Големиот нуркач — птица со глас и со стас
ОД ВИЕЖОТ на големиот нуркач на човек просто му се заледува крвта. Разбивајќи ја мртвата тишина во дивината, неговиот глас се разлева над слатководните реки и езера во Канада, Европа и во северниот дел на САД.
Оваа убава водна птица е симбол на американската сојузна држава Минесота, а прикажана е и на канадската монета од еден долар. Меѓутоа, големиот нуркач е птица преселница и зимите претежно ги минува на јужните крајбрежја. Зошто може да се каже дека големиот нуркач е птица и со глас и со стас?
Виежи, пиштења, вибрата и јодлање
Големите нуркачи се птици со импресивни вокални способности. Нивните жални виежи го параат ноќниот мир и се слушаат на километри. Послаб звук е пиштењето кое овие птици го користат за да комуницираат со своите партнери, со младенчињата и со другите нуркачи на езерото. Вибратото е звук за тревога. Овој звук уште се опишува и како „разулавено смеење“ и е единствениот звук што овие птици го испуштаат додека летаат.
Јодлањето е типично само за мажјаците и „по сѐ изгледа е поврзано со обележување на територијата“, пишува во списанието BirdWatch Canada. „Секој мажјак има свое карактеристично јодлање“ и „колку потежок е нуркачот, толку подлабок му е гласот.“ Во списанието уште пишува дека кога некој мажјак „ќе отиде на друга територија, го менува и јодлањето“ и „го прави што е можно поразлично од јодлањето на нуркачот што бил на таа територија пред него“.
И убави, и вешти, и по малку смешни
Перјата на главата на големиот нуркач се речиси црни, па дури и се прелеваат на зелено, очите му се црвени, а клунот му е долг и остар. Бојата на перјата на телото му се менува во зависност од годишното време.
Со оглед на тоа што имаат стапала со мембрана, овие птици се добри ловци, одлични пливачи и вешти нуркачи. Всушност, тие можат да нурнат и до длабочина од 60 метри и да останат под вода и по неколку минути!
Меѓутоа, полетувањето и слетувањето не му се баш јаки страни на нуркачот! Поради тежината, на оваа птица и треба „писта“ за да полета и може да мавта со крилјата и да трча по водата стотици метри пред да се крене. Затоа претпочита големи водни површини. Кога слетува, се спушта со голема брзина и со нозете испружени наназад, поради што изгледа како авион на кој му откажале тркалата. Затоа, плеснува во водата со стомакот и потоа се лизга додека не сопре.
Големиот нуркач е многу добро опремен за пливање, но има големи стапала со мембрана, а нозете му се прилично назад на телото поради што кога оди, па дури и кога стои, изгледа малку чудно. Затоа, нуркачите ги градат своите гнезда на места од каде што лесно можат да се пуштат во водата.
И двајцата родители ги лежат јајцата (обично две), кои имаат маслинеста боја и темни дамки што служат за камуфлажа. Пилињата се изведуваат отприлика по 29 дена. Само два дена подоцна, тие можат да пливаат, па дури да нурнат накратко во водата. Кога сакаат да се одморат, едноставно си се возат на грбот на родителите. Кога ќе наполнат два-три месеци, пилињата веќе можат да летаат и ги напуштаат родителите.
Меѓу непријателите на големиот нуркач се орлите, галебите и ракуните, но најлош од сите е човекот. Оловните рибарски тегови и излевањето на нафта ги трујат овие птици. Хемиското загадување од киселите дождови го намалува рибниот фонд од кој зависат нуркачите. Брановите што ги прават чамците им ги растураат гнездата. А градежните проекти што се вршат на езерските брегови ја бркаат оваа птица самотник од своето живеалиште.
Сепак, и покрај сите овие опасности, големиот нуркач сѐ уште не е загрозен вид. Според тоа, оваа извонредно убава птица со единствени и неповторливи звуци и со смешни движења уште долги години ќе ги плени љубителите на птици.
Страница 16, нуркач при слетување: Spectrumphotofile; страница 17, пиленце: © All Canada Photos/SuperStock; нуркач испушта звуци: © Roberta Olenick/age fotostock