ‚Зошто постојам?‘ ‚Која е смислата на животот?‘
● Зошто правиме различни обичаи и ритуали кога некој ќе умре?
● И зошто речиси сите луѓе веруваат во задгробен живот? Дали со тоа што се раѓаме со желба да живееме вечно еволуцијата само се пошегувала со нас?
Каде можеме да најдеме одговор
Најлогичните одговори на овие прашања може да се најдат во најраспространетата света книга, Библијата. Разгледај што вели таа за следниве теми:
Човечката природа. Луѓето биле создадени „според Божјиот лик“, што значи дека имаме потенцијал да ги одразуваме особините на нашиот Творец (1. Мојсеева 1:27). Затоа, може да се каже дека првиот човек бил „син на Бог“ (Лука 3:38).
Нашата потреба да сакаме и да бидеме сакани. „Бог е љубов“, стои во 1. Јованово 4:8. Бидејќи сме создадени според Божјиот лик, од моментот кога ќе се родиме па сѐ до смртта имаме потреба од љубов. Ако „љубов немам, ништо не сум“, напишал апостол Павле (1. Коринќаните 13:2). Тој исто така рекол: „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца“ (Ефешаните 5:1).
Нашите духовни потреби. „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4). Божјите зборови запишани во Библијата откриваат каква личност е тој и која е неговата намера со нас. Нашиот живот има смисла само ако сме блиски со Бог.
Зошто умираме. „Платата за гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот“ (Римјаните 6:23). Гревот е пропуст да живееме според Божјите морални и духовни мерила. Меѓутоа, Бог има намера да го отстрани гревот, да ги доведе до совршенство сите што го сакаат и што му се послушни и да им даде вечен живот во Рајот на Земјата (Псалм 37:10, 11, 29; Лука 23:43).
Сакаш ли да го искористиш својот целосен потенцијал, можеби со тоа што ќе развиеш таленти за кои никогаш не си мислел дека ќе можеш? Сакаш ли да дознаеш повеќе за твојот Творец и за неговата прекрасна намера со тебе? Ако да, истражувај ја Библијата, која е извор на духовната вистина. Ништо друго не може да те направи посреќен, и сега и во иднина (Матеј 5:3; Јован 17:3).
[Рамка/слика на страница 9]
СЕ РАЃАМЕ СО ПОТРЕБА ОД ЉУБОВ
„На децата им се потребни стимулација и љубов“, вели научникот Џералд Л. Шродер. Ова покажува колку е важно родителите да ја следат библиската заповед упатена особено до мајките, „да си ги сакаат децата“! (Тит 2:4).
[Слика на страници 8 и 9]
Уживаме во многу убави и пријатни работи што не се неопходни за живот
[Слика на страница 9]
На луѓето им е потребно повеќе отколку само храна и вода. Потребно им е и водство од нивниот Творец