-
Мотивирај сеРазбудете се! 2012 | Октомври
-
-
Мотивирај се
За да бидеш мотивиран да правиш нешто, мора да ја согледаш практичната вредност.
КОЈА е практичната вредност на образованието? Ќе ти помогне да стекнеш мудрост, а според Библијата „мудроста е заштита“ (Проповедник 7:12). Во која смисла? Еве еден пример: Замисли си дека минуваш низ опасно место. Што би сакал повеќе — да бидеш сам или да бидеш со пријатели кои ќе те заштитат ако треба? Доброто образование ти помага секогаш да имаш покрај себе неколку силни „пријатели“, како на пример:
Способност за расудување. Училиштето може да ти помогне да стекнеш ‚мудрост и способност за расудување‘ (Изреки 3:21). Овие способности ќе ти помогнат сам да си ги решаваш проблемите наместо секогаш да се потпираш на нечиј грб.
Односи со другите. Библијата ги советува христијаните да развиваат особини како што се долготрпеливоста и самосовладувањето (Галатите 5:22, 23). На училиште си со најразлични луѓе и имаш можност да ги совладаш овие особини, но и други, како што се трпеливост, почит и сочувство — особини што многу ќе ти користат во животот.
Практични вештини. На училиште можеш да стекнеш добри работни навики кои подоцна ќе ти помогнат да најдеш работа и да ја задржиш. Освен тоа, колку повеќе го осознаваш светот околу себе толку подобро се осознаваш себеси и знаеш што ти е важно во животот (Изреки 14:15). Тоа, пак, ќе ти помогне со почит да ги браниш своите убедувања пред другите (1. Петрово 3:15).
Заклучок: Бидејќи мора да се школуваш, нема да имаш никаква корист ако се концентрираш само на она што не ти се допаѓа на училиште. Наместо тоа, најди мотивација така што ќе размислуваш за трите точки спомнати во оваа статија. Можеби ќе ти текнат дури и некои други работи!
Спремен ли си да почнеш? Размисли што тебе најмногу те мотивира да бидеш добар ученик.
-
-
Организирај сеРазбудете се! 2012 | Октомври
-
-
Организирај се
Со малку труд да се организираш можеш многу да добиеш — повеќе време, помалку стрес и подобри оценки.
ЗАМИСЛИ дека влегуваш во продавница да купиш нешто, но артиклите во витрините немаат никаков ред. Колку време ќе ти треба да го најдеш она што го бараш? Нема ли да ти биде полесно ако сѐ е уредно наместено и ако одделите се јасно означени? Истиот принцип важи и за школувањето. Во која смисла?
Направи си распоред
„Еднаш, не само што заборавив да си ја напишам домашната туку и низ дома ништо не завршив затоа што цел викенд го поминав кај еден другар“, вели Закари (18) од САД. „Во понеделникот, морав да ги молам професорите да ја предадам домашната подоцна. Сега си правам список за да не заборавам што сѐ треба да завршам.“
И на Селестина од Папуа Нова Гвинеја ѝ помагало тоа што си правела списоци. За своите школски денови, таа вели: „Си правев распоред за сѐ — домашни задачи, тестови и дружење. Ова ми помогна да си поставувам приоритети и да си ги завршувам работите навреме“.
Предлог: Направи си список со работи што треба да ги завршиш. Би можел да користиш бележник, мобилен телефон или друг уред.
Не одложувај
Лесно е да речеш: „Ќе го завршам тоа после“. Но, колку порано толку подобро — ова особено важи за домашните задачи.
Предлог: Постави си цел да си ја напишеш домашната и да научиш веднаш штом ќе дојдеш дома. Не го вклучувај телевизорот и не се зафаќај со нешто друго додека не завршиш.
Сѐ нека ти биде спремно
Ти се случило ли да отидеш на училиште и да сфатиш дека си го заборавил учебникот, пенкалото, тетратката? Можеш да го избегнеш тоа. Како? „Секогаш си го спремав ранецот однапред“, вели Аунг Мјо Мјат од Мјанмар.
Предлог: Чантата или ранецот секогаш нека ти бидат уредно спакувани за да можеш полесно да си ги најдеш работите.
Заклучок: Ако си организиран, нема да забораваш работи, нема да доцниш и нема да имаш чувство дека никогаш немаш време за други важни работи.
Спремен ли си да почнеш? Размисли за едно подрачје на кое треба да се организираш подобро. Потоа, со родителите или со некој пријател дискутирајте како би можел да се подобриш.
-
-
Побарај помошРазбудете се! 2012 | Октомври
-
-
Побарај помош
Многу е важно да имаш околу себе луѓе што ќе ти помагаат и ќе те поддржуваат, не само додека си на училиште туку и како возрасен. Кој може да ти помогне да бидеш добар ученик?
КОЈ може да ти помогне да бидеш добар ученик?
Семејството
„Кога ми требаше помош околу домашните задачи“, вели Бруна (18) од Бразил, „татко ми ми го објаснуваше материјалот и ми поставуваше прашања за да дојдам до одговорот. Не ми го кажуваше, туку ми помагаше сама да го најдам.“a
Предлог: За почеток, прашај ги родителите колку им одел предметот што тебе ти е тежок. Ако некому од нив му одел добро можеби ќе може да ти помогне.
Наставниците
На повеќето наставници им е мило да чујат дека некој ученик вистински сака да го подобри успехот и спремни се да му помогнат.
Предлог: На твојот наставник едноставно би можел да му кажеш: „Не ми оди баш овој предмет, но би сакал да се подобрам. Што ми предлагате?“
Пријателите
Би можел да ти помогне и некој семеен пријател. Ова ќе ти користи на два начина: Прво, ќе ја добиеш потребната помош, и второ, ќе научиш да се потпреш на друг кога е потребно — нешто што ќе ти користи и како возрасен. Факт е дека честопати успехот е резултат на тимска работа, а не на индивидуална (Изреки 15:22).
Предлог: Прашај ги родителите кој пријател би можел да ти помогне со некој предмет.
Заклучок: Нема ништо погрешно во тоа да побараш помош!
Спремен ли си да почнеш? На лист хартија напиши две до три имиња на луѓе што ги сметаш за добар пример. Дали некој од нив може да ти помогне околу учењето?
a Би можеле да ти помогнат и твојот постар брат или сестра.
-
-
Грижи се за здравјетоРазбудете се! 2012 | Октомври
-
-
Грижи се за здравјето
Ако се грижиш за своето здравје, ќе имаш подобри резултати на училиште — и општо ќе се чувствуваш подобро.
МНОГУ е логично да се грижиш за телото што Бог ти го дал (Псалм 139:14). Да го објасниме ова со пример: Замисли си дека имаш кола, но никогаш не наоѓаш време да ја одржуваш. Нема да помине многу пред да се расипе. Истото важи и за твоето тело. Какво „одржување“ ти треба?
Одморај се
Ако не спиеш доволно, ќе изгледаш пропаднато, не ќе можеш да се концентрираш, ќе бидеш збунет, а може дури и да паднеш во депресија. И обратно — ако се одмораш доволно, ќе имаш повеќе сила. Одморот може да го забрза твојот физички раст, да ти ја подобри работата на мозокот, да ти го зајакне имунитетот и да ти ја подобри емоционалната состојба. Ова од тебе бара малку, а за возврат добиваш многу!
Предлог: Ако е можно, труди се да си легнуваш секоја вечер во исто време.
Исхрана
Тинејџерите брзо растат. На пример, помеѓу 10-тата и 17-тата година, кај повеќето момчиња телесната тежина двојно се зголемува. И девојчињата доживуваат брз раст. На едно тело во раст му се потребни доволно хранливи материи и енергија. Затоа погрижи се твоето тело да ги добива.
Предлог: Не прескокнувај го појадокот. Ако јадеш пред да одиш на училиште, можеш да си ги подобриш концентрацијата и краткотрајното памтење.
Вежбај
Библијата потврдува дека „од телесните вежби има одредена полза“ (1. Тимотеј 4:8, Радосна Вест). Со вежбањето можеш да си ги зајакнеш мускулите и коските, да станеш поиздржлив, да си ја одржуваш тежината, да си ги подобриш умствените способности, да си го зајакнеш имунитетот, да го намалиш стресот и да си го подобриш расположението. Се разбира, вежбањето може да биде и забавно, зашто можеш да правиш нешто во што уживаш!
Заклучок: Редовниот и квалитетен сон, урамнотежената исхрана и умереното вежбање можат да му помогнат на твоето тело. А тоа, пак, ќе ти помогне да имаш подобар успех на училиште.a
Спремен ли си да почнеш? Стекни си навика умерено да вежбаш. Еден месец запишувај колку спиеш и како се храниш и види каде би требало да се подобриш.
„Кога ќе прошетам, добивам повеќе сила — дури и ако сум бил уморен кога сум излегол“ (Џејсон, Нов Зеланд).
„Поаѓам од тоа дека Бог ја создал храната како гориво за нашето тело. Затоа сакам да го ставам најдоброто гориво во себе!“ (Џил, САД).
„Трчам трипати седмично, а возам велосипед или пешачам двапати седмично. Вежбањето ми дава сила и ми го намалува стресот“ (Грејс, Австралија).
a Нешто повеќе во врска со здравјето можеш да прочиташ во 10. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1, издадена од Јеховините сведоци.
-
-
Имај целРазбудете се! 2012 | Октомври
-
-
Имај цел
Образованието има смисла — и станува позабавно — кога знаеш што сакаш да постигнеш со него.
ДА ГИ поминеш школските денови без цел е исто како да трчаш по патека без целна линија. Библијата вели: „Не трчам бесцелно и не удирам со раката како да го бијам воздухот“ (1. Коринќаните 9:26). Кога имаш цел, остануваш сконцентриран на неа и ќе можеш полесно да се снајдеш кога ќе се вработиш. Како можеш да си поставиш цел?
Прашај се: ‚Како планирам да се издржувам?‘ Не го одложувај одговорот. Почни да си правиш план уште сега. Зошто? Размисли од овој агол: Ако сакаш да одиш на патување, прво треба да знаеш каде сакаш да одиш. Потоа, ќе го најдеш местото на карта и ќе одредиш кој е најдобриот начин да стигнеш таму. Слично можеш да гледаш и на школувањето. Размисли што би сакал да работиш, а потоа преземи чекори што ќе ти помогнат да стигнеш до својата цел.
Предупредување: Голем број млади се толку решени да го работат само она што најмногу го сакаат — на пример, да станат професионални музичари — што им е одбивна и самата помисла да работат нешто друго. Кој став би бил помудар?
Земи ги предвид твоите способности. На пример, сакаш ли да им помагаш на другите или да правиш нешто во нивна корист? Дали те интересира механика? Дали си добар со бројки? Со пари? Те бива ли за поправки?
Земи ги предвид сите опции. Во склад со своите способности, што би можел да работиш? Дискутирај со други за сите опции што ги имаш. Немој да се концентрираш само на занимањето кое мислиш дека е „идеално“ за тебе. Размислувај практично. На пример, ако дојде ред да се преселиш во друго место, ќе најдеш ли работа за твојата струка? Дали ќе мораш да влезеш во долгови до гуша за да го стекнеш потребното образование за таа струка?
Земи предвид што се нуди. Кога ќе бидеш на јасно што сакаш да работиш, провери колку такви работни места се нудат во твојата околина. Познаваш ли некои такви фирми? Ако да, има ли можност кај нив да се работи хонорарно? Дали имаат курсеви за практична обука?
Предлог: Посоветувај се со родителите, со наставниците и со некои возрасни пријатели. Провери во локалните весници и на Интернет.
Заклучок: Ако имаш цел, твоето образование ќе има смисла.
Спремен ли си да почнеш? Размислувај за трите точки од оваа статија сега, додека сѐ уште си на училиште. Запиши си ги своите цели и зборувај за нив со родителите.
-